Природонаучен музеј на Македонија — национален музеј што собира и чува, проучува, депонира и изложува природното богатство на Македонија. Тоа е најстарата биолошка усатнова во земјата која на простор од 1.400 м2 го претставува богатството на македонската геа, флора и фауна.

Има постојани изложби на: минерали и карпи, фосили, растенија, безрбетници, инсекти, риби, водоземци и влекачи, птици и цицачи. Во Музејот се организираат и тематски изложби.

Зградата на Природонаучниот музеј на Македонија се наоѓа во склопот на Зоолошката градина во Скопје, но работи како посебна институција. Работното време е од 9.00 до 16.00 часот, секој ден, освен понеделник.

Историјат Во текот на своето постоење, Природонаучниот музеј на Македонија минувал низ три, односно четири карактеристични периоди: периодот од 1926 до 1941 година, кој е поврзан со името на д-р Станко Караман и формирањето на првите музејски збирки; периодот за време на окупацијата од 1941 до 1944 година, периодот по ослободувањето од 1944 до земјотресот, и последниот, по земјотресот до денес, кој означува интензивен развој на повеќе музејски дејности.

Прва фаза Иако Македонија отсекогаш го привлекувала вниманието на многу истражувачи, пред сè поради својата местоположба во централниот дел на Балканскиот Полуостров, развиената геоморфологија, влијанијата на континентална и средоземна клима и богатата и хетерогена флора и фауна, сепак, историските податоци зборуваат дека во периодот на турското владеење, интересот на европските истражувачи за овие простори не бил така голем.

Ваквата состојбата се менува за време на Првата светска војна, кога во рамките на Генералштабот на германската армија се формира специјална истражувачка комисија, т.н. „Комисија за македонско земјознание“ (Mazedonishe Landeskundliche Kommission). Со оваа Комисија раководел познатиот истражувач на природата, проф. д-р Франц Дофлајн кој бил професор по зоологија на Универзитетот во Вроцлав, (тогаш Бреслау, Германија). Извештајот од целокупните теренски истражувања е публициран од страна на Дофлајн (1921), во неговото животно дело, монографијата Mazedonien („Македонија“). Излегувањето на оваа книга за Македонија, видно го зголемува интересот за природното богатство на нашата земја.

По осознавањето на податоците од монографијата, младиот вљубеник и истражувач на природата, д-р Станко Караман, решава да дојде во Македонија во 1922 година. За време на својот прв престој, тој врши интензивно истражување на рибната фауна, како резултат на што во 1924 година ја издава студијата Pisces Macedoniae. Богатството и разновидноста на живиот свет, придонеле тој да донесе одлука за дефинитивно останување на овие простори, во 1924 година. Живее во Македонија, со огромна љубов и интерес кон нејзиниот жив свет, на кој го посветува целиот живот. Резултатите од неговата научно-истражувачка работа набргу стануваат видливи за јавноста. Преку повеќе печатени трудови тој успева да го зголеми интересот кај странските истражувачи за природното богатство на Македонија.

Иако бил целосно преокупиран со колекционерската и научно-истражувачката работа, идејата за формирање на Зоолошки музеј кај него е цело време присутна. Во 1926 година тој успева да ја преточи во реалност. И така, на овие простори започнал да функционира еден мал зоолошки музеј, од кој потекнува денешниот Природонаучен музеј на Македонија.„Природонаучен музеј на Македонија - водич“ подготвен од д-р.О. Поповска, Р. Групче, д-р. Т. Ивановски, м-р. З. Георгиевска, м-р. С. Станковиќ, Б. Михајлова, С. Петковски, С. Стојановиќ, Е. Стојковска; стр. 4

Со јасна концепција за организација и развој на Музејот, д-р Караман бил на чело на институцијата сè до започнувањето на Втората светска војна. Иако на почетокот се судрил со низа проблеми, тој во ниту еден момент не ја напуштил својата визија за развој на колекционерската, научно-истражувачката, издавачката и изложбената дејност на Музејот. Како единствен научен работник во тој период, заедно со уште еден препаратор и едно техничко лице, тој колекционирал и формирал богати збирки на животни.

