ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп е јавна здравствена установа, произлезена со формалната поделба на Медицинскиот центар Прилеп на 05.07.2005 година, со права, обврски и одговорности утврдени со Закон, Колективен договор, Статут и други општински акти. Основач на болницата е Владата на Република Македонија.

ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп располага со високостручен и квалитетен лекарски кадар кој во својата работа е поддржан од висок, виш и средномедицински персонал со големо искуство. Административно-техничкиот персонал, организационата поставеност и функционирањето на информатичкиот болнички систем претставуваат одлична логистичка поддршка за здравствениот кадар и се од големо значење за непречено функционирање на установата.

Услугите на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп најчесто ги користат пациенти од општините Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Кривогаштани и Долнени со околу 120.000 жители. Болницата располага со 407 болнички постели, или 3.5 постели на 1000 жители. Бројот на годишно прегледани пациенти изнесува над 175.000, со преку 12.000 хоспитализирани болни, Просечниот број на болнички денови по пациент изнесува 6 дена, а во 2006 година имаше 1200 породувања.

Болничката зграда е изградена во 1980 г. Вкупната корисна површина на болницата изнесува 19.440м2, од кои 17.890м2 опфаќа стационарниот дел, а 1550м2 отпаѓаат на специјалистичко-консултативните служби (амбуланти).

ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп го осигурува третманот на сите заболувања со специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита, вклучувајќи медикаментозен, хируршки, конзервативен третман и третман со физикална терапија и рехабилитација, како и продолжено болничко лекување и тоа: Инфективни и паразитски заболувања Неоплазми Болести на крвта и крвотворните органи Нутритивни и метаболитички заболувања Душевни растројства Болести на нервниот систем Болести на окото и аднексите Болести на увото и мастоидните израстоци Болести на циркулаторниот систем Болести на респираторниот систем Болести на дигестивниот систем Болести на кожата и поткожното ткиво Болести на мускулоскелетниот систем и сврзното ткиво Болести на генитоуринарниот систем Бременост, породување и пуерпериум Состојби што настануваат во перинаталниот период Вродени малформации, деформации и хромозомопатии Симптоми, знаци и ненормални клинички состојби Повреди и труења Други фактори кои влијаат на здравствената состојба

Нашата мисија Да служиме на заедницата како центар за медицина кој обезбедува квалитетна здравствена услуга на населението од Прилеп, Крушево и Македонски Брод и посетителите на овој регион. Почитувајќи ја медицинската традиција, тежнееме да станеме центар на медицината во регионот за превентива, лекување и едукација на здравствените работници.

Прием во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“-Прилеп При доаѓање на лекување или преглед во болницата задолжително носете здравствена книшка специјалстички или болнички упат од вашиот матичен лекар сини картони (доказ за здравствено осигурување) резултати од извршени лабораториски резултати, рендгенски снимки и други испитувања документација од последната хоспитализација или специјалистички преглед предмети за ична хигиена (сапун, четка и паста за заби...) Во договор со медицинскиот персонал од одделението каде што ќе бидете примени можете да донесете наметка, пижами, крпа, влечки или други предмети.

Прием на итен случај Ќе бидете примени и без упат, но пожелно е во најкраток временски рок да донесете: историја на болеста, односно целата Ваша постоечка медицинска документација лекови кои во моментот ги земате мала сума на пари за плаќање на болничките трошоци Личност во придружба секогаш е добредојдена!

Испишување од ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“-Прилеп Заминувањето и испишувањето од болницата секогаш е планирано од страна на одделенскиот лекар, при што навреме ќе биде известен пациентот и неговото семејство. Медицинскиот персонал каде се лекува дава јасни насоки во врска со заминувањето од болницата: Каде и кога ќе ја добие отпусната листа која треба да се предаде на матичниот лекар Pрепораки за евентуално потребната диета, продолжување на лекувањето и контролни прегледи Ако поради прибирање на некои дополнителни испитувања не е возможно да се заврши отпусната листа, се подигнува подоцна од одделот на кој се лекувал.

