Аршин (турски: arşın) — стара антропоморфна мера за должина. Истиот бил употребуван во градежништвото, но и во други области од секојдневниот живот (трговија, занаетчиството, итн.).
Потекло на поимот Поимот „аршин“ поттекнува од службениот јазик на Отоманското Царство сличен на персиското ареш. Аршинот се среќава и како „зира“, „ѓира“ или „турски лакот“.
Историја Аршинот како мерка за должина се јавува за првпат кај Турците Османлии. Настанат е во моментот на експанзија на исламскиот свет како резултат на потребата за развивање на одделна единица мерка. Оваа мерка се применува на широко подрачје со различни општествено-економски и политички уредувања и во долг временски распон од неколку векови. Аршинот се среќава во средна и источна Европа, северна Африка, па сè до крајбрежјето на Црното Море и Индискиот Океан. Најстарите записи кои сведочат за примената на аршинот во блискиот регион, под името „зира“, се наоѓаат во вакуфнамето на Иса-бег Исаковиќ во Сараево од 1462 година. Аршинот станува официјална државна мерка на територијата на Македонија со доаѓањето на Турците Османлии на оваа територија и се користи сè до Балканските војни.
Особености Големината на овој елемент на антропоморфниот мерен систем е одредена со растојанието помеѓу рамениот зглоб на раката до врвот на средниот прст на испружената рака (помеѓу 65 и 75 сантиметри). Во официјалниот турски мерен систем бил рамен на две стапки или 24 прста.
Во 19 век, во Македонија бил употребуван во три варијанти:
градежничкиот или дулѓерскиот аршин и тој имал 75,8 сантиметри трговскиот или чаршискиот за мерење на обични ткаенини имал 68 сантиметри и терзискиот (ендазе), употребуван од кројачите и абаџиите и тој имал 65 сантиметри
Аршинот бил од дрво или од метал, при што дрвените аршини ги изработувале самите мајстори. Оваа мерка била употребувана дури и по воведувањето на метричкиот систем за мерење во Македонија.
Преносно значење Мери со различен аршин - за иста работа суди различно, различно се однесува кон луѓето, субјективно ги оценува нивните постапки.
Поврзано Мерни единици Историја на мерењето Мерни системи Англиски мерни единици Империјални мерни единици Американски мерни единици Систем SI Раст или човеков бој Чекор Лакот Стапка Дланка Педа Палец Прст Пасус
Наводи
Литература Хаџиева Алексиевска, Јасмина (Студентски збор, Скопје, 1985) „Мерки, антропоморфност и модуларни пропорции кај старата македонска куќа“
Категорија:Единици за должина Категорија:Антропоморфни единици Категорија:Турцизми Категорија:Архаизми Категорија:Застарени мерни единици