Димитар Миладинов, роден Димитар Ристов (Христов) Миладинов (Струга, 1810 — Истанбул, 23 јануари 1862) — значаен македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист, собирач на народни умотворби, основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против денационализаторството, пенхелизмот и политиката на грчката влада на македонските подрачја.

Димитар Миладинов имал важна улога во борбата против грчката пропаганда во Македонија, иако самиот бил човек со висока грчка култура и образование. Во својата антихеленистичка пропаганда, Миладинов се служел со сите достапни средства, со образованието, воведувањето народни говори во наставната практика, со едукацијата на домашниот млад учителски кадар, со обемна кореспонденција во која настојувал да објасни и да извести важни луѓе на своето време за она што се случувало во моментот на македонски терен и што треба да се направи. Димитар Миладинов добивал финансиска поддршка од монасите во светогорскиот манастир Зограф за неговата борба против хелинизмот. Познато е неговото пријателство со монасите Анатолиј и Партенија Зографски, кои исто така со лично залагање придонесувале во борбата против хеленизмот, како и игуменот Иларион, Натанаил Кучевишки и други угледни монаси.

Животопис

Ран живот и образование Роден е во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова. Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина (1833–1836).

Учителска дејност (1836–1854) Во периодот помеѓу 1836–1839 година, работи како учител во Охрид, но поради грчкиот владика е принуден да го напушти училиштето. Потоа учителствува и во Струга (1839–1840), Кукуш (1840–1842) и повторно во Охрид (1842–1845) и Струга во 1846 година.

Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник (наречен "„Бугарски народни песни“", затоа што имало песни и од Бугарија). Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов. Тој ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет "Халки" во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македонија, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Подоцна доаѓа и како учител во селото Магарево, Битолско (1849–1852) и во грчко училиште во Битола (1852–1854).

Преродбенска дејност Димитар Миладинов, кој бил целосно прословенски ориентиран, често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија и заминал во Мостар, кој бил седиште на Херцеговинскиот санџак. Таму е писар кај мостарскиот владика-фанариот. Како писар не останува, ни шест месеци и револтиран од нечовечкото постапување на владиката со селското херцеговско население, Миладинов го напушта Мостар. Од Херцеговина Миладинов оди во Сараево. Таму се запознава со еден виден Бошњак, тој сакал сина си да го испрати кај австриските Срби на школување. Миладинов, заедно со младиот Босанец, ја преминува границата и оди во Австроунгарија, т.е. во Сремски Карловци и во Нови Сад. За време на пребивањето во Мостар и Сараево, Миладинов имал можност добро да се запознае со српските луѓе, да го научи српскиот јазик и да ја запознае српската народна песна. Тоа познавање го продлабочува во Сремски Карловци и во Нови Сад. Во Карловци му предлагале да ја заземе катедрата за грчки јазик во тамошната гимназија, но платата, при тамошните услови на животот, се покажа недоволна за прехрана на неговото семејство и на неговите деца, заради тоа од Австрија преминува во Белград, во Кнежевството Србија. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на панславизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои.

При крајот на 1856 година, Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.

Борбата против фанариотските владици ќе добие особено остра форма во прашањето за поставање нов охридски владика, во 1860 година, кога, по смртта на дотогашниот владика охридски Јоаникиј, требаше да се постави нов. Димитрија, како најистакнат борец против фанариотите, — во тоа време бил учител во Струга — стапува во акција: новиот охридски владика да биде лице од словенско потекло. Се ангажира граѓанството и целото население од Охридско и се испраќаат петиции до Цариградската патријаршија. Во тоа време Охрид имал веќе силна буржоазија, економски силна, со широко развиени трговски врски со главните градови во Турско, и надвор од неа, со некои главни градови во западна Европа, нарочито со Лајпциг, каде што често сретуваме охриѓани, на прочуените лајпцишки панаѓури. Но Патријаршијата не покажувала ни најмалку разбирање за оправданите барања на охриѓаните. Таа одново за охридски владика наименувала Грк. А против претставниците на Охрид, што се бунеа во Цариград, поднесува тужба до Портата, барајќи тие да се заточат. Новодојдениот охридски владика, Мелетиј, набргу по пристигањето во Охрид, ќе преземе мерки да му се освети на Димитрија за непријатностите што овој му ги причини, со акцијата да му оневозможи да дојде во Охрид за владика. Најлесното беше: да се денунцира, и Димитрија да се прикаже како државен непријател, бунтовник, и шпион што работел во полза на Русија и Србија. Во исто време и врз основа на иста денунцијација, пак од страна на фанариотските владици од Битола и Велес, допаѓа во затвор и велешанецот Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

Затвор и смрт Димитрија Миладинов, бил уапсен во Струга на последниот ден од месец февруари 1861 г.

Во меѓувреме, на 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци, насловен како "Бѫлгарски народни песни", дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 бугарски (отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Д. Чолаков).

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под досега неразјаснети околности.

Генеалогија

Галерија

Наводи

Библиографија

Надворешни врски Писмо од Димитрија Миладинов до Кукушани – 1857 на Викиизвор. http://promacedonia.org/bugarash/bnpesni/bgnpesni.pdf

Категорија:Македонски писатели Категорија:Македонски преродбеници Категорија:Македонски поети Категорија:Македонски учители Категорија:Македонски публицисти Категорија:Македонски собирачи на народни умотворби Категорија:Македонски етнографи Категорија:Родени во 1810 година Категорија:Починати во 1862 година Категорија:Луѓе од Струга Категорија:Починати во Истанбул Категорија:Погребани во Истанбул Димитар