Ако на крајот од болничкото лекување и поради состојбата не побарал да се смести во некоја установа, дома за стари лица или некоја установа за нега, во тој случај на пациентот ќе му помогне Служба за социјална работа. Родителите или старателите на малолетен пациент до 18 годишна возраст, треба да бидат присутни при неговото испишување од болница.

Организациона структура ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“-Прилеп Одделение за гинекологија и акушерство Во рамките на одделението се спроведуваат амбулантски услуги, се вршат амбулантски гинеколошки интервенции, ЕХО дијагностика, ЦТГ дијагностика, амниоскопија, брисеви, ПАП тестови, артефициелни абортуси, киретажи и МСГ инстилации. Оперативно во ова одделение се реализира завршување на раѓање (царски рез), се води породување, се врши згрижување на повреди при нормални и инструментално завршени раѓања. Се спроведуваат сите оперативни зафати на аднексите, утерус, вагина, цервикс. На одделот за гинекологија со акушерство се вработени 5 лекари специјалисти гинеколози, 1 специјализант, како и солиден тим на медицински сестри и негувателки.

Одделение за неонатологија Одделот за неонатологија врши постојан интензивен надзор над штотуку родените деца, кои во поголем број се сместени покрај мајките во одделот за акушерство, следејќи ги најсовремените препораки и стандарди на Светската здравствена организација. Искусниот тим на лекари специјалисти (4) и образовани сестри (10) во редовна визита се во блиска соработка со одделот за детски болести кои овозможуваат оптимална здравствена заштита над новороденчето.

Одделенски се реализираат низа рутински процедури: ЕХО дијагностика, скрининг на хипотиреоза и фенилкетонурија, фототерапија, вакцинација за БСГ и Б-хепатит.

Одделение за анестезија и реаниматологија Службата за анестезија, реанимација и интензивно лекување при општата болница „Борка Талески“ Прилеп дава анестезиолошки услуги на сите оперативни оддели во болницата, при што се изведуваат сите видови на општа анестезија и регионални анестезии, епидурална аналгезија. Единицата за интензивно лекување располага со 6 болнички кревети каде работат 9 лекари анестезиолози. Оваа единица е наменета за интензивно лекување, стабилизирање на виталните функции и ги опфаќа витално загрозените пациенти од различните возрасни категории. Таа е централна единица за целата установа наменета за надзор и лекување на пациентите по оперативен зафат, политрауматизирани пациенти, пациенти со невротрауми, пациенти со изгореници, како и пациенти со знаци на затајување на животните функции.

Одделение за хируршки болести Ова одделение се состои од специјалстичко-консултативна амбуланта со кабинет за ендоскопија и кабинет за гастроскопија и колоноскопија, болнички отсек, отсек урологија и операциони сали. Одделението располага со 48 кревети. На одделот работат 10 хирурзи, 2 уролози и 1 лекар на специјализација. Во 2 современи операциони сали во општа и локална анестезија се изведуваат најразлични оперативни зафати на граден кош, дојка, класична и ендоскопска хирургија на дигестивниот тракт и жолчно кесе, операции на кила, ТУР на тумори на мочен меур и простата, ректоскопија, цистоскопија, биопсија на мочен меур и простата. Годишно во просек болнички се лекуваат преку 1400 пациенти.

Хируршката амбуланта секојдневно спроведува општи хируршки прегледи, ЕХО дијагностика, ректоскопии, цистоскопии, хируршки биопсии.

Одделение за ортопедија и трауматологија Во одделението за ортопедија и трауматологија работат 5 специјалисти ортопеди трауматолози,како и останат медицински персонал целосно посветен на потребите на пациентите. Овој оддел пружа здравствена заштита на подрачјето на општина Прилеп, како и соседните општини на кои нема организирани ортопедски услуги.

