Буџетирање во единиците на локална самопурава (англиски: Local Government Budgeting) - процес на донесување, извршување и контрола на буџетот во единиците на локалната самоуправа (општините).

Структура на буџетот во локалната самоуправа Согласно Законот за буџетите, буџетот на локалната самоуправа, претставува годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства. Во него се вклучени: основниот буџет, буџетот на самофинансирачки активности, буџетот на донации, буџетот на дотации и задолжувањето.Закон за буџети, Службен весник на Република Македонија, бр.64/2005. Согласно Законот за финансирање на ЕЛС и Законот за буџетите, општините остваруваат приходи од следните извори: сопствени извори на приходи, кои се остваруваат врз основа на наплатата на локални даноци, такси, надоместоци приходи по основ сопственост, приходи по основ на трансфери од буџетот и буџетите на фондовите, како средства по основ на персонален данок, ДДВ и други трансфери, приходи на буџетските корисници кои се користат за покривање на нивните редовни активности, познати како приходи од самофинансирачки активности, приходи по основ донации, кои се остваруваат врз основа изработени и одобрени проекти од разни меѓународни институции и фондови, приходи по основ блок дотации за буџетските корисници од областа на образованието и детската заштита, приходи по основ на наменски дотации за противпожарни единици.

Во процесот на буџетирање, содржината и програмите од кои се состои буџетот се усогласени со унифициран начин на припрема и изготвување на буџетот, утврден од Министерството за финансии. Општинскиот буџет се состои од општ и посебен дел. Во општиот дел, содржани се следните елементи: консолидиран биланс на приходи и расходи функционална класификација на расходите биланс на тековно оперативни расходи биланс на капитални приходи и расходи приходи и расходи за развојните програми.

Песебниот дел на буџетот ги прикажува расходите според Правилникот за класификација на расходите донесен од страна на Министерството за финансии, групирани според корисници и програми.Правилник за класификација на расходите, Службен весник на Република Македонија, бр.76/2009.

Расходите на буџетот, според корисници и намени, се групирани во соодветни програми, како: Совет на општина, која ги содржи и опфаќа активностите и расходите поврзани со работата на општинскиот совет, Градоначалник, во која се искажани потребните расходи за функционирање на институцијата градоначалник, Месна самоуправа, во која програма се предвидуваат средства за поддршка на месните, односно урбаните заедници, Општинска администрација, ги содржи расходите неопходни за функционирање на општинската адинистрација во делот на режиските трошоци.

Во продолжение, буџетот ги содржи програмите во кои се зацртани разни активности и проекти од значење за развојот на општината: Урбанистичко планирање, Уредување на градежно земјиште, Поддршка на локалниот економски развој, Поттикнување и развој на туризмот, Проекти за енергетска ефикасност, Изградба и одржување на јавно осветление, Јавна чистота, Изградба и одржување на локални улици и патишта, Социјална заштита, Спорт и рекреација, Образование и култура, Противпожарна заштита.

Секоја од овие програми е структурирана согласно економската класификација на приходите и расходите утврдена од Министерството за финансии. Покрај овие програми, кои најчесто се јавуваат при создавањето на локалните буџети, постои можност да бидат создадени и нови програми, во согласност со надлежностите на локалната самоуправа.

Процедура на донесување на буџетот Учесници во буџетскиот процес Главните учесници во процесот на буџетирање на локалната самоуправа се: министерството за финансии, градоначалникот, советот на општината, единките-корисници на буџетот, граѓаните на општината, разни здруженија и невладини организации и општинската администрација.

Министерството за финансии е еден од најзначајните глумци во буџетскиот процес, како во фазата на донесување на буџетот, така и во фазата на извршување на буџетот. Планирањето на буџетите и следењето на извршувањето на буџетите, како во приходниот дел, така и во расходниот дел, министерството за финансии го спроведува преку Секторот за буџети и Секторот трезор. Согласно законската рамка, градоначалникот го подготвува буџетот и го предлага на советот за усвојување во точно утврдена постапка.

Советот на општината, како највисок орган на одлучување на локално ниво, има важна улога во процесот на подготовка во процесот на донесување на буџетот и во процесот на контрола на извршувањето на буџетот. Единките-корисници на буџет во буџетскиот процес учествуваат по неколку основи и се застапени во следниве сегменти: во планирањето на буџетот, за овие единки се планираат средства во основниот буџет и во делот од самофинансирачки активности, а нивните материјални и режиски трошоци, плати и надоместоци се планираат во делот од дотациите.

Граѓаните својата улога во буџетскиот процес ја имаат во фазата на подготвување на буџетот, каде на разни собири, јавни трибини и средби на граѓани, како и преку своите урбани заедници, може да влијаат во овие процеси. Здруженијата на граѓани и невладиниот сектор може да учествуваат во процесот на подготвување на буџетот со свои мислења, сугестии, предлози. Општинската администрација има задача да ги искоординира активностите при донесувањето на буџетот, а потоа, таа го извршува буџетот.

Фази во буџетскиот процес Целокупниот буџетски процес, уреден со Законот за буџети, опфаќа три главни фази: фазата на подготовка на буџетот, фазата на донесување на буџетот, и процесот на извршување на буџетот.

