Владимир Михајлович Комаров (; Москва, 16 март 1927 — Оренбуршка Област, 24 април 1967) — советски космонаут, пробен пилот и инженер, кој бил еден од првата група на космонаути избрани во 1960 година. Тој бил еден од најискусните и најдобро обучени кандидати коишто биле примени во Првата група на космонаути на СССР.

Во два наврата за време на неговото учество во програмата било потврдено дека Комаров е медицински неспособен за обука или лет во вселената, но неговата упорност и одлични вештини и знаења како инженер му овозможиле да продолжи да има активна улога во програмата. За време на неговата работа во Центарот за подготовка на космонаути (руски: Центр Подготовки Космонавтов), тој дал придонес во дизајнирањето на вселенско летало, обучувањето на космонаути и нивна оценка, како и во односите со јавноста. Најпосле, тој бил назначен да раководи со првата советска повеќечлена посада „Восход 1“, која опфаќала бројни технички новини во вселенската трка. Комаров подоцна бил задолжен со задачата да раководи со „Сојуз 1“ како дел од обидот на Советскиот Сојуз да победи во Битката за освојување на Месечината.

Неговиот лет со „Сојуз 1“ го направил првиот советски космонаут кој летал во вселенското пространство повеќе од еднаш, а по судирот на „Сојуз 1“ при враќањето од вселената на 24 април 1967 година и првиот човек кој загинал за време на лет во вселената. Добитник е на бројни награди и одличја, а во два наврати бил одликуван со орденот Херој на Советскиот Сојуз. Во негова чест биле именувани бројни објекти, улици, астероид и кратер на Месечината. Неговото име се споменува и во бројни уметнички творби, а неговиот лик е отсликан на поштенски марки издадени во повеќе земји низ светот.

Рана младост Комаров е роден во Москва на 16 март 1927 година, каде што израснал заедно со својата сестра Матилда. Неговиот татко бил работник, кој работел различни нископлатени работи за да го издржува семејството. Во 1935 година, Комаров започнал со своето формално образование во локално основно училиште, каде што покажал природна надареност за математика.Burgess and Hall, стр. 52 Исто така, уште од рани години покажал и голем интерес за космонаутика, а собирал и списанија и слики за воздухопловство, со цел да направи модел на авион и сопствен пропелер.Burgess and Hall, стр. 53 Поради инвазијата врз Советскиот Сојуз од страна на Нацистичка Германија во 1941 година, Комаров бил принуден да го напушти училиштето и започнал да работи на колективна фарма. Кога имал 15 години, Владимир се запишал во „Првото московско специјализирано училиште на воено-воздушните сили“, посакувајќи да го оствари својот сон и да стане пилот. Кратко потоа, неговото семејство дознало дека неговиот татко бил убиен во „непознато воено дејство“. Поради германската инвазија, училиштето коешто го посетувал било преселено во Тјумењската Област во Сибир, каде што привремено се одржувала настава за време на војната. Таму, учениците биле во можност да изучуваат разновидни предмети освен воздухопловство, меѓу кои и зоологија и странски јазици. Во 1945 година, Комаров го завршил воено-воздухопловното училиште со награди и почести, а Втората светска војна завршила пред тој да биде повикан да служи во војска.

По завршувањето на училиштето, станал курсист во Соловското воено училиште за првостепено обучување, а во септември истата година станал и курсист во Борисоглебското военовоздухопловно училиште за подготовка на пилоти. Во јули 1946 година, својата обука ја продолжил на Батајското воено-воздухопловно училиште, именувано по Анатолиј Серов, каде што и завршил во 1949 година. Во меѓувреме, неговата мајка Ксенија починала во 1948 година, седум месеци пред неговото дипломирање. Со дипломирањето се стекнал со пилотски крилја и дозвола да служи како поручник во Воено-воздушните сили на СССР.

Кариера во Воено-воздушните сили на СССР 160п|мини|десно|Владимир со сопругата Валентина и ќерката Ирина Во декември 1949 година, Комаров започнал да работи како пилот на борбен авион во 383. воздухопловен полк на 42. воздухопловната дивизија на Воено-воздушните сили на СССР во Северокавкаскиот воен округ, со седиште во Грозни. Таму, тој се запознал со учителката Валентина Кисељова, со којашто се оженил во октомври 1950 година. Двојката имала две деца: син Евгениј (р. 1951) и ќерка Ирина (р. 10 декември 1958).