Одделот располага со 24 кревети и годишно просечно се лекуваат околу 750 пациенти и се извршуваат преку 550 оперативни зафати. Секојдневно лекарите од ортопедско-трауматолошкото одделение реализираат згрижување на рани на екстремитетите, остеосинтези на скршеници, тотални и субтотални ендопротези на колк, артроскопии, ампутации, отстранување на некои тумори, репозиции на скршеници, артродези. Ортопедската амбуланта работи секојдневно и во текот на една година се прегледуваат преку 20.000 пациенти. Во амбулантата за детска ортопедија со кабинет за ехотомографија редовно се врши и ехо дијагностика на детски колкови.

Одделение за уво,нос и грло Во ова одделение работат два ОРЛ специјалисти, а одделението располага со 20 кревети. Се состои од амбуланта со отсек за аудиологија, болнички оддел и операциона сала.

Во специјалистичко – консултативната амбуланта, покрај редовните прегледи кои годишно се околу 11.000, се изведува и аудиомериска дијагностика на слушната функција. На одделот се изведуваат амбулантски интервенции, а постои и дневна болница во која пациентите секојдневно доаѓаат и примаат редовна терапија, се прават преврски, се изведуваат инхалации и блокади. Најчести интервенции-оперативни зафати кои се изведуваат на одделението се: вадење на тонзили(крајници) со општа и локална анестезија, септопластика на крива носна преграда, полипи од нос, операција на параназални синуси, карциноми. Најчести амбулантски операции кои се изведуваат на одделението се: екстирпација на карциноми, епителиоми, веруки на носот, лицето и увото, репозиции на носот, сутури, екстирпација на атероми на носот и увото, пластично-реконструктивна хирургија на клемпави уши.

Одделение за очни болести На ова одделение работат 6 лекари специјалисти-офталмолози. Одделението се состои од болнички отсек, операциона сала, специјалистичко-консултативна амбуланта и отсек за ортоптика. Болничкиот отсек располага со 27 кревети. Во очното одделение годишно се прегледуваат преки 13.000 пациенти од Прилеп, Крушево, Македонски Брод. Амбулантно редовно се извршуваат општи офталмолошки прегледи, периметрија, биомикроскопија, тономерија, сондирање и промивка на солзните канали.

Најчести оперативни зафати кои се изведуваат на очното одделение се: операција на перде со и без вградување на леќа, операција на страбизам, оперативни зафати на глауком (покачен очен притисок), операција на солзни патишта и солзно кесе, оперативни зафати при повреди на окото од туѓо тело, операции на помошен очен апарат. Во кабинетот за ортоптика секојдневно се врши дијагностика и терапија на страбизам.

Одделение за интерни болести Во одделението работат 13 лекари специјалисти и останат искусен и посветен персонал, а располага со 69 болнички кревети. Одделението е поделено на болнички отсек, отсек за кардиологија со коронарна единица, отсек за нефрологија со центар за хемодијализа, отсек специјалистичко-консултативна амбуланта о клиничка дијагностика и отсек за пнеумофтизиолошки заболувања.

Амбулантски во интерното одделение годишно се лекуваат повеќе од 17.000 пациенти, а бројот на лежечки болни просечно годишно изнесува преку 2500. Секојдневно амбулантски се изведува функционална кардиолошка процена: ЕКГ прегледи, холтер дијагностика на крвен притисок, коронарен стрес тест, ехокардиографија; прегледи на дијабетичари, спирометрија, гастроскопија, ЕХо прегледи на абдомен, уринарен систем, алерголошки тестирања, ендокринолошки и ревматолошки прегледи. Во одделението за потребите на лежечките пациенти, како и на оние пациенти кои ги користат услугите на дневната болница се спроведуваат низа современи терапевтски процедури: инхалациона терапија, аспирација, дефибрилација, електрокардиоверзија, детоксикација, реанимација.

Одделение за детски болести