Пекол или ад — религиозен поим што означува место во кое, по смртта, одат душите на луѓето што правеле гревови за време на животот. Пеколот е категорија што се јавува во речиси сите поголеми религии.
Пеколот во старогрчката митологија Старите Грци го нарекувале пеколот Тартар.„Beleške“, во: Pesma o kralju Nalu. Beograd: Rad, 1963, стр. 109.
Пеколот во христијанството Според една средновековна легенда, господарот на пеколот, Луцифер, паднал од небото на јужната полутопка со главата надолу, а преплашената земја се тргнала и така пред него настанал пеколот, а зад него чистилиштето. Оттука, ако се влезе во пеколот од северната полутопка, Луцифер стои на нозете, а ако се гледа од јужната полутопка, тој стои наопаку, т.е. со стапалата нагоре.Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 222.
Сфаќањата за пеколот во книжевноста од раниот среден век Карактеристично за средновековната книжевност од раниот среден век (VI — VIII век), како во делата на Григориј I, Григориј Турски, Беда Многупочитуван, Римберт и Бонифациј, е тоа што описите на пеколот се нејасни, фрагментарни и без многу детаљи. Уште повеќе, во „Анскаровата визија“, дело на Римберт од IX век, пеколот е опишан без никакви маки, туку во него грешниците чувствуваат само потиштеност и страв, но не се изложени на физички измачувања.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 209-213. Исто така, раните средновековни свештени писатели не давале сигурен одговор ниту на прашањето: Каде се наоѓа пеколот? Некои сметале дека тој се наоѓа некаде на Земјата, додека други мислеле дека се наоѓа под површината на земјата. На пример, поаѓајќи од етимологијата на зборот „пекол“ (латински: infernum), папата Григориј I сметал дека пеколот се наоѓа под земјата. Всушност, во раниот Средне век било раширено верувањето, под влијание на антиката, дека вулканските кратери на Сицилија претставуваат влез во подземниот свет. Уште повеќе, во легендите за патувањата на св. Брендан (кој живеел во V-VI век) се споменува дека Ветената земја (рајот) не е просторно одделена од живеалиштето на нечистата сила, т.е. дека патот до рајот лесно може да доведе до пеколот. Така, во легендата за патувањата на Брендан и калуѓерите по „островите на блажените“ се вели дека на еден остров се потковувале душите на грешниците, а на една карпа го сретнале Јуда Искариотски кој во недела се одмарал од пеколните маки, а кога ќе истечел рокот, него го земале демоните и го носеле во пеколот.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 213-215.
Пеколот е опишан во „Дијалозите“ на папата Григориј I, кој раскажува за судбината на еден човек кого откако умрел го фатиле одвратни луѓе на кои им излегувал пламен од устата и од носот и кои го однеле во некои мрачни места. Притоа, папата не дава поточно објаснување каде се наоѓа пеколот ниту за неговото уредување, освен дека во него гори оган и дека осудениците се подложни на разни казни во согласност со нивните гревови, и дека на нивните маки им нема крај. Според тоа, може да се заклучи дека кон крајот на VI век ниту високите свештеници немале јасна претстава за пеколот, т.е. вообичаената слика за него е изградена многу подоцна.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 186-187. Подетална слика на пеколот дал Григориј Велики (кој умрел и воскреснал), кој раскажува дека бил пренесен преку еден мост кој висел над црна и смрдлива матица при што само праведниците можеле да го поминат мостот, одека грешниците паѓале во смрдливата вода.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 188. Описот на пеколот се среќава и кај Григориј Турски, кој имал визија дека бил на местата во кои тече огнена река во која се наоѓале многу луѓе - некои биле потопени до колковите, други од брадата, а некои до рамената при што сите стенкале и викале од големите маки што ги трпеле. Над реката висел мост, толку тесен што на него едвај можело да се чекори со едното стапало.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 190.
И во делото „Црковна историја на Англите“ на Беда Многупочитуван се среќава описот на пеколот. На пример, авторот ја опишува визијата на Ирецот Фурса, кој видел мрачна долина и над неа четири огна: огнот на лагата, огнот на користољубието, огнот на раздорот и огнот на неправедноста и на нечесноста. Исто така, Фурса ги видел и демоните кои летале во пламенот. Слично на тоа, Беда Многупочитуван ја опишува и визијата на некој Дриктхелм кој видел одвратен пламен што бучно излегувал од еден огромен бунар и повторно паѓал во него; огнените јазици биле полни со човечки души кои се кревале нагоре како искри, но бунарот повторно ги голтал. На тоа место владеела неиздржчива смрдеа, а група демони со пцовки и извици ги одвлекувале во мрачниот бунар душите кои стенкале и плачеле. Притоа, неколку мрачни духови го опколиле Дриктхелм и тој видел дека нивните очи светеле, а од устата и носот им излегувал пламен. Подоцна, неговиот водич му објаснил дека бунарот е влезот во пеколот.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 194-195.
Често во средновековната книжевност се наведува дека во пеколот се наоѓаат и високите свештеници и владетели кои за време на животот не се однесувале побожно. На пример, во „Ветиновата визија“ се наведува дека во пеколот се мачел неодамна починатиот епископ Аделхејм, двајца грофа и Карло Велики; во „Евхериевото житие“ на Хинкмар од Рем се споменува дека во пеколот се мачи Карло Мартел кој за време на животот ги напаѓал црковните имоти; во „Бернолдовата визија“, во пеколот е сместен Карло Ќелавиот кој за време на животот не ги слушал советите на клерот; Вилијам Мелмсбершки во пеколот ги сместува некои епископи, кралски вазали и кралеви.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 201.
