Диего Форлан Корацо (шпански изговор [ˈDiego Forlán] роден на 19 мај 1979 година) — уругвајски фудбалер кој игра на позицијата напаѓач во тимот на Мумбај Сити и репрезентацијата на Уругвај. Тој е двократен добитник на наградите Пичичи и Златна копачка на Европа, а исто така ја има добиено и наградата Златна топка за најдобар играч на Светското првенство во 2010 година. Форлан е роден во фудбалско семејство, неговиот татко Пабло играл за Саун Пауло (1970-1975) и за репрезентацијата на Уругвај на Светските првенства во 1966 и 1974 година, а неговиот дедо од мајчина страна, Хуан Карлос Корацо, за Индепендиенте во Аргентина. Форлан се приклучил на Индепендиенте, откако се истакнал во нивниот младински состав, и по успешниот четиригодишен период, тој потпишал договор со тимот од англиската Премиер Лига, Манчестер Јунајтед. Неговата форма во Јунајтед не била толку успешна како онаа во Индепендиенте, иако тој ја освоил Премиер Лигата во 2003 година и ФА купот во 2004 година. Летото 2004 година, тој се преселил во тимот од Ла Лига, Виљареал. Во неговата прва сезона во шпанскиот фудбал во тимот на Виљареал, Форлан постигнал 25 голови во првенството и ја освоил Пичичи наградата. По две успешни сезони во Виљареал, Форлан преминал во Атлетико Мадрид, каде што уште еднаш станал најдобар стрелец во лигата, и првиот играч што ја освоил Пичичи наградата двапати, откако Роналдо го постигнал овој подвиг во сезоната 2003-04 година. Форлан постигна гол за Атлетико, во победата над Фулам во финалето на Лига Европа во 2010 година. Во 2011 година, тој се преселил во тимот на Интер, во италијанската Серија А. Форлан, исто така, имал успешна репрезентативна кариера, откако постигнал 32 гола за својата земја од неговото деби во 2002 година. Тој постигна еден гол на Светското првенство во Јужна Кореја и Јапонија во 2002. Тој бил на делба на првото место за најдобар стрелец, со постигнати пет гола на Светското првенство 2010, на кое тој постигна два гола против домаќинот Јужна Африка, еднаш против Гана во четвртфиналето, еднаш против Холандија во полуфиналето и еднаш против Германија во натпреварот за трето место. И покрај тоа што бил на делба на првото место за најдобар стрелец на првенството, Форлан не ја прими наградата за неговите голови поради головите постигнати во продолженијата. Сепак, на Форлан му било оддадено признание со наградата Златна топка, која се доделува на најдобриот играч на првенството. На 12 јули 2011 година, на Копа Америка во Аргентина, Форлан го забележал својот 79-ти настап за Уругвај против Мексико, со тоа соборувајќи го рекордот кој дотогаш го држел поранешниот голман, Родолфо Родригес од 1986 година. Форлан во моментов е најдобриот стрелец на Уругвај на меѓународно ниво во официјални натпревари.

КЛУПСКА КАРИЕРА

ПОЧЕТОК НА КАРИЕРА

Форлан кој е роден во Монтевидео, е син на поранешниот фудбалер и уругвајски репрезентативец Пабло Форлан, кој се занимавал со тенис во неговата младост. Тој одлучил да тргне по стапките на неговиот татко и да игра фудбал, откако неговата сестра Алехандра била учесник во сообраќајна несреќа, во која загинало нејзиното момче, а таа била на интензивна нега пет месеци и останала хендикепирана. Во 1995 година, кога тој имал 16 години, Форлан бил донесен во Франција од тренерот Ласло Болоњи и поминал неколку месеци на проба во Нанси. Сепак, клубот одлучил да не потпише договор со него, и Форлан се вратил назад во Јужна Америка.

ИНДЕПЕНДИЕНТЕ

Тој играл за неколку јужноамерикански клубови, вклучувајќи го и аргентинскиот клуб Индепендиенте, каде што постигнал 36 гола на 77 натпревари во лигата. Неговите голови го привлекле вниманието на европските клубови, и во јануари 2002 година тој потпишал за Манчестер Јунајтед во англиската Премиер Лига за обесштетување од 6.9 милиони фунти.

МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Диего Форлан потпишал за Манчестер Јунајтед, по барање на сер Алекс Фергусон за сума од 6.9 милиони фунти на 22 јануари 2002 година. Тој дебитирал на 29 јануари, откако влегол во игра во 76-та минута како замена за Оле Гунар Солскер во победата од 4-0 на гости кај Болтон Вондерерс. Тој за првпат бил стартер во тимот во победата од 4-0 на домашен терен над Тотенхем Хотспур на 6 март. Форлан одиграл 13 натпревари во првенството и пет во Лигата на Шампионите во сезоната 2001-02, но не постигна гол. На 18 септември 2002, Форлан влегол во игра во 56-та минута како замена за Рајан Гигс на натпреварот против Макаби Хаифа во Лигата на Шампионите. Тој го постигна својот прв гол за Јунајтед во 89-та минута од пенал во победата од 5-2. Неговиот прв гол во Премиер Лигата го постигна за израмнување на резултатот на 1-1 во 76-та минута, во нерешениот резултат против Астон Вила на домашен терен на 26 октомври. Во следниот натпревар на Форлан во Премиер Лигата, на домашен терен против Саутемптон на 2 ноември, тој влегол во игра во 79-та минута како замена за стрелецот на голот за Јунајтед, Фил Невил, при резултат од 1-1 и го постигнал победоносниот гол во 85-та минута, откако ја вметнал топката во голот на голманот на Саутемптон, Анти Ниеми. На 1 декември, тој за првпат бил двоен стрелец за Јунајтед, постигнувајќи гол во 64-та и 67-та минута во победата од 2-1 на гости кај соперникот Ливерпул во Премиер Лигата. Манчестер Јунајтед ја освоил титулата во Премиер лигата во сезоната 2002-03, а Форлан со шест гола бил трет стрелец во тимот таа сезона веднаш зад Руд ван Нистелрој и Оле Гунар Солскер. Во сезоната 2003-04, Форлан одиграл седум натпревари во Премиер Лигата, на кои немал постигнато гол од стартот на сезоната. Негативната серија била прекината на 25 октомври, кога тој го израмнил резултатот на 1-1 во 45-та минута на натпреварот против Фулам на домашен терен, натпревар кој го загубил Манчестер Јунајтед со 3-1. Форлан потоа постигнал гол на три последователни натпревари во три различни натпреварувања, започнувајќи со гол во продолжението на натпреварот против Лидс Јунајтед на гости во Карлинг купот, кој го доби Манчестер Јунајтед со 3-2. По ова, следел првиот гол на натпреварот во победата од 3-0 на домашен терен против Портсмут во Премиер Лигата, и голот во 6-та минута во победата со ист резултат над Ренџерс во Лигата на Шампионите. Во неговиот следен натпревар во Лигата на Шампионите, тој го постигнал победоносниот гол во 85-та минута за Јунајтед, во победата од 1-0 на гости кај Панатинаикос. На 6 декември 2003 година, Форлан постигнал два гола во продолжението на натпреварот против Астон Вила на домашен терен во Премиер Лигата, што го добил Манчестер Јунајтед со 4-0. Ова биле единствените голови на Форлан во Премиер Лигата, и покрај тоа што играше на повеќе од десет натпревари во првенството во текот на сезоната. Неговиот единствен друг гол за Манчестер Јунајтед бил во ФА Купот, во победата од 3-0 над тимот на Нортемптон Таун од англиската Трета дивизија, на 24 јануари 2004 година. Диего Форлан не бил воопшто во тимот во финалето на ФА Купот на 22 мај 2004 година, кое го добил Јунајтед со победата од 3-0 над Милвол. Тој ја започнал сезоната 2004-05 со Манчестер Јунајтед и играл во квалификациите за Лигата на Шампионите против Динамо Букурешт, и во поразот од 3-1 од Арсенал во Супер купот на Англија (Комјунити Шилд) на 8 август. Неговиот последен натпревар за Јунајтед бил во нивниот прв натпревар во Премиер Лигата таа сезона, во поразот од 1-0 на гости кај Челзи на 15 август.

