Ричард Аведон (15 мај 1923 – 1 октомври 2004 година) ― моден фотограф и фотограф на портрети од Соединетите Држави. Во посмртницата во дневниот весник The New York Times, било објавено дека: „неговите портрети и модни фотографии и помогнале на Америка да го обликува својот стил за мода, убавина и култура во последната половина на дваесеттиот век."Richard Avedon, the Eye of Fashion, Dies at 81", Andy Grundberg, The New York Times, October 1, 2004.
Биографија и образование Аведон е роден во Њујорк Сити во семејство со еврејско потекло. Неговиот татко, Џејкоб Израел Аведон, бил руски имигрант кој од обичен работник отворил свој бутик за фустани на Петтата Авенија наречен „Кај Аведон на Петта Авенија“. Како дете од семејство во бизнисот за мода, неговата љубов кон модата и уметноста сè повеќе растела, а неговата мајка Ана постојано го поддржувала во тоа. Во периодот кога имал 12 години се зачленил во клубот на фотографи во „Асоцијацијата на млади евреи“. Со фотоапаратот на своето семејство (Kodak Box Brownie) тој ја разбудил љуботпитноста кон светот. Критичниот и строг татко го воспитувал дека физичката подготвеност, образованието и парите го подготвуваат човекот за живот. Првата муза на Ричард е неговата сестра Луиза. Во тинејџерските години таа се борела со шизофренија. Овие влијанија поврзани со модата и семејните проблеми тој често ги изразува во своите фотографии каде прикажува трагична убавина.
Аведон го завршил средното училиште Девит Клинтон, во Бедфорк Парк, каде работел за училишниот весник „Мегпај“ заедно со Џејмс Болдвин, од 1937 година до 1940 година. Како тинејџер ја добил наградата Сколастик Арт енд Рајтинг.Scholastic Inc., Newsroom, AMERICA’S MOST CREATIVE TEENS NAMED AS NATIONAL 2016 SCHOLASTIC ART & WRITING AWARDS RECIPIENTS, http://mediaroom.scholastic.com/press-release/america-s-most-creative-teens-named-national-2016-scholastic-art-writing-awards-recipi
По завршувањето на средното училиште тој се запишал на Универзитетот Колумбија за да студира филозофија и поезија, но ги напуштил студиите после една година. Во тоа време започнал да работи во морнарицата фотографирајќи портрети на екипажот за документи за лична идентификација. Од 1944 година до 1950 година, Аведон студирал фотографија заедно со Алексеј Бродотович во Новата школа за социјални истражувања.
Кариера во фотографијата Во 1944 година, Ричард Аведон работел како маркетинг фотограф за една стоковна куќа, но набрзо бил забележан од Алексеј Бродович, уметнички директор на модниот магазин Харперс Базар, кој го земал под своја закрила. Лилијан Басман исто така ја поддржала неговата кариера, па веќе во 1945 година негови фотографии се појавиле во списанието Џуниор Базар, а една година подоцна биле објавени и во престижниот Харперс Базар.
Во 1946 година Аведон отворил сопствено фото-студио и започнал да работи за познати списанија како Vogue и Life, а набрзо станал и главен фотограф за Харперс Базар. Од 1950 година дал значаен придонес и за списанијата Лук и Графикс. Во 1952 година работел како уредник и фотограф во списание посветено на театарската уметност.
Аведон направил револуција во модната фотографија: наместо класичниот пристап, во кој моделите позирале статично и без емоции, тој ги прикажувал насмеани, динамични и често фотографирани во надворешни услови. Овој пристап внел живот, движење и наратив во модната фотографија.
Кон крајот на 1950-тите години, незадоволен од резултатите со природна светлина, Аведон повторно се вратил кон студиската фотографија, каде користел контролирано осветлувања и минималистички позадини за да го стави целосниот фокус на моделот и неговиот израз.Richard Avedon MoMA, New York.
Кога Дијана Вриланд го напуштила Харперс Базар во 1962 година и започнала да работи за Vogue, Ричард Аведон веднаш ѝ се придружил. Таму тој станал главен фотограф, а неговите фотографии се појавувале на насловните страници од 1973 година па сè до доаѓањето на Ана Винтур во 1988 година.