Во средновековната книжевност од раниот Среден век, исклучок претставува познатото „Видение Павлово“ за кое се претпоставува дека претставува превод на грчки текст од III век и во кое детаљно се опишани сите оддели на пеколот и сите облици на измачување на грешниците кои се распоредени според тежината на нивните гревови. Авторот на ова дело се повикува на св. Павле, кој набројал 144 000 казни за грешниците при што дури и „сто мажи... од кои секој би имал по четири железни јазици, тие не би можеле да раскажат ниту за една пеколна мака.“ Ужасот на пеколните маки го потврдуваат и другите автори на средновековните визии во кои се вели дека пеколните маки не можат да ги опишат ниту „сто глави со по сто јазици“ ниту „кога сите лисја на дрвјата би се претвориле во јазици“. Меѓутоа, благодарение на залагањето на апостол Павле, грешниците биле ослободени од маките во недела.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 211-213.
Еден од најпознатите и најцелосни описи на пеколот е даден во „Тнугдаловата визија“ (или „Тунгдаловата визија“) од XII век, едно од најсовршениет дела на визионерскиот жанр. Во него се среќава градација на пеколните маки, во согласност со тежината на гревовите и во тој поглед, ова дело се смета за претходник на описот на пеколот што подоцна го дал Данте. Сепак, и во ова дела, пеколот не е организиран, туку претставува само збир од места (планини, долини, мочуришта, јами итн.) кои се одделени со некакви празнини кои Тнугдал и неговиот ангел-водич лесно ги прескокнувале. Всушност, во голем дел од средновековните дела, пеколот е опишан како неповрзана, расцепкана област. Исто така, зачудува тоа што во него постои вообичаеното време, наместо очекувана вечност. На пример, во „Брендановото патување“ јасно се зборува дека грешниците во недела и за време на празниците се ослободени од маките, а тоа се однесува и на самиот Јуда. Притоа, во вторник, четврток и сабота, тој е подложен на измачување во „долниот пекол“, а во понеделник, среда и петок во „горниот пекол“. Во „Адамноновата визија“ се вели дека свештениците кои го прекршиле заветот наизменично, на секој час, се креваат на небото, а потоа се спуштаат во пеколот. Слично, во „Баронтовата визија“, душите кои се мачат во пеколот, секој ден, околу шестиот час, добиваат од рајот мвлем кој им ја обновува снагата. Тнугдал го видел на другиот свет ирскиот крал Кормак Макарти, кој секојдневно три часа бил подложен на пеколните маки. Во визијата на калуѓерот Алберих од Монтекасино е наведено дека на грешниците им е одредена казна од три години, а на грешните свештеници - 60 или 80 години, зависно од рангот. Овие примери покажуваат дека според средновековното сфаќање, и во пеколот постои времето.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 217-220.
Пеколот го опишува и Хонориј Августодунски во делото „Светило“. Според него, постојат два пекола - горен и долен. Горниот пекол, всушност, е овоземниот свет кој е исполнет со маки, возбуда, студ, глад, жед и разни телесни и душевни страдања. Долниот пекол се наоѓа под земјата и во него има девет видови измачувања за грешните души: таму гори вечен оган и владее неиздржлив студ; пеколот врие од црви со страшен изглед, змии и змејови кои живеат во огнот; четвртата мака е неподносливата смрдеа; петтата мака се камшиците на демоните; шестата мака е мракот кој се чувствува; седмата мака е срамот поради гревовите за кои дознале сите и кои не можат да се скријат; осмата мака е страшниот изглед на змејовите и демоните и страшните крици на жртвите и на џелатите; најпосле, деветтата мака се огнените окови со кои се врзани екстремитетите на грешниците. Луѓето кои за време на животот биле заглавени во алчност ќе горат во пеколниот оган; оние кои биле слуги на студенилото на злото ќе се мачат во пеколниот студ; слугите на зависта и омразата ги очекуваат пеколните црви и змии; оние кои уживале во смрдеата на раскошот ги очекува пеколната смрдеа; оние што ги отфрлиле заслужените казни на земјата ќе бидат камшикувани во пеколот; оние кои ја отфрлиле светлината Христова ќе бидат фрлени во пеколниот мрак; оние кои не се срамеле од своите гревови на земјата, во пеколот ќе бидат изложени на општиот срам; оние кои на земјата немале слух за доброто, таму ќе гледаат и слушаат само страшни работи; оние кои биле робови на различни пороци во пеколот ќе бидта оковани со огнените синџири. Во пеколот, грешниците ќе висат со главите надолу, ќе стојат завртени со грбовите еден кон друг, телата ќе им бидат растргнати итн. Вака детаљни одлики на пеколните маки не се среќава во раната теолошка литература, туку Хонориј е првиот кој дал систематизирана и целосна слика на пеколот.Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 249-250.
Дантеовиот опис на пеколот Веројатно, најпознатиот опис на христијанското сфаќање на пеколот го дал италијанскиот поет Данте Алигиери во неговото дело „Пеколот“. Инаку, пеколот се состои од девет кругови, поставени во облик на превртен конус, така што како што се слегува подлабоко, круговите стануваат потесни. Притоа, грешниците се сместени во соодветните кругови во зависност од тежината на извршените престапи, одејќи од најлесните кон најтешките гревови. Притоа, во „Пеколот“, душите на грешниците имаат способност да ја предвидуваат иднината, но не ја познаваат сегашноста.