Врбјани — село во Општина Дебрца, недалеку од патот Кичево - Охрид.

Потекло на името Според искажувањата на месните жители селото Врбјани своето име го добило по врбите кои ги имало во околината.

Географија и местоположба

Селото Врбјани се наоѓа на надморска висина од 919 м, на источната страна на планината Стогово. Тоа е прво село во Горна Дебрца после највисоката точка на патот Кичево - Охрид наречено Пресека. Селото се наоѓа на 3км оддалеченост од регионалниот пат. Низ селото течат две реки, Голема река и Бигришка Река, како извори на реката Сатеска. Изобилува со вода и извори на вода. Последната куќа од селото во горно маало, се наоѓа на 970м надморска висина. Оддалечено е 26 километри јужно од Кичево и 39 километри северно од Охрид.

Селото е со куќи од збиен тип и се состои од горно и долно маало. Маалата се разликуваат и по родови, како на пример, Ќемалоски, Ангелески, Патникоски, Радески, Попоски и други. Во селото има околу 100 домаќинства. Селото е на место каде отсекогаш можело да има населба. Има многу поволни природни и економски услови. Од западната страна се издига пространа планинска падина, израсната со дабова и букова шума. Над нејзината горна граница се простира голина т.е. планинска испаша. Од источна страна се простира ниско земјиште погодно за обработка. На планинскиот дел од атарот се наоѓа Црвено млаче (главна испаша), Годијов дол, Манастирец, Јагњештица, Локви, Секулица, Папрадница, Мирослајца, Јасика, Смрдешница, Божинарамен итн. Источно се наоѓа плодно обработлива земја Предалиште, Галвје, Св.Петар, Жежница, Луда вода, Дупчиња, Петрчане, Крст, Цер, Патница, Царев кладенец и др. На планинската падина се наоѓа Стојански извор, Жежов извор и Манастирец, а во подножјето на планината извира Петрчански извор и Царев кладенец. Многу е значаен Петрчански извор од кој извира јака вода како река на која некогаш имало воденица, а денес дел од таа вода се каптира и се употребува за селскиот водовод.

Соседни села на селото Врбјани се: Иванчишта, Попоец и Ехлоец од север, Годивје од југ, Сливово од југоисток, и Селци и Елевци од запад.

Историја

Селото Врбјани постоело пред доаѓањето на Турците во 1371 година. Името Врбјани го добило по многуте врби кои ги имало меѓу двете реки, Голема и Бигришка, како извори на реката Сатеска. Покрај с. Врбјани постоело село Нивишта со црквата „Св. Петар и Павле“, која постои и денес. Црквата „Св. Ѓорѓи“ во село Врбјани, според преданијата на старите жители Ристо Сиљанов, Спиро Ставрев, Крсте Ќемалоски, Стојан Донески и други, била градена од 1322 до 1340 година. Црквата Свети Ѓорѓија требала да биде осветена во 1345 година од охридскиот архиепископ Николај I, кој бил поканет да ја освети црквата. Во меѓувреме Охридскиот Архиепископ Николај добил покана да оди во Скопје и да го круниса царот Душан и архиепископот Николај да му ја стави круната на глава на царот Душан Силни како поглавар на најстарата архиепископија, иако постоела и Пеќската.

Поради овие збиднувања Архиепископот не дошол на осветувањето на црквата Свети Ѓорѓија и црквата останала неосветена сè до 1605 година според летописот кој е над влезната врата запишан на западната страна. Со доаѓањето на Турците народот од село Нивишта и село Врбјани, бегајќи од Турците, побегнале во планина во месноста Манастирец каде што формирале село со црква во која имало крст со златен синџир, а ископини постојат и денес. Дел избегале и во Прилепскиот крај каде што формирале село Врбјани и Годивје кои и денес постојат.

Црквата Свети Ѓорѓија е осветена во 1605 година (и тоа несигурно бидејќи дел од летописот со годината е одлепен со малтерот, а асоцира на 1606 година). Според кажувањата на старите селани дека црквата била изградена а неосветена 300 години (се совпаѓа 1340 до 1605 година), како доказ се фреските на јужната страна на олтарот Свети Сава и Свети Симеон Столпник. Заклучок е дека црквата Свети Ѓорѓија е градена од 1322 до 1340 година зашто не е можно фреската на Свети Сава да биде донесена подоцна во XVI век, кога турското владеење било големо и Турците биле семоќни господари. Црквата Свети Ѓорѓија била изгорена а иконите издупени со шајки по очите на светците од турски војници. Селанецот Доне Донески бил скриен во една капина до црквата и гледал што прават турските војници, отишол кај јумбашијата (турски командант) и го известил што направиле неговите војници во црквата и војниците биле повикани и камшикувани. Во 1903 година после Илинденското востание целото село е запалено и тогаш е изгорена и црквата со иконостасот. Иконостасот во црквата Свети Ѓорѓија е обновен во 1916 година, и него го имаат работено браќата Ѓоре и Доне од мијачкото село Гари.

Во век, Врбјани било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селанецот Никодин (Канџо) од село Врбјани, протеран од српските власти, побегнал и живеел во Украина во Киев. Како желба на Никодин да се споменува неговото име, нарачал два црковни барјака.На едниот е Мајка Марија а на другиот е Свети Никон - Чудотворец. Црковните барјаци се донесени од Никодин во 1917 година и оставени во црквата Свети Ѓорѓија за црковни обреди. Овие записи се искажани од Ѓорѓе Костадиноски од село Врбјани.

