Опција (англиски: option) претставува договор со кој едната страна има право да купи или продаде некој друг финансиски инструмент или определени производи (злато, нафта, памук, бакар, кафе итн.) на одреден иден датум или за време на некој временски период по однапред утврдена цена, наречена извршна цена (exercise price, strike price). Опциите спаѓаат во групата на финансиски деривати.
Основни одлики Исто како фјучерсите, и опциите претставуваат договори каде што денес се утврдува цената на темелниот финансиски инструмент, но купопродажбата се врши во иднина. Но, за разлика од фјучерсите, купувачот (сопственикот) на опцијата нема обврска да ја изврши трансакцијата, туку може да избира дали ќе го изврши договорот или не. Од друга страна, продавачот на опцијата, кој се нарекува и потписник (writer), е должен да ја изврши својата обврска од договорот на барање на купувачот на опцијата. Во зависност од времето кога се извршуваат, постои разлика меѓу американските и европските опции. Кај американските опции, правото на купување или продавање може да се изврши секој ден до истекот на крајниот рок на извршувањето, т.е. до последниот ден на тргувањето со опциите. Од друга страна, кај европските опции, правото на купување или продавање може да се оствари само на денот на извршувањето на опциите. За разлика од фјучерситe, кај кои се создава обврска со самото влегување во договорот, кај опциите разликуваме две страни:Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 266. Купувач на опцијата, кој со купување на опцијата добива и право на избор, дали ќе ја реалзира или ќе ја остави да истекне нереализирана ; Продавач на опцијата, кој за продажбата на опцијата добива надоместок, но и обврска да одговори на изборот на купувачот, незавсно дали тоа му одговара или не во моментот на реализација. Имајќи предвид дека купувачот на опцијата има право да бира дали и кога ќе ја изврши опцијата, тој мора да плати одреден надомест за таквата поволност. Од гледна точка на другата страна на договорот, бидејќи продавачот на опцијата е должен да ја изврши својата обврска, без разлика дали тоа му одговара или не, тој бара одреден надомест за тоа. Оттука, за разлика од фјучерсите, самата опција има цена, наречена премија (premium), која се формира на берзата во зависност од понудата и побарувачката на опциите.
Дали сопственикот на опцијата ќе го искористи своето право зависи од движењето на пазарната цена на темелниот инструмент во однос на цената на извршувањето. На пример, ако една опција носи право на купување акции по цена од 950 долари, сопственикот ќе ја искористи опцијата ако тековната цена на акциите е 980 долари, зашто во тој случај, тој има можност да ги купи акциите поевтино. Од друга страна, ако цената на акциите е 920 долари, сопственикот нема да ја искористи опцијата, затоа што поисплатливо му е да ги купи акциите по тековната пазарна цена.Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 429-430.
Елементи на опцијата Најголемиот број опции со кои се тргува денес се создадени од страна на берзите. Притоа, берзата ги специфицира основните елементи на опцијата, во кои спаѓаат:Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 267. Видот на средството, т.е хартијата од вредност на која е заснована опцијата; Датумот или периодот на реализација на опцијатa; Реализационата цена. Купувачот и продавачот се договараат за висината на опионата премија. Тоа е цената на опцијата, т.е износот што купувачот е подготвен да го плати за да го добие правото на избор, односно за да се заштити од ризикот од евентуално неповолно движење на цената.
Тргување со опциите Историјата на трговијата со опции започнала во почетокот на 20 век, кога било основано Здружението на брокери и дилери на продажни и куповни опции (Put and Call Brokers and Dealers Association) чија цел била да ги поврзуваат продавачите и купувачите. Инвеститорите кои сакале да купат опција се обраќале до фирмите кои членувале во здружението, а тие потоа се труделе да најдат продавач на опцијата. Ако фирмата не можела да најде продавач, тогаш таа ја издавала опцијата. Во 1973 година, Чикашкиот одбор за трговија (Chicago Board of Trade) основал нова берза, Берза на опции на Чикашкиот одбор (Chicago Board Option Exchange, CBOE), наменета за трговија со опции на акции. Во 1975 година, и Американската берза (The American Stock Exchange) и Филаделфиската берза (The Philadelphia Stock Exchange) започнале да тргуваат со опции, а следната година им се придружила Тихоокеанската берза (The Pacific Stock Exchange).John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 4-5. Во почетокот, опциите гласеле на акции, индекси на акции и валути, а првите каматни опции се појавиле на Чикашкиот одбор за трговија во 1981 година. Во 1982 година, експериментална основа, започнало тргувањето со опции што гласат на фјучерси, додека нивното постојано тргување било одобрено во 1987 година.
