Раштани — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Поради својата непосредна близина до градот Битола, селото се смета за приградска рурална населба на градот сместена на излезот кон Прилеп, но официјално во Статутот на Општина Битола се води како село.
Голем дел од куќите изградени во долниот дел всушност се куќи на соседното Горно Оризари, поради што пописниот круг за селото дава информација дека во него живеат само 159 жители.
Потекло и значење на името
Селото најпрвин запишано како Храштани се сретнува во 1337 година во пишани документи. Името се поврзува со топонимот Храст и додавката -ани, што означува луѓе дојдени од Храст.
Како друго објаснување се наведува дека името е во врска со стеблата на расје (растови), па затоа жителите на ова село ги викале расјани, подоцна трансформирано во Раштани.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во Пелагонија, во северниот дел на територијата на Општина Битола, недалеку од градот Битола на север, па затоа припаѓа на неговата рурбална зона. Селото е ридско, сместено на надморска височина од 780 метри. Од градот Битола е оддалечено четири километри.
До селото води локален асфалтен пат, кој започнува од Горно Оризари.
Раштани е мало село на 2 километри северно од градот Битола, сместено во сува долина составена од езерски и речни наноси. Западно од селото се наоѓаат оскудни пасишта, додека на исток ниви и лозја. Во минатото, жителите имале оскудност со вода за пиење.
Селото се наоѓа во долината на малата река Снеговка, која под селото се спојува со друга река и продолжува како Голема Река пред да се влие во Драгор.
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Преслап, Ушици, Дабици, Кале, Мала Река, Венци, Оџоец, Голема Река, Петопре, Утоец, Биново Кладенче, Љама, Просишта, Голема Осојница, Реткач Крувче, Цветков Гроб, Змијарник, Крклински Дол, Долни и Горни Ливади, Свињски Пазар, Средни Лозја и Оризарски Рид.
Селото има збиен тип и куќите се групирани во две маала, кои носат имиња по поголемите родови.
Историја
мини|300п|десно|Воздушен поглед на некогашната црква „Успение на Пресвета Богородица“ или наречена Царска црква во месноста Кале
Кале (наречено и Битолско Кале) е возвишение на западната страна на селото. На врвот на возвишението се наоѓаат руини од ѕидови, кои биле направени од камен лепени со оросан (малтер). Во народот се говори дека тврдината на бранел некој крал Тољо во борба против Турците. Овој крал живеел во времето на Крале Марко во Прилеп.
Селото се вбројува во старите села на оваа област. Тоа е спомнато во 1342-1345 година, кога царот Душан го приложил на Света Богородица Перивлепта од Охрид. Друго спомнување на Раштани како Храштани е од периодот 1650-1750 година. За селото се верува дека се намножило од една куќа. Кон крајот на век имало околу 70 домаќинства. Тогаш, мештаните настрадале од колера, поради што населението се намалило на само седум куќи. Епидемијата на колера се случило за време на предокот Павле, основач на денешниот род Павлевци.
Во Раштани постои доста стара црква „Св. Никола“, за која селаните веруваат дека е постара од градот. Околу црквата некогаш биле погребувани и христијаните од Битола и Горно Оризари, но денес тие гробишта не постојат.
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 5 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 314 хектари, додека на обработливото земјиште отпаѓаат 142 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.
Од полјоделските култури застапени се житото (пченицата и јачменот), шеќерната репка (сè повеќе се намалува застапеноста во последниве години) и индустриски култури, а од сточарството се одгледува крупна стока.
За време на отоманскиот период, селото било слободно, но многу сиромашно. Во овој период, во селото постоел свински пазар, бидејќи Турците не дозволувале да се продаваат свињи во Битола.
Население
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Раштани живееле 90 жители, сите Македонци.Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Раштани се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 7 куќи.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Раштани имало 120 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.
Селото е мало, но со пораст на населението. Така, во 1961 година селото имало 187 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 264 жители, од кои 259 биле Македонци, а тројца жители Власи.
Според пописот од 2002 година, во селото Раштани живееле 396 жители, од кои 391 Македонец, 3 Власи и 2 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 550 жители, од кои 530 Македонци, 4 Албанци, 2 Власи, 2 Срби и 12 лица без податоци.
Катастарски, дел од куќите и основното училиште во Горно Оризари припаѓаат на селото Раштани, со што бројот на жители е пресметан заедно со овие жители.
Родови
Раштани е македонско православно село.
Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1956 година, родови во селото: Староседелци: Павлевци (13 к.) и Стамболџиовци (11 к.), потекнуваат од браќата Павле и Костадин. Костадин одел на гурбет во Стамбол и по тоа го добиле името. Во родот Павлевци се знае следното родословие: Ѓорги (жив, 70 години во 1956 г.)-Коле-Божин-Атанас-Павле, основачот на родот; и Доселеници: Комарчевци (2 к.), потекнуваат од предок кој дошол како говедар од Дебарско.
Иселеништво
До 1956 година се знае за следниве иселеници: Тасе (1 к.) и Комарец (1 к.), живеат во Горно Оризари. Од родот Стамболџиовци четири семејства отишле во Битола, а од родот Павлевци едно семејство заминало во Битола.
Голем број од селаните се иселиле во македонските градови, прекуокеанските земји и Европа.
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Раштани било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Битола.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Битола.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кукуречани, во која покрај селото Раштани се наоѓале селата Горно Оризари, Драгожани, Драгарино, Крклино, Кукуречани, Могила, Ново Змирново, Старо Змирново и Црнобуки. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од некогашната општина Кукуречани, во која влегувале селата Горно Оризари, Драгарино, Крклино, Кукуречани, Снегово и Раштани.
Избирачко место
Селото е опфатено заедно со селото Снегово во избирачкото место бр. 0138 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште „Тодор Ангелевски“ во селото Горно Оризари.
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта Змеиште — населба од железно време; и Стари Гробови — населба од железно време.
Цркви Црква „Св. Никола“ — главната селска црква.
Редовни настани
Слави Свети Никола Летен (3 јуни) — селска слава; и Вртолум (24 јуни) — селска слава.
Наводи
Поврзано Пелагонија Општина Битола Битола
Надворешни врски
Категорија:Села во Македонија Категорија:Битолски села Категорија:Села во Општина Битола