Еколошка економија (зелена економија) — прекудисциплинарно поле на академско истражување чија цел е решавање на меѓузависноста и коеволуцијата на човечката економија и природниот екосистем низ времето и просторот. Се разликува од економијата на животна средина, што е стандардна економска анализа за животната средина, со неговото третирање на економијата како подсистем на екосистемот и неговото нагласување за одржување на природниот капитал. Едно истражување спроведено од германски економисти покажало дека еколошката и економијата на животна средина се две различни школи на економската мисла, каде еколошката економија ја нагласува „силната“ одржливост и го одбива предлогот дека природниот капитал може да се замени со капитал создаден од човекот.

Еколошката економија била основана во делата на Кенет Е. Болдинг, Николас Георгеску-Реген, Херман Дали, Роберт Костанца и други. Сличната област на зелената економија е претежно пополитичка применета форма на темата.

Во согласност со еколошкиот економист Малт Фабер, еколошката економија е дефинирана според нејзиниот фокус кон природата, правдата и времето. Проблемите за меѓугенерациската праведност, неповратноста на промените на животната средина, несигурноста од долгорочните исходи, и одржливиот развој се начелата според кои се прават анализите и вреднувањата на еколошката економија. Еколошките економисти ги доведоа во прашање основните стандардни економски пристапи како што се анализата на трошок и корист (cost-benefit analysis), и одделувањето на економските вредности од научното истражување, тврдејќи дека економијата е во поголем степен нормативна отколку позитивна (емпириска). Позиционите анализи кои целат кон вклучување на прашањата за време и правда се предложени како алтернативни.

Еколошката економија го вклучува изучувањњето на метаболизмот на општеството, што е изучување на протокот на енергија и средства кои влегуваат и излегуваат од економскиот систем. Оваа подобласт може да се однесува и како биофизичка економија, биоекономија, и има поврзаност со применета наука на индустриската симбиоза. Еколошката економија се заснова врз концептуален модел на економијата кој е поврзан со, и е одржан со, проток на енергија, средства и услуги на екосистемот. Аналитичари од различни дисциплини воделе истражување за односот економија-животна средина, со интерес за протокот и одржливоста на енергијата и средствата, квалитетот на животната средина, и економскиот развој.

Природа и екологија

Во еколошката економија, едноставниот дијаграм на кружниот тек на приходот е заменет со покомплексен дијаграм кој го рефлектира инпутот на сончева енергија, што ги одржува природниот инпут и услугите на животната средина кои потоа се употребени како единици за производство. Штом ќе се конзумираат, природните инпути излегуваат од економијата како загадување и отпадок. Потенцијалот на една животна средина да обезбеди услуги и средства се нарекува „изворна функција на животната средина“, и оваа функција се осиромашува кога ресурсите се трошат или се загадуваат. „Функцијата за апсорпција“ ја опишува способноста на животната средина да ги апсорбира и намали штетните отпадоци и загадувањето: кога излезниот отпадок ја надминува границата на функцијата за апсорпција, се појавуваат долгорочни штети. Некои постојани загадувачи, како што се некои органски загадувачи и јадрениот отпадок, многу полека се апсорбирани или воопшто и не се; еколошките економисти го нагласувааат намалувањето на „ кумулативните загадувачи“. Загадувачите штетат на човековото здравје и состојбата на климата.

Економската вредност на природниот капитал и услугите на екосистемот е прифатена од стандардната економија на животната средина, но кај еколошката економија е нагласена како многу значајна. Еколошките економисти може да почнат со проценување како да ја одржат животната средина стабилна пред да го оценат трошокот во долари. Еколошкиот економист Роберт Костанца во 1997 водел пробно вреднување на глобалните екосистеми. Најпрво статијата била објавена во Nature и притоа вредноста изнесувала околу 33 трилиони долари. Пола од вредноста била наменета за кружниот тек на хранливите состојки. Отворените океани, континенталните прагови и естуарите имале највисока вкупна вредност, а највисоката вредност по хектар припаднала на естуари,мочуришта/заливи, површини со морски треви/алги. Подвигот бил критикуван во статиите во „Еколошка Економија“ Том 25, прво издание, но критиките го признале позитивниот потенцијал за економска валоразиција на глобалниот екосистем.

Максималниот капацитет кој може да го има Земјата е главен предмет во еколошката економија. Првите економисти како Томас Малтус укажале на конечниот максимален капацитет на Земјата кој исто така бил главен предмет на МИТ (MIT) истражувањето „Граници на раст“ (Limits to growth). Опаѓачкиот маргинален производ предвидува дека зголемувањето на продуктивноста ќе се забави ако не се спроведе голем технолошки прогрес. Производството на храна може да стане проблем, во случај на ерозија, претстојна криза за вода, и соленост на почвата (од наводнување) кои ќе доведат до намалување на продуктивноста на производството на земјоделски производи. Еколошките економисти тврдат дека индустриското земјоделство, кое ги зголемува овие проблеми, не е одржливо земјоделство и тежнеат кон органско производство, кое притоа би го намалило производството на јаглерод.

Се верува дека глобалните диви рибници го достигнале својот врв и почнале да се намалуваат, дури и оние во поволни средини, како естуарите, коишто сега се наоѓаат во критични услови. Аквакултурата или одгледувањето на риби кои се хранат со други риби, како лосос, не помага во разрешување на проблемот бидејќи треба да се нахранат со други риби. Истражувањата покажале дека одгледувањето на лосос има огромно негативно влијание врз дивиот лосос, како и врз рибите кои се користат како мамка и служат за нивна прехрана.

