мини|Тибор Дери Tибор Дери (унгарски: Tibor Déry, 18 октомври 1894, Будимпешта, Австроунгарија — 18 август 1977, Будимпешта, Унгарија) — унгарски писател.

Животопис Дери се родил во имотно буржоаско семејство во Будимпешта. Првиот познат предок на Дери се викал Хирш Дојч (Hirsch Deutsch) и тој се преселил од Кечкемет во Сегедин кон крајот на 18 век. Во 1848 година, неговиот син го унгаризирал презимето. Татко му на Дери, кој сè уште го носел старото презиме, по професија бил адвокат. Тој се оженил доцна, на речиси педесетгодишна возраст, со Ернестина Розенберг, дваесет години помлада од него, која исто така потекнувала од трговско семејство. Тибор Дери бил нивниот прв син, додека вториот, Ѓерѓ, се родил десет години подоцна.Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 9. Уште како дете, Тибор Дери почнал да ги чувствува стегите на семејството и на социјалното потекло, искажани во неговата автобиографија со зборовите: „семејството ме зароби“. Болен од туберкулоза на коските, од четвртата до деветтата година, Дери бил принуден основното училиште да го учи во постелата под грижливата рака на мајка си, што уште повеќе го засилило неговото чувство за одвоеноста од светот. Во овој период, тој поминал многу време на лекување во странство, а врз него биле извршени дури четири операции на зглобот на левата нога. Кога оздравил и се соочил со суровата стварност, кај Дери се разбудил бунтот и според неговото признание, на десетгодишна возраст научил да лаже, а многу подоцна почнал да краде пари од татко му. Иако повеќе не бил болен, две одделнија од ниската гимназија ги завршил во домашни услови, зашто мајка му не сакала да го испушти од раце. Потоа, тој се запишал во трговската академија поради тоа што школувањето траело само три години. Во тоа време, неговиот најдобар пријател бил Андор Грос чии иницијали се среќаваат во повеќе дела на Дери. По завршувањето на академијата, семејството го испратило во еден интернат во Санкт Гален, Швајцарија за да учи јазици. Таму, тешко ја поднесувал дисциплината и ковал планови за бегство од интернатот кои никогаш не ги остварил. По неговото признание, таму искусил две ужасни нешта: физичкото насилство (во една прилика, дежурниот постар питомец го заклучил во празна училница, и тоа со дозвола на директорот) и хомосексуалноста која била присутна меѓу питомците. Исто така, таму бил сведок и на антисемитизмот. По едногодишниот престој во интернатот, Тибор Дери бил предодреден да гради кариера: неговиот вујко, Херман Розенберг, бил сопственик на фабрика за танин и на парна пилана, една од најголемите во Европа, а Тибор бил одреден за негов наследник и поради тоа минал шест години во претпријатието на вујко му, и тоа, една година во пиланата (која се наоѓала во денешна Романија), а потоа во Будимпешта како директор на одделението за паркет. Кога избувнала Првата светска војна, вујко му средил Тибор да не биде регрутиран, но кога Тибор организирал штрајк во претпријатието, барајќи повисоки плати, веднаш бил регрутиран и испратен на фронтот (повторно благодарејќи на врските на вујко му).Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 9-12.

За време на Унгарската комунистичка револуција, во 1919 година, тој станал член на комунистичката партија и ѝ се приклучил на Комуната, каде што бил дел од „директориумот на писателите“. Во истото време, потресен од национализацијата на неговиот имот, татко му извршил самоубиство така што со помош на штаките се довлечкал до прозорецот (една година претходно ја скршил ногата), се качил на стол и се фрлил од петтиот кат на зградата, оставајќи проштално писмо до семејството. По тој настан, семеството на Дери било принудено привремено да живее надвор од Пешта. По поразот на комунистичката револуција во Унгарија во 1919 година и по доаѓањето на власт на Хорти, како и сите други писатели со соццијалистички и револуционерни погледи, Дери бил принуден да емигрира. Во тој период, тој скитал ширум Европа, каде имал можност да дојде во допир со тогашните авангардни уметнички движења, но исто така го зафатила и нова страст — комарот. Тогаш стапил во брак со првата жена Олга (со која живеел десет години) и патувал низ Европа: најпрвин во Прага, а оттаму во Виена, каде што останал до 1922 година. Таму, живеел во вилата на некој стар генерал кој двапати годишно приредувал битки со оловни војници, а кога ја преуредил вилата, на Дери му исплатил 2 000 чешки круни и 4 000 југословенски динари. Со тие пари, Дери продолжил да патува низ Европа, а парите му овозможиле да живее една година на езерото Штаренберг. Од 1924 до 1926 година живеел во Париз, каде работел како аргат, продавач на ќебиња, учител по германски јазик, трговец со поштенски марки итн. Кон крајот на 1925 година доживеал голема загуба во трговијата со марки, кога сите пари ги вложил во албум кој бил фалсификат. Тогаш, тој бил принуден да го напушти Париз, а патем навратил во едно казино во Монте Карло, каде ги изгубил останатите пари. Осамен и во голема беда, една година живеел во Перуџа.Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 12-13.

