мини|Травник „Травничка хроника“ — роман на југословенскиот писател Иво Андриќ, довршен во Белград, во април 1942 година.
Содржина Пролог На крајот од чаршијата во Травник се наоѓа Лутвината кафеана, а во нејзината бавча има посебно место, наречено Софа, на кое редовно се собираат беговите и другите угледни луѓе. На крајот на октомври 1806 година, на тоа место, Сулејман-бег Ајваз им кажува на присутните за веста дека наскоро во градот ќе пристигне француски конзул.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 5-8.
Глава I-IV Навистина, во февруари 1807 година, во градот пристигнува конзулот Жан Давил. Додека оди на првиот прием кај везирот Хусреф Мехмед-паша, турското население го дочекува конзулот со непријателски став, а чаршијата со рамнодушност и презир. Бидејќи нема никаква поддршка од француската влада, везирот му го доделува лекарот Давна да му служи како преведувач и секретар. По некое време, во Цариград се случува преврат и новиот султан испраќа пратеник во Травник со задача да го убие Мехмед-паша, но тој дознава за тоа и го труе пратеникот. Есента, во Травник доаѓа и сопругата на Давил со децата. По повеќекратни молби, Давил добива помошник — младиот и способен Амеде Дефосе, кој за кратко време се запознава со животот и обичаите на месното население. Притоа, Давил и Дефосе имаат спортивни гледишта во сите области. Во слободното време, Давил пишува поезија, работејќи врз голем еп за Александар Македонски, додека Дефосе планира да напише книга за Босна.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 9-91.
Глава V-VII По некое време, во Травник пристигнува и австрискиот конзул, полковникот Јозеф фон Митерер. Двајцата конзули постојано си прават меѓусебни сплетки, иако ја делат заедничката судбина во малиот град. Подоцна, во Травник пристигнува и сопругата на фон Митерер, Ана Марија — невротична жена со чести напади на хистерија. Нему му помага секретарот Никола Рота и двајца пониски службеници. Ана Марија е вечно незадоволна и не може да го поднесе животот во Босна, па конзулот мора да напише молба за негово преместување која не му е одобрена.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 92-149.
Глава VIII-XIV Во јануари 1808 година, Мехмед-паша е сменет од должноста и тој скришум го напушта градот, испратен само од Давил, а по веста за неговото заминување, народот предизвикува краткотрајни нереди пред конзуловата куќа. Во Травник пристигнува новиот везир, Ибрахим-паша со кого Давил одржува променливи односи: повремено водат долги и средечни разговори, а во друга прилика, везирот убива еден бег кој е пријател на Давил. По некое време, во Истанбул повторно се случуав преврат во кој е убиен поранешниот султан Селим III. Во меѓувреме, во градот се случуваат три краткотрајни љубовни случки: еден сиромашен берберски помошник се вљубува во ќерката на Давил и тајно ја набљудува сè додека не биде откриен; додека Ана Амрија ги посетува околните манастири, во неа се заљубува еден млад монах; Дефосе доживува краткотрајна љубов кон селанката Јелка која работи во конзуловата куќа. Истата година, за време на острата зима се разболува и умира тригодишниот син на Давил. Дефосе и Ана Марија се зближуваат и често јаваат заедно во околината на градот, но нивната врска се прекинува кога тој се обидува да ја бакне. Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 150-275.
Глава XV-XXIII Започнува нова војна меѓу Франција и Австрија, така што конзулите ги прекинуваат меѓусебните односи и прават сплетки против другата страна. Летото, 1808 година, везирот заминува со војска во Србија, а во градот избувнуваат нови немири во кои секојдневно се погубуваат Србите. Тогаш, во обидот да заштити невин човек, страда австрискиот доктор Колоња. Истата година, во октомври, Франција и Австрија склучуваат мир, а Дефосе го напушта Травник зашто е преместен на нова служба. Во 1810, госпоѓата Давил раѓа ќерка, а нивниот постар син и синот на преведувачот Давна заминуваат на школување во Париз. Во 1811 година, фон Митерер го напушта Травник и заминува на друга служба, а на неговото место доаѓа потполковникот фон Паулич. Во меѓувреме, жителите на градот се навикнуваат на конзулите, така што неговата појава не предизвикува навреди кај населението. Давил, пак, е зафатен со активностите поврзани со организирањето на француската трговија со памук. Во 1812 година, Франција започнува нова војна, овојпат против Русија, а кај Давил тоа тоа предизвикува неспокојство и страв за иднината. Истата година, фон Паулич го отпушта преведувачот Никола Рота, кој добива заштита во францускиот конзулат и тоа предизвикува скандал во градот. Есента, пристигаат вестите за поразот на француската војска и Давил го зафаќа песимизам. Таа зима е многу остра и во градот владее глад, а двата конзулати им делат храна на сиромашните.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 276-407.
Глава XXIV-XXVIII Во март 1813 година, Ибрахим-паша е сменет од должноста, а на негово место доаѓа новиот везир Али-паша, познат по големата суровост. Тој пристигнува во градот со голема војска и веднаш ги погубува затворените криминалци, ги казнува несовесните припадници на османлиската власт и ги затвора богатите Евреи и свештениците кои потоа ги ослободува со голем откуп. Рота крои план да го отруе фон Паулич, но откако е разоткриен, мора да го напушти Травник. Во меѓувреме, на семејството Давил му се раѓа син. Летото, Али-паша се враќа во градот како голем победник кој успеал да го задуши востанието во Србија, а есента избувнува нова војна меѓу Франција и Австрија. Во 1814 година, Наполеон ја предава власта и, по седумгодишен престој, Давил го напушта Травник, заедно со семејството, оставајќи го Давна да го затвори конзулатот. Истовремено, фон Паулич доставува предлог до претпоставените за затворање на австрискиот конзулат.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 408-470.
Епилог Во мај, 1814 година, травничките бегови повторно се собрани на Софата, разговарајќи за заминувањето на конзулите.Ivo Andrić, Travnička hronika. Mladost, Zagreb, 1962, стр. 471-472.
Осврт кон романот Во романот „Травничка хроника“ Андриќ повторно се зафаќа со историјата на Босна, како последица на спомените од неговото детство во кое се врежале две места: Травник и Вишеград. Основната тема на романот е животот на продуховениот човек од западната цивилизација во дивата средина на босанската заостаната касаба. Оваа тема му овозможила на Андриќ да постави силни контрасти: на една страна се маркантните поединечни црти на претставниците на турската власт, заедно со ориенталната атмосфера; на другата страна се осаменоста и изолацијата на западните дипломатски претставници.Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 170-171.
Наводи
Категорија:Романи на Иво Андриќ Категорија:Српски романи Категорија:Романи на српскохрватски јазик Категорија:Романи на српски јазик Категорија:Романи кои се одвиваат во Босна и Херцеговина Категорија:Југословенски романи