Марија Саломеа Склодовска – Кири (полски и француски: Marie Salomea Skłodowska Curie; - ) — полско-француски физичар и хемичар. Таа е пионер во областа на радиоактивноста, а подоцна станува првиот двократен добитник на Нобеловата награда (единствена жена) и единствениот добитник на Нобеловата награда во две различни области на науката – физика и хемија. Таа, исто така, е првата жена што била поканета да предава на Универзитетот Сорбона во Париз. Родена е во Варшава, но во 1891, на возраст од 24 години, се преселува во Франција да студира природни науки во Париз. Таму ги добива сите свои универзитетски дипломи и ја развива својата научна кариера, со што станува натурализиран граѓанин на Франција. Основач е на институтите „Кири“ во Париз и во Варшава.

Животопис Рани години thumb|left|upright|Владислав Склодовски, ќерките (од лево) Марија, Бронислава, Хелена, 1890 Родена во Варшава, Полска, во тоа време под власт на Руското Царство, нејзиното детство било тажно, обележано со смртта на нејзината сестра (починала од тифус), а по четири години и на нејзината мајка. Било забележано дека има неверојатно помнење и способност за исцрпувачка работа, занемарувајќи ги дури и храната и спиењето за време на учењето. После матурирањето на само петнаесетгодишна возраст, била потполно исцрпена и била испратена на село за да закрепне. Поради тоа што била женско, како и поради руските (анти-полски) репресии по Јануарското Востание од 1863 година, не и било дозволено да се запише на ниту еден универзитет, така што неколку години била принудена да работи како гувернанта и да го посетува нелегалниот т.н. „Летечки Универзитет“.

Новиот живот во Париз Конечно, со финансиска помош од нејзината постара сестра Брониа, се преселила во Париз. Посетувала приватен женски колеџ, а потоа студирала физика и математика на „Сорбона“ и завршила прва во генерацијата, во пролетта 1893 година. Една година подоцна, магистрирала на математика, исто така на „Сорбона“. Под менторство на Анри Бекерел, во 1903 година докторирала на Високата школа за индустриска физика и хемија во Париз, како прва жена – доктор на науки во Франција.

На „Сорбона“ го запознала, а подоцна и се омажила за Пјер Кири. Заедно, ги проучувале радиоактивните материјали, особено минералот уранинит, кој имал необично својство да биде порадиоактивен од ураниумот што се добивал од него. До 1898 година, веќе извлекле логично објаснување: минералот сигурно содржел примеси од некоја непозната радиоактивна супстанца, која што била многу порадиоактивна од ураниумот. Така, на 26 декември, Марија Кири го објавила постоењето на оваа нова супстанца. По неколкугодишна непрекината работа, рафинирале неколку тони од минералот, изолирајќи, на тој начин, радиум хлорид (на 20 април 1902 година), како и два нови хемиски елементи. Првиот го нарекле полониум, во чест на родната земја на Марија, а другиот радиум, поради интензивната радиоактивност.

Нобелови награди Заедно со Пјер Кири и Анри Бекерел, ја добила Нобеловата награда за физика во 1903 година, „како признание за исклучителниот придонес во нивното заедничко истражување на феноменот на радиоактивноста откриен од Проф. Анри Бекерел“. Така, таа станала првата жена добитник на Нобеловата награда. Осум години подоцна, ја добила и Нобеловата награда за хемија во 1911 година, „како признание за нејзиниот придонес за напредокот на хемијата со откривањето на елементите радиум и полониум, со изолирањето на радиумот и со проучувањето на својствата и соединенијата на овој значаен хемиски елемент“. Необично, но намерно, Марија Кири не го патентирала процесот на изолирање на радиумот, со цел научните кругови да можат непречено да истражуваат. Само еден месец по добивањето на Нобеловата награда, била хоспитализирана поради депресија и проблеми со бубрезите. Инаку, во 1910 година, во чест на нејзиниот сопруг кој бил прегазен од кочија четири години порано (на 19 април 1906 година во Париз), основната единица за мерење на радиоактивноста била наречена кири.

thumb|upright=0.8|Марија и нејзината ќерка Ирен, 1925

Во 1921 година, триумфално пречекана, пропатувала низ САД со цел да обезбеди средства за истражување на радиумот. Во подоцнежните години, била длабоко разочарана од мноштвото лекари и производители на козметика кои користеле радиоактивен материјал без посебни мерки на претпазливост.