ВИЉАРЕАЛ

Форлан бил тесно поврзуван со трансфер во шпанските клубови Леванте и Атлетик Билбао ( иако за Атлетик може да настапуваат само играчи кои се Баскијци, а Форлан има баскиско потекло), сепак на 21 август 2004 година тој потпишал договор со Виљареал. Диего Форлан дебитирал за Виљареал на 30 август 2004. Тој бил во почетниот тим на гости кај соперникот Валенсија, и го постигнал голот за својата екипа во 77-та минута во поразот од 2-1. Неговиот следен гол бил во победата од 2-0 над Реал Сарагоса на домашен терен на 3 октомври, потоа проследен со израмнувачки гол во ремито 1-1 кај Мајорка и со последниот гол во победата од 4-0 на домашен терен со Нумансија. Помеѓу 12 декември 2004 и 16 јануари 2005 година, Форлан постигнал седум гола на пет натпревари во првенството, вклучувајќи ја и победата од 3-0 на домашен терен над Барселона на 9 јануари. На 22 мај 2005 година, тој го постигнал својот прв хет-трик за европски тим, постигнувајќи ги сите голови за Виљареал во ремито 3-3 на гостински терен против Барселона, можниот шампион на Лигата на Шампиони. Една недела подоцна, тој постигнал два гола во победата од 4-1 над нивниот локален соперник Леванте, а Виљареал ја заврши сезоната на третото место на табелата, и нивно прво учество во Лигата на Шампионите. Форлан ја освоил Пичичи наградата во сезоната 2004-05, за најмногу постигнати голови во Ла Лига, 25. Исто така, тој ја поделил наградата Златна копачка на Европа во 2005 година со напаѓачот на Арсенал, Тјери Анри. Неговиот скор на постигнати голови опадна во сезоната 2005-06, откако Виљареал претрпел неколку промени, но сепак клубот се пласираше во полуфиналето на Лигата на Шампионите, каде што биле елиминирани од Арсенал. Во 2006-07, тој ја завршил сезоната со 19 голови на 36 настапи во првенството ( по 0.53 гол на секој натпревар).

АТЛЕТИКО МАДРИД

СЕЗОНА 2007-08

Форлан бил поврзуван со трансфер заедно со Хуан Роман Рикелме во Атлетико Мадрид, во замена за Луис Переа плус кеш, во јуни 2007 година. На 30 јуни 2007 година, по заминувањето на нивниот капитен Фернандо Торес во Ливерпул, Атлетико Мадрид потврдил дека тие се согласиле на обесштетување од околу 21 милион евра. Тој се вратил во Англија во февруари 2008 година, во настапот на Атлетико во Купот на Уефа против Болтон Вондерерс ( клубот против кого го забележа дебитантскиот настап кога настапуваше за Манчестер Јунајтед), но тимот загуби со вкупен резултат 1-0 во двомечот. Во мај 2008 година, Форлан му помогна на Атлетико да се пласира во Лигата на Шампионите за првпат по повеќе од една деценија, постигнувајќи го победоносниот погодок против Депортиво Ла Коруња. Тој ја завршил својата прва сезона во Мадрид со 23 гола, и формирал моќно партнерство со аргентинскиот напаѓач Серхио Агуеро.

СЕЗОНА 2008-09

На 9 мај 2009 година, Форлан постигнал два гола против Еспањол и му помогнал на Атлетико да се пласира во квалификациите за Лигата на Шампионите втора последователна година. “ Лос Рохибланкос” губеле со 2-0 на полувремето, а Луис Переа бил исклучен, но направиле пресврт и победиле со 3-2 благодарение на голот на потврдената сезоната на Форлан, од посебна важност што бил постигнат во последната минута. Тој исто така постигнал клучни голови во победите над: Барселона, Виљареал и Валенсија. На 23 мај 2009, Форлан постигнал хет-трик против Атлетик Билбао, кој му помогнал да ја освои наградата Пичичи, како и наградата Златна копачка на Европа по вторпат. Тој ја завршил сезоната 2008-09 со импресивни 32 гола на 33 натпревари ( во суштина еден гол на натпревар).

СЕЗОНА 2009-10