Темелни инструменти Како темелни инструменти кај опциите служат акциите, берзанските индекси, девизите и фјучерсите. На пример, во САД, со опциите што гласат на акции се тргува на неколку берзи: Chicago Board Options Exchange (CBOE), Philadelphia Stock Exchange (PHLX), American Stock Exchange (AMEX), Pacific Stock Exchange (PSE) и New York Stock Exchange (NSE). На нив се тргува со опции што гласат на 500 различни акции при што еден опционен договор гласи на 100 акции. Најголемиот американски пазар на којшто се тргува со валутни опции е Филаделфиската берза која нуди опции на повеќе валути. Од опциите што гласат на берзански индекси, најпопуларни во САД се оние на S&P 500 и S&P 100 со кои се тргува на CBOE. Притоа, опциите што гласат на индексот S&P 500 се европски, додека оппциите што гласат на индексот S&P 100 се американски. Во двата случаи, еден опционен договор гласи на износ од 100 помножено со вредноста на индексот, а исплатата секогаш е во пари.John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 174-175. Најчесто, како темелни инструменти служат фјучерс-договорите кои гласат на државни записи, државни обврзници и евродоларски депозити. Навистина, некои опции гласат и на финансиски инструменти што се продаваат на готовинскиот пазар, но нивниот промет е многу мал. Причината за тоа е што, на датата на извршувањето на опциите, многу е тешко да се најдат расположливи финансиски инструменти на готовинскиот пазар, коишто би биле употребени за извршување на опциите. Од друга страна, тој проблем воопшто не се појавува на пазарот на фјучерси, каде што, во секој момент, клириншката куќа може да содаде фјучерс-договори со кои ќе се извршуваат опциите.
Опциите што гласат на акции се издаваат во неколку циклуси: јануарски, февруарски и мартовски. Притоа, јануарскиот циклус ги опфаќа јануари, април, јули и октомври; февруарскиот циклус се состои од февруари, мај, август и ноември; а мартовскиот циклус ги вклучува март, јуни, септември и декември. На тој начин се обезбедуваат опции со рок на достасување во сите месеци во текот на годината. Ако рокот на извршување во тековниот месец сè уште не е достасан, тогаш се тргува со опции со достасување во тековниот месец, во следниот месец и во следниет два месеца од тековниот циклус. Ако пак е изминат рокот н аизвршување во тековниот месец, тогаш се тргува со опции со достасување во следниот месец, во месецот по него и во два други месеца. На пример, ако опцијата е издадена во јануарскиот циклус, тогаш на почетокот на јануари се тргува со опциите со рокови на достасување во јануари, февруари, април и јули; додека на крајот од јануари се тргува со опциите со рокови на достасување во февруари, март, април и јули; на почетокот на мај се тргува со опции со достасување во мај, јуни, јули и октомври итн. на тој налин, штом заврши тргувањето со опциите со еден рок на достасување, веднаш започнува трговијата со друг рок на извршување. На некои берзи се тргува и со долгорочни опции кои имаат рокови на извршување до три години при што роковите на извршување секогаш се во јануари. Кај опциите што гласат на акции, извршните цени се изразуваат со разлика од 2,5, 5 или 10 долари. Вообичаено, за акциите чии цени се пониски од 25 долари, извршните цени се изразуваат во опсег од 2,5 долари; за акциите чии цени се движат од 25 до 200 долари, извршните цени на опциите се изразуваат во опсег од 5 долари; а за акциите со цени поголеми од 200 долари, извршните цени на опциите се изразуваат во интервали од 10 долари. На пример, ако цената на некоја акција изнесува 12 долари, тогаш можат да се сретнат опции со извршни цени од 10 долари, 12,5 долари и 15 долари; ако цената на акцијата е 100 долари, опциите би имале извршни цени од 90, 95, 100, 105 и 110 долари. Некои берзи нудат итн. флекс-опции кои немаат стандардни елементи, туку тие гласат на невообичаени рокови или имаат невообичаени извршни цени. Ако за време на траењето на опцијата дојде до поделба на акцијата, тогаш соодветно се приспособуваат и извршната цена на опцијата и бројот на опциите на кои гласи опцијата. На пример, ако опцијата гласи на 100 акции со извршна цена од 30 долари, а во меѓувреме е извршена поделба на акциите во однос 2 : 1, тогаш опцијата ќе гласи на 200 акции по извршна цена од 15 долари. Секоја берза воспоставува ограничувања на бројот на опции кои може да ги купи или продаде еден инвеститор (позициони ограничувања). За таа цел, купените куповни и продадените продажни опции се сметаат како да се на истата страна на пазарот, а тоа се однесува и на продадените куповни и купените продажни опции. Исто така, берзата го определува и максималниот број опции што може еден инвеститор да ги изврши во текот на пет работни дена (извршни ограничувања).John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 176-178.
На берзите се тргува и со опции кои гласат на берзански индекси при што некои опции гласат на општиот берзански индекс (на пример, S&P 100, S&Р 500), додека кај некои опции како темелен инструмент служи некој секторски индекс (на пример, телекомуникации, нафтени претпријатија, транспорт, итн.). Притоа, овие опции можат да бидат од европски или од американски тип: на пример, опциите кои гласат на индексот S&P 100 се американски, додека опциите кои гласат на индексот S&Р 500 се европски. Се разбира, бидејќи берзанските индекси претставуваат пондерирани просеци од многу акции, опциите кои гласат на индекси не се извршуваат, туку само се врши исплата во пари. Тоа значи дека на денот на извршувањето, сопственикот на опцијата ја добива разликата меѓу вредноста на берзанскиот индекс и извршната цена, а исплатата е занована врз вредноста на берзанскиот индекс на крајот на берзанскиот ден кога е даден налогот за извршување на опцијата. Притоа, на маериканските берзи, една опција гласи на 100 долари по вредноста на берзанскиот индекс. На пример, ако извршната цена на опцијата изнесува 635, а вредноста на берзанскиот индекс изнесува 661,6, тогаш на денот на извршувањето, опцијата ќе донесе заработка од 2 660 долари, т.е. (661,6 - 635) х 100. Инаку, покрај опциите со кратки рокови на достасување, на берзата се нудат и долгорочни опции на индекси.John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 275-278.