Набргу по основањето, како резултат на брзиот развој, двете училници од музичкото училиште во кои бил сместен Музејот, станале претесни. Тоа било и причина да се бараат нови простории за Музејот. Тој набргу се преселил во една зграда во Дебар Маало каде останал сè до 1934 година. Кога станало очигледно дека условите за работа и во овие простории не се соодветни, Музејот повторно се преселил во Градскиот парк, во зградата на кафеаната „Кермес”. Во 1939 година, поради недостаток на простор, Музејот се сели во поголема зграда на булевар „Илинден” бр. 80.

Првите два ката во оваа зграда биле користени за музејските изложби, а на третиот кат биле сместени канцелариите, лабораториите и депоата. Тука се создале соодветни услови за интензивирање на музејската дејност, особено на колекционерската и научноистражувачката, кои под раководство на д-р Караман бргу се развивале. Во тој период (1939), за одбележување е и излегувањето на првото музејско списание Analles во чии седум броја се изложени резултатите од научно-истражувачките активности.

Втора фаза Со започнување на Втората светска војна во 1941 година, Музејот привремено ги запира своите активности. Д-р Станко Караман ја напушта Македонија и со своето семејство оди во Србија. За време на германската окупација, Музејот станува огранок на Царскиот природонаучен музеј од Софија. За негов директор бил поставен д-р  Крсто Тулешков, бугарски ентомолог, кој бил добро запознаен со истражувањата на природата. При крајот на 1941 година, Музејот се сели во поголема зграда (со пет ката), во центарот на Скопје, на ул. Орце Николов бр.11. Во 1943 година, д-р Тулешков испратил писмо до училишната инспекција на Скопската област, со кое се наредува на учителите да собираат од народот податоци за народни имиња на растенија и животни, за преданија, легенди, митови, традиции и обичаи поврзани со природата. Ваквите активности непречано се одвивале сè до крајот на војната. Со повлекувањето на германската и бугарската војска, голем дел од научните збирки бил изнесен од земјата.

Трета фаза Во 1945 година, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, за директор на Музејот бил назначен дипломираниот биолог Петар Икономов. Како млад истражувач, тој презема иницијатива за интензивирање на музејските активности, особено на полето на теренските истражувања и колекционирање, оспособување на технички кадри и поставување нови изложби.

По завршувањето на првата генерација дипломирани биолози на Филозофскиот факултет во Скопје, создадени се услови за брз развој на Природонаучниот музеј. Прво се формираат хидробиолошкото, ботаничкото и палеонтолошкото одделение, а подоцна и ентомолошкото, одделението за препарирање и библиотеката.

Со добро обучен технички и научен кадар и богат фонд на фаунистички материјали, во Музејот се создале услови за претставување на богата по содржини изложбена дејност. Во периодот од 1949-1954 година биле изработени дермопластични препарати од риби и цицачи, а посебно внимание се посветило и на преуредувањето на старите изложби. При уредувањето на изложбите, почнал да се применува и нов метод за изработка на флористички материјали, кои комбинирани со абиотичките овозможиле автентично прикажување на природата. На ваков начин Музејот станал институција во која современата музеологија имала постојана примена.

Во годините потоа, се преуредувале изложбите на птици, цицачи, водоземци, влекачи, како и ентомолошката и ботаничката изложба. Покрај тоа, биле уредени и 30 диорами со мотиви од природни живеалишта на некои наши покарактеристични птици и цицачи.

