Ропството било вообичаена практика и составен дел на Стара Грција низ својата богата историја, како што било и во другите општества од тоа време, вклучувајќи ја древна Палестина и ранохристијанските општества. Се проценува дека во Атина, мнозинството граѓани поседувале најмалку еден роб. Повеќето антички писатели го сметале ропството не само како природно, туку и неопходно, но почнала да се појавува поинаква полемика, особено во Сократовите дијалози, додека стоиците биле запишани во историјата како први кои го осудиле ропството.

Во согласност со модерната историографска практика, оваа статија ќе ги разгледува робовите само како движен имот (лична сопственост), за разлика од некои зависни групи како што се penestae од Тесалија или спартанските хелоти, кои повеќе имале функција на средновековни слуги (служеле за подобрување на состојбата на недвижниот имот). Робот кој претставувал лична сопственост на господарот бил лишен од слобода и бил принуден да му се покори на сопственикот кој можел да го купи, продаде или да го даде под наем како и секој друг роб кој го поседувал.

Проучувањето на ропството во Стара Грција поставува голем број на значајни методолошки проблеми. Записите се неповрзани и многу расцепкани и се однесуваат главно на градот Атина. Нема расправа која посебно е посветена на оваа тема. Судските завршни искази од 4 век п.н.е. се интересирале за ропството само како извор на приходи. Комедијата и трагедијата претставувале стереотипи. Иконографијата не правела никаква значителна разлика меѓу роб и занаетчија.

Терминологија

Старите Грци имале многу зборови, со кои се опишувале робовите, кои требало да се стават во контекст за да се избегне двосмисленоста. Хомер, Хесиод и Теонис од Мегара ги нарекувале робовите δμώς / dmôs. Терминот има општо значење, но особено се однесува на воените заробеници заробени како плен, со други зборови, како имот. За време на класичниот период, Грците често го употребувале зборот ἀνδράποδον / andrápodon, кој буквално значи "некој со човечки нозе", за разлика од toτετράποδον / tetrapodon "четириного", или добиток. Најчесто употребуван бил зборот δοῦλος / doûlos, кој претставува претходна форма која се појавува во микенските натписи како do-e-ro, кој се користел како збор спротивен на "слободен човек" (ἐλεύθερος / eleútheros). Глаголот δουλεὐω (кој опстојува и во денешна Грција, со значење “работа”) може да се користи како метафора за други форми на надмоќ, како на еден град над друг или на родителите врз нивните деца. Зборот οἰκέτης / oikétês, кој значи "некој кој живее во куќа", се однесувал на слугите во домаќинството.

Потекло на ропството

Во микенската цивилизација имало робови. На плочите од Пилос со сигурност може да се идентификуваат 140 do-e-ro. Се разликуваат две правни категории "обични" робови и "робови на Бога" (ТЕ-о-jo do-e-ro / θεοιο), а во овој случај тој бог веројатно е Посејдон. Божјите робови секогаш се споменувани по име и поседувале свое сопствено земјиште. Нивниот правен статус е близу до оној на слободните луѓе. Природата и потеклото на нивната врска со божественосата не се јасни. Имињата на обичните робови покажуваат дека некои од нив доаѓале од Китера, Хиос, Лимнос или Халикарнас, а најверојатно биле поробени од пирати. Плочите укажуваат на тоа дека поврзаноста помеѓу робовите и слободните граѓани не била невообичаена и дека робовите можеле да бидат независни занаетчии и да поседуваат парцели. Се чини дека најголемата поделба во микенската цивилизација не била меѓу робовите и слободните граѓани, туку меѓу оние кои биле верни на дворецот и оние кои не биле.

