Фрида Селена Пинто (родена на 18 октомври 1984 г.) — индиска глумица која главно глуми во американски и британски филмови. Таа е родена и израсната во Мумбаи, Индија, и уште во младите години одлучила да биде глумица.
Пинто станала позната преку британскиот филм Милионер од гетото (2008), во кој таа ја играла својата прва филмска улога. Таа била добитник на наградата за најдобар пробив на Меѓународниот филмски фестивал во Палм Спрингс и била номинирана во неколку категории на различни филмски доделувања на награди. Таа играла улоги во неколку американски и британски филмови, најчесто играјќи споредни улоги. Нејзиниот најголем комерцијален успех се случил со научнофанатастичниот филм Планета на мајмуните: Почеток (2011). Пинто добила големо внимание играјќи ја главната улога во филмот Тришна (2011), режиран од Мајкл Винтерботом. Нејзината изведба во биографската драма Пустински танчер (2014) наишла на пофалби од филмските критичари.
И покрај тоа што индиските медиуми ја опишуваат Пинто како жена која ги соборува стереотипите за индиските жени во странските филмови, таа сепак е помалку позната личност во индиската кинематографија. Заедно со филмската кариера, таа промовира хуманитарни дела и е гласна за зајакнувањето на жените.
Кариера Почетоци и пробив (2008–10)
Во 2007 година, модната агенција на Пинто ја избрала неа и уште шест други модели за аудицијата за главна женска улога за филмот на Дани Бојл, Милионер од гетото (2008) по барање на директорот одговорен за кастингот. По шест месечни ектензивни аудиции, Пинто ја добила улогата на Латика, девојката на главниот лик Џамал, игран од Дев Пател. За време на постпродукциската етапа, таа присуствувала на курс за глума кој го водел режисерот Бари Џон во своето студио за глума во Мумбаи. Иако на курсот се изучувало за „техничките аспекти“ на глумењето, таа изјавила дека „во поглед на вистинското искуство, не постои ништо друго како одењето таму и играјќи ја улогата... За мене, мое омилено училиште за глума беа шестмесечните аудиции со Дани Бојл“. Познат особено по содржината и саундтракот, Милионер од гетото излегол како изненадувачки хит; направен со буџет од 15 мил. долари, заработувајќи 377.9 мил. долари во светски рамки. Филмот бил најуспешен на 81. доделување на наградите Оскар: номиниран во 10 категории, од кои освоил награда во осум, вклучувајќи Оскар за најдобар филм. Пинто ја добила наградата за најдобар пробив на Меѓународниот филмски фестивал во Палм Спрингс, како и наградата за најдобра екипа од страна на здружението на филмски глумци, заедно со другите глумци во филмот. Таа исто така била номинирана за наградата БАФТА за најдобра глумица во споредна улога. Изведбата на Пинто во филмот привлекла мало внимание кај критичарите бидејќи нејзиното присуство во филмот било ограничено.
По успехот на Милионер од гетото, Пинто потпишала за две уметнички продукциски куќи. Во комичната драма Ќе запознаеш висок, црн туѓинец (2010), режирана од Вуди Ален, таа глумела покрај Антонио Бандерас, Џош Бролин, Ентони Хопкинс, Анупам Хер и Наоми Вотс. Таа играла улога на „мистериозна жена“ која го привлекува вниманието на главниот лик игран од Бролин. Филмот својата премиера ја имал на Канскиот филмски фестивал во 2010 година, и добил мешани критики по издавањето. Пинто потоа глумела во биографско-политичкиот филм Мирал (2010), заснован на полубиографскиот роман од Рула Џебреал, играјќи сираче од Палестина која израснала во бегалски камп во Израел. Пред да започне снимањето на филмот на палестинска територија, Пинто се подготвувала за улогата посетувајќи неколку бегалски кампови во областа. Таа изјавила дека може да се соживее со ликот поради нејзините знаења за искуствата на нејзините роднини за време на поделбата на Индија во 1940. години. Филмот добил негативни критики, а изведбата на Пинто ги поделила мислењата на критичарите.
