Бугаризација — процесот на наметнување и утврдување на модерниот бугарски национален идентитет каков што постои во современата држава Бугарија: бугарска национална свест, бугарски јазик, обичаи и други културни елементи преку црковни и образовни кампањи, како и преку различни форми на присилна асимилација.
Бугаризацијата е последица на идеологијата на бугарштината која се појавува во XVIII век. Таа е насочена кон населението на територијата каде подоцна се формирала бугарската Егзархија, која се совпаѓа со земјите на подоцна замислената Сан-Стефанска Бугарија, а тоа се Тракија, Мизија и Македонија. Приврзениците на бугаризмот се потпираат врз историското минато на Балканскиот Полуостров, при што културно-историското наследство од 7 век до денес, кое се спомнува како бугарско, се прогласува за наследство на денешните Бугари. Според идеалогијата на бугаризмот, во времето на Првото Бугарско Царство (681 - 971) дошло до формирање на бугарска народност во која влегле пред сè Словените, Прабугари, исто така Тракијци, а подоцна Грци, Ерменци, Власи, Кумани, Печенези и мали групи од други племиња и народи, а сите територии на кои се простирало царството станале бугарски земји. Вака од времето на Цар Симеон, (893-927) словенските племиња на широкиот простор од Дунав до Егејот и од Јадран до Црното Море го прифатиле заедничкиот етникон „Бугари”. Тие го асимилирале византиското население, а Прабугарите се претопиле и исчезнале во словенската етничка маса.
Бугаризација
Во Бугарија за зачетник на Бугарската преродба се смета калуѓерот Паисиj Хилендарски од Банско, Пиринска Македонија. Паисиj се смета за втемелувач и пропагатор на бугарското име и бугарскиот етнички карактер во Македонија."Македонска енциклопедија", Македонска академија на науките и уметностите, Скопjе, 2009, том 1, статија "Бугарското име во Македонија", стр. 222. По Големата француска револуција (1789 - 1799 година) започнал порастот на национализмот во Европа, вклучително и во Отоманското Царство. Бугарската идеја се изразувала во овој период во спорадични акти на црковен протест против денационализаторската политика на Цариградската патријаршија. Меѓу новите идеи кои внеле просветителството меѓу Рум-милетот, била и идејата за граѓанска нација. На бугарското земјиште започнал процес на национална преродба, и како резултат на тоа почнала борбата за бугарска црковна независност, наречена во тоа време Бугарско национално движење. Ерата на јавни реформи, наречена Танзимат, започнала во 1839 година и завршила со усвојување на првиот отомански устав од 1876 година, но и тоа дало дополнителни надежи на Бугарите. Според Георги Раковски од 1848 година, отоманска влада започнала во некои официјални документи да ги одделува Бугарите од Рум-милетот и да им дава народносно име: Бугар милет.Нѣколко риечи о Асѣню Първому: великому царе българскому и сину му Асѣню Второму, Георги Стојков Раковски во Кн. Србија. Книги-печятницѫ, 1860, стр 2. Во 1849 година бил издаден официјален султански ферман, со кој се овозможило Бугарите во Цариград да имаат свој храм. Во 1860 година бугарските свештеници таму еднострано прогласили независност на Бугарската Црква од Цариградската патријаршија, но тоа довело до репресија и зајакнување на католичката пропаганда. Така на 14 април 1861 година Јосиф Соколски бил признат од султанот со специјален берат за „милет баши на Бугарите унијати со Рим“, што значело формално признавање на бугарскиот народ.Историја на Бугарите. Том 2 од Georgi Bakalov, ISBN 954621213X, TRUD Publishers, 2004, стр.Communities and identities in Bulgaria, Anna Krŭsteva, Longo, 1998, ISBN 8880632108, p. 308 Истовремено во Русија добил замав панславизмот, кој влијаел силно на руската надворешна политика, која имала зацртано да ги заштитува националните движења на балканските Словени и да им помага при создавањето на нивните држави. Така, не без помошта на руските дипломати во Цариград, на 28 февруари 1870 година султанот Абдул Азиз издал ферман со кој била призната самостојна Бугарска егзархија. Вака де јуре било признато постоењето на посебен бугарски народ.
Бугаризација на Македонците
Првите појави на бугаризација кај Македонците се забележани пред средината на XVIII век, со разгорувањето на интересот кон словенството и посебно кон старословенскиот јазик. Во периодот од 1840 до 1860 година, во борба против хеленизацијата, интелектуалци од Македонија и Бугарија се залагале за создавање заеднички македоно-бугарски литературен јазик. Оваа идеја брзо прераснала во јазичен спор, бидејќи двете страни не можеле да се усогласат околу тоа врз кои дијалекти треба да се изгради стандардот. Македонските интелектуалци инсистирале јазикот да се темели на македонските наречја, додека бугарските интелектуалци се залагале за источните бугарски дијалекти. Во 1870-тите, бугарската страна јавно го формулирала ставот дека „македонскиот е уназаден дијалект на бугарскиот и Македонците треба да научат бугарски“. Тие што се залагале за воспоставување на настава на македонски биле жестоко напаѓани од страна на бугарските медиуми и репресирани и затворани од страна на бугарската власт.Види во секција Отпор против бугаризацијата Идеите за постоење на „словенска нација со бугарско име на Балканот“ ја прифатиле одреден број македонски интелектуалци. Некои од нив биле под силно руско влијание (студенти во Русија) или одржувале блиски врски со бугарските национални водачи. Македонските дијалекти биле исклучени од јазикот, и во 1899 година биле официјално прифатени источните наречја како основа за литературниот јазик, а стандардизацијата на бугарскиот јазик била базирана на ортографските принципи на Марин Дринов, кој отворено се спротивставувал на вклучувањето на македонските говори во литературната норма. Бугаризацијата својот вистински замав го зема по 1871 год., кога голем дел од Македонија, бегајќи од асимилаторската политика на Цариградската патријаршија, се има ставено под јурисдикција на Бугарската егзархија, како поблиска и словенска црква. Вака бугарското име почнало да се реактивира во Македонија, бидејќи истражувачите го наоѓале во старите пишани споменици на словенски и други јазици. Во матичните книги на родените, крстените, венчаните и починатите сите се запишуваат како „Бугари по род“. Во училиштата кои биле под директна егзархиска управа целата настава била насочена кон воспитување на децата во бугарски национален дух. Во пракса, поголем дел од Македонците станале егзархисти по формирањето на Егзархијата.
