За преродбениците, видете Браќа Миладиновци.
Миладиновци (старо име: Аџилари) — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.
Географија и местоположба
Миладиновци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина, на околу 10 километри оддалечност од општинското средиште Илинден, и на околу 20 километри оддалеченост од градот Скопје.Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195 Селото е сместено на крајниот источен раб на Скопското Поле, на преодот кон ридските предели кон долината на Пчиња. Поточно, селото Миладиновци лежи на дното на широката долина на аголот помеѓу источниот и североисточниот раб на Скопското Поле.Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137 Односно, селото Миладиновци е сместено на отворот од широката долина која се спушта од масивот на Скопска Црна Гора, а во која се сместени селата Бучинци, Мршевци и Бујковци, поточно на нејзиниот отвор во пространата рамина на Скопското Поле. Селото се наоѓа веднаш од левата страна на автопатот „Пријателство“ и од десната на железничката пруга кон Куманово и Белград. Миладиновци е рамничарско село, расположено на надморска височина од 265 метри. Атарот на селото зафаќа површина од 14,6 км2, од кои обработливото земјиште зафаќа површина од 700 хектари, а пасиштата 625 хектари. На атарот на Миладиновци речиси и воопшто нема шуми, кои покрај од стопански се значајни и од еколошки аспект во однос на загадувањето на воздухот од издувните гасови кои се испуштаат од рафинеријата за нафта „ОКТА“. Поради тоа, првата акција за пошумување „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ на 12 март 2008 е одржана во Миладиновци, кога на ридовите источно од селото на површина од 74 хектари биле засадени 200.000 зимзелени садници од борови и елови дрвца.„Во Миладиновци се бараше дрвце повеќе“. Утрински Весник, бр.2365, 12.03.2008 Миладиновци е село од збиен тип, издолжено од североисток кон југозапад под влијание на правецот на протегање на долината во која е сместено. Геостратегиска важност на местоположбата Селото се наоѓа на најповолната и стратешки најзначајната географска местоположба во Македонија, па и пошироко во регионален меѓународен контекст. Имено самото село се наоѓа на местото каде што се вкрстуваат двата меѓународни пан-европски сообраќајни коридори 10 (север-југ) и 8 (исток-запад), а воедно претставува и крстосница во правец на Овче Поле и Источна Македонија поради што во 2014 година е започната изградбата на нов модерен автопат на делницата Миладиновци - Штип, со кој за време од половина час сообраќајно ќе се поврзуваат главнот град Скопје со Штип и пошироката област на Источна Македонија„Започна изградбата на автопатот Миладиновци - Штип“ - Фактор. Со тоа Миладиновци ќе претставува средишна (централна или гравитациска) точка за патниот сообраќај во Македонија, како крстосница во сите четири правци исток, запад, север и југ. Непосредно веднаш до самото село Миладиновци (на околу 500 метри) се наоѓа и Аеродромот „Александар Велики“. Во селото Миладиновци е сместена и истоимената железничка станица на меѓународната железничка пруга Скопје - Куманово - Белград (а во иднина и Софија), која уште во отоманско време била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и СолунПетров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511, а денес поради непосредната близина на рафинеријата „ОКТА“ железничката станица е најзначајна и најголема товарна станица за нафта, нафтени деривати и горива во Македонија. Во однос на снабдувањето со нафта на блиската рафинерија, во близина на Миладиновци минува и нафтоводот од Солунското пристаниште. Исто така, огромната геостратешка значајност на местоположбата на Миладиновци се потврдува со фактот што тука се наоѓа и предвидената траса на пловниот канал кој ќе ги поврзува долините на реките Вардар и Морава како дел од големиот пловен канал Дунав - Морава - Вардар - Солун, со што со бродски сообраќај би постоела можна поврзаност на Егејското и Средоземното Море со Северното Море и Атлантскиот Океан. Ваквата извонредно значајна географска местоположба како точка на спојување и вкрстување на патниот, воздушниот, железничкиот и потенцијално водниот сообраќај го прави Миладиновци најзначајно сообраќајно средиште или според научната терминологија на геополитиката и геостратегијата - „гравитациски центар на Македонија“. Ваквата извонредно значајна местоположба како центар на сообраќајната гравитација (според концептот на Клаузевиц) и непосредната близина на стратешки значајни објекти како најголемиот аеродром, рафинеријата за нафта, најголемата индустриска зона го прави Миладиновци и стратешки важно и едно од најзначајните места од воено-безбедносен аспект во Македонија.