Во 1952 година д-р Станко Караман се враќа во Музејот. Тој заедно со д-р Петар Икономов во 1954 година, го иницирал издавањето на музејските изданија Acta и Fragmenta balcanica, во кои се изложени резултатите од научно-истражувачката дејност. Во 1965 година излегува и првиот број од едицијата „Посебно издание”, а во 1971 година и првиот број од едицијата „Фауна на Македонија”. Досегашните 159 објавени броја од „Acta” и 315 од „Fragmenta balcanica”, несомнено го потврдуваат големиот интерес за печатење трудови од областа на таксономијата, биогеографијата и екологијата на фосилната и рецентна флора и фауна од Македонија и соседните подрачја на Балканскиот Полуостров.

Благодарение на меѓународниот интерес за овие публикации и размената со голем број домашни и странски институции, денес музејската библиотека располага со околу 50.000 библиотечни единици.

Покрај научно-истражувачката и изложбената дејност, во тие години, Музејот ја развивал и просветно-педагошката дејност. Се подготвувале разни тематски изложби, прилагодени на наставните програми по биологија, со што се правел напор да се зголеми бројот на музејските посетители. Четврта фаза - современа мини|десно|Современата зграда на Природонаучниот музеј на Македонија Долгогодишните резултати од работата на Музејот, во еден миг ги уништил катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година. Музејската зграда била оштетена, како и музејските депоа со научните збирки. Се загубија засекогаш голем број типски материјали. По земјотресот, Музејот се сели во три монтажни згради, од кои во двете биле сместени музејските експонати, а во третата лабораториите и работилниците.

Новонастанатата состојба не ги задоволувала минималните услови за нормално работење на Музејот. Поради тоа, вработените заедно со тогашниот директор Ристо Групче, почнале да размислуваат за една нова организација и функција на Природонаучниот музеј на Македонија. По изградбата на новата музејска зграда, Музејот се вселува во неа 1969 година. Просторот од 1400 м2, наменет за постојаните изложби требало да биде што поскоро пополнет. Тоа бил голем предизвик за вработените, кои имале обврска да ја изработат концепцијата за постојаните музејски изложби.

Реализацијата на првата фаза започнала во 1969 година, а завршила во 1976 година. Со неа биле поставени изложбите на приземјето, во кои се изложувале карпи и минерали, фосили, растенија, безрбетници и инсекти. По завршувањето на изложбите на приземјето, следејќи го истиот концепт, започнала изработката на изведбените елаборати за претставување на ’рбетниците од Македонија. Со целосното поставување на изложбите во 1981 година, Природонаучниот музеј станува една од првите музејски институции во Државата, кои имаат реализирано свои постојани изложби.

Периодот кој потоа следува, се одликува со зајакнување на стручниот кадар, преку нови вработувања на биолози, кои брзо се вклопуваат во стручно-научните активности на институцијата. Оваа генерација на млади биолози, успешно изготвува голем број тематски изложби, реконструкции на дел од постојаните изложби и учествува во ревидирани и надополнувани со материјали од флората и фауната.

Благодарение на тој однос на стручните лица, денес Музејот поседува богати збирки на фосилна и рецентна фауна и флора, што претставува солидна база за нивно проучување, документација и изложување. Како резултат на оваа долгогодишна и континуирана активност, денес во музејските збирки и депоа, се наоѓаат над 270.000 примероци од геата, флората и фауната, вклучувајќи ги и донираните колекции.

Научно-истражувачка работа Научно-истражувачката дејност во Музејот, исто така, има долга традиција. Нејзините почетоци се поврзани со името на д-р Станко Караман, кој интензивно истражувал поголем број животински групи, вклучително риби, водоземци, влекачи, птици, цицачи, како и одредени инвертебратни групи, фокусирајќи се подоцна на фауната на подземните води. Овие плодни научни истражувања беа продолжени подоцна од новите музејски генерации на научни работници. Соработки Преку многубројните научни проекти, во кои учествуваа домашни и странски експерти, реализирани се голем број истражувања врз фосилната и рецентна фауна во земјата. Резултатите од ваквите истражувања во најголем дел се печатени во музејските изданија.