Едни од неговите најзначајни фотосесии биле оние за Џани Версаче за колекцијата пролет/лето 1980 година. Тој фотографирал и за кампањата на Келвин Клајн, каде ја фотографирал петнаесетгодишната Брук Шилдс, а исто така ја режирал и во последователните телевизиски реклами. Аведон првпат соработувал со Шилдс во 1974 година во реклама за Colgate, а подоцна ја фотографирал и за модната куќа Версаче. Таа била вклучена во дванаесетте најдобри насловни страници на Вог, како и во кампањата на Ревлон.
На 9 февруари 1981 година, во изданието на Њузвик, Аведон изјавил: „Брук е како громобран. Таа го впива бесот на луѓето од опаѓањето на моралот на денешницата и уништувањето на невиноста во светот“. За работата со Аведон, Шилдс во мај 1992 година изјавила за списанието Интервју: „Кога Дик влегува во некоја просторија, многу луѓе се застрашени од неговата строгост, но кога работи, тој е толку креативен, толку чувствителен... И не сакал кога некој зборувал или се движел наоколу додека работел. Постоела една взаемна ранливост, момент на соединување – или го разбираш или не.“
Покрај континуитетот во модната фотографија, кон крајот на 1960-тите години Аведон се посветил и на фотографирање портрети на активисти за граѓански права, политичари и маргинализирани групи од различни делови на Америка, каде владееле насилство и општествен раздор. Тој ги проширил своите интереси фотографирајќи пациенти од психијатриски болници, настани поврзани со движењето за граѓански права во 1963 година, протести против војната во Виетнам, како и падот на Падот на Берлинскиот ѕид.
Во 1964 година издал книга со наслов „Ништо лично“, со текст на неговиот соученик од средно училиште Џејмс Болдвин. Во текот на овој период Аведон ги фотографирал Битлс, а овие фотосесии станале едни од највпечатливите во нивната кариера. Првата фотосесија, направена во 1967 година, станала една од најпопуларните серии на постери, со психоделични портрети од членовите на бендот. Следната година ги фотографирал повторно, овој пат во посмирен стил, а фотографиите биле искористени за омотот на нивниот албум од 1968 година.
Од многуте рок-бендови што ги фотографирал, една од највпечатливите фотосесии била онаа на Електрик Лајт Оркестра, во која членовите биле прикажани на провокативен начин.
Аведон секогаш бил заинтересиран за портретирање на карактерот и „душата“ на личноста. Со зголемувањето на неговата репутација, тој фотографирал бројни значајни личности во своето студио, меѓу кои Бастер Китон, Маријан Андерсон, Мерилин Монро, Езра Паунд, Карен Бликсен, Двајт Д. Ајзенхауер, Енди Ворхол.
Неговите портрети биле во минималистички стил, со субјектот поставен на бела позадина и директно свртен кон фотоапаратот. Со елиминирање на реквизитите и контролирање на светлината, Аведон се фокусирал на внатрешниот свет на субјектот, евоцирајќи силни емоции и реакции. Понекогаш ги наведувал субјектите да зборуваат за непријатни теми, поставувајќи лични прашања, со што создавал фотографии кои ја откривале нивната длабока и често скриена личност.
Аведон фотографирал и групни готографии со еминентни личности: Енди Ворхол, Седумката на Чикаго, радикална политичка група осудена за предизвикување бунт за време на Демократската Национална Конвенција во 1968 година; поетот Ален Гинсберг и неговата поширока фамилија; и групата на воени и владини претставници кои го водеа учеството на соединетите држави во војната со Виетнам.Richard Avedon: Murals & Portraits, May 4 – July 6, 2012 Gagosian Gallery, New York.
Во 1982 година Аведон изработил инвентивна серија на рекламни спотови за модната куќа Кристијан Диор, заснована на идејата од филм стил фотографии. Режисерот Андре Грегори, фотографот Винсент Валарин и моделот Кели Ле Брук, се дел од фотографиите во боја кои ја прикажаа лудата страна на едно „Диор семејство“ кое живее во полигамна љубов.
