Злетово — село во Општина Пробиштип, во истоимената област, во околината на градот Пробиштип. Селото претставува населба од мешан тип. Во периодот до 1956 година, како и од 1996-2004 година претставувало седиште на истоимената општина. Денес, тоа е седиште само на Злетовската парохија на МПЦ-ОА.

Географија и местоположба

мини|лево|300п|Улица во Злетово мини|десно|300п|Злетовска Река

Злетово има поволна местоположба. Сместено е по долината на Злетовска Река, на надморска височина од 480 метри. Тоа се наоѓа на просторот каде што Злетовска Река излегува од својата клисура, вдлабена во Осоговските Планини, за да продолжи да тече низводно покрај брановидни рамнини и ниски конусни возвишенија. Во минатото, поточно до средината на XX век, местото лежело само на десниот брег на Злетовска Река, но потоа се проширило и на левата страна. Местоположбата на селото уште до почетокот на втората половина на XX век била предодредена за развој на стопански, општествен и духовен центар на областа. Атарот на селото зафаќа површина од 10,4 км2. Релјефот на неговиот северен дел е ридско-планински, додека јужниот дел е зарамнет со алувијална рамнина околу реката.

Низ самата населба минува регионалниот пат 2232, додека од Злетово започнува и регионалниот пат 1309, кој ги поврзува Пробиштип и Злетово.

По своите надворешни елементи, градба, местоположба на станбените згради, густината меѓу нив, стопанската активност на населението, распоредот од двете страни на улиците го прават Злетово повеќе урбана отколку рурална средина. Во периодот до средината на XX век, Злетово имало три маала: Горно (Карадачко), Средно и Долно Маало. Најстаро од нив со средишна местоположба било Средно Маало. Во него е сместена црквата „Св. Богородица“, изградена во почетокот на XIX век врз темелите од постара црква од средниот век. До црквата имало кула од типот на кратовските кули која е урната. Во непосредна близина се наоѓало и некогашното училиште, општинската зграда и пазарот. Во ова маало и во Долното Маало куќите се збиени и сместени околу главната улица и сите се на два-три ката. Долните простории се претворени во дуќани или занаетчиски работилници. Низ селото исто така минува некогашниот каравански пат Кратово-Кочани.

Клима

Злетово и Злетовското Поле имаат умереноконтинентална клима со влијание на изменетосредоземноморската клима по долината на Злетовска Река. Летата се многу топли и суви, а поради планинското влијание квечерините и утрата се свежи; пролетта и есента се умерено топли, при што врнежите главо паѓаат на есен; зимите не се многу студени и не траат долго, а врнежите од снег се ретки. Средната годишна температура изнесува околу 13 °C.Клима, официјално мрежно место на Општина Пробиштип.

Историја Рани населби

На местото на селото и во неговата околина е откриена материјална култура, поточно пронајдените питоси во Средно Маало, земјени садови, надгробни споменици, римски монети и парчиња од старовремска керамика. Освен тоа, во месностите Баочар (Блаџар), Градиште, Марена, Мавраган и Турлевци има траги и остатоци од тврдини и стари населби. Според тоа, може да се претпостави дека главно поради експлоатацијата на рудното богатство, Злетово и неговата околина биле густо населени уште од римско време. Со доселувањето на Словените и разрушувањето на населбите и тврдините постепено започнала да се менува топонимијата и етничкиот состав на некогашната римска провинција. Во тоа време биле изградени нови населби во кои преовладувале словенските елементи и начин на живот.

Среден век

Злетово како населено место во историските документи за првпат се спомнува во 1019 година, кога византискиот цар Василиј II во една своја повелба ја одредил дијацезата на тогашната Мородвиска епископија.Снегаров, Иван. „История на Охридската архиепископия“, т.1. Второ фототипно издание. София, Академично издателство „Марин Дринов“, 1995, . с. 175 – 176. Од средината на XI век, ова подрачје на Византија било потресено од востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех, при што настанал распад на централната власт и борба за превласт на локалното благородништво, што довело до хаотична состојба и голем стопански пад. Ваквите услови биле искористени од страна на Печенезите и Куманите, кои од областа околу Дунав навлегле во овој дел од Македонија и Злетовската област. Сепак, овие племиња биле војнички поразени и асимилирани, така што од нив се останати само некои топоними во околината на Злетово.

