Полчишки манастир — манастир во прилепското село Полчиште.
Местоположба
Манастирот се наоѓа југозападно од селото, оддалечен околу 1,5 километри во местото односно на самиот врв на гребенот (ридот) Скрка во Мариово. Местоположбата на манастирот е специфична. Изграден е на врвот Панделе на надморска височина од 1.344 метри. Свети Пантелејмон во Мариово се нарекува со името Панделе, па затоа и местото на кое се наоѓа манастирот го добило името Панделе.
До манастирот се стигнува по стрмен кривулест пат, каде доминира врвот, што овозможува глетка на цело Мариово како на дланка. Според усните преданија кај народот од овој крај, многупати се вели дека „Панделе е на високо и гледа сè“.
Историја
Манастирот првпат бил изграден околу 1830 година од Коле Папаров, за кого други податоци не се познати и не се сочувани. Манастирот бил изграден од дрвена граѓа. Така останал до изградбата на црквата од тврда градба.
Околу 1938 година на Тодија Рошков му се претскажало да изгради црква на истото место, од тврда градба. Црквата била изградена под негово раководење со сесрдна помош од луѓето на околните села, претежно од Полчиште. Храмот бил изграден на нова локација да не се урни веќе постојната црква, иако била од дрвена граѓа, и поради новата локација утврдена на гребен од кој може да се гледа од сите страни.
Новоизградената црква била поголема, сепак со скромни димензии и архитектура. Формата е правоаголна, долга 7 метри, а широка 6 метри. Ѕидовите се од камен, со бел малтер. Покривот е со две косини, со мала купола. Направен е од понови материјали, со замена на стариот покрив, кој бил од камени плочи, со какви се покриени и најголемиот број куќи во Мариово. Има две врати, од западната и јужната страна.
Црквата е осветена е од митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, на 11 октомври 1985 година. Покрај славата на денот посветен на Свети Пантелејмон, 9 август, се слави и денот на осветувањето на црквата 11 октомври и денот посветен на Свети Ѓорѓи, Ѓурѓовден на 6 мај.
Со изградбата на новата црква, старата била оставена на забот на времето, која се урнала. Останало само обележје каде се наоѓала. По претскажување на Карафила Гогова од Полчиште, на нејзина иницијатива и сесрдно залагање 1985 година, почната е и изградена нова, мала црква на старата локација, односно на избраното место. Новата црквичка е правоаголна, со скромни димензии, должина од 4 метри, ширина од 3 метри и височина од 2,5 метри. Црквичката е посветена исто така на Св. Вмч. Пантелејмон. Внатрешноста не е зографисана, а иконостасот е скромен, направен од дрво.Според кажувања на Бојо Бојов, жител на Полчиште
Во манастирскиот двор се наоѓа и истоименото археолошко наоѓалиште (Свети Пантеле), кој претставува кастел од раноантичко време.
Градби во манастирот
Манастирскиот комплекс е составен од: главната и новата манастирска црква, конакот, трпезаријата, како и други помошни објекти.
Црква „Св. Пантелејмон“ (стара)
Главната манастирска црква е посветена на Свети Пантелејмон, по која е и наречен целиот манастир.
Црква „Св. Пантелејмон“ (нова)
Помалата манастирска црква е посветена исто така на Свети Пантелејмон.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Полчиште Категорија:Манастири во Македонија Категорија:Манастири на МПЦ Категорија:Манастири во Преспанско-пелагониската епархија Категорија:Манастири во Прилепското архијерејско намесништво