Ѓорѓе Марјановиќ ( - ) — македонски професор по кривично право, почесен претседател на Лигата за демократија и дисидент од времето на комунизмот.
Роден е во Стара Моравица, тогаш Кралство Југославија. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на последипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: „Правните последици на осудата“. Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата „Правната положба на осуденикот по издржаната казна“. Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд- Скопје II, тој работил во Правниот факултет во Скопје како: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).
За време на комунизмот, тој професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации: на XXI советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија (Струга, 24-25 октомври 1983) во уводниот реферат побарал укинување на фамозниот „деликт на мислење“, содржан во чл. 133 КЗ СФРЈ, за што бил изложен на остри критики од страна на комунистичкиот естаблишмент и партиски казнет, по што самиот истапил од Сојузот на комунистите на Југославија; се залагал за посебен третман на политичките затвореници во пенитенцијарните установи на СФРЈ; се залагал за слобода на совеста во врска со инкриминацијата-Одбивање прием и употреба на оружјето (чл. 202 КЗ СФРЈ) од страна на припадниците на некои верски заедници.
Марјановиќ бил член на Форумот за човекови права на Македонија, од неговото основање.
По воведувањето на повеќепартискиот систем, тој ја основал и бил избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија - Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата, тој бил до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекол од функцијата претседател на Лигата за демократија.
Познат е по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година, тој бил советник во Советот на Град Скопје.
Дела
„Правната положба на осуденикот по издржаната казна“ (1973) „Одбрани теми од материјалното кривично право“ (1978) „Кривично право - општ дел“ (пет изданија: под наслов „Предавања по кривично право - општ дел“ -1978, 1980 и 1982; под наслов „Кривично право - општ дел“ - 1988 и под наслов „Македонско кривично право - општ дел“ - 1998) „За проблемот на политичката деликвенција во Југославија (1984) „Непријателска пропаганда“ (1986) „Custodia honesta“ (1987) „За статусот на политичките затвореници“ (1988) „Одбивање прием и употреба на оружје“ (1987); „Стручен труд - сотија“ (1995).
Марјановиќ има преведено дела од германски (Карл Маркс „Осумнесеттиот бример на Луј Бонапарта“ и „Откритија за процесот на комунистите во Келн“; Г. Кајзер, „Криминологија“) и француски јазик (Антоан де Сент-Егзипери „Земја на луѓето“; Марсел Пруст „Во потрага по загубеното време“).
Категорија:Луѓе од Стара Моравица Категорија:Македонски правници Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски писатели Категорија:Македонски преведувачи Категорија:Македонски Срби Категорија:Југословенски правници Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски писатели Категорија:Југословенски Срби Категорија:Југословенски дисиденти Категорија:Апсолвенти на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје Категорија:Магистри на Загрепскиот универзитет Категорија:Доктори на Правниот факултет „Јустинијан I“ - Скопје