Во втората половина на XIII век, српскиот крал Милутин навлегол во Македонија и ги освоил Полог, Скопје, Овче Поле, Злетово и Пијанец. Веќе во почетокот на XIV век, Злетово претставувало посебна стопанско-политичка единица, т.н. Злетовска жупа. Со самото тоа што селото имало статус на жупа и во него постоеле жупанска администрација, плоштад, пазарен ден, владика, а веројатно и црковна администрација, тоа претпоставувало и изградба на тврдини, седиште на жупанот и владиката. Тоа укажува дека селото како населено место по своите битни карактеристки не се разликувало од тогашните традиционални средновековни урбани населби.

Посебен развој на стопански и на културно-црковн план селото и областа дожививеале во времето на царот Стефан Душан. Новоосвоената Злетовска област и Злетово биле припоени кон областа со која владеел деспотот Јован Оливер, кој се смета дека има особено позитивно влијание врз целокупниот развој на областа. Тој бил политички и економски моќен, па во намерата да ја овековечи својата слава и да ја придобие поддршката од црквата за неговото владеење, во 1341 година го изградил Лесновскиот манастир во истоименото село, на околу 3,5 километри северно од Злетово. Крунисувањето на Стефан Душан за цар и прераснувањето на српската архиепископија во патријаршија било од големо значење за развојот на селото. Во тоа време, Мородвиската епископија се одделила од јурсдикцијата на Охридската архиепископија и во Злетово се формирала новата Злетовска епископија под јурисдикција на новооснованата Пеќска патријаршија. Со тоа, селото станало регионален црковно-духовен центар. Духовното средиште на епископијата било во Лесновскиот манастир, додека седиштето на владиката било во Злетово. Епископијата и официјално била именувана како „злетовска“ и како прв владика во 1353 година се споменува владиката Арсениј.

По смртта на царот Стефан Душан и нешто подоцна на Јован Оливер, во времето на раситнувањето на Душановото царство на одделни феудални поседи, Злетовската област потпаднала под владение на браќата Дејанови. Во периодот по Маричката битка и пустошењата од страна на Османлиите, браќата Дејанови, како и многу други феудалци, станале турски вазали. Во 1378 година, тие ги потврдиле порано дадените имоти на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Света Гора и додале нови имоти; во 1381 година, Констатин Дејанов потврдил дека Лесновскиот манастир со неговите села и други имоти се претворени во метох на Хиландарскиот манастир. Во грамотата на деспотите Јован и Константин Драгаш од 1378 година селото се среќава со неговото денешно име.Новаковић, Стојан. „Законски споменици српских држава средњега века“, Београд, 1912, стр.514.

Отомански период

Селото се споменува во пописните опширни дефтери од 1570 година, како село во Ќустендилскиот Санџак, нахија Штип со 24 христијански семејства. Бидејќи османлиската власт ги попишувала само главите на семејствата, регистрирани се следниве злетовски родови: Јован Којо; Димјо Којо; Војо Којо; Којке Степан; Павел Којко; Пејо Којо; Ѓуро Никола; Димјо (Димко) Ѓуро; Добр(ив)ој Ѓуро; Павел Ѓуро; Пејо Павел; Илија Павел; Стојко Којко; Михаил Којко и Стојан Којко.Турски документи за историјата на македонскиот народ, опширен пописен дефтер за Ќустендилскиот Санџак од  1570 година, том V, книга V, Архив на Македонија, Матица Македонска, стр. 289

Со отоманските освојувања на раситнетите феудални поседи на меѓусебно спротивставените феудалци настанал прекин на континуитетот на стопанскиот и културен развој на балканските народи. Во XVI и XVII век, во Злетово и околината се развило ајдутството, што довело до наредби од султанот за спроведување енергични мерки против ајдутите, како што била онаа испратена до кратовскиот кадија во 1618 година. Особено било нагласено дека калуѓерите од манастирите во Лесново, Крива Река и Трново не само што се здружиле со арамиите во нивната околина, туку и слегувале по патиштата и теснеците за да ги убиваат патниците, да им ги лекуваат раните на разбојниците, да ги чуваат и снабдуваат со храна.

