Пепелиште — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.

Географија и местоположба

мини|300п|лево|Глетка од Пепелиште со Криволак во позадината

Пепелиште се наоѓа во средишниот дел на Македонија во регионот на средниот дел на областа Повардарие во Тиквешката Котлина, на левата страна од реката Вардар. Сместено е на самиот лев брег на Вардар, веднаш наспроти селото Криволак. Веднаш крај самото село Пепелиште води новоасфалтираниот регионален пат Р - 108 Прилеп - Неготино - Радовиш кој води од Неготино за Радовиш и Штип, односно долината на реката Крива Лакавица. Од градот Неготино е оддалечено околу 6 километри во источен правец.

Селото Пепелиште лежи во рамнината на снижените делови на една тераса висока околу 40 метри на левиот брег на Вардар. Над селото од источната страна се издигнува планината Серта, на чие благо закосено подножје се изградени селската црква и куќите. Во тој предел над селото под отсеците на падината наречена Мелуја во Вардар се влева Вештанска Река, а под селото се влева Ветуничка Река.

Пепелиште е рамничарско село сместено на надморска височина од 130 метри, во малото таканаречено Пепелишко Поле кое заедно со целата околина има изразит степски карактер со пепелаво сива боја на изглед. Атарот на Пепелиште е голем и зафаќа простор од 38,2 км2, на кои пасиштата заземаат површина од 2.195 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 1.158 хектари. Селото Пепелиште се дели на седум краеви - маала: Кантуровско, Тангуровско, Моктапашово, Чебовско, Кајовско, Пашагино и Долно.

За селото Пепелиште постои и урбанистички план, според кои се гради и развива населбата.

Историја

300п|мини|десно|Панорама на дел од селото Пепелиште и соседното село Криволак

Корените на село Пепелиште се простираат далеку во историјата што може да се заклучи од археолошките ископувања кој откриваат дека овде се живеело уште во времето на античка Македонија и римското време.

Во атарот на селото Пепелиште била пронајдена средновековна некропола во нивата на еден од локалните селани во 1989 биле откриени 2 гробови, со подоцна соработка меѓу Музејот на град Неготино и Институтот за истражување на старословенската култура од Прилеп биле откриени уште 30 нови гробови. Истражувањата продолжиле и следната година биле пронајдени уште 46 гробови, односно се нуменирани 76 гроба. Истовремено, северно од некрополата се пронајдени остатоци на населба. ѕидови, тули, градежен шут, камен и др. планираните истражувања за оваа населба не се извршени но се сметало дека има поврзаност со некрополата.Средновековна некропола Пепелиште локалитет Трнче-Стреа, Елица Манева, Скопје 2000 стр 11 Насочеността на гробовите е според христијанскиот канон, од запад кон исток, со вообичаените мали отстапки кон север или југ поради сезонските отклони на сончевиот изгрев. Меѓу сите гробови откриени се 13 кои припаѓале на машки поединци, 32 на женски и 30 на деца, над третина од скелетите биле над возраста од 40, а некои над 60 што за тој временски период би докажало до добар начин на живот за закопаните поединци.Средновековна некропола Пепелиште локалитет Трнче-Стреа, Елица Манева, Скопје 2000 стр 25 Во градбата на погребаните е забележана таа на медитеранидите. Од накит, кај 21 од 30 гробови е најден некој вид на накит, а најчесто тоа биле прстени и наушници, а најдени се и стаклени белегзии, метални белегзии, ѓердан и амајлија. Кај женските 25 од 32 гробови се со накит во кои се пронајдени: прстени, метални и стаклени белегзии, украс за глава, откршок од монета, фрагменти од обетки и др. Додека пак кај машките поединци не биле пронајдени наоди со ретки исклучоци. Оние со најбогати и најбројни накити биле млади жени покојници.

Во однос на настанокот на сегашното село Пепелиште е едно од селата во Тиквеш кое избегнало уништување и преместување во време на турското ропство. Затоа, Пепелиште меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на турските поробувачи во XIV век. Први жители на селото биле Македонците и Турците. Кон крајот на XVII век настанал голем и насилен процес на исламизација („потурчување“) на многу христијански села во рамнината на Тиквешката котлина, предводен од некојси Кара-паша кој од Дебар се населил во Сопот, при што меѓу другите било опфатено и селото Пепелиште. Имајќи предвид дека Пепелиште е прво големо село кое се наоѓа на левиот брег на Вардар на влезот на многу важниот пат од Радовишко-штипскиот Јуруклук во Тиквеш, тоа во XVII и XVIII век се нашло на удар и од Турците - Јуруци кои во голем број се населиле во непосредната околина во селата од левата страна на Вардар. Потоа и самото Пепелиште станало седиште и центар од каде се спроведувало потурчување на околните села од страна на неговиот тогашен жител Кантур-бег кој како владетел на овој предел бил познат меѓу народот како голем крвник, насилник и силеџија.

За селото Пепелиште во својот патопис за Тиквеш насловен како „Љубљано-Пеонија“ објавен во „Цариградски весник“ на 12 февруари 1855 македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот запишал дека тоа има прекрасно изградена џамија чие минаре е највешто направено и е ретка красота, а во селото имало и прекрасен палат кој бил една од најубавите европски градби по европски терк, но го запалиле и тоа станало пепелХаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.71 По Балканските војни во 1912/1913 Турците се иселиле во Солун при што нивните куќи биле запалени.Според кажување на мештаните на Пепелиште. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015

На почетокот на XX век настанува промена во населението на селото со доселувања на луѓе од различни страни и краишта: во 30-тите години на XX век во селото биле населени српски колонистички семејства, а пред Втората светска војна во селото се населиле и Македонци од селото Горица (денешна Албанија), кај Преспанското Езеро. И последниот бран на населување е во поново време со ромски семејства.

