Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (скратено ИСППИ) е високообразовна институција во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Освен научно-истражувачка, во Институтот се практикува и образовна и издавачка дејност сè со цел да се продолжи традицијата на квалитетно и прогресивно образование.
Краток историјат Пред 45 години, со Одлука на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје е формиран Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања со задача: научно да ги проучува социолошките и политичко-правните појави во земјата, да го поттикнува и организира проучувањето на прашањата од социолошките и политичко-правните науки и од развитокот на општеството; да ги разработува и усовршува истражувачките методи во општествените науки; да работи на усовршување на научните кадри и да подготвува научен подмладок од областа на социолошките и политичко-правните науки; да обезбедува материјални и други услови за студиска и истражувачка работа; да организира разни форми на работа со стручни кадри, заради нивно оспособување за самостојна научна работа; да организира собирање на документација за изведување на практична настава и вежби на наставата на факултетите и општествените науки на Универзитетот во Скопје; да обезбедува настава од сите степени по општествени науки за сите факултети на Универзитетот во Скопје; да организира претставување на проблемите од областа на социиолошките и политичко-правните науки по пат на советувања, дискусии и други погодни форми; да ги обезбедува и непосредно соопштува резултатите од својата научноистражувачка работа; да издава публикации; да развива сестрана научна соработка со соодветните установи, организации и поединци што се занимаваат со проучување на социолошките и политичко-правните науки во земјата и странство (од Одлуката).
Оваа Одлука на Универзитетскиот совет, според тогашната процедура, ја потврди Извршниот совет на Собранието на СРМ на 5.2.1965 г., а Институтот започна со работа на 18 октомври истата година.
Профил
Визија - Во доменот на научно-истражувачката и наставно-научната дејност, Институтот акцентот ќе го става на применетите дисциплини, настојувајќи да ги спои теориските сознанија со нивната непосредна употребливост, како и да држи чекор со достигнувањата во науките што се во доменот на неговиот интерес и со потребите на корисниците;
- Од аспект на критериумите и стандардите според кои се цени академскиот и експертскиот квалитет на куќата во целина и нејзините оргенизациски единици и кадри, Институтот ќе настојува и во нашата средина да бидат имплементирани истите критериуми што важат во глобалната академска заедница, разбирливо, уважувајќи ја потребата од разумен временски период за заживување на планираното;
- Од аспект на организацијата и логистиката на активностите на куќата, Институтот го гледаме како проектно заснована органиација со софистициран менаџмент и силна информатичка поддршка на оперативните работи, организациските процеси и одлучувањето.
Инфраструктура Иако сместен во релативно мал простор, Институтот има солидни работни услови, простории и опрема што во моментот ги задоволуваат потребите, како на вработените, надворешните соработници, така и на студентите.
Раководство Активностите на куќата се централно административно и сметководствено поддржани и се предмет на стандардизирана постапка на евидентирање, архивирање и правна и финансиска обработка. Со потполната информатизација на сите работни процеси (што е во тек на инсталација) и строгото работење согласно утврдените буџетски позиции за планираните активности, ќе се постигне целосна транспарентност на работењето на куќата, за што финансиска потпора делумно обезбедува државата, а не помал дел е предмет на самофинансирање. Покрај централната архива, Институтот има и две специјализирани архиви (проектна и наставна) и централен регистер на остварени контакти и соработка со институции и поединци од земјата и странство. Во врска со последното, за координација на контактите и соработката што Институтот ја остварува во земјата и странство, воспоставена е служба за врски. Сите информации за Институтот во целина, за неговите соработници, за организациските единици и активности,.како и сите релевантни информации за целокупните резултати во научноистражувачката дејност можат да се погледаат на мрежната страница на http://www.isppi.ukim.edu.mk.
Соработка во земјата
Меѓународна соработка
Во својата вкупна дејност, Институтот остварува соработка со повеќе академски, владини и невладини институции и асоцијации од странство. Во таа смисла, Институтот се јавува како реализатор на редица проекти чии нарачатели се Светската банка, UNDP, потоа UNHCR, UNESCO, UNICEF, EU и други.
Покрај проектната соработка со спомнатите институции, Институтот има заеднички проекти со над 30 академски институции со сродна научноистражувачка ориентација и во тие рамки, соработува со бројни универзитети од целиот свет, вклучувајќи и соработка во доменот на реализацијата на постдипломските студии: да споменам само некои од нив: Универзитетот во Питсбург, САД, Универзитетот во Екситер-Велика Британија, Универзитетот Македонија во Солун-Грција, Холандскиот интернационален институт за менаџмент-Мастрихт, Универзитетот во Амстердам и други.
Сликата за меѓународната соработка на куќата секако ќе остане некомплетна ако не се спомене соработката со редица странски фондации и владини агенции на странски држави кои ја овозможуваат проектната активност и студиските престои на кадрите на Институтот - да спменам само некои од нив: Сорос, Инфрмативната агенција на Соединетите држави (USK), Канадската агенција за меѓународен развој, (CIDA) Фондацијата "Фридрих Еберт" и многу други.
