Носии од Банско — народни носии од околината на Банско, во Пиринска Македонија, денес во Бугарија. Овие носии припаѓаат на Струмо-местанската етнографска целина и ги носат нејзините основни карактеристики. Женските се карактеристични по црвената клашна и скутина, а машките по нивниот планински карактер, едноставноста, како и по замената на бојата од бела и светла во темна. Женска носија

Женската носија во Банско била составена е од следниве делови: риза, скутина, антерија, колан, појас, детали за забрадување и обување и накит и обредни реквизити. Ризата или кошулата се среќавала во сите предели на Пирин и секаде била направена од ленена или памучна преѓа, но на почетокот на 20-тиот век почнало да се користи и волнено платно. Кенарното платно, чија употреба брзо замрела, се употребувало за видливите делови на облеката што се наоѓале под горните слоеви. Појасот, кој најчесто служел за финално оформување на носијата во разлошкиот крај, служел за да ја стегне горната облека и да ги задржи наназад превитканите поли од абата на синовицата – горна лесна облека најчесто во сина боја. Врз ткаениот појас на предниот дел се опашува алова скутина - скутача, украсена со извезени мотиви и аплицирани монистра и л'скавци. Скутината често ја означувала возраста, а преку видот на орнаментите и бојата можела да се открие и семејната состојба на жената. Појасот секогаш се носел над горната облека и заедно со врвките од скутината биле сместени под коланот со пафти. Во 20-тиот век, антеријата постепено се заменувала со шутак или шуте од памук или кадифе. Тој бил долг до колена, немал ракави и бил украсен со гајтани.

Во женската носија од околината на Банско, посебно е забележлива облеката од црвена валана клашна, безракавна, долга до колена, со богати набори во долниот дел, која се облекува врз платнената кошула, украсена со ситно извезени геометриски мотиви. Таа била од волнена основа и по надворешните рабови била опточена со црна волнена оптока или гајтан. Во време на сиромаштија, во Банско и околината,  клашникот се користел како горна облека и во домашни услови. Во пиринскиот крај низ целиот период најраспространета била сајата, посебно белата. Забунот како една од најраните форми на народната облека бил изведен од домашна лесна волнена ткаенина со црвени ивици по основата. Поставата била од бела волнена ткаенина и била лесно прошиена со тенок слој волна или памук. Возрасните го носеле над клашната. Забунот постепено бил истиснат и заменет од клашната. Со постепената појава на алаџата и антеријата во народната носија се активирало и локалнато ткајачко творештво. На крајот од 19-тиот век се појавила и градската облека која дала нов лик на носиите. Таков пример е фустанот кој во Банско бил направен од тенка волнена ткаенина во црвена или почесто во виолетова боја. Тој бил особено развиен во Разлошко и Банско и се состоел од два елементи: елек – скроено платно по горниот дел на телото и пола – составена од 6 прави ткаенини набрани во сугри.

Кон средината на 20-тиот век почнало масовно напуштање на традиционалните горни облеки. Во носијата од Банско се среќавало и клиново џубе како последна горна облека. Во овие предели поради студот често се удвојувале или утројувале горните облеки. Главата била покриена со црвена капа – шапчица од црвена волнена ткаенина или исплетена волнена преѓа. Таа имала цилиндрична форма, однапред украсена со златни парички и монистра, а девојките ја носеле за празници. Машка носија

Машката носија, сета од клашнени облеки во темни бои - чашири, елек, долама, ткаен појас, дебели волнени плетени чорапи и на главата калпак од јагнешка кожа, делува впечатливо како изразито планинска носија. Таа била многу едноставна и имала мал број елементи. Порано главни облеки биле ризата, гаќите и појасот, а најчесто се носеле бели облеки како бели потури и бел елек. Белите облеки се замениле со темни во периодот на ослободувањето од османлиите околу 1912 година. Волнените гаќи кои биле направени од домашно платно во Банско се нарекуваат чашири или чакшири. Нивната кројка била иста како таа на памучните. Бојата на гаќите често била во темни нијанси, а помладите за празници се облекувале во сини или виолетови чакшири. Покрај гаќите се среќаваат и ѕиври од волнена ткаенина и нивното украсување зависело од материјалната состојба на семејството.

Појасот се јавувал често во машките носии, посебно кај помладите, при што неколку пати се опашувал околу половината. Горни облеки биле и елекот, ферменето и чепканот кој бил во форма на елек или фермене само што имал прикачени ракави и го носеле најчесто младите. Во горните облеки спаѓа и доламата која се облекувала непосредно над ризата или пак се носела самостојно. Антеријата се шиела од тенка волнена ткаенина, најчесто во улога на втора подоблека. Карактеристична горна празнична облека била салтамарката од шајак или сукно, кратка до половина, со долги ракави, често порабена и украсена со кожа од дивеч. Детска носија

Децата на 2 или 3 годишна возраст облекувале гунки од волна или шајак. Преку летото момчињата носеле долги платнени туниковидни кошули, а гаќи се облекувале дури кога момчето ќе може да се вклучи во семејните стопански активности. Девојчињата на оваа возраст почнувале да носат костумче од кошулка, алаџа, клашник и фустанче. Наводи

Категорија:Македонски народни носии Категорија:Вардарски комплекс Категорија:Струмско-местанската етнографска целина