Потекло и значење на името

Името на селото Пепелиште потекнува од македонскиот јазик од зборот пепел, односно именката пепелиште која што означува место што е уништено од пожар, војна, земјотрес; силна прашина во воздухот, виор од прашина; место каде што има многу пепел, обично во огниште. Меѓу населението постои преданието дека Пепелиште своето име го добило по легендата од времето на Отоманското Царство која вели дека селаните му ја пресекле главата на локалниот турскиот бег и ја запалиле, а од истата која се влечела по земјата се запалило целото село и сè се претворило во пепел.

Друг можен извор за настанок на името на селото е постојаната прашина која ја носи ветерот од околните ридови со сиво-бела боја во летниот период која наликува на пепел. Честа појава во Македонија е места кои се наоѓаат во карпести, каменести и соголени предели и околини каде што преовладува сивата боја да се именуваат по именката пепел, како што се на пример врвот Пепелјак на планината Караџица, месноста Пепелавец во карпестата клисура Пешти на реката Бабуна. Така и во околината на Пепелиште преовладува сивата пепелава боја поради голите каменести и карпести падини на Серта (раселено село Пештерица) и самата сува почва на селото.

Стопанство мини|250п|Пепелишко поле. мини|250п|Пепелишко поле и Вардар. Стопанството е послаба страна на село Пепелиште, иако селото има доста развиен стопански живот во земјоделието, трговијата и индустријата, сепак голем број на негови жители се исклучително сиромашни и социјално загрозени, при што работат како надничари орајќи, копајќи, берејќи или товарејќи земјоделски производи. Жителите претежно се земјоделци и одгледуваат винова лоза, дињи, пиперки, праски. Со одгледување на пипер (зелена, црвена, ајварка) се занимава секоја куќа при што вообичаениот принос изнесувал 200 тони на годишно ниво, што во моментов е во опаѓање.

Покрај пиперот од градинарските култури се одгледуваат и патлиџани (домати) кои заедно со пиперките се преработуваат во зимници и кечапи во блиските прехранбени фабрики „Ким“, „Македонија“ во Неготино. Во многу голема мерка се одгледува бостан, односно дињи и лубеници, при што Пепелиште е едно од селата кои се најголемите производители и извозници на дињи во Македонија. Како најголем производител на дињи, како и на пиперки, домати и праски, во летниот период Пепелиште е место каде што директно се врши откуп на зеленчук, овошје и земјоделски производи. Во последните години во поголеми размери е започнато одгледувањето на тутун, кој дава средни приноси.

Поради поволните климатски услови на атарот на Пепелиште во доцната есен и во текот на зимата на зимување се носат голем број на стада овци од Западна Македонија кои престојуваат во бројните трла во самото село и неговата околина сѐ до средината на пролетта. Мал дел од населението одгледува и крави, волови, телиња и друг крупен добиток како и доста кози и живина (кокошки, мисирки).

Во Пепелиште има 5 продавници како и една спортска обложувалница, интернет кафе, дискотека во летниот период, сепарација за песок, земјоделска аптека и земјоделска задруга односно комбинат „Александар Илиев“ кој моментално не работи во полн капацитет бидејќи сточарската фарма за одгледување крави и овци е надвор од употреба. Во моментов во Пепелиште во завршна фаза на изградба е производствен погон на фабриката за кабли „Про Зденка Кабли“ од Неготино.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пепелиште живееле 984 жители, од кои 850 Македонци муслимани, 80 Македонци христијани и 54 Роми.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 155.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци, 25 до 50 Турци, 25 до 50 Албанци и 25 до 50 Унгарци.

Според пописот од 2002 во село Пепелиште живеат 1.070 жители, и тоа:Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X

Македонци: 796 (74,39 %) Турци: 33 Роми: 25 Срби: 194 останати: 22

Поради поволната местоположба Пепелиште бележи постојан пораст на бројот на своите жители. Така, во 1961 година во Пепелиште живееле 818 жители, од кои 530 биле Македонци, 221 Србин и 66 Турци, додека во 1994 бројот на жителите се зголемил на 1033 од кои 717 Македонци, 233 Срби, 58 Турци и 20 Роми. Бројот на Македонците за разлика од доселувањата порано во последниот период бележи постојан и стабилен пораст пред сѐ поради природниот прираст, додека бројот на Роми е зголемен поради скорешните доселувања. Постојано намалување бележи бројот на Турци, а од последниот попис во опаѓање е и бројот на изјаснетите жители како Срби.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 992 жители, од кои 642 Македонци, 9 Албанци, 74 Турци, 64 Роми, 130 Срби, 10 останати и 63 лица без податоци.

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Пепелиште:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Вкупно 1948 — — — — — — — 723 1953 471 — 61 — 180 32 — 744 1961 530 — 66 — 221 1 — 818 1971 597 — 70 — 189 7 — 863 1981 673 — 42 — 217 43 — 975 1991 712 — 42 28 233 20 — 1.035 1994 717 — 58 20 233 5 — 1.033 2002 796 — 33 25 194 22 — 1.070 2021 642 9 74 64 130 10 63 992

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години Родови

Според истражувањата од 1920-1924 година во селото живееле само муслимански родови, и тоа: