Биткоин () — платежен систем што се појавил во 2009 година како програма со отворен код. Биткоинот е глобален децентрализиран електронски протокол и систем за директно (peer-to-peer, P2P) плаќање.Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 49.

Ова е дигитална валута, уште се нарекува и виртуелна валута, електронски пари или криптовалута поради криптографијата која се користи при создавањето и трансферот. Најчесто, во англискиот јазик, кога се користи голема буква во името (Биткоин), се мисли на технологијата и мрежата, додека кога се користи со мала буква (биткоин) се однесува на дигиталната валута. Биткоинскиот систем не е контролиран од ниту еден ентитет, како на пример централна банка, поради што најчесто се нарекува децентрализирана валута.

Биткоините се создаваат преку процес кој се нарекува „рударење“ - користење на сметачката моќ на мрежата за верификација и запис на плаќањата јавно онлајн, во размена за провизија при трансакции и новосоздадени биткоини. Корисниците испраќаат и примаат биткоини преку програмски прилог наречен паричник, кој може да се користи на сметач, мобилен уред или како семрежен прилог. Биткоини можат да се стекнат со „рударење“, во замена за производи, услуги или други валути.

Комерцијалната употреба на биткоинот е сѐ уште мала во споредба со шпекулациите, кои се причина за флуктуациите во цената. Користењето на биткоинската мрежа за плаќање на сервиси и услуги е во пораст и постојано се зголемува. Една од причините се ниските трошоци во споредба провизиите кај традиционалните кредитни картички кои се движат помеѓу 2 и 3 проценти. Најголемата биткоинска трансакција била извршена на 20 март 2014 година, за купување на вила во Бали, во износ од 500.000 американски долари. Првиот Биткоински митап во Македонија се одржал во Скопје на 24 април 2014 година, во кафулето на тенискиот центар „МТП“.

Историјат На 31 октомври 2008 година, непознато лице или група луѓе, под псевдонимот Сатоши Накамото, на еден специјализиран интернет-форум објавил работен текст со наслов „Биткоин: непосреден електронски систем за готовински трансакции“ (Bitcoin: A peer-to-Peer Electronic Cash System). Изумителот на овој систем е непознат при што кон крајот на 2010 година тој потполно исчезнал од јавноста. Постојат бројни теории и шпекулации за тоа кој се крие зад псевдонимот Накамото, но ниту една не е потврдена. Исто така, постои шпекулација дека првите милион произведени биткоини му примаѓаат на Накамото, меѓутоа тоа не е докажано, зошто со нив не е направена ниту една трансакција. на почетокот, работниот текст на Накамото наишол на многу критики и бил прифатен со скептицизам, зашто во тоа време се мислело дека бројните проблеми поврзани со системот за непосредни плаќања не можат да бидат решени. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, Накамото ја објавил првата верзија на компјутерската програма и на 3 јануари 2009 година го произвел првиот блок на блоковскиот ланец на биткоини. Притоа, како доказ за времето кога е произведен, во самиот блок е ставен насловот на весникот „Тајмс“ од 3 јануари 2009 година: „Chancellor on brink of second bailout for banks“.Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 44-45.

Одлики на Биткоин Основните одлики на Биткоинот како систем на плаќања се:Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 49-51. транснационалност и виртуелност: системот не е во ничија сопственост, а дигиталната валута не е контролирана од ниту една централна банка. отпорност на цензура (промени): сите трансакции во форма на блокови се запишуваат во децентрализирана база на податоци, која постои во идентични копии на илјадници локации во светот. Поради тоа, не е можно да се избришат или да се променат претходните трансакции, туку тие остануваат запишани засекогаш. децентрализираност: функционирањето и веродостојноста на системот ги одржува мрежа од голем број независни јазли (nodes) кои ги потврдуваат произведените блокови на трансакции. Сите учесници во системот одржуваат идентична копија на базата на податоци која се ажурира на секои 10 минути. Притоа, во 2018 година постоеле околу 10.000 „јазли и рудари“ во над 100 земји. непроменлива и однапред дефинирана политика на создавање на биткоини: бројот на биткоини кои ќе бидат прозиведени е однапред дефиниран, фиксен и конечен. Според протоколот, стапката на произведување нови биткоини се преполовува на секои 210.000 блокови (приближно, четири години), а конечниот износ на сите биткоини е одреден на 21 милион. елиминација на доверлива трета страна како посредник во трансакциите: во извршувањето на трансакциите и во производството на биткоини нема посредник (банка, клириншка куќа или друга институција). анонимност: сите трансакции се јавно достапни, но анонимни и нема можност за откривање на идентитетот на учесниците во трансакциите. Сепак, текот на биткоините може да се следи од една на друга адреса во системот.

Сепак, биткоинот се одликува и со некои слабости и ограничувања, како што се:Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 48. протоколот е бавен и овозможува обработка на најмногу седум трансакции во секунда големината на блокот е ограничена на еден мегабајт, а бројот на трансакции по еден блок е ограничен на нивото од 1.000 до 2.000 на секои десет минути големината на целата блоковска врска изнесува 180 гигабајти обработката на трансакциите и во изнаоѓањето решение за секој блок од страна на илјадници „рудари“ предизвикува голема потрошувачка на електрична енергија

Трансакции

Кога некој биткоински корисник ќе изврши плаќање, финансиската трансакција се забележува во биткоинската мрежата. Биткоинската трансакција е дигитално потпишана порака преку која се пренесува сопственоста од една биткоинска адреса на друга. За трансакцијата да биде успешна, истата се запишува во јавен запис или податочна база на трансакции.

Блоковски ланец

Блоковски ланец (анг. block chain) е записникот кој ги снима биткоинските трансакции. Одржувањето на овој систем се врши од страна на мрежа од комуникациски јазли кои работат на биткоинската програмска опрема. Трансакции во форма обврзник X праќа Y биткоини на ремитентот Z се емитуваат во оваа мрежа со користење на лесно достапни програмски прилози. Мрежните јазли можат да проверуваат трансакции, да ги додадат во нивната копија од јавната книга, и тогаш да ги пренесуваат овие дополнувања на јавната книга на други јазли. Блоковскиот ланец е база на дистрибуирани податоци, со цел самостојно да се потврди синџирот на сопственост на сите и секој биткоински износ, секоја мрежа на јазли складира своја сопствена копија од блоковскиот ланчен систем. Околу шест пати на час, на нова група на прифатени трансакции, еден блок, се создава, додава на блоковски ланец, и брзо се објавува на сите јазли. Ова му овозможува на биткоинската програмска опрема да утврди кога одреден биткоински износ бил потрошен, што е неопходно со цел да се спречи двојно трошење во средина без централен надзор. Со оглед на тоа конвенционалната книга евидентира трансфер на вистински сметки или меници кои постојат настрана од тоа, блоковскиот ланец е единственото место каде што биткоинот може да се каже дека постои во форма на непотрошени аутпути на трансакции.

„Рударење“

Одржувањето на блоковскиот ланец преку сметачки систем се нарекува „рударење“, а оваа операција се спроведува со скапа компјутерска опрема која троши многу електрична енергија. „Рударењето“ се спроведува така што сите новосоздадени биткоин-трансакции се испраќаат во базата на непотврдени трансакции. Секој „рудар“ произволно избира одреден број непотврдени трансакции и со решавање на зададениот математички проблем ја произведува следниот блок во блоковската врска. Решавањето на блокот се состои во пронаоѓањето сложено математичко решение, дефинирано во биткоин-протоколот, а тежината на проблемот е определена од самиот протокол и таа се приспособува во зависност од вкупната инсталирана обработувачка моќ (hashing power) на сите компјутери за „рударење“ што се приклучени на мрежата. На тој начин се одржува постојано производство од еден нов блок на секои десет минути. „Рударот“ кој прв ќе го реши математичкиот проблем ги исрпаќа блокот и решението до сите учесници во мрежата, кои треба да го потврдат решението. Штом се добијат неколку такви потврди, блокот се смета за валиден и се запишува како последен блок во блоковската врска, а „рударот“ добива награда. Сите други нерешени блокови се растураат и процесот почнува одново за следниот блок. Од големо значење во овој процес е тоа што другите „рудари“ се заинтересирани да го потврдат решението на победничкиот „рудар“, бидејќи и тие ќе мора да добијат таква потврда во следниот круг на создавање блокови.Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 45-46.

Оние што го прават „рударењето“ се наградени со новосоздадени биткоини и со провизии од извршените трансакции. „Рударењето“ од ден на ден станува технолошки понапредно. „Рударите“ можат да се наоѓаат на која било локација, преку која обработуваат плаќања и ја верификуваат секоја трансакција како валидна, додавајќи ја на веригата блокови. Од 2014 година, обработката при плаќање е наградена со 25 новосоздадени биткоини за еден блок. За да ја добие наградата, „рударот“ во блокот вклучува специјална трансакција наречена „coin base“ која ги насочува наградените биткоини до адреса по негов избор. Сите биткоини во циркулација може да се проследат назад до „coin base" трансакцијата. Од 2017 година, наградата за создавање нов блок била преполовена на 12,5 биткоини, а намалувањето на наградата ќе продолжи и ќе се случува на секои четири години. Притоа, до 2040 година ќе има 21 милиони биткоини, а наградите ќе бидат само провизии за обработка на трансакции. Корисниците кои плаќаат провизија може да очекуваат побрзи трансакции.

Во ноември 2014 година, во Тајланд изгорел еден од најголемите „рудници“ на биткоини во светот, со сила од околу пет мегавати, со што била нарушена мрежата на оваа криптовалута.„Изгоре голем „рудник“ на биткоини“, Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 10.

Анонимност

Јавната природа на биткоинската мрежа значи дека корисниците не се идентификувани по име, меѓутоа може да постои одредено поврзување на трансакции со поединци и компании. Дополнително, многу правни системи настојуваат пазари каде се продава и купува биткоинот за готовина, да бараат лични информации.

Сопствеништво

Сопствеништвото на биткоини поврзано со одредена биткоинска адреса може да биде потврдено со приватниот клуч кој ѝ припаѓа на таа адреса. За сопственикот, важно е да го чува неговиот приватен клуч на сигурно место и да се осигура дека не може да го изгуби. Ако приватните клучеви се изгубат, корисникот не може да го приложи своето сопствеништво на друг начин. Приватните клучеви треба да се чуваат на сигурно место, затоа што секој што ги знае може да ги преземе биткоините од адресата на сопственикот.

Продажба и купување