Во 1992 година Аведон е првиот фотограф за списанието Њу Јоркер, каде работел на постапокалиптични, откачени модни бајки „Во сеќавање на г-дин и г-ѓа Комфорт“ со Надја Ауерман како модел, кои се издаваат во 1995 година. Фотографиите почнувајќи од првата публикација се теми на широка дискусија: неиздадени фотографии од Мерилин Монро, Кристофер Рид во количка како толкува, голи фотографии од Шарлиз Терон во 2004 година итн. Некои од не толку контроверзните фотосесии ги вклучуваат Саул Беул, Хилари Клинтон, Тони Морисон, Дерек Валкот, Џон Кери и Стефан Сондхајм. Во подоцнежните години дал придонес на Егоист, каде неговите фотографии се појавувале од 1984 сè до 2000 година. Во 1999 година Аведон ја фотографира јапонско-американската пејачка Хикару Утада.
Ени Лебовиц го именува Аведон како огромно влијание, опишувајќи го неговиот стил како „лична репортажа“ развивајќи блиска врска со фотографираните личности.
Во 1974 година, Ричард Аведон преживеал сериозни проблеми со срцето. Овој кризен период го инспирирал да погледне од поинаква перспектива и да создаде нови фотографски колекции. Во 1979 година, Мичел А. Вилдер, директор на Музеј на американска уметност Амон Картер, му понудил на Аведон да го реализира проектот „Западниот проект“. Овој проект претставувал пресвртна точка во неговата кариера.
Во рамките на проектот, Аведон фотографирал работници во работна облека, домаќинки, фармери и бездомници, наместо гламурозни јавни личности, кои дотогаш биле негов вообичаен фокус. Работата на проектот траела пет години, а резултатот бил изложба и придружен каталог. Заедно со својата екипа, фотографирал 762 луѓе и создал околу 17.000 негативи на 8×10 (Kodak Tri-X) филм. Преку овие фотографии, Аведон создавал длабока приказна за луѓето и нивните внатрешни состојби – врска која, според многумина, не би се остварила доколку не ги преживеел личните здравствени кризи.
Тој патувал низ панаѓури, карневали, рудници, кланици и затвори, барајќи автентични личности за фотографирање. Подоцна, во 1994 година, повторно ги посетил некои од луѓето кои ги фотографирал и зборувал за тоа во рамки на проектот „На АМериканскиот запад“. Еден од нив бил Били Мад, возач на камион кој постојано бил на пат и ретко го гледал своето семејство. Тој бил осамен и депресивен човек кој во една прилика се сретнал со Аведон, кој му предложил да го фотографира. Кога за првпат го видел својот портрет, Мад заклучил дека Аведон успеал да го долови неговото внатрешно, неискажливо јас. Таа фотографија му влијаела силно – подоцна ја напуштил работата и се вратил кај своето семејство.
Во продукцискиот процес, Аведон се соочил со проблеми при изборот на соодветна хартија за печатење. Експериментирал со платина, но на крајот се одлучил за Портига Рапид – двослоен фотографски материјал со сребрена основа. Секој принт барал исклучителна прецизност и вклучувал во просек од триесет до четириесет манипулации. Биле изработени два изложбени примероци: едниот останал во сопственост на музејот, а другиот бил во сопственост на фотографот и патувал со изложбата. Процесот на печатење траел девет месеци, при што биле искористени околу 6.317 м² материјал.
Иако изложбата била едно од најзначајните дела на Аведон, таа често била предмет на критики. Дел од јавноста ја обвинила за искривено прикажување на американскиот Запад, нагласувајќи воајерски пристап и експлоатација на субјектите. Критичарите се прашувале зошто фотограф со углед во модната индустрија се насочил кон прикажување на работничката класа и нивните тешкотии. Според нив, намерите на Аведон биле да предизвика чувство на сожалување и емотивна реакција кај публиката.
Изложби Аведон има многубројни изложби низ целиот свет. Првата ретроспектива на фотографии се случила во 1970 година во Институтот за уметност Минеаполис. Во Метрополитен музејот за уметност во Њујорк презентира две свои изложби, во 1978 и 2002 година. Во 1980 има уште една ретроспектива организирана од Универзитетот за уметност во Беркли.