Црквата „Св. Петар и Павле“, која се наоѓа на околу 200 метри источно од селото Врбјани, која била подигната 1938 година од страна на селанецот Ристо Серафилов-Матевски за кого се кажува дека бил многу болен и сонил сон на местото на кое е сега црквата (пред тоа на истото место имало манастир кој бил срушен за време на Отоманското Царство) да ги постави темелите за да оздрави. Селаните кои биле во црковниот одбор како ги носеле камењата за да биде подигнат темелот, Ристо почнал да закрепнува и заедно го поставиле темелот.

Црквата Свети Петар и Павле, е осветена на 21 јули 2012 година од тројца службеници испратени од страна на митрополитот Тимотеј Дебарско-кичевски па после осветувањето може да се одржува света литургија во црквата. До црквата Свети Петар и Павле, во 2008 година пролетта започна да се гради манастир.

За време на Илинденското Востание Врбјани било до темел запалено, тогаш населението се криело во околината. За време на востанието постоела Врбјанска чета во која главен комита бил Спиро Гаврилов.

Во текот на втората светска војна,Врбјани било под окупација на фашистичка Италија и балистите, во борбите против непријателот учествувале многу Врбјанци и Врбјанки, а некои и го положиле својот живот.

Врбјани има најголем атар во Горна Дебрца. На тој атар постоеле и други помали населби како Манастирец, Жежница и Петрчани. Првото село лежело во долината на Голема река во планинскиот дел од атарот. Жежница била на североисточната страна веднаш над ридот Предалишта. Петрчани било 3 км североисточно од денешното место на Врбјани.

Петрчани прво било христијанско славјанско село кое во 1863 година е населено од Турците со Черкези. Како што е познато кога Русите го освоиле Кавказ, еден дел Черкези од таму се преселени во Турција и турската власт ги населила на балканското полуострово. Петрчани имало 40 домаќинства меѓутоа Черкезите биле многу лоши соседи и не дозволувале движење на христијани во близина на своето село, а со стоката нанесувале штета на соседните села. Имале и опасни кучиња кои ги напаѓале минувачите. Во 1890 година убиле еден маж од село Годивје а потоа и една жена бегалка која одела по патот Охрид - Кичево. Поради тоа против нив се здружиле Македонците од околните села Врбјани, Сливово и Годивје и ги нападнале и ги потепале, а селото го запалиле. Некои кои успеале да се спасат пребегале преку планината Стогово во Дебар. Земјата ја поделиле меѓусебно. Тоа се случило околу 1890 година.

Според податоците од 1873 година, селото имало 60 домаќинства со 172 жители христијани (Македонци).„Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103. Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 480 жители христијани (Македонци).Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253

Стопанство

Жителите во главно се занимаваат со земјоделство и сточарство. До шеесеттите години од дваесеттиот век работеле и Стоговските рудници за железна руда и во тоа време било развиено и рударството. Денес рудниците се затворени како државни резерви. Издршка некои жители гледаат во пчеларството, а во погодни климатски услови жителите собираат печурки кои ги има во изобилие, особено печурката Вргањ која е доста ценета. Бидејќи има многу малку стока во денешно време а многу пасишта, селани од струшките села Албанци доаѓаат да ја косат тревата и за мали пари ја носат за храна на својата стока во своите села.

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Врбјани живееле 480 жители, сите Македонци.Васил Кънчов. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Врбјани имало 640 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 162 – 163.

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Врбени е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 74 куќи.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.

Во селото Врбјани живеат Македонци припадници на племето Брсјаци (Берзити). Од Врбјани се иселил значаен дел од населението, па така од голема преминала во мала населба.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 58 жители, од кои 57 Македонци и 1 останат.Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 32 жители, од кои 22 Македонци и 10 лица без податоци.

Родови

Врбјани е македонско село.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Врбјани се:

Староседелци: Анѓелевци (14 куќи) меѓу нив е Никола, кој е посинет од Волино, а по потекло од Оздолени. Живеат во својот крај во Горно Маало; Шамалевци (7 куќи) живеат во своето Шамалеско маало; Поповци (14 куќи), Митревци или Куловци (6 куќи), Божиновци (4 куќи), Гавриловци (4 куќи), Радевци (2 куќи), Јанкуловци (4 куќи) и Калајџиовци или Јоновци или Ропаковци (3 куќи) сите потекнуваат од заеднички предок, и живеат во своето маало Вир, но почнале да се одродуваат; Мушевци (4 куќи) и Муратовци (7 куќи) потекнуваат од ист предок, и сите живеат во Мушевско маало; Ќемаловци (14 куќи), Вретовци (10 куќи) и Пејовци (3 куќи) потекнуваат од ист предок; Савевци (7 куќи) живеат во Горно Маало; Матевци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу маалото Вир и Шамалеско Маало; Андревци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу Анѓелевските и Матевските. Сите староседелски родови слават Ѓурѓовден, Петровден. Со непознато потекло се: Патниковци (25 куќи) за нив се вели дека предокот кој се доселил дошол уште во времето кога постоело селото Манастирец, и основачот на родот бил ковач. Куќите им се наоѓаат во Патникоско Маало, и слават Ѓурѓовден и Петровден. Доселеници со позната старина: Дошлаковци (7 куќи) доселени се средината на XIX век од Сливово, каде припаѓале на староседелскиот род Смилевци, куќите им се 4 во Вретовско Маало, и 3 во Анѓелевско Маало, слават Петровден; Војневци (1 куќа) доселени се 1860 исто така од Сливово, живеат во Анѓелевско Маало, слават Ѓурѓовден; Локовци (11 куќи) доселени се од селото Локов, Малесија, живеат во своето Локовско Маало, слават Петровден.

Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1978 година, родови во селото се: