Двајт Еверсли Јорк (роден на 3 ноември 1971 година, во Канаан) — тринидадски фудбалски тренер и поранешен фудбалер, напаѓач.
Речиси целата своја кариера ја поминал играјќи за клубови од Премиер лигата на Англија како Астон Вила, Манчестер Јунајтед, Блекбурн Роверс, Бирмингем Сити и Сандерленд, а една сезона поминал и во Австралија каде играл за ФК Сиднеј. Најуспешните години ги поминал играјќи во дресот на Манчестер Јунајтед, каде оформил впечатливо партнерство во нападот со Енди Кол, освојувајќи бројни трофеи: три титули во Премиер лигата (1998–1999, 1999–2000 и 2000–2001), еден ФА Куп (1998-1999), Лигата на шампионите (1998-1999) и Интерконтиненталниот куп (1999). Јорк постигнал 123 гола во Премиер лигата, рекорд за еден не-европски играч во лигата, кој бил соборен од Серхио Агуеро во 2017 година.
За репрезентацијата на Тринидад и Тобаго, Јорк настапил во 72 натпревари и постигнал 19 гола, во периодот 1989-2009 година. Тој ѝ помогнал на репрезентацијата да стигне до полуфиналето на КОНКАКАФ Голд купот 2000, а подоцна и да се квалификува за Светско првенство за прв пат во нејзината историја, претставувајќи ја својата земја за време на „Мундијалот 2006“ во Германија.
По завршувањето на играчката кариера, тој започнал да работи како тренер, најпрво како асистент на својот поранешен репрезентативен колега и пријател, Расел Латапи, во репрезентацијата на Тринидад и Тобаго. По кратко искуство во Австралија (2022-2023), каде ја водел екипата на Макартур, во 2024 година, тој бил назначен за селектор на репрезентацијата на својата земја.
Биографија Јорк е роден во Канаан на островот Тобаго, како едно од осумте деца на Грејс Алберта и Фултон Јорк.
Јорк стекнал репутација во британскиот печат како сериски „женкар“, излегувајќи со многу гламурозни модели. Меѓу нив и Кејти Прајс, со која има син по име Харви, кој е слеп и има аутизам. Во едно интервју од 2009 година, Јорк признал дека и бил неверен на Прајс за време на нивната врска, а потоа и дека немал никаква улога во воспитувањето на нивниот син. Тој не побарал татковство, и покрај тестот за татковство што докажува дека тој е татко на Харви. Тој не платил никаква финансиска сума за грижата и третманот на Харви, ниту го посетил ниту контактирал својот син.
Стадионот „Двајт Јорк“ во Баколет, Тобаго конструиран за потребите на Светското првенство за играчи под 17 години во 2001 година, бил именуван во негова чест.
Покрај фудбалот, тој е обожавател на крикет. Еден од неговите најблиски пријатели му е крикетарот и сонародник, Брајан Лара. Во 1999 година, за време на Светското првенство во крикет, Јорк редовно доаѓал носејќи пијалаци за крикет тимот Вест Индис. Постариот брат на Јорк, Клинт Јорк, е поранешен крикетар, кој го претставувал Тринидад и Тобаго на отворањето како батсмен.
Јорк се појавил во една епизода на ТВ шоуто Најголемиот губитник во Австралија. Во епизодата бил вклучен Јорк како тренер на „црвениот тим“ на учесниците, кои се натпреварувале во фудбал против „синиот тим“. Марк Рудан, соиграч на Јорк во Сиднеј, бил пак тренер на „синиот тим“.
Во 2009 година, тој ја објавил својата автобиографија под наслов „Роден за голови“.
За време на својата кариера, тој се здобил со прекарот „Насмеаниот убиец“, поради неговите способности за постигнување голови и неговата постојана насмевка.