Не постои временска поврзаност меѓу микенската ера и времето на Хомер, каде што општествените структури се одразиле на оние од грчкиот среден век. Терминологијата се разликува: робот повеќе не do-е-ro (doulos), туку dmôs. Во „Илијада”, робовите се главно жени грабнати како плен од војна, додека мажите биле или ослободени или убиени на бојното поле. Во „Одисеја”, робовите, исто така, се претежно жени. Овие робови биле слугинки, а понекогаш и конкубини. Имало и машки робови, особено во „Одисеја”, во која одличен пример е свињарот Еумеј. Робовите кои биле дел од oikos ("семејство", "домаќинство") се разликувале. „Лаерт јаде и пие со неговите слуги. Во зима, тој спие заедно со нив”. Зборот dmôs не се смета за навредлив, а Еумеј, "божествениот" свињар е именуван со истиот хомеров епитет како и грчките херои. И покрај ова, ропство продолжило да се смета за срам. Еумеј изјавува дека „На далеку се знае дека Зевс му одзема половина од силата на човекот кога ќе стане роб."

Тешко е да се утврди кога започнало тргувањето со робови во древниот период. Во „Дела и дни” (8 век п.н.е.), Хесиод поседува голем број dmôes, иако нивниот статус не е јасен. Постоењето на douloi се потврдува преку лирските поети како што се Архилох или Теонис од Мегара. Според епиграфски докази, законот на Дракон за убиство (околу 620 година п.н.е.) ги споменува робовите. Според Плутарх, Солон ( 594-593 година п.н.е.) забранил робовите да вежбаат гимнастика и да практикуваат педерастија. До крајот на овој период, робовите се споменуваат сè почесто. Ропството се распространува од моментот кога Солон ги воспоставува основите на атинската демократија. Класичниот научник Мозес Финли, забележува дека Хиос, кој според Теопомп бил првиот град кој организирал трговија со робови, исто така, уживал почетен демократски процес (во 6 век п.н.е.). Тој заклучува дека „еден аспект на грчката историја, накусо, е успешното ракување меѓу слободата и ропството”.

Економска улога

Сите дејности биле отворени за робовите, со исклучок на политиката. За Грците, политиката била единствената дејност достојна само за граѓанинот, а остатокот можеле да ги вршат и оние кои не биле грчки граѓани. Статусот бил тој што имал значење, а не дејноста. Најголема потреба од робови имало во земјоделството, основата на грчката економија. Некои мали земјопоседници поседувале еден роб, или дури и два. Богатата литература на прирачници за земјопоседници (како што се „Економија” од Ксенофонт или од автори кои му ги препишувале своите дела на Аристотел) го потврдува присуството на десетици робови на поголемите имоти. Тие можеле да бидат обични работници или надзорници. Степенот до кој робовите се користеле како работна сила во земјоделството е спорен. Сигурен е фактот дека ропството во руралните средини било многу честа појава во Атина и дека Стара Грција не знаела за огромниот број на робовско население кое се наоѓало на римските латифундии.

Робовите биле најзастапени во рудниците и каменоломите. Тие претставувале бројно робовско население кое често се изнајмувало од страна на богатите приватни лица. Генералот Никиј издавал под наем илјада робови во рудниците за сребро во Лаврио во Атика, Хипоник 600, а Филомид издавал 300 робови. Ксенофонт укажува на тоа дека тие добивале по еден обол по роб на ден, во износ од 60 драхми годишно. Ова било едно од најисплатливите вложувања за атињаните. Бројот на робови кои работеле во рудниците во Лаврио или во погонот за обработка на руда се проценува на 30 000. Ксенофонт предложил градот да купи голем број на робови, до три робови по жител, така што нивниот закуп ќе ги обезбеди сите граѓани.

Исто така, робовите биле и занаетчии и трговци. Како и во земјоделството, тие се користеле како работна сила за работата што семејството не можело да ја постигне. Робовското население било најбројно во работилниците. Фабриката за штитови на Лисиј вработувала 120 робови, а таткото на Демостен имал во своја сопственост 32 изработувачи на ножеви и 20 робови кои изработувале кревети. Робовите работеле и во домовите. Нивната главна улога била да го заменуваат својот господар во тргувањето и да го придружуваат на патувањата. Во време на војна тој бил задолжен за оклопникот. Робинките вршеле домашни работи, особено печење леб и изработка на ткаенина. Само најсиромашните граѓани немале робови во домаќинството.

