Лактиње — село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во близина на патот Кичево - Охрид.
Потекло на името Меѓу народот се смета дека селото порано се викало Латини, по Латините кои живееле овде. впрочем името на селото би требало да дошло од старото Лактово
Географија и местоположба
Лактиње — село во Западна Македонија, на источната страна на планината Караорман, сместено во областа Дебрца. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 35 километри северно од Охрид и Струга.
Соседни села на селото Лактиње се: Арбиново од исток, Песочани и Издеглавје од југ, Ржаново и Збажди од запад и југозапад, и Годивје од север.
Историја
мини|Остатоци од изгореното Лактиње во Втората светска војна
Селото Лактиње е стара населба, тоа има свое историско минато и од најстари времиња е населено на истиот простор. Во атарот на селото се пронајдени остатоци од стари уништени населби, како на месноста Градиште од доцната антика, во повеќе усни преданија се изнесува дека на таа месност се наоѓал град под име Повеница, со повеќе негови делови, меѓу кои некои именувани како Сушица. Според некое друго предание селото Лактиње своето име го добило по доселувањето на родот Јоргановци, кои дошле од местото Латини во Лариса (денешна Грција), и по тоа селото го добило името, според преданието тоа било уште за време на Византија.
Постои уште едно предание кое вели: Некогаш во дамнешни времиња во селото се случил пустеш по кој скоро сето население било убиено или избегано, со исклучок на две сестри. Тие се скриле во шумите и седеле таму долго време, а кога им дошло време да се мажат се договориле поголемата сестра да го земе првиот маж што ќе помине, а помалата вториот маж. Така прв дошол некој Вељан и од него се Вељановци, втор дошол некол Топал, крив во ногата, и по него се Топаловци. Тие биле најстари родови во селото.
Како најстари родови во селото се спомуваат, Вељановци, Топаловци, Јоргановци, Булиовци, Балабановци и др. Во 1583 година, по пописот во Охрискиот Санџак, во селото живееле 30 семејства и 4 неженети. За време на борбите за ослободување на Македонија од ова село излегле многу борци, така овде биле родени Смиле Војданов Војнески и Дејан Димитров Мицкоски, кои останале во сеќавање на народот во Дебрца како големи борци за слободата на Македонија.
Во периодот пред и по Илинденското востание во селото постоела лактинска чета, под водство на комитата Алексо Копиљакоски.
Во XIX век, Лактиње се наоѓало во Охридската Каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство.
Лактиње во Балканските војни и во Првата светска војна
Почетокот на Првата балканска војна во Македонија и Лактиње бил дочекан со радост, бидејќи била создадена можност за ослободување од петвековното турско ропство. Затоа сите од Лактиње и Македонија воопштво се впуштиле во борбата на страната на сојузничките сили. Но после балканските војни Македонија била поделена и Лактиње и целата Вардарса Македонија потпаднале под српска окупација. Во српската војска биле испраќани доста жители на Лактиње, кои немале никаква обука и биле испраќани во првите воени редови. Биле испраќани во западна Србија да се борат со Австроунгарија, или на Солунски Фронт. Во Првата балканска војна и во Првата светска војна, во период од шест години, од кои три на страната на Србија и три години на страната на Бугарија.
Лактиње во НОБ
Лактиње како и цела западна Македонија за време на НОБ биле под италијанско-албанска окупација. Па така народот масовно ги помагал партизаните. Во атарот на селото Лактиње на Славеј Планина се основале неколку партизански единици, меѓу кои и батаљонот Мирче Ацев.
На 6 октомври 1943 година, со наредба на Главниот штаб на Втората оперативна зона, во Лактиње се формира команда на место како заедничка власт, со седиште во прво време во село Издеглавје, а потоа во Белчишта, командант бил Танаско Алексиев-Левски од Сливово, а потоа и Божин Костески од Белчишта. На истиот ден во Лактиње бил формиран и Околиски народно ослободителен одбор за теренот на Дебрца. За претседател бил избран Антим Поповски од Слатино.
Во 1944 година бил избран и вториот народнослободителен одбор на Лактиње.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Лактиње имало 480 жители, сите Македонци христијани.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 253. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лактиње имало 560 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 162-163.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лактиње е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 60 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.
Според пописот од 2002 година, во селото Лактиње живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 Србин.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 54 жители, од кои 37 Македонци и 17 лица без податоци.
Родови Лактиње е македонско село.
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.
Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Сливово, во која покрај селото Лактиње, се наоѓале и селата Арбиново, Врбјани, Годивје, Мраморец, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 година, селото Лактиње се наоѓало во некогашната Општина Годивје, во која влегувале селата Врбјани, Годивје и Лактиње.
Избирачко место
Во селото постои избирачкото место бр. 1334 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на здружен дом.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 57 гласачи.
Културни и природни знаменитости
Цркви Црква „Св. Илија“ — главна селска црква, изградена во век
Археолошки наоѓалишта Градиште — опидум (утврдена населба) од доцноантичко време Манастир — населба и црква од средниот век Мега — населба од средниот век
Личности
Дејан Димитров (1873 - 1910) — македонски револуционер Смиле Војданов (1872 - 1958) — македонски револуционер Благоја Лактински (р. 10 март 1942) — македонски поет. Ѓорѓија Најдоски (18 февруари 1942) — македонски поет, раскажувач и романописец. Мито Златаноски (р. 20 октомври 1946) — македонски електо-инженер, редовен професор и продекан на ЕТФ во Скопје Иван Војнески — македонски револуционер од ВМОРО. Роднина на Смиле Војданов Војнески. Петко Ристов Вељаноски — македонски револуционер од ВМОРО. Мијајле Василески — македонски револуционер од ВМОРО. Кузман Крстанов Кузманоски — македонски револуционер од ВМОРО. Стефан Костески — македонски револуционер од ВМОРО. Трпе Танев Доневски — македонски револуционер од ВМОРО. Ристо Тренев Ангелески — македонски револуционер од ВМОРО. Јонче Андреевски — македонски револуционер од ВМОРО. Димо Андрески — македонски револуционер од ВМОРО. Илија Ристов Нически — македонски револуционер од ВМОРО. Ристо Трајчев Савески — македонски револуционер од ВМОРО. Вељан Стојанов Сиљаноски — македонски револуционер од ВМОРО. Божин Стојанов Сиљанов — македонски револуционер од ВМОРО. Миладин Танески — македонски револуционер од ВМОРО. Дуко Цветаноски — македонски револуционер од ВМОРО. Милош Софрониев Цветкоски — македонски револуционер од ВМОРО. Смиле Алексов Иваноски — македонски револуционер од ВМОРО. Никола Илијоски — македонски револуционер од ВМОРО. Здраве Максимов Илиоски — македонски револуционер од ВМОРО. Стојан Максимов Илиоски — македонски револуционер од ВМОРО. Герасим Ристески — македонски револуционер од ВМОРО. Димо Корунов Ристески — македонски револуционер од ВМОРО. Страхилка Алексоска — учесник во НОВ на Македонија Дољанка Василеска — учесник во НОВ на Македонија Кирана Борисова Василоска — учесник во НОВ на Македонија Велјанка Велјановска — учесник во НОВ на Македонија Менка Велјановска — учесник во НОВ на Македонија Сандра Стојанова Гиноска — учесник во НОВ на Македонија Мара Сандрева Ѓурчиноска — учесник во НОВ на Македонија
Иселеништво
Во постаро време од селото се има иселеници на следните места, Илијовци (13 к.) во селото Долно Лакочереј, Камберовци (4 к.) во Ново Село, исто така иселеници има и во Песочани. Неделковци (1 к., слават Св. Ѓорѓија), родот го основал Неделко кој во старината направил беља (затоашто му работел бесплатно на бегот), па пребегнал најпрво во Кладник, а потоа во Требино (Порече), но тој не се задржал долго туку се префрлил во Речани (Челопечко) околу средината на XIX век. Потоа помеѓу двете светски војни доста население е иселено во одредени прилепски села. Потоа до 1948 година иселеници уште имало во Србија (4 семејства), Аргентина (3 семејства), Битола (1 семејство), Австралија (1 семејство), Бугарија (3 семејства), САД (3 семејства) и во Скопје (1 семејство).
До 1978 година од селото се иселиле целосно и следните родови, Дуковци, Пластевци, Петревци, Збашковци, Даневци, Треневци и Богдановци.
Во поново време малобројноста на населението во селото се должи како резултат на масовното иселување пред сè во Австралија и Охрид. А иселеници исто така има и во Скопје, Битола и Белград.
Поврзано Дебрца Општина Дебрца Белчишта
Наводи
Надворешни врски
Сателитска снимка на Лактиње на Карти на Гугл
Категорија:Села во Македонија Категорија:Села во Општина Дебрца Категорија:Охридски села