Оваа статија се однесува за азотското село Ореше, за селото во Пиринска Македонија, видете ја статијата Ореше (Пиринско)
Ореше — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Селото заедно со соседното Папрадиште претставуваат мијачки колонии во областа Азот.
Географија и местоположба
мини|300п|лево|Поглед на селото
Ореше се наоѓа во областа Азот, во западниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Бабуна. Селото е планинско, на надморска височина од 760 метри.
До селото води асфалтен пат, кој се двои од локалниот асфалтен пат за соседното село Нежилово, а кој започнува од регионалниот пат 2336.
Ова големо планинско село лежи во долината на Орешка Река, која е десна притока на Бабуна. Во долината на споменатата река, селото е отворено само кон исток. Од останатите страни се издигнуваат стрмните падини на планината Даутица, која ја одвојува областа Азот и долината на Бабуна од соседната област Порече. Најблиски села на Ореше се: Богомила, Папрадиште и Капиново. Жителите со вода за пиење се служат од извори соѕидани во чешми.
Одредени краеви по границите на атарот ги носат овие називи: Сланик, Куртовица, Било, Одбиварник, Старец, Рендева Нива, Орешки Ливади, Ќаве, Рудиње, Ковчег (каменест блок кој личи на ковчег), Штавица и Бабуна (река). Внатрешните краеви на атарот се викаат: Грковец, Присој, Ковално, Осојница, Ѓорева Падина, Голема Кула (има каменест блок „голем како кула“), Крстева Ливада, Голо, Ан, Ибраимица, Ѓечик, Смилева Ливада, Преслоп, Ливадица, Слатински Дол, Манастириште.
Ореше е село од збиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и се групирани повеќе на куп. Се разликуваат следните маала: Коруновско, Јанковско, Далевско, Миленковско, Китановско, Џиковско и Ѓорѓиовско.
Историја
мини|300п|десно|Селската чешма на која има спомен-плоча за загинатите во НОБ
Преданијата за настанокот и постарата историја на Ореше се многу оскудни, иако многу податоци говорат и укажуваат дека на неговиот атар отсекогаш имало население. Остатоци од некогашни куќи се наоѓаат на потезите Црквиште, Штавица, Димов Камен и Петканина Цреша. На тие селишта се откопуваат земјени ќупови и гробови. Неколку стари гробови во 1966 година селаните ископале во месноста Суклева Нива.
Ореше на денешната местоположба е настанато во поново време. Го основале предците на родовите кои „како овчари“ доаѓале тука со стоката главно од мијачкиот и поречкиот крај. Според кажувањата тоа би можело да биде кон крајот на и почетокот на век. Жителите на Ореше брачни врски склопуваат само меѓусебно и со жителите на соседното село Папрадиште, поради што овие две села имале мијачка носија и посебни одлики во говорот.
Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, Ѓорче Петров запишал дека Ореше е населено исто така со Мијаци кои дошле тука пред оние во Папрадиште. Двете села биле познати по опустошувањата кои им ги направиле Албанците Дебрани во 1889 година.
Земјиштето на атарот на Ореше во најголем дел е под пасишта и шуми, заради што орешките жители од средината на век почнале да бараат и други извори на заработувачка. На големо работеле како ѕидари и „тулари“ (циглари). Во шеесеттите години на XX век, мажите како тулари најмногу работеле по селата во околината на Прилеп и Битола.
Во Ореше постои црквата посветена на Успението на Пресвета (или Голема) Богородица изградена во век. На денот на црковната слава се приредува голем собор со гости од околните села. Крај селото е црквичката „Света Петка“ за која некои велат дека потекнува „уште од Римјаните“. Кај таа црквичка се селските гробишта. Северно од Ореше се наоѓа местото Манастириште. Околу 1900 година таму е изградена црквичката „Свети Ѓорѓи“. Кај неа има собор двапати во годината: на Ѓурѓовден и на зимен Свети Ѓорѓи, кога доаѓаат гости од блиските поречки и прилепски села.
Местото Грковец се наоѓа источно од Ореше во долината на Бабуна. Името настанало според некој Грк (најверојатно Влав) кој тука имал ан. Анот се наоѓал на стариот пат кој од Прилеп преку планината Мокра водел во Скопје. Сообраќајот на тој пат престанал во 1935 година со изградбата и пуштањето во сообраќај на железничката пруга Велес-Прилеп-Битола. Местото Ан се наоѓа западно од Ореше на планината Даутица. Преку тоа место, односно превој, повремено се одвивал и одржувал сообраќајот од Порече на запад со областа Азот и сливот на Бабуна на запад. Топографското име, секако останало по некогашниот ан. Овој пат и понатаму во блиското минато се користел од поречките селани од Црешнево и Белица за доаѓање до железничката станица во Богомила.
Од 1941 до 1945 година жителите од ова село учествувале во Народно ослободителната војна против германскиот и бугарскиот окупатор.
Легенда за основачот на селото
мини|300п|десно|Стари куќи во селото мини|300п|десно|Воздушен поглед на селото
Основач на селото Ореше е дедо Дамјан, родум од селото Росоки, Дебарско.
На млади години бил ќаја кај еден бег во Цариград. Еднаш, бегот се пофалил пред една од неговите анамки дека има тапија од султанот за некаков голем имот кој ќе го направи многу богат и ѝ ја покажал тапијата. Ќајата го слушнал нивниот разговор, па го следел бегот каде ќе ја скрие тапијата и за да му се одмазди за неговото лошо поведение кон него, му ја украл тапијата и избегал. Ќајата со тапијата долго време скитал без да смее да се појави во родниот крај, дури скитајќи од село на село не пристигнал во селото Капиново. Во тоа село се спријателил со капиновчанецот Стефан и останал да живее во неговата куќа. По престојот од околу две години кај него, од жал за родниот крај, дедо Дамјан тешко се разболел и за да ја излекува својата болест, морал да замине во родниот крај. Стигнал во Росоки, поживеал малку со родителите и се верил за една селска девојка.
Но, и родниот крај не го задржал. Тогаш почувствувал тага за планината Бабуна и на својата вереница ѝ соопштил дека откако ќе се земат, ќе заминат да живеат во еден многу убав крај далеку од нивното село. Штом за таа работа слушнале домашните на девојката, нејзе веќе ѝ забраниле да се гледа со својот вереник и тој сам заминал за Капиново. Цели три години ајдутувал и во еден судир со арнаутите-арамии бил тешко ранет и едвај стигнал до Капиново каде што благодарение на пријателските грижи на Стефан, бил спасен. Чистиот планински воздух благотворно влијаел врз Дамјана и тој го благословувал бога за овој рајски пристан. Дамјан наполно штом оздравел, конечно решил да се насели во близината на Капиново и макар што неговиот пријател Стефан го молел да остане да работи на неговиот имот, тој решил да создаде свое пријатно катче близу до некоја река, таму да изгради своја колипка и да работи на сопствен имот. Во него се појавила мислата да засели ново селце - карактерна црта на мијачкиот народ кој тежнее кон свој простор за своето семејство и заедно со својот пријателот Стефан, почнал да ја бара ветената земја. Оделе околу Стровија, но не му се допаднало местото, оделе и кон Маргари, но и таму не му се допаднало, но на враќање, минувајќи низ планината Даутица, кога почнале да слегуваат по течението на Орешка Река и кога стигнале до местото каде што денес се наоѓа селото Ореше, Дамјан застанал од чудесната убавина пред нив. Тогаш на тоа место имало само едно бачило на кое ќаја бил некојси Орешко.
