Музеј на Македонија — музејска национална установа, која денес се наоѓа на крајот од Старата скопска чаршија, под Скопското кале.
Историја Изградбата на Музејот на Македонија започнала со симболично поставување на камен темелник, на 12 ноември 1971 г., а градбата е свечено предадена во употреба пет години подоцна, на 13 ноември 1976 г. Објектот е отворен со поставување на неколку привремени тематски поставки.
Музејот на Македонија е сместен на вкупна површина од 10.000 м2 во комплексниот контекст на Старата скопска чаршија, во најнепосредна близина на Куршумли ан и Ѓурчилер (Шенѓул) амам кој е делумно срушен во земјотресот.
Во 1984 година трите музеи се интегрираат во комплексна институција Музеј на Македонија - Археолошки, Етнолошки и Историски, во 1991 година во рамките на музејот е формиран и посебен Оддел за уметност. Од 2013 со создавање на Археолошкиот музеј, археологијата не е дел од Музеј на Македонија како гранка.
Дејност Основна дејност на Музеј на Македонија е прибирање, средување, чување на историски, етнолошки и археолошки материјали, нивно научно истражување, презентација и едукација. Сложената програма на музејот се протега на 14.500 м2 бруто развиена површина. Посетителот може да се запознае со македонската историја од праисторијата речиси до денес, преку различните материјали организирани во тематски збирки: камена пластика, нумизматика, оружје, документи, носии, килими, уметнички творби итн. Покрај изложбениот простор, објектот располага и со сала за проекции, фотолабораторија, посебни лаборатории, работилници за заштита и конзервација, итн.
Музејот исто така располага со добро опремена музејска библиотека, со над 20.000 наслови стручна литература.
Музејски поставки Музејот обединува колекции од: историја, средновековна уметност и етнологија, кои се изложени на простор од околу 6000 м2.
Историската поставка ја претставува духовната, културната и политичката историја од османскиот период до крајот на Втората светска војна.
Во Галеријата на икони се изложени најзначајните икони, иконостаси и фрескоживопис од повизантискиот период и од периодот на преродбата.
Етнолошкиот оддел ги презентира тематските целини од: народната архитектура, обичаите, музичките инструменти, носиите и накитот, везовите и ткаењата.
Етно музејот во Македонското етно село, е дел од оваа институција, како и Феудалната Кула во Скопје.
Поврзано Археолошки музеј на Македонија Етнолошки музеј на Македонија
Наводи
Надворешни врски
Музеј на Македонија Евалуација на Музејот на Македонија
Категорија:Музеи во Скопје Категорија:Стара скопска чаршија Категорија:Музеи во Македонија Категорија:Историски музеи во Македонија Категорија:Етнолошки музеи во Македонија