Владимир бил унапреден во постар поручник во 1952 година, а подоцна бил назначен и за главен пилот на 486. воздухопловен полк на 279. воздухопловна дивизија во Прикарпатскиот Регион. Тој продолжил да работи како пилот на тоа место сè до 1954 година, кога се запишал на инженерски курс при Воено-воздухопловната академија Жуковски. Во 1959, Комаров бил унапреден во постар инженер-поручник. Подоцна во истата година, тој успеал да ја постигне својата цел, станувајќи пробен пилот во Централниот научно-истражувачки институт во Чкаловскиот Регион.

Избор за космонаут Прва група на космонаути на СССР Во септември 1959 година, Комаров станал инженер-капетан и бил повикан да учествува во процесот за избор на кандидати за космонаути, заедно со уште околу 3.000 други пилоти.Burgess and Hall, стр. 54 Тој бил избран како еден од дваесетмината кандидати во рамките на Првата група на космонаути на СССР, а првата задача му била доверена во близина на Москва на 13 март 1960 година.

Иако бил доста добро оспособен, Комаров не бил избран меѓу шестемина најдобри кандидати, бидејќи не ги задоволувал возраста, висинската граница и телесната маса, коишто биле пропишани од страна на раководниот дизајнер на советската вселенска програма, Сергеј Корољов. Во едно интервју, обучувачот на космонаути Марк Галај забележал дека: ако критериумите беа поразлични, сигурно Комаров, кој беше многу интелигентен, би бил во таа група. Тој имаше летечко искуство од Воено-воздухопловната академија. Тој имаше големо влијание врз дизајнот на „Восток“ и на „Восход“.

На 32-годишна возраст, Комаров бил вториот по старост пилот кој бил избран, а Корољов пак утврдил старосна граница од само 27 години. Од првиот избор, само двајца, Павел Бељаев (од „Восход 2“) и Владимир Комаров, дипломирале на Советската воено-воздухопловна академија. Исто така, само Комаров имал искуство како инженер на пробен лет на нов авион.Hall and Shayler, стр. 109

Обука Кратко откако започнал со својата обука, Владимир бил сместен во болница на лекување, каде што му била извршен мал операционен зафат во мај 1960 година. Сепак, последиците од операцијата медицински го онеспособиле да не може да врши физичка обука во времетраење од 6 месеци. Во тоа време, критериумите за избор нагласувале посебно внимание на физичката состојба на космонаутите и каква било несовршеност водела до неодложно исклучување од изборот. Но, бидејќи Комаров поседувал инженерски способности, тој успеал да ја убеди управата дека набргу би можел одново да се приспособи, па со тоа му било дозволено да остане во игра во рамките на програмата. Последователно, тој продолжил со потребните академски студии за време на закрепнувањето.Hall and Shayler, стр. 125

На обуката ѝ се вратил во октомври 1960 година, поради тоа што неговото закрепнување било побрзо од она што го очекувал медицинскиот тим. Во тој период, активно работел на подучување на неговите помлади колеги со нивните академски студии, што придонело да се стекне со прекарот „Професор“, којшто го споделил со Бељаев кој бил две години постар. Првите летови во вселената започнале во 1961 година, а веќе следната 1962, Комаров бил третиот најдобро платен космонаут, што се должело на неговите способности, чин и искуство. Тој заработувал 528 рубљи годишно, при што само првите космонаути, Јуриј Гагарин и Герман Титов, заработувале повеќе од него.Kamanin Diary, March 16, 1962

Кога Георги Шонин прикажал неприфатливо ниво на чувствителност на забрзувањето во центрифугата, во мај 1962 година бил заменет со Комаров за планираните два лета во рамките на мисијата „Восток“.Hall and Shayler, стр. 181 Комаров, исто така, бил избран како резерва на Павел Попович (Восток 4), но по спроведеното ЕКГ-испитување била потврдена срцева мана и тој бил отстранет од програмата и заменет од страна на Борис Волинов.Hall and Shayler, стр. 182-3 Сепак, Владимир упорно настојувал пред медицинскиот и воениот тим да биде вратен во програмата, што му успеало и повторно му било дозволено да се врати на обуката.