Историја
Денешното село Миладиновци е формирана кон крајот на XVIII век. Според едно предание селото го основале доселеници од прилепското село Мажучиште, кои тука се населиле за да се засолнат од потерата која ги барала поради убиство на некои арачлии. Дел од преданието вели дека овие доселеници уште во стариот крај во Прилепско имале проблеми со турските власти поради нивната поврзаност и помагање на македонските ајдутските чети. Друга малку повидоизменета верзија вели дека селото го основале („туриле колец“) турскиот род Алиловци (од „Оросан во Арабистан“Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139), а веднаш по нив на имотот на чифликот на Ракип-бег се доселиле предците на македонскиот род Трајанковци, кои пребегнале од Прилепско откако таму двајцата браќа близнаци Трајан и Трајко убиле некој човек (Турчин - даночник т.е. „арачлија“) при што тука дошол Трајан, а Трајко заминал на Овче ПолеТрифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-139. Кон крајот на XVIII век најплодната земја на селскиот атар припаѓала на познатиот силен Ракип-бег, а на нивната земја до пред крајот на турското владеење биле основани уште 3 чифлици на кои работеле само македонските христијански жители, додека постојано населените муслимански семејства имале своја земјаТрифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138. Уште за време на отоманското владеење жителите Македонци од селото се одликувале со голем слободљубив, револуционерен и македонски непокорлив родољубив дух, поради што селото дало повеќе познати борци за слободата на Македонија, меѓу кои и двајца познати скопски војводи. Во 1880 во селото се родил Васил Аџаларски познатиот скопски и кумановски војвода на ВМОРО, а две години подоцна во 1882 во истото село се родил неговиот братучед Трифун Аџаларски исто така самостоен војвода во Скопско и Кичевско, кои своите прекари ги земале од тогашното име на селото кое било Аџалари.
Во век, селото било дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската Каза во Отоманското Царство.
Кон крајот на XIX век во 1896 година во записите во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, за селото Миладиновци, тогашно Аџарлари, запишал дека тоа било основано од некој ага пред околу 250 години и дека во неговата непосредна близина во месноста Оџино Трло се случил бојот меѓу Френк-Омер-паша кој бил испратен во Скопско да го потчини одметнатиот Хамзи-паша, и селото било дел од Скопската Каза, во Отоманското Царство. Понатаму за селото Ѓорче Петров запишал дека само 5-6 куќи му биле независни, додека сите останати биле чифлици, а поради неговата значајност во него било планирано да биде отворен пазар за околните села од Блатото (Блатија).
Во времето на заминувањето на отоманската власт во 1912 година, селото било затечено со околу 50 куќи од кои 30 муслимнски (турски и албански) и 20 христијански - македонски. Од чифчиството жителите на селото се ослободиле околу 1921 година кога најголемиот дел добиле земја преку т.н. српска аграрна реформа, додека помал дел ја откупиле земјата од муслиманските сопственици. По Втората светска војна околу 80 хектари обработливо земјиште од атарот биле заземени од аеродромот, а околу 150 хектари преземало државното земјоделско стопанство „Скопско Поле“.
Како што е понапред споменато, Миладиновци е сместено на самиот крај на пространата суводолица, по која според народно предание некогаш течела рекичката од селото Никуштак на кумановската страна од гребенот на Скопска Црна Гора. На почетокот на XIX век по смртта на споменатиот Ракип-бег, кумановските бегови се засилиле и ископале вештачко корито на споменатата речица која на тој начин истекува во Куманово.
Источно од селото на два одвоени рида се наоѓа селската црква „Св. Илија“ со селските гробишта која започнала да се гради во 1930, а била изградена во 1945 година. Пред тоа на тоа место постоела постара градба на храм, која била запалена од германската војска во 1915 година. Оваа стара црква била изградена на местото на еден голем камен крст, за кој било верувано дека го штити селото од град.
Потекло и значење на името Од своето основање до денес селото носело повеќе различни имиња. Во времето кога се основало и во текот на отоманското владеење по некој Турчин кој бил аџија селото било наречено и се викало Аџалари. Во различни извори селото познато и под неколку различни облици на ова име како Хаџалари, Аџилари, Аџаларе. Ова име останало во секојдневна употреба од жителите на селото сè до првите години по завршувањето на Втората светска војна, а денес е речиси сосема заборавено и непознато како од најголемиот дел на жителите така и од мнозинството граѓани на регионот и државата. По заминувањето на отоманската власт и во периодот меѓу двете светси војни, новата окупаторска српска (подоцна кралскојугословенска) власт го променила името на селото во АлександровоТрифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-138 во чест на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна, бугарската окупаторска власт името на селото го преименувала во Василево, во чест на Васил Аџаларски или на бугарскиот револуционер Васил Левски. На самиот крај на Втората светска војна со ослободувањето на Македонија, селото го добило денешното име Миладиновци во чест на двајцата големи и значајни македонски преродбеници браќата Миладиновци. Денес, сите жители на селото единствено го знаат и употребуваат само името Миладиновци. Истото е случај и со целата македонска јавност која во службената, административна, научна и секојдневна употреба за именување на селото го користи и познава само името Миладиновци.
Стопанство