Владимир Димов (роден на во Скопје) — македонски лекар и политичар. Во периодот од 15 ноември 2004 до 27 август 2006 година, тој бил Министер за здравство на Република Македонија.
Животопис
Владимир Димов дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1982 година, каде докторирал во 1997 година. Специјализирал општа хирургија на Клиниката за хируршки болести при Медицинскиот факултет во Скопје во периодот од 1984 до 1988 година и супспецијализација по дигестивна хирургија во 1991 година.
Во периодот од 1991 до 1992 година, тој престојувал на стручни образувања и обуки на Медицинскиот факултет во Белград, на Универзитетот во Илиноис во САД, и во Тренинг центарот за лапараскопска хирургија во Хамбург, СР Германија. Добил и диплома за посетувачки научен соработник на Универзитетот во Чикаго. Зборува англиски и германски јазик.
Во 2002 година станал заменик директор на Клиничкиот центар во Скопје и директор на Хируршките и ортопетски дејности во Клиничкиот центар.
Претходно, во периодот од 1997 до 1999 година, тој бил директор на Клиниката за дигестивна хирургија, а од 1989 до 1997 шеф на повеќе оддели на истата Клиника. Од 1983 до 1988 година бил помлад асистент и асистент по предметот Општа хирургија.
Во 2003 година Димов бил избран за вонреден професор по предметот Хирургија. Член е на Македонското лекарско друштво, на Здружението на хирурзите, на Секцијата на дигестивни хирурзи и на Лекарската комора на Македонија. Тој е почесен член на Асоцијацијата на бугарски хирурзи, на Здружението на хирурзи на Србија и Црна Гора, а член е и на Одборот на ЕУРОСУРГЕРС, на Одборот ЕАЦСС со седиште во Брисел. Димов е автор на повеќе стручни и научни трудови од полето на дигестивната хирургија.
Во периодот од 15 ноември 2004 до 27 август 2006 година, Владимир Димов бил Министер за здравство на Република Македонија.
Кривично гонење
По крајот на мандатот, Димов бил осомничен за повеќе набавки преку Фондот за здравство и за затајување данок во висина од 790 илјади денари. На Димов во 2007 година му бил замрзнат имотот.. Исто така, против него било подигнато обвинение од страна на Основниот суд Струмица, бидејќи дал одобрение за 17 нови вработувања во Здравствениот дом Струмица, спротивно на законот и без одобрение од Министерството за финансии.dnevnik.mk Според обвинението, Димов го оштетил буџетот на здравствената установа за 2,5 милиони денари. Во текот на овој период, Димов најпрвин бил на специјализација во Истанбул, Турција, а подоцна, кога добил бугарско државјанство, се преселил да живее во Софија.
Во јули 2009 година, Димов бил уапсен на Варшавскиот аеродром во Полска, од страна на Интерпол, но набргу бил пуштен од притворот, повикувајќи се на своето бугарско државјанство, а како гарант зад него застанал бугарскиот конзул во Варшава.www.utrinski.mk
Денеска Димов живее и работи во Софија, Бугарија.
Наводи
Поврзано Министер за здравство на Република Македонија
Категорија:Живи луѓе Категорија:Политичари од Скопје Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2004 Категорија:Македонски министри Категорија:Македонски лекари Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Политичари од СДСМ Категорија:Апсолвенти на Медицинскиот факултет - Скопје Категорија:Македонски затвореници и притвореници Категорија:Бугарски затвореници и притвореници Категорија:Затвореници и притвореници во Полска