Смрт Причина за нејзината смрт во 1934 година (во местото Санселемó, на југоистокот на Франција) била апластична анемија (слабокрвност), како последица од прекумерното озрачување во текот на нејзината работа, во период кога за штетните ефекти од радијацијата не се знаело доволно. Имено, честопати, по џебовите носела стаклени садови полни со радиоактивни изотопи, а знаела да зборува и за „прекрасната синозелена светлина што ја оддавале металите во мрак“.

По смртта била погребана во истите гробишта во кои почивал и Пјер Кири, но во април 1995 година, во чест на големите достигнувања, посмртните останки им биле пренесени во Пантеон во Париз, помеѓу најславните личности од француската историја. И, повторно, Марија Кири е првата жена погребана во Пантеон, во знак на признание за нејзиното дело.

Ќерката на Пјер и Марија Кири, Ирена Жолио - Кири, и зетот Фредерик Жолио – Кири биле, исто така, физичари кои се занимавале со изучување на радиоактивноста и станале добитници на Нобеловата награда за хемија во 1935 година. Помладата ќерка, Ева, ја напишала и објавила биографијата на својата мајка, под наслов „Мадам Кири“.

Значење и почести Марија Кири претставува тема на песната „Сила“ (англиски: Power) на американската поетеса Едриен Рич (Adrienne Rich).Petar Penda (izbor i prevod), Eight contemporary American poets – Osam savremenih američkih pjesnika (drugo izdanje). Zadužbina “Petar Kočić”, Banja Luka i Beograd, 2009, стр. 56.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Надвор од сенките – Студија на жените физичари Портал на Љублинскиот универзитет „Марија Склодовска – Кири“ во Полска на англиски. Детална биографија на порталот „Наука во Полска“ ; со цитати, фотографии, врски и др. Европски стипендии „Марија Кири“ Стипендиско здружение „Марија Кири“

Марија Склодовска – Кири: Нејзиниот живот како медиумски компендиум Марија и Пјер Кири и откривањето на полониум и радиум Хронологија од nobelprize.org Додатна библиографија на Марија Кири од Алсоската дигитална библиотека Некролог, New York Times, 5 јули 1934 Г-ѓа. Кири е мртва; Маченик за наука Некои места и спомени поврзани со Марија Кири Марија Кири на банкнотата од 500 француски франкови и 20000 стари полски злоти.  – Анимирана биографија на Марија Кири на DVD од анимирани серии на светската и американската историја – Анимирани херојски класици дистрибуирано од Nest Learning.  – Во живо акција портрет на Марија Кири на DVD од основачите на серијата произведени од „Божествена забава“).  – Портрет на Марија Кири во телевизиски мини серии произведени од Би-би-си "Марија Кири и студијата за радиоактивност" на порталот Американски институт за физика . (На страницата исто така има скратена верзија за деца насловена "Нејзината приказна накратко!" .)

Дела од Марија Кири на Галика

Категорија:Експериментални физичари Категорија:Француски хемичари Категорија:Француски нобеловци Категорија:Француски физичари Категорија:Француски научници Категорија:Добитници на Нобеловата награда за хемија Категорија:Добитници на Нобеловата награда за физика Категорија:Луѓе од Варшава Категорија:Полски хемичари Категорија:Полски нобеловци Категорија:Полски физичари Категорија:Радиоактивност Категорија:Дописни членови на Петербуршката академија на науките Категорија:Апсолвенти на Парискиот универзитет Категорија:Откривачи на хемиски елементи Категорија:Француски пронаоѓачи Категорија:Дописни членови на Академијата на науките на Советскиот Сојуз Категорија:Членови на Кралската шведска академија на науките Категорија:Членови на Кралската холандска академија на уметностите и науките