Технички карактеристики Разноврсен напаѓач, деснак, кој можел да игра на повеќе позиции, како главен напаѓач, втор напаѓач, крило, офанзивен играч од средниот ред, а во подоцнежните години од кариерата и како класичен внатрешен играч за врска. Меѓу неговите најголеми квалитети се вбројуваат интелегинцијата и движењата. Покрај тоа, Јорк се смета за еден од најдобрите голгетери во англискиот фудбал во текот на доцните 90-ти години, демонстрирајќи максимална смиреност пред противничкиот гол и големо чувство за тресење на противничките мрежи. Секогаш претпочитајќи позиционирање пред силата, освен головите го красела и одлична техника со топката, визија, брзина и несебичност, што го правело подобен за играње во различни видови на системи. Неговото партнерство во нападот со Енди Кол, останало запаметено како еден од највпечатлвите напаѓачки тандеми во историјата на Манчестер Јунајтед.
Клупска кариера Астон Вила Греам Тејлор, менаџерот на Астон Вила во тоа време, прв го открил Јорк за време на турнеја со Вест Индис во 1989 година. Јорк се појавил во игра во пријателскиот натпревар против Астон Вила, а Тејлор бил толку импресиониран од Јорк што му понудил да дојде на проби во клубот. Последователно, Јорк добил постојан договор и играл за резервниот и младинскиот тим на Вила во поголемиот дел од сезоната 1989-1990, правејќи го своето деби за првиот тим во натпреварот од Првата дивизија Астон Вила - Кристал Палас (0-1) на 24 март 1990 година.
Во следната сезона, Јорк бил користен почесто играјќи главно на позицијата десно крило, иако во поголемиот дел од натпреварите влегувал од клупата за резерви. На 2 февруари 1991 година, тој го постигнал својот прв гол во дресот на Астон Вила во победа со 3-2 на домашен терен над во Првата дивизија. Околу три месеци подоцна, повторно влегувајќи од клупата за резерви на полувремето, Јорк со својот втор гол за сезоната го решил натпреварот на домашен терен против завршен во корист на Вила со 2-1, во претпоследното коло од првенството. Јорк ја завршил сезоната со 18 настапи и 2 гола во првенството и имал уште три настапи во домашните купови.
Во сезоната 1991-1992, Јорк ги претворил влегувањата од клупата во се почести стартови во почетната постава и имал успешна сезона на личен план постигнувајќи 11 гола во првенството и уште 5 во ФА купот. На 5 февруари 1992 година, тој го постигнал својот прв хет-трик во кариерата во победата на Астон Вила со 4-3 на гостувањето кај Дарби Каунти во четвртата рунда на ФА купот. Во следната сезона, 1992-1993, Првата дивизија била заменета со новоформираната Премиер лига на Англија, во чије дебитантско издание Јорк постигнал 6 гола на 27 натпревари, првиот од нив на 5 септември 1992 во победата со 3-0 на домашен терен над Кристал Палас.
Следните две сезони Јорк играл во променлива форма: во сезоната 1993-1994, тој одиграл само 12 првенствени натпревари постигнувајќи два гола. И двата гола на Јорк дошле на 7 мај 1994, во победата со 2-1 на домашен терен над , со што станал и последниот играч на Астон Вила кој постигнал гол на Холти Енд пред реновирањето на таа трибина од стадионот Вила Парк. Во следната сезона, менаџерот Брајан Литл, почнал повремено да го користи Јорк како напаѓач, пред конечно трајно да биде преместен на таа позиција во следната сезона, докажувајќи се во следните години како еден од најдобрите напаѓачи во историјата на Премиер лигата.
Во сезоната 1995-1996, Јорк постигнал 17 гола во Премиер лигата помагајќи му на клубот да заврши на четвртото место. Тој, исто така, бил составен дел од тимот на Вила, кој стигнал до финалето на Лига купот во 1996. Во финалето, Астон Вила го совладала Лидс Јунајтед со 3-0, со еден од головите постигнат од Јорк. Успехот, на напаѓачот од Тринидад и Тобаго му ја донел и првата титула освоена во неговата кариера. Во сезоната 1996-1997, Јорк ги повторил бројките од претходната сезона постигнувајќи повторно 17 гола во Премиер лигата. На 30 септември 1996, тој постигнал хет-трик во натпреварот од првенството против Њукасл Јунајтед, загубен со резултат 4-3. Њукасл водел со 3-1 на полувремето, по што Астон Вила останала со десет играчи, откако Марк Дрејпер добил црвен картон на крајот на првото полувреме. Јорк покажал силен карактер водејќи го тимот кон храбар против удар, постигнувајќи уште два гола во второто полувреме за да го комплетира својот хет-трик. На крајот, Јорк помислил дека постигнал израмнувачки погодок за 4-4, пред славјето да му биде спречено поради досуден офсајд. Одличните настапи на Јорк го привлекле вниманието на Манчестер Јунајтед во август 1998 година, каде тој и ќе ја продолжи својата кариера. Вкупно за Астон Вила, Јорк одиграл 231 натпревар, постигнувајќи 97 голови.