Демографија Население

Тешко е да се процени бројот на робови во Стара Грција, со оглед на недостигот на прецизен попис и промените на дефинициите во тој период. Сигурно е дека во Атина живеел најголемиот дел од робовското население, со 80 000 во 6 и 5 век п.н.е., во просек три или четири робови по домаќинство. Во 5 век п.н.е. Тукидид забележал бегство на 20 890 робови за време на војната во Декелеја, главно трговци. Најмал број на робови, 20 000, се проценува дека имало во времето на Демостен. Овој број одговара на еден роб по семејство. Помеѓу 317 година п.н.е. и 307 година п.н.е., тиранинот Димитриј од Фалерона наредил генерален попис во Атика, а добиените бројки биле следниве: 21 000 граѓани, 10 000 странци и 400 000 робови. Говорникот Хиперид во неговата „Против Ареистогитон”, потсетува дека напорите да се регрутираат 150 000 робови (мажи) на возраст на која се способни за во војска доведеле до пораз на Грците во Битката кај Херонеја (338 година п.н.е.), што одговара на бројките на Ctesicles.

Според литературата, изгледа дека мнозинството слободни атињани поседувале најмалку еден роб. Аристофан, во „Плут”, ги прикажува сиромашните селани кои имале неколку робови. Аристотел дефинира дека во секоја куќа има и слободни луѓе и робови. Спротивно на тоа, да не се поседува дури ни еден роб било јасен знак на сиромаштија. Во познатиот говор на Лисиј „За неспособниот”, еден сакат човек молејќи за пензија објаснува „мојот приход е многу мал и сега треба да ги правам овие работи сам и дури немам ни средства да си купам роб кој ќе ги прави за мене ". Сепак, за огромниот број робовско население кои го поседувале Римјаните не се знаело во Стара Грција. Кога Атенаиј го повикал на суд случајот на Мнасон, пријател на Аристотел и сопственик на илјадници робови, тоа изгледало необично. Платон, сопственик на пет робови непосредно пред неговата смрт, ги опишува многу богатите како сопственици на 50 робови.

Тукидид проценува дека на островот Хиос живееле пропорционално најголем број на робови.

Извори на снабдување со робови

Имало четири основни извори на робови: војна, во која поразените им станувале робови на победниците, освен ако не се постигнел пообјективен резултат, пиратство (на море), разбојништво (на копно) и меѓународна трговија.

Војна

Според правилата на војната во тој период, победникот поседувал неограничени права врз поразените, без разлика дали биле војници или не. Ропството, иако не систематски, било вообичаена практика. Тукидид потсетува дека Никиј заробил 7 000 жители на Хикара во Сицилија и ги продал за 120 таланти во соседното село Катанија. Исто така во 348 година п.н.е. ропството меѓу населението во Олинт било намалено, како и она во Теба во 335 година п.н.е. од страна на Александар Македонски и во Мантинеја од Ахајскиот сојуз.

Постоењето на грчките робови бил постојан извор на непријатност за слободните Грци. Поробувањето на градови било, исто така, спорна практика. Некои генерали, како Спартанците Агесилај II и Каликратид, го одбиле тоа. Некои градови склучиле договори за да се забрани оваа практика. Во средината на 3 век п.н.е., градот Милет се согласил да не присили ниту еден слободен жител на Кносос да стане роб и обратно. Спротивно на тоа, ослободувањето преку откуп на град во кој постоело целосно намалување на ропството носело голем углед. Касандар во 316 година п.н.е. ја обновил Теба. Пред него, Филип Втори Македонски ја поробил, а потоа ја ослободил Стагира.

Гусарство и разбојништво