Во 1963 година, обуката за космонаути била изведувана во 6 групи, а Комаров бил избран и обучуван во втората група, заедно со Валериј Биковски и Борис Велинов.Kamanin Diary, February 1, 1963 Групата била обучувана за извршување на мисии во времетраење до пет дена, коишто биле закажани за втората половина од 1963 година. Во мај 1963 година, Алексеев му предложил на Каманин, Комаров да биде назначен како резервен космонаут за Восток 5, на местото на Евгениј Хрунов, поради тоа што неговиот скафандер веќе бил подготвен.Kamanin Diary, May 9, 1963 Подоцна, Комаров бил вклучен и во поширока група на космонаути за планираните мисии во 1964, заедно со: Бељаев, Шонин, Хрунов, Зајкин, Горбатко, Волинов и Леонов. Обучуваните групи биле создадени со цел да се извршат подоцнежните мисии од програмата Восток (Восток 7-13), но ниту еден од овие летови не бил изведен под покровителство на програмата.Hall and Shayler, стр. 215 Во декември 1963, Комаров бил додаден од страна на Каманин на потесен список на космонаути коишто веќе поминале две години на обуката, а на којшто се наоѓале и Волинов и Леонов.

Во април 1964 година, било потврдено дека Комаров е подготвен за лет во вселената, исто како што биле и Биковски, Попович, Титов, Волинов, Леонов, Хрунов, Бељаев и Демин.Kamanin Diary, April 24, 1964 Од оваа група, потоа требало да биде избран командант на мисијата „Восход“, којашто била закажана за крајот на 1964 година. Во месец мај истата година, групата била скратена, а во неа останале само Волинов, Комаров, Леонов и Хрунов.Kamanin Diary, May 24, 1964

За време на обуката, Владимир живеел заедно со својата сопруга Валентина и нивните две деца Евгениј и Ирина. Во слободното време, тој уживал во ловот, скијачкото трчање, играњето хокеј на мраз и другите активности коишто ги правел со колегите. Комаров бил почитуван од пријателите и колегите и бил нарекуван „Володја“ (деминутив од неговото име). Така, Павел Попович забележал дека Комаров бил почитуван поради неговата скромност и искуство: ... тој веќе беше инженер кога ни се придружи, но никогаш не нè презираше нас другите. Тој беше срдечен, решителен и вреден. Влијанието на Володја беше толку големо, што луѓето одеа кај него да разговараат за сите видови на прашања: лични, како и за работата.

Неговиот близок пријател и космонаут Алексеј Леонов, пак, го опишал Комаров како: ... многу сериозен. Тој беше првокласен пробен пилот.

Летови во вселената „Восход 1“

До јули 1964, само седум космонаути останале квалификувани за посадата на „Восход“, откако некои биле отстранети од медицински причини. На 6 јули, Комаров бил назначен за командант на резервната посада за „Восход 1“. По неколкумесечна жешка расправија меѓу Николај Каманин и Сергеј Корољов околу изборот на посадата, на 4 октомври 1964, Комаров бил избран за прв командант на мисијата од страна на Државната комисија, што било само осум дена пред предвидениот почеток на мисијата.Kamanin Diary, October 4, 1964 Таа вечер, Каманин играл тенис со посадата на „Восход“ и забележал дека Комаров играл очајно во споредба со неговиот екипаж: Борис Егоров и Константин Феоктисов.

На 9 октомври, Комаров и останатите членови на посадата ја прегледале капсулата „Восход“, заедно со Корољов и други членови од управата. Подоцна истиот ден, тие биле интервјуирани од страна на медиумите и играле тенис заради фотографите. Утрото на 11 октомври, на Комаров му биле дадени различни комунистички реликвии за следниот ден да ги однесе со себе во вселената. Во попладневните часови, посадата повторно извршила преглед на капсулата и добила совети од страна на Корољов.