Во текот на XVII век, посебно трагична за Злетово и Злетовската област била Австриско-турската војна во 1689 година и Карпошовото востание. По повлекувањето на австриските војски и задушувањето на востанието, отоманските одреди и Кримските Татари започнале масовно угнетување на населението. Некој монах запишал дека настанало време кога треба „живите да им завидуваат на мртвите“. Како последица на тоа, целосно биле уништени селата Каралуково, Снеготин и Секулица, а не поминало добро ниту Злетово. Според народното предание, голем дел од населението било уништено, а еден дел успеал да избега. Притоа, во Злетово останал само еден човек кој се скрил под воденично коло на една воденица, а неговата жена во некоја пештера во месноста Пешни.

По погромот и уништувањето на селото, локалните отомански спахии и бегови ги откупиле злетовските робови од Кримските Татари. Сепак, за обнова на селото се чекало подолг временски период. Во почетокот на XIX век, во Злетово е забележано како врз темели на старо светилиште се гради црква, било отворено првото училиште, што претставувало напредок и враќање на животот во населбата. Меѓутоа, во последните три-четири декади на XIX век и првите години од XX век, доста се засилила поделбата на „патријаршисти“ и „под врховенството на Бугарската егзархија“. Поделбата била најизразена меѓу оној дел од населението што го сочинувале учителите, свештениците и трговците, кои требало да бидат своевидна елита, првенци во осовременувањето и подигањето на националната свест.

Илинденски период

мини|десно|300п|Злетово во почетокот на XX век

Меѓу првите злетовчани кои се вклучиле во мрежата на ТМОРО биле Кузман Јосифов, учителот Димитар Воденичаров и куририте Зафир П. и Тасе М. За време на познатата Виничка афера, од Злетово биле уапсени Кузман Јосифов и учителот Димитар Воденичаров, додека игуменот Козма од Лесновскиот манастир бил осуден на 101 година затвор во Бодрум Кале во Мала Азија.

За време на Илинденското востание, на 6 километри североисточно од Злетово, во село Луково била водена голема битка меѓу здружените чети на македонските востаници (околу 100 на број) и турскиот аскер од гарнизоните во Злетово, Кочани, Кратово и Крива Паланка. Во тие борби загинале триесетина востаници, меѓу кои војводите Никола Дечев и Глигур Манасиев. Меѓу загинатите бил и полскиот студент од еврејско потекло Јулиј Розентал, кој во Софија се запознал со идеите и борбата на македонскиот народ и се приклучил во редовите на организацијата.

Во време на Хуриетот, војводата Тодор Александров, под изговор дека е завршено комитството, ги наговорил војводите Јордан Спасов и Јордан Секулички да ги распуштат своите чети. По нивното разоружување, тие биле соблечени голи, врзани за дрвени столбови, нападнати од инсекти и убиени.Динев, Ангел. „Илинденска епопеја“, том II. Скопје 1949.Думбалаковъ, Михаилъ. „Презъ пламъцитѣ на живота и революцията“, томъ І. София, 1937, стр. 202.

Период на двете светски војни

Во периодот меѓу двете Балкански војни, Злетовска Река била граница меѓу српската и бугарската окупациска зона. Со оглед на тоа што Злетово е сместено на десниот брег од реката, тоа во целост било под контрола на српските власти. Околу една седмица пред започнувањето на Втората балканска војна, злетовскиот војвода на ВМРО Славчо Абазов со својата чета се обидел преку Злетово да навлезе зад српските упоришта. Неговиот обид бил одбиен со жртви на двете страни. Како последица на неговиот обид, речисо целото Долно Маало било запалено, а населението побегнало во Ќустендил.