Љубомир Милетиќ или Милетич (; , - ) — истакнат бугарски филолог, основоположник на славистичката наука во Бугарија, еден од основачите на Софискиот универзитет „Климент Охридски“ и професор и титулар на Катедрата по словенска филологија (1892-1934), основач и прв претседател на Македонскиот научен институт во Софија, редовен член на Бугарската академија на науките (БАН) и долгогодишен нејзин претседател (1926-1937) и член на повеќе странски академии на науките.
Биографија
Ран живот и образование Роден е во 1863 година во Штип. Татко му, Георги Милетиќ бил учител во градот. Тој имал српско потекло, од Банат, Хабсбуршката Монархија, а негов брат и чичко на Љубомир е еден од највлијателните лидери на Србите во Војводина за време на Австроунгарија, Светозар Милетиќ. Подалечното потекло му е од Одринска Тракија. Мајка му Евка Попдаова е од Велес.Кънчов, Васил, Сегашното и недaвното минало на град Велес, Избрани произведения, т.ІІ, София 1970, с. 243 Родителите му останале во Штип до 1864 година, по што се вратиле во Велес, но набргу заминале за Видин, каде што неговиот татко работел како учител. Во овој бугарски град дошол во судир со видинскиот митрополит, па затоа морал да го напушти градот и заминал за Цариград, а оттаму за Кукуш, каде што повторно бил учител сè до 1868 година. Меѓутоа, и во овој град таткото на Љубомир не останал подолг временски период. Тој заминал за Ваташа, каде што повторно бил учител. Тука, Георги влегол во отворен конфликт со патријаршиските црковни власти. Струмичкиот патријаршиски митрополит Јеротеј, кој бил близок со солунскиот валија Акиф-паша го обвинил Георги за некакви врски со бунтовничките чети. Тоа било доволно тој да се најде во пранги. Малиот Љубомир, како што забележал Христо Поп Антов во своите спомени, доживеал да го види својот татко окован во пранги за да биде пратен на заточение во Анадолија.
По интервенција на влијателни велешани, Георги бил ослободен и заминал за Велес. Поради компромитираност, повеќе не можел да работи како учител, но во моментите кога тој имал проблеми со властите, во османлиската држава започнала изградба на железницата. Токму изградбата на железничката линија Солун–Скопје, која започнала во 1871 година, му отворила можност на Георги за преживување. Подоцна заминале за Софија, каде што Георги, исто така, работел на железничката линија Софија–Ќустендил. Преселувањето на семејството Милетич во Софија се случило во еден интересен момент, кој бил пресвртница во балканската историја. Во 1875 година прво во Херцеговина, а многу брзо и во Босна, започнало востание кое ќе предизвика голема криза, позната како Големата источна криза.
Доаѓањето на семејството Милетич во Софија го одредило понатамошниот тек на животот на малиот Љубомир. Во овој град тој го завршил основното и класното училиште, пред да започне Руско-османлиската војна во април 1877 година, која довела до создавање на модерната бугарска држава. Неговиот татко, кон крајот на летото во 1875 година, го однел Љубомир во Нови Сад кај својот брат Светозар. Потребата на младата бугарска држава од образовен кадар се покажала како решавачка за понатамошното образование на Љубомир Милетич. Откако го завршил гимназиското образование во Загреб, Љубомир добил државна стипендија да студира словенска филологија во истиот град. Милетич останал во најголемиот хрватски град и студирал на катедрата на којашто предавал тогаш врвниот чешки филолог Леополд Гајтлер. Ова било мошне важно за младиот Љубомир. Како дел од неговото високо образование, Љубомир престојувал и во Прага, каде што на Карловиот универзитет ги слушал предавањата на врвниот славист Јан Гебауер. Во овој голем чешки град, младиот Милетич не бил единствениот студент од Бугарија. Тој заедно со Александар Теодоров и Бењо Цонев ги слушал предавањата на големиот славист посветени на текстовите на старословенскиот јазик. Додека е во Прага, тој за периодичното списание на Бугарското книжевно друштво напишал една критика на старобугарската граматика од Никола П. Попов. Оваа остра критика на младиот Љубомир говори дека науката во Бугарија добива полека еден славист од голем формат. Оваа храброст на талентираниот Милетич не била случајна. Таа се должела на добрата подготовка кај професорот. Така, на пример, тој барал од своите студенти сами да прават научни изводи кога го разгледувале Зографското четвороевангелие, издадено од познатиот хрватски славист Ватрослав Јагиќ. Престојот на Милетич во Загреб бил решавачки за неговиот приватен живот. Тој во хрватската престолнина ја запознал својата животна придружничка Марија, со која се венчал на 27 декември 1885 година и со која го продолжил својот живот во Софија.
Први научни и професорски чекори Бугарија, како млада држава, сè уште не располагала со високообразовна институција. Милетич активно бил вклучен во формирањето на Високата школа во Софија, имајќи го предвид фактот дека тој бил еден од малиот број луѓе со универзитетска диплома во Бугарија. Високата школа во Софија, која подоцна прераснала во универзитет, својата работа ја почнала на 1 октомври 1888 година. Во првата година од постоењето на Софиската школа, Милетич бил ангажиран на предметот старобугарска фонетика. Истата година, се појавила и првата негова книга, Старобугарска граматика, наменета за средните училишта во Бугарија. Љубомир во 1889 година, во Загреб, ја одбранил својата докторска дисертација на тема „За членот во бугарскиот јазик“. Неговата докторска дисертација побудила голем интерес меѓу славистите. Така, во 1890 година во славистичкото списание Archiv für Slavische Philologie (Архив за словенска филологија), словенечки славист Ватрослав Облак објавил рецензија за докторатот на Милетич, во која со пофални зборови го оценил трудот на младиот бугарски научник. Тоа бил поттик за Љубомир да продолжи со науката и да објавува книги и статии посветени на филологијата. Токму во Archiv für Slavische Philologie, тој објавил повеќе статии кои предизвикале интерес кај славистите. Неговиот интерес бил насочен, меѓу другото, и кон јазикот кој го говореле трансилванските и банатските Бугари, што се должи и од неговото потекло. Преку списанието Архив за словенска филологија се родило едно пријателство помеѓу уредникот на списанието, Ватрослав Јагиќ, и младиот бугарски научник. Тие започнале да водат меѓусебна кореспонденција во која покрај науката, имало и политика и приватност. Таа кореспонденција траела сè до смртта на Јагиќ во 1923 година.