По враќањето во Будимпешта, Дери се обидел да се вклучи во културниот и во општествениот живот, како еден од основачите на списанието „Документум“ кое излегувало само кратко време. Разводот со првата жена, необичната љубов кон госпоѓата Аранка и пропаѓањето на списанието го натерале повторно да замине во странство, најпрвин во Италија, а потоа во Прага, Австрија, Германија и Скандинавија, по што се доселил во Берлин, работејќи како фотограф за германските весници. Иако немал голем успех, тој останал таму две години, до 1932 година, кога набрзина, со авион побегнал. Малку подоцна, во Будимпешта собрал пари со кои му овозможил и на брата си да го напушти Берлин. Меѓутоа, ниту овојпат, Тибор Дери не останал долго во Будимпешта, туку во 1933 година заминал во Дубровник, а оттука заминал во Виена, каде во февруари 1934 година учествувал во востанието, а во август се вратил во Будимпешта. Во текот на летото веќе бил на Палма де Мајорка. За време на бројните патувања, според неговите зборови, во Италија живеел „на леб и портокали“, во Норвешка „на леб и харинга, дишејќи го воздухот на слободата, минувајќи со месеци по патиштата со ранецот на грбот“, а во Палма де Мајорка се хранел со „сирење, леб и портокали“. Во Будимпешта се вратил во 1937 година, но не можел да ги објавува своите дела, така што морал „да преживува со ситни уреднички работи и со преведување“, најчесто користејќи туѓи имиња. Во тој период, Дери работел со неверојатна брзина: на пример, двајца писатели биле ангажирани да го преведат Филдинговиот роман „Том Џонс“, но наместо нив, романот го преведувал Дери; тој ја извршувал работата толку брзо, што тоа му паднало чудно на издавачот, па неговите двајца пријатели го молеле Дери да работи побавно за да не се открие измамата; нешто подоцна, Дери превел едно Хауптманово дело за три дена! Поради преводот на „Патувања по Советскиот Сојуз“ на Андре Жид, Дери бил осуден на затворска казна во траење од два месеца. Неговиот живот за време на Втората светска војна бил уште потежок, особено по започнувањето на прогонот на Евреите, кога морал да живее со лажни документи. Така, тој се спасил од погромот, но не и неговиот брат.Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 14-20.David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 89-91.

По завршувањето на војната, Дери стапил во брак по вторпат, а тогаш започнало и долготрајното пријателство во Ѓерѓ Лукач, кој бил голем љубител на неговите дела, но и негов строг критичар. Во 1950-тите, тој се развел и од втората жена, а наскоро се оженил по третпат. Во граѓанската револуција од 1956 година, Дери зел активно учество: тој бил потписник на меморандумот упатен до Централниот комитет, а имал одредена улога и во подготовките и во текот на востанието поради што во 1957 година бил осуден на девет години затвор. За време на издржувањето на затворската казна, сопругата на Дери ја лажела болната мајка дека тој снима филм во САД при што тој редовно се допишувал со мајка си, која умрела додека тој бил в затвор. Сепак, во 1960 година бил амнестиран и повторно започнал да работи како преведувач. Од затворот, Дери излегол како изменет човек. Од тој период, карактеристична е една негова изјава, дадена во 1963 година за време на престојот во странство: „Денес, состојбата е таква, што можам слободно да пишувам, освен против социјализмот. Значи, јас сум социјалист.“Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 20-23.

Својот живот Дери го опишал во три автобиографски дела: „Автобиографија“ (напишана во 1955, а објавена во 1967 година како предговор на двотомниот избор од неговите раскази), обемната автобиографија „Без пресуда“ (Ítélet nincs) од 1969 година која претставува еден вид романсирана автобиографија во која писателот се сеќава на минатите времиња и ги повикува покојните на разговор, како и „Којсумпасумјас“ од 1975 година, исто така, романсиран животопис со ироничен пристап во кој се мешаат реалното и иреалното.Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 7-8.

Творештво Тибор Дери зазема едно од истакнатите места во унгарската книжевност на XX век, особено како автор на монументалниот роман „Недовршена реченица“ во кој дал сеопфатна слика на унгарското општество во 1930-тите. Според Имре Бори, творештвото на Дери претставува „огледало на унгарската книжевноста на нашиот век“, зашто речиси сите уметнички правци од првите децении на 20 век нашле свој одраз во делата на Дери. Притоа, за време на неговите патувања низ Европа меѓу двете светски војни Дери го печел писателскиот занает, под влијание на разните авангардни движења. Во тој период, тој напишал неколку вредни дела, како: експресионистичките романи „Извик во два гласа“ и „На патот“, дадаистичката драма „Џиновско доенче“, надреалистичкиот роман „Се смрачува, јагнињата крварат“ и низа надреалистички поетски дела.