Подготовка на буџетот Фазата на подготовка на буџетот започнува врз основа на член 19, став 3 од Законот за буџетите, каде министерството за финансии, заклучно со 30 септември, е должно до градоначалникот на општината да достави таканаречен буџетски циркулар во кој се содржани насоките за подготовка на буџетите на единиците на локалната самоуправа за наредната буџетска година и информации за дотациите до единиците на локалната самоуправа, кои се трансферираат од централниот буџет. Буџетскиот циркулар за изготвување на буџетот вклучува како посебни информации за процесот на буџетирање, така и информации за формата, содржината на буџетот, односно планирање на расходите по програми и потпрограми согласно изворните и пренесените надлежности. Буџетскиот циркулар за изработка на општинскиот буџет уште содржи и информации за проценетите приходи за планираната буџетска година и за наредни две буџетски години, податоци за приходите кои се распределуваат помеѓу централниот буџет и буџетите на општините. Исто така, во буџетскиот циркулар се дадени и стратешките приоритети на владата за наредниот период, дадени се објаснувања за распределбата на приходите од ДДВ, како и номинални износи кои ќе се распределат на општините по оваа основаи крајно, буџетскиот циркулар дава насоки и номинални износи за наменските, блок дотациите и другите дотации за општините, утврдени со закон. Наменските односно блок дотациите со точни износи се прецизирани во буџетскиот циркулар, соодветно за секоја група единки корисници, односно, а посебно се дадени износите за единките корисници, градинки, основно образование, средно образование и делот кој отпаѓа на наменски дотации за територијалните противпожарни единици.

По добивање на буџетскиот циркулар, градоначалникот до советот доставува Предлог буџетски календар, кој во себе ја содржи целокупната постапка во донесувањето на буџетот, пооделно како по активности, така и со можни датуми за извршување на тие активности. По донесувањето на буџетскиот календар, градоначалникот, односно стручните служби, пристапуваат кон изработка на општински буџетски циркулар, а пото тој се доставува до единките-корисници на буџетот.Закон за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Сл.Весник на Република Македонија, бр. 61/2004 и 96/2004.

Градоначалникот и стручните служби на општината, во координација со буџетските корисници, ги одредат приоритетите и ги дефинираат потребните средства кои ќе треба да се испланираат во предлог-буџетот. Согласно Законот за буџети, градоначалникот на општината, односно стручните служби подготвуваат Предлог план и развојни програми во согласност со насоките кои се добиени во буџетскиот циркулар, кој потоа градоначалникот го доставува до Советот на разгледување најдоцна до 20 октомври во тековната година. Потоа се разгледуваат нови барања и предлози кои произлегуваат од расправата во телата на советот и советот, по што стручните служби изготвуваат и до градоначалникот доставуваат нацрт-буџет, кој градоначалникот го разгледува и одобрува. Нацрт-буџетот градоначалникот го доставува на разгледување до советот на општината и потоа се објавува и се дава на увид на сите заинтересирани страни. Во оваа фаза се организираат јавни трибини, средби со граѓани, средби со претставници на урбаните заедници, фондациите, здруженијата и сл. Сите предлози, мислења, забелешки, сугестии што ќе произлезат од овие средби повторно ги разгледуваат од градоначалникот и стручните служби, по што до советот се доставува конечен предлог-буџет.

Донесување на буџетот Предлог-буџетот минува низ телата на советот, комисиите, по што советот на општината ги разгледува и одобрува предлог-буџетот, развојните програми, вклучително и фискалната стратегија, и тоа најдоцна до 31 декември во тековната година. По донесувањето, развојните програми и фискалната стратегија стануваат составен дел на буџетот на општината. Конечниот предлог-буџет кој се доставува на разгледување и расправа во комисиите и советот, се состои од неколку делови. Првиот дел е воведот во кој се објаснува процесот на буџетирање, значењето на буџетот, структурата на буџетот, очекувањата кои треба да се исполнат со остварувањето на буџетот, полињата каде што треба да се стави посебен нагласок при изработката на буџетот, буџетските приходи кои ги остварува локалната самоуправа и програмите преку кои ќе се извршува буџетот. Во вториот, општ дел, се прикажуваат планираните приходи и расходи, со цел да се утврди постоење на дефицит како разлика меѓу приходите и расходите и утврдување на приливи за финансирање на дефицитот и одливите по таа основа (отплати). Ова е случај само доколку во процесот на буџетирање се јавува кредитно задолжување кај општините, во спротивно, расходите се планираат на ниво на планираните приходи и не се јавува никаков дефицит. Збирот на вкупните приливи и приходи мора да биде еднаков на вкупните расходи и одливи, со што се воспоставува буџетска рамнотежа.

Во третиот, посебен дел, на буџетот се планираат одобрените средства по програми, потпрограми и ставки за фискалната година, со прикажување на расходите, согласно економската и функционалната класификација. Планираните расходи во буџетот не смеат да ги надминат планираните приходи и приливи за фискалната година, односно обезбедените средства од сопствени и други приходи. Расходите кои се однесуваат на наменските, блок-дотациите и самофинансирачките активности треба да се усогласат со потребите и барањата на единките-корисници на буџет.

По разгледувањето на предлог-буџетот, советот на општината го изгласува буџетот. Во оваа фаза, буџетот на општината може и да не биде усвоен од советот на општината. Во ваква ситуација, согласно Законот за буџети, доколку буџетот на општината не се донесе заклучно со 31 декември во тековната година, се оди со донесување на Одлука за времено право на трошење, што овозможува користење на средства месечно најмногу до една третина од вкупните извршени расходи во првиот квартал од претходната фискална година, а најдоцна до 31 март.Закон за буџети, Службен весник на Република Македонија, бр. 64/2005.