Милетич во годината кога докторирал, имал и висока позиција во Софиската висока школа. Имено, тој бил заменик ректор. Љубомир покажал голема активност како проректор. Така, во еден извештај од 30 август 1889 година, Милетич предложил одредени промени на школата поврзани со распоредот на предавалните. Имено, во зградата учеле ученици од софиската гимназија и од Високата школа. Младиот научник многу брзо започнал со своите научни истражувања надвор од границите на Бугарија. Милетич заедно со својот колега Димитар Агура во септември 1892 година заминал за Романија, за да извршат одредени истражувања на словенските ракописи кои се наоѓале во тамошните архиви и библиотеки. Министерот за народна пресвета Живков лично ја поддржал оваа научна мисија. Двајцата научници првин го посетиле Букурешт, која порано бил центар на влашкото кнежество. Двајцата добиле препораки од романските власти што им овозможило да вршат истражувања во архивите во Букурешт и во Јаши, како и во универзитетските библиотеки во двата града. За нивна среќа, бидејќи со соочувале со проблеми кои имале технички карактер, на услуга им се нашол професорот Хасдеу, романски славист. По враќањето во Бугарија, заеднички објавиле една поголема статија која се однесувала на нивното истражување во Романија. На планот на наставата во оваа 1892 година, Милетич се стекнал со највисокото наставно-научно звање на една високообразовна институција, кога бил избран за редовен професор на Софиската виша школа. Во 1893 година, бил еден од основачите на списанието Бугарски преглед кое, како енциклопедиско издание, орган глас на новата Виша школа во Софија. Исто така Милетич бил активен и во бугарското списание Зборник за народни умотворенија, наука и книжнина, основано од познатиот бугарски научник Иван Шишманов. Милетич се ангажирал и во создавањето на првиот Алманах на Софиската висока школа. Тој на Заседанието на Академскиот совет на школата, одржано на 7 март 1897 година, со еден извештај, побарал издавање на еден алманах на школата, во кој би се нашле сведоштва за академскиот персонал, предавањата, научната дејност на предавачите, теми за студентите, годишен отчет, состојбите на институтите и др. По разгледувањето на извештајот на Милетич, Академскиот совет решил Високата школа да започне со издавање Годишник на оваа високообразовна установа.
Во моментите кога во Македонија се поставувале основите на револуционерната и ослободителната борба во Бугарија, се отворило прашањето за реформа на правописот. Милетич, како човек од науката, се вклучил во обидот за реформа. Во август 1892 година, министерот за народна просвета Георги Живков назначил комисија за реформа на бугарскиот правопис, во состав: Иван Шишманов, Александар Теодоров, Љубомир Милетич, Иван Георгов, Бењо Цонев, Димитар Матов и Стојан Аргиров. Тој во списанието Български преглед објавил една статија која се однесувала на правописната реформа, а била отпечатена на новиот правопис „со цел да влијае пред пошироката јавност за негово прифаќање“. Всушност, поголемиот дел од статијата на Милетич е извештајот и решенијата на Комисијата во однос на нејзините предлози за реформа на бугарскиот правопис. Статијата на Милетич била во насока на реформата не само на бугарскиот правопис, туку и на азбуката. Меѓутоа, отпорот кон прифаќањето на предложената реформа бил многу голем, се вмешала и политиката, а во земјата биле одржани и митинзи против неа. Самиот проект за правописна реформа пропаднал, па така и самото списание започнало да излегува со еден поумерен правопис.
Македонскиот комитет Во 1895 година, во Софија бил формиран Македонски комитет, во чии активности Милетич веднаш се вклучил. На 30 април 1895 година, во салонот на Славјанска беседа во бугарската престолнина по покана на Македонскиот комитет било одржано општо собрание на сите македонски друштва во Софија, кое било отворено од страна на претседателот на комитетот, Трајко Китанчев. Целта била да се усвои устав изработен за обединетото македонско друштво во Софија и истовремено да се изберат негови повереници. Претседател на поверенството станал Никола Иванов, а потпретседателското место го добил Љубомир Милетич. Истовремено, тој останува активен на Високата школа. Во 1895 година, заедно со уште двајца претставници на факултетите, бил ангажиран во подготовката на Правилникот за примена на Законот за Високата школа. Во истиот период патува во Банат (Австроунгарија) со цел да се истражи историјата, навиките, културата, книжевноста и литературата на тамошните Бугари. Како резултат на оваа посета и истражувањата кои таму ги направил, во 1896 година објавил две статии со наслов На гости кај банатските Бугари. Една година подоцна, Љубомир објавил еден од своите позначајни трудови – Населувањето на католичките Бугари во Трансилванија и Банат. Како дел од истражувањата кои ги направил во Банат, тој во 1900 година ја објавил обемната студија Книжевноста и јазикот на банатските Бугари. Ова истражување на Милетич заедно со резултатите од него кои ги објавил, претставувале значаен придонес околу потеклото, традицијата, културата и јазикот на банатските Бугари.