Бидејќи животните котираат највисоко на трофично ниво, тие се најнеефикасен извор на хранлива енергија. Намаленото конзумирање на месо ќе ја намали и побарувачката за храна, но со развојот на нациите, има тенденција тие да применат режим на исхрана која го вметнува месото во голем процент , сличен на оној од САД. Генетски изменетата храна – конвенционалното решение на проблемот, предизвикува многу проблеми - Бт (Bt) пченката произведува нејзини сопствени Bacillus thuringiensis, но отпорноста на штетници е само прашање на време. Севкупниот ефект од ГМХ (GMF) врз приносите е спорен, поради фактот што УСДА (USDA) и ФАО (FAO) тврделе дека не мора да значи дека ГМХ има високи приноси, па дури било можно да има и намалени приноси.

Глобалното затоплување е широко признат како голем проблем, со изразување на согласност на сите национални научни академии за важноста на овој проблем. Со зголемување на популацијата и со зголемување на побарувачката на енергија, светот се соочува со енергетска криза. Некои економисти и научници предвидуваат глобална еколошка криза, ако употребата на енергија не се контролира - извештајот на Николас Стерн уште познат и како Стерновиот извештај е пример. Несогласувањето предизвикало остра дебата за проблемот на дисконтирањето и меѓугенерациската праведност.

Етика

Стандардната економија се обидувала да стане објективна „егзактна наука“, но еколошките економисти тврдат дека во суштина објективната економија е нереална. Еколошката економија претпочита да земе предвид алтернативни концепти на корист, ефикасност, трошок-придобивка како што е положбена анализа или анализа со повеќе критериуми. Еколошката економија вообичаено се смета како економија за оддржлив развој и може да има цели слични на зелената политика.

Школи на мисла

Во оваа област постојат различни конкурентски школи на мислата. Некои се однесуваат повеќе на ресурсите и економијата на животната средина, додека другите се различни во начинот на изучување. Како пример за последното е „Европската организација за еколошка економија“. Како пример за претходното е шведскиот Меѓународен институ за еколошка економија Бејер.

Разлики од стандарните школи

Кај еколошката економија, природениот капитал е додаден на вообичаената анализа на капиталните средства на земјиште, работна сила и финансиски капитал. Еколошката економија користи алатки од математичката економија, но може да ги примени непосредно врз природата. Додека стандарните економисти тежнеат да бидат технолошки оптимисти, еколошките економисти тежнеат да бидат технолошки песимисти. Тие сметаат дека природниот свет има ограничен максимален капацитет и дека неговите извори може да пресушат. Бидејќи уништувањето на значајните животни ресурси може да биде неповратно и катастрофално, еколошките економисти ги оправдуваат предупредувачките мерки, засновани на принципите за заштита.

Најубедливиот пример за тоа како различни теории ги објаснуваат сличните средства е трофичниот екосистем во дождовните шуми, како што е Јасуни регионот на Еквадор. Додека оваа област има значајно ниво на битумен, исто така е еден од најразличните екосистеми на Земјата и според некои проценки има над 200 неоткриени медицински супстанции во неговите геноми - од кои повеќето ќе бидат уништени со сечење на шумата или со минирање на битуменот. Најверојатно, инструкцискиот капитал на геномите е потценет со анализите кои превенствено ги прикажуваат дождовните шуми како извор на дрво, нафта/катран, и можеби храна. Зголемувањето на јаглеродните кредити со оставање на екстремно богатиот битумен со јаглерод („валкан“) во земјата, е исто така вреднувано - Владата на Еквадор формирала цена од $350M, за закуп на нафта со цел да се продаде на некој кој се обврзува дека никогаш нема да го експлоатира до крај, наместо тоа ќе помогне во зачувување на дождовните шуми.

Историја и развој

Најраниот интерес за екологијата и економијата датира во 1960-тите години со делото на Кенет Булдинг и Херман Дали, но првите состаноци се оддржале во 1980-тите. Сè почнало со Симпозиумот во Шведска во 1982 на кој учествувале луѓе кои подоцна ќе бидат водачи во оваа област: Роберт Костанца, Херман Дели, Чарлс Хол, Ен-Мари Јансон, Брус Ханон, Х.Т. Одум и Дејвид Пиментел. Повеќето од нив биле екологисти во екосистемите или економисти за животна средина, со исклучок на Дели. Во 1987 Дели и Костанца, биле уредници на изданието „Еколошко моделирање за тестирање на водите“. Книгата насловена „Еколошка економија“, од Хуан Мартинес-Алиер, била издадена подоцна истата година. Во 1989 г. била основана Интернационалната организација за еколошка економија, како и издавање на нивен весник, „Еколошка Економија“, од страна на Елсевиер. Роберт Констанца бил првиот претседател на организацијата и првиот уредник на весникот, чиј уредник моментално е Ричард Хоуарт.

Од европските концептуални основачи може да се вклучат Николас Георгеску-Реген (1971), К. Вилијам Кап (1950) и Карл Полањи (Karl Polanyi) (1944). Некои од клучните концепти за тоа што претставува денешната еколошка економија, се евидентирани во прибелешките на Е.Ф.Шумахер (E.F. Schumacher), чија книга „Малото е убаво: Истражување за економијата небаре ги засега луѓето“ (1973), беше издадена само неколку години пред првата сеопфатна едиција „Стабилна состојба на економијата“ од Херман Дали (1977). Други податоци ги вклучуваат екологистите Ц.С.Холинг (C.S. Holling), Х.Т. Одум (H.T. Odum) и Роберт Костанца, биологот Гречен Дејли (Gretchen Daily) и физичарот Роберт Аирес (Robert Ayres). CUNY професорот по географија Дејвид Харви (David Harvey) експлицитно изразил загриженост за еколошката состојба на политичката економска литература. Овој паралелен развој во политичката економија е продолжен од аналитичари како што е социологот Џон Белами Фостер (John Bellamy Foster).