Научно-истражувачка дејност
Обуки и курсеви
Летни школи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, со години наназад ја проширува својата образовна дејност, поточно ја зајакнува меѓународната соработка помеѓу учените од Источна и Западна Европа, и за таа цел организира летни школи. Наставната програма на овие школи, наменети за студенти на последипломски студии и млади научни кадри од општествените дисциплини, постојано актуелизира различни општествени аспекти од непосредно значење за Балканскиот регион и земјите во транзиција воопшто.
Летните школи на Институтот традиционално се одржуваат на бреговите на прекрасното Охридско Езеро каде што се наоѓаат и вековните извори на словенската книжевност. Во 2000 година воспоставен е Охридскиот летен универзитет, кој обединува повеќе летни школи во чија организација се јавуваат различни носители.Во оживотворување на идејата за Охридски летен универзитет соработуваат еминентни институции од земјата и странство а во таа смисла посебно би ја истакнале блиската соработка со Институтот „Евро Балкан“, кој е иницијатор на овие активности.
Кусиот осврт на темите на летните школи во чија организација Институтот учествувал или се јавува како непосреден организатор ги бележат следните:
1998 - Балканот помеѓу Исток и Запад
Во рамките на оваа летна школа, вниманието на учесниците беше насочено кон проблемот на претставата што е всушност Балкан, Нациите и национализмот на Балканот; Митологијата и политиката; Рурално општество; Жената во балканското општество;како и проблемите врзани со истражувањето на "Балканот".
1999 - Светлата Страна на Балканот
За разлика од претходната година каде што акцентот беше ставен на приодите во доживување на балканското минато и сегашност, во оваа летна школа акцентот беше ставен на балканската иднина. Обработените теми беа следниве: Корените на заедничкиот балкански идентитет; Основите на сличноста; Регионални проблеми: реални или вештачки?; Рамка за регионална балканска агенда на 21 век.
2000 - Масовните раздвижувања на луѓето
Летната школа во состав на новопромовираниот Летен охридски Универзитет, тематски осмислена од страна на Центарот за бегалци и присилна миграција при Институтот, ова летно школо ги актуализираше проблемите врзани за феноменот на: национализмот и етницитетот во објаснувањето на раселувањето на луѓето на Балканот, како и проблемот на присилното раздвижување луѓе како предизвик за националната безбедност на балканските држави
2001 - Управувајки со јавната администрација во транзиција.
Оваа летна школа ги сумира теоретските сознанија од значење за градење на високо професионална, делотворна и ефикасна јавна администрација и воедно ги става во контекст на проблемите со кои се соочуваат земјите во транзиција во доменот на реформата на јавните служби. Поаѓајќи од тоа, нагласено внимание е посветено на приодите на јавната администрација во професионалната поддршка присоздавањето и спроведувањето на конкретната политика, потоа на претпоставките за градење и унапредување на квалитетот и одговорноста во вршење на власта и, секако, кон проблемите при задоволувањето на потребите и барањата на обичниот граѓанин.
Експертски услуги Потпирајќи се на професионалниот капацитет на Институтот, како и на неговиот рејтинг во земјата и на меѓународната сцена, до него или до неговите експерти се обраќаат и го ангажираат за вршење експертски услуги владини институции и граѓански и меѓународни организации. Дел од корисниците на овие услуги се Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за државни службеници, Агенцијата за приватизација, Агенцијата за информации, Советот за радиодифузија, Европската Унија,Светската банка, агенциите на Обединетите нации и др.
Научни и стручни собири Институтот организира мноштво научни и стручни собири, академски дебати и тркалезни маси на кои учествуваат еминентни експерти од земјата и странство. Само како илустрација, притоа не доведувајки ја во прашање академската вредност на оние што овде нема да бидат спомнати поименично, ги издвојуваме: Првиот и вториот македонски - американски менаџмент форум (1991/92), во соорганизација со Универзитетот од Небраска, САД и Стопанската комора на Македонија; Меѓународната конференција „Егзодус во рамките на границите: глобална криза на внатрешната раселеност“ (2001), во соорганизација со The Brookings Institution од Вашингтон, Д.К., САД, а со финансиска поддршка од УНЦХР.
Истражувања и проекти Со оглед на фактот дека Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања е институција чие работење е тесно поврзано и со интересите и потребите на пошироката општествено-политичка јавност во Република Македонија, Институтот спроведува научноистражувачки проекти преку кои и ги реализира своите планови и програми за работа. Најголемиот дел од научноистражувачките резултати се објавени во посебни монографски публикации, зборници и во Годишникот на Институтот. Преглед на дел од проектите од 1987 г. досега може да се најде на http://www.isppi.ukim.edu.mk/dejnost.html .
Едукација Образовната дејност во Институтот е присутна уште од 1967 година. Денес во Институтот се изведуваат специјалистички, постдипломски и докторски студии во доменот на: Политички науки; Социологија/менаџмент на општествени промени; Менаџмент/менаџмент на човекови ресурси; и Комуникации.Прегледот на магистерските, специјалистичките и докторските трудови може да се најде на мрежната страница на Институтот.
Постдипломски студии Покрај својата основна дејност - научноистражувачка работа Институтот повеќе од три децении организира и постдипломски студии од повеќе научни дисциплини. Денес Институтот организира постдипломски студии од следниве научни дисциплини: Политички науки Социологија Менаџмент на човекови ресурси Комуникации Наставата на постдипломските студии ја изведуваат искусни и реномирани научни работници и наставници од Македонија и од странство.