Сивото муварче () е мала врапчевидна птица од семејството на муварчињата. Се размножува низ цела Европа (вклучувајќи ја и Македонија) и западна Азија, и е птица преселница, која зимува во Африка и југозападна Азија. Нејзиниот број опаѓа во делови од опсегот.

Опис

Сивото муварче има невпечатлив изглед со долги крилја и опашка. Возрасните имаат сивокафеави горни делови и белкави долни делови, со некои прошарувања на градите. Нозете им се кратки и црни, а клунот им е типичен за птиците што ловат инсекти во лет, широк и заострен на врвот. Младенчињата се покафеави од возрасните и имаат точки на горните делови од телото (оттаму во англискиот оваа птица се вика „точкесто муварче“).

Поведение

Сивото муварче лови, стоејќи карактеристично исправено, од впечатливо место за перчење, правејќи смел лет веднаш штом ќе го забележи инсектот да прелета. Често, по ловот, повторно се враќа на истото забележливо место.

Оваа птица покажува нетипично митарење, менувајќи ги примарните и некои од секундарните пердуви по обратен редослед што е вообичаен за повеќето врапчевидни птици.

Огласувањето на муварчињата е тенко, развлечено и меко, со многу висок тон цццииииииииииииииип, кое на крајот малку опаѓа.

Размножување

Животната средина на сивото муварче се листопадните шуми, парковите и градините, со простор меѓу дрвјата. Градат отворено гнездо на соодветно место на дрвото или на ѕид, и ги прифаќаат куќичките за птици што имаат отвор однапред.

Несат 4-6 јајца.

Интересно, повеќето видови европски птици, не прават разлика меѓу сопствените и јајцата на другите видови. Но, исклучок се птиците кои биле домаќини на кукавицата, и кои ја развиле вештината на препознавање и заштита од ваквите гнездови паразити. Сивото муварче развило одличен инстинкт за препознавање на туѓите јајца, па овој некогашен чест домаќин на кукавичјите јајца, повеќе воопшто не е жртва на натрапникот. За разлика од него обичното попче, кое најверојатно е домаќин од неодамна, не покажува никакво распознавање на јајцата.

Наводи

Литература Bradshaw, C., P. J. Jepson and N. J. Lindsey. (1991) Identification of brown flycatchers British Birds 84(12):527-542 Alström, Per & Erik Hirschfeld (1991) Field identification of Brown, Siberian and Grey-streaked Flycatchers Birding World'' 4(8):271-278

Надворешни врски

Spotted Flycatcher videos, photos & sounds on the Internet Bird Collection Ageing and sexing (PDF; 1.8 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze

Категорија:Муварчиња Категорија:Птици на Македонија Категорија:Таксони опишани од Петер Симон Палас