Околностите за неговото заминување од Астон Вила биле контроверзни. Џон Грегори, тогашниот менаџер на Астон Вила, нагласил дека не се подготвени да го пуштат Јорк во Манчестер Јунајтед, освен ако за замена не го добијат Енди Кол, напаѓачот на Манчестер Јунајтед. Тогаш, Јорк му пришол на Грегори, отворено кажувајќи му дека сака да го напушти клубот, по што Грегори кажал дека да имал пиштол во канцеларијата би пукал во Јорк во тој момент. Астон Вила немала друг избор освен да го продаде фудбалерот на Манчестер Јунајтед за 12,6 милиони фунти во август 1998 година. Без разлика на неговите девет години поминати во Астон Вила, однесувањето на Јорк по заминувањето клубот не им се допаднало на некои од навивачи на клубот, кој исто така му замериле и тоа што подоцна играл за Бирмингем Сити.
Манчестер Јунајтед На 19 август 1998 година, Јорк официјално бил претставен како нов фудбалер на Манчестер Јунајтед, носејќи го дресот со број 19. Своето деби за клубот го направил на три дена подоцна, започнувајќи како стартер и играјќи го целиот натпревар на гостувањето кај завршен без голови (0-0). На 8 септември, Јорк ги постигнал својте први голови во дресот на Манчестер Јунајтед, погодувајќи ја два пати мрежата на Чарлтон Атлетик во првенствената победа со 4-1. На 16 септември, тој дебитирал во Лигата на шампионите, забележувајќи асистенција за голот на Пол Сколс, во натпреварот на домашен терен против Барселона што завршил без победник 3-3. Јорк брзо се наметнал во тимот предводен од Сер Алекс Фергусон, формирајќи легендарно партнерство во нападот со колегата Енди Кол. На 30 септември, Јорк го постигнал својот прв гол во кариерата во Лигата на шампионите, во ремито 2-2 на гостувањето во Минхен против Бајерн. Во јануари 1999, тој влегол во топ-форма постигнувајќи голови во пет последователни натпревари од Премиер лигата, вклучително и хет-трик во победата со 6-2 на гостувањето кај Лестер Сити. На 3 март, Јорк ги постигнал двата гола за својот тим во успехот со 2-0 на домашен терен над во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Една недела подоцна, тој постигнал два гола во победата со 2-0 на гостувањето кај во преиграниот натпревар од четвртфиналето на ФА купот. Својата прва сезона со Манчестер Јунајтед, која завршила славно со освојување на тројната круна (Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите), Јорк ја завршил со 29 постигнати гола. Тој бил најдобар стрелец во Премиер лигата со 18 гола (изедначен со Мајкл Овен и Џими Флојд Хаселбајнк) и најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 8 гола (изедначен со Андриј Шевченко). Исто така, Јорк ја понел награда за Играч на сезоната во Премиер лигата.
Во сезоната 1999-2000, Јорк продолжил таму каде што застанал во претходната, постигнувајќи четири гола во првите три првенствени натпревари, а исто така го постигнал голот за Манчестер Јунајтед во поразот со 2-1 од Арсенал во натпреварот за ФА Черити Шилд. Првиот гол во Лигата на шампионите за сезоната, Јорк го постигнал на 22 септември 1999 година, во победата со 3-0 во Австрија над Штурм Грац. На 11 март 2000, Јорк постигнал хет-трик (неговиот втор во дресот на Манчестер Јунајтед), во победата со 3-1 на домашен терен над Дарби Каунти во првенството. Со 20 постигнати гола во првенството, Јорк бил најдобар стрелец на Манчестер Јунајтед, помагајќи му на клубот да ја одбрани титулата.