Пријателите застанале, Дамјан бил восхитен од убавата планина штедро напојувана од обилната бистра Орешка Река и решил тука да се насели и тука да изгради свој дом. Му се допаднало тоа катче, таа мала котлинка заобиколена од сите страни со големи планини покриени со букова и дабова шума и наводнувани од мноштво бујни планински потоци кои ги распрскуваат водите низ планинските сочни ливади. Во таа котлинка со помошта на Стефан и момокот Орешко, Дамјан изградил своја куќа. И кога ја исполнил својата заветна приказна, се видел осамен и мислата почнала да му бега кон селото Росоки, по неговата прва љубов. Домашните на неговата избраничка слушнале за неговите ајдучки подвизи и збор не давале да се каже во нивната куќа за Дамјана. Откако не му ја дале невестата, Дамјан со неколкумина другари ајдути, влегува во Росоки, ја грабнува избраничката и ја одведува во својот нов дом и со неа се венчава во село Капиново. Така, ајдукот Дамјан во својот дом донел домаќинка од својот роден крај зашто како Мијак, тој по секоја цена сакал да ја задржи старата племенска традиција и да се ожени за девојка од мијачко потекло.
По настанувањето во новото село, за да не живее осамен, Дамјан почнува да ги убедува своите блиски роднини да се населат во неговото село. По долги убедувања во селото дошле Китан од Могорче, а потоа и неколку семејства од мијачките села Лазарополе, Гари и Галичник, кои од зулумите на арнаутските банди избегале од родните села. Во знак на благодарност кон момокот Орешко кој несебично им помагал на новодојденците, новото село Мијаците го нарекле Ореше. Набргу потоа, поради зулумите на Арнаутите, од Лазарополе со семејството доаѓа и дедо Чупче, родоначалникот на семејството Чупарови. По кусиот престој во село Ореше, нему му се допаднало друго место за селиште и се населува на четири-пет километри подалеку од Ореше. Од село Могорче, пристигнал и дедо Митре, таткото на поп Илија, подоцнежен свештеник во село Папрадиште, за една година новото село веќе броело десетина куќи кое поради изобилието на папрат, доселениците го нарекле Папрадиште. Населувањето на селата Ореше и Папрадиште се случило кон почетокот на седумнаесетти и почетокот на осумнаесетти век, тие две селца по неколку поколенија доста се прошириле, а со својата особеност во носијата и со дебарските навики и обичаи многу се разликувале од селаните во другите велешки села. Орешани и папрадиштани се гордеат со своето мијачко потекло зашто сметаат дека нивното старо племе Мијаци во секој поглед е на повисоко стапало од останатите македонски племиња. Тие слепо се придржуваат на својата мијачка носија, особено жените, и со запазените обичаи, навики, преданија и наречјето на своите дебарски предци, тие се големи сепаратисти и не се посватуваат со населението од околните села од брсјачките племиња. Во својот сепаратизам, Мијаците од Ореше и Папрадиште одат до таму што ако в село им влезе човек од околните села, децата прибегуваат кај мајка си или татка си, соопштувајќи им ја непријатната вест, „леле мајко, брсјак дојде!“.
Стопанство
Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 27,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.616 хектари, на пасиштата отпаѓаат 676 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 303 хектари.
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.
Орешани се Мијаци, а тука, кога селото било во подем, многумина правеле дрвени садови. И сега неколкумина постари го работат овој занает. Сите саделе тутун и чувале стока. Немало парче земја што не било обработено.
Машкото работоспособно население заминува од селото и работи како молери, по што се познати надалеку во Македонија.
Во селото Ореше е развиен селско-планинскиот туризам, но и ловот.
Во минатото, на блиската планина Даутица, жителите на Ореше во лето имаат 3 до 4 бачила, при што на секое бачило имало 300 до 500 овци од по неколку домаќинства. Зиме, стоката се чува во пониските бабунски села – Оморани, Теово и Мокрени.
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ореше живееле 460 жители, сите Македонци.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 157.
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ореше имало 584 жители.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.