Трајко Славески (Охрид, 22 септември 1960 година) — македонски економист, професор на Економскиот факултет во Скопје, поранешен министер за финансии (од 2006 до 2009 година) и министер за развој (од 1999 до 2000 година) во владите на ВМРО ДПМНЕ и моментален гувернер на Народната банка на Македонија.
Потекло Трајко Славески е роден на 22 септември 1960 година во Охрид.
Научна кариера
Славески дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрирал и докторирал на истиот факултет во 1988 и 1997 год., редоследно. Последипломските студии ги завршил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986 – 1987 г.) и на Универзитетот Харвард (1989 - 1990 г.). Во март 2003 година, тој бил избран во звањето вонреден професор за предметите Макроекономија и Државна регулација.
Славески бил визитинг-професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 год. Од 1999 год., предавал на последипломскиот студиум „South Easteren European Studies“ на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција.
Славески е автор и соавтор на осум книги и бројни статии, објавени во Македонија и странство, во научни и стручни списанија, од областа на приватизацијата, економското преструктуирање, економскиот растеж и развој, економските и социјалните функции на државата и др. Учествувал на голем број меѓународни конференции посветени на транзицијата и развојни прашања. Бил раководител на неколку владини проекти од кои произлегле официјални владини документи, како, на пр: Среднорочната стратегија за развој и реформи „Македонија 2003“, (2000 година) и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата (2002 година).
Полиња на професионален интерес: микроекономија и макроекономија; политичка економија на транзицијата и приватизацијата; бизнисот и владата (државата); економските и социјалните функции на државата; економика на работната сила; економика на корупцијата и организираниот криминал.
Славески бил член на неколку меѓународни истражувачки мрежи. Претседател е на извршниот одбор на невладината организација АМЕ (Асоцијација за модерна економија) со седиште во Скопје и Тетово.
Политичка кариера Во периодот 1999 - 2000 година, Славевски бил министер за развој во владата на Љубчо Георгиевски. Од ноември 2000 до септември 2002 г., ја извршувал функцијата советник на министерот за финансии и национален координатор за подготовка на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата“. Во мај 2005 година бил избран за потпретседател на ВМРО ДПМНЕ. Од април 2005 до август 2006 година бил член на Советот на град Скопје. По победата на ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори во 2006 година, на 27 август 2006 година бил избран за министер за финансии. Оваа функција ја извршувал до 10 јули 2009 година, кога бил разрешен од Собранието.
На локалните избори одржани во 2021 година бил носител на листата советници на коалицијата за Обнова на Македонија предводена од ВМРО - ДПМНЕ. На конститутивната седница на Советот на Град Скопје, одржана на 17 ноември 2021 година бил избран за претседател на Советот на Град Скопје.
Во мај 2025 година, на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, бил избран за гувернер на Народна банка на Македонија.
Наводи
Надворешни врски Блог на Трајко Славески
Категорија:Живи луѓе Категорија:Политичари од Охрид Категорија:Македонски универзитетски професори Категорија:Македонски економисти Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2006 Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2008 Категорија:Министри за финансии на Република Македонија Категорија:Политичари од ВМРО-ДПМНЕ Категорија:Гувернери на НБРМ Категорија:Професори на Економскиот факултет - Скопје Категорија:Апсолвенти на Економскиот факултет - Скопје Категорија:Магистри на Економскиот факултет - Скопје Категорија:Доктори на Економскиот факултет - Скопје