За време на Првата светска војна, Бугарија окпирала дел од Србија, под кој спаѓал и Вардарска Македонија. Целта на Бугарија била да формира чисти Бугарски територии преку асимилација и денационализација на Македонците и Србите. Оние што не се согласувале со политиките на Бугарија и не сакале да се декларираат како Бугари биле угнетувани, мачени и брутално убивани. Пример за тоа се масакрите во Долгаец и Поречието.
За време на Втората светска војна, Бугарија го окупирала поголемиот дел од Вардарска Македонија. Бугарските власти ги сметале Македонците за ништо повеќе од „непокорни вардарски Бугари“ кои требало да се третираат строго за да го најдат „вистинскиот пат“ за окупираниот дел да стане интегрален дел на Бугарија. Наскоро по окупацијата, бугарските власти сфатиле дека само дел од македонското население се чувствувало бугарско или било пробугарски настроено. Поради тоа, бугарските власти започнале програма на интензивна бугаризација на Македонците. Властите користеле и пропаганда преку масовни медиуми за поддршка на напорите за бугаризација. Бугарски воени, полициски и административни кадри биле доведени за да ги пополнат клучните институции, додека главниот фокус на политиката бил образовниот систем. Училиштата на сите нивоа биле реорганизирани за да го промовираат ставот дека Македонците се Бугари. Голем број наставници биле донесени од Бугарија — 1.508 од вкупно 2.035 во учебната 1941–42 година, додека избрани македонски наставници биле испраќани во Бугарија на студии и индоктринација, а други биле преместувани во други административни работни места или отпуштани. Наставната програма во Вардарска Македонија била реорганизирана за да приоритизира бугарски теми во наставата. Наставата на македонски јазик била спречувана, бидејќи бугарските власти го сметале за регионален говор или дијалект на бугарскиот. Неделниот распоред обично предвидувал седум часа бугарски јазик, три часа бугарска историја и еден час бугарска црковна историја. Предмети како математика и современи странски јазици имале по три часа, додека рускиот се изучувал само еден час и само во петто и шесто одделение. Тоа предизвикало сè поголемо разочарување кај Македонците, кои очекувале културна и јазична автономија.
Отпор против бугаризацијата
Од самиот почеток се јавил отпор против традициите кои биле внесувани од Бугарија. Отпорот најчесто бил пасивен со тоа што Македонците барале во идниот бугарски национален идентитет да се вградат елементи и од македонските традиции и јазик. Со текот на времето отпорот станува поотворен и поагресивен, изразуван преку бунт на македонските ученици и учители против политиката на Егзархијата и на бугарската влада. На крај до израз доаѓа отвореното барање за изградба на посебни македонски институции: македонска црква, македонски литературен јазик, македонски училишта. Меѓу најистакнатите борци против бугаризацијата се Ѓорѓи Пулевски од Галичник, владиката Теодосиј Гологанов од Неврокопско, Крсте Петков Мисирков од Пела и др.
Првите документирани незадоволства со користењето на бугарските источни дијалекти во македонските краеви се јавиле во 1848 од учителот Никола Филипов од Банско. Бугарскиот автор Стефан Салганџиев во крајот на 1860-тите во Солун пишува дека учители од Западна Македонија барале на македонската младина да се предава исклучително на македонско наречје и ограничено да едуцираат за истото, при што учителите имале објавено неколку учебници на тоа наречје. Исто така забележал учител кој што тврдел „ја ни сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин, ја сум чисто Македониц“. Кузман Шапкарев и Венијамин Мачуковски јавно барале да се отпечатат буквари на македонско наречје, бидејќи како што тврделе, бугарскиот јазик бил неразбирлив и бесмислен за нивните ученивци, при што биле жестоко критикувани од страна на бугарските медиуми, и биле обвинувани за македонски сепаратизам. Рускиот филолог Петар Драганов, ја опишува работата на Шапкарев како „одбрана на македонските наречја од асимилација на Бугарштината“. Ѓорѓија Пулевски напишал 3 буквари со јасни ставови за македонски литературен јазик. Во 1888 во Софија, Пулевски формирал „Славјано-Македонско Литературно Друштво“, но организацијата набрзо била растурена и некои членови биле затворени од страна на бугарските власти. Во 1891, од страна на Македонци со анти-егзархиски гледишта, во Софија било формирано Лозарското движење чија цел била создавање на посебен македонски литературен јазик, што придонело за развој на македонска национална свест. Организацијата во 1892 била растурена од страна на бугарските власти под обвинение дека промовирала македонски сепаратизам. Во 1894, Петар Поп Арсов кој бил член на движењето, ја издал брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, каде што жестоко ја критикува политиката на бугарската влада и егзархија према Македонците, под псевдоним „Вардарски“ за да избегне репресија од страна на бугарските власти.