2011–денес Пинто глумела во четири филмови во 2011 година. Првиот бил научнофанатастичниот филм Планета на мајмуните: Почеток. Таа ја играла улогата на Керолајн Арана, приматологист кој се заљубува во главниот лик, игран од Џејмс Франко. За да се подготви за улогата, таа ја истражила кариерата на антрополигистот Џејн Гудал. Филмот заработил 481.8 мил. долари во светски рамки; и е нејзин најпрофиабилен филм. Во својот втор филм во годината, Тришна, режиран од Мајкл Винтерботом, таа играла главна улога. Во филмот, заснован на романот Теса од Д'Убервила од Томас Харди, Пинто играла улога на тинејџерка селанка, која го напушта семејството за да работи за индиски хотелиер, игран од Риз Ахмед. Филмот за првпат бил прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто во 2011 година и заработил мешани реакции од критичарите.
Третата филмска улога на Пинто во 2011 година била улогата на принцезата Лала во слабо прифатениот независен филм Црно злато, драма поставена во Средниот Исток во 1930. години, каде глумела заедно со Антонио Бандерас, Марк Стронг и Лија Кебеде. И покрај негативните критики, Енди Вебстер од The New York Times ги опишал изведбите на Пинто и Кебеде како "освежувачки" и ги пофалил нивните "независни присуства во средина во која доминираат мажи". Последен филм за Пинто во годината бил акционо-фантазискиот филм Бесмртници, во кој таа ја играла свештеничката Федра. И покрај добиените мешани до позитивни реакции од критичарите, филмот заработил 226.9 мил. долари во светски рамки.
По 2011 година, Пинто не глумела во филм две години. Во 2013 година, таа се појавила во музичкиот спот за песната "Gorilla" на Бруно Марс. Таа добила критики од индиските медиуми поради појавата во спотот; дневните весници The Times of India и Hindustan Times го оцениле нејзиното играње како повеќе од „валкано играње“. Истата година, Пинто била една од раскажувачите во документарниот филм Подем на девојчињата, снимен за кампањата со исто име која го промовира пристапот до образование за девојчињата низ целиот свет.
Првиот филмски настап на Пинто по двегодишна пауза бил во биографската драма Пустински танчер (2014), која била за животот на иранскиот кореограф Афшин Гафаријан. Таа ја имала улогата на зависничката од хероин Елаија, која била девојка на главниот лик, игран од Рис Ричи. Улогата од неа барала да земе часови по танцување кои се состоеле од осум часовни проби на ден за период од четиринаесет недели. Таа исто така присуствувала на неколку сесии во рехабилитациони центри во САД за да се подготви за улогата
Првиот филм на Пинто во 2015 година бил авангардниот филм Витешки куп режиран од Теренс Малик, во кој главните улоги ги играле Кристијан Бејл, Кејт Бланшет, Натали Портман, и Антонио Бандерас. Таа ја играла Хелен, модел со кој Бејл „флертува“. Филмот се нашол во натпреварувачкиот дел на Берлинскиот филмски фестивал, и заработил просечни и мешани реакции од критичарите. Филмот бил издаден во САД во март 2016 година. Таа била дел од стоте раскажувачи на Единатво (2015), документарен филм кој ги истражува врските помеѓу видовите на Земјата. Нејзин трет филм во годината бил колумбискиот акционен филм Луда повреда, во кој глумела наспроти Рајан Квантен и Мики Рурк како жена која е во потрага по убиецот на нејзиниот брат. Од октомври 2015 година, Пинто работи на филмот Книга за џунглата во режија на Енди Серкис, кој ќе биде авантуристичко-фантазионен филм заснован на истоименото дело од Радјард Киплинг. Таа ќе ја глуми мајката посвоител на Могли.
Филмографија Филм Година Наслов Улога Белешки 2008 Милионер од гетото Латика 2010 Ќе запознаеш висок, црн туѓинец Дија 2010 Мирал Мирал 2011 Планета на мајмуните: Почеток Керолајн 2011 Тришна Тришна 2011 Црно злато Принцеза Лала 2011 Бесмртници Федра 2014 Пустински танчер Елаија 2015 Витешки куп Хелен 2015 Единство Раскажувач Документарен филм 2015 Луда повреда Колт 2016 Yamasong: March of the Hollows Гета Гласовна улогаПостпродукција 2017 Љубов Соња Рашми Постпродукција 2018 Книга за џунглата Ракша Постпродукција
Музички видеа Година Песна Пејач Албум 2013 Gorilla Бруно Марс Unorthodox Jukebox
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Родени во 1984 година Категорија:Индиски глумци Категорија:Живи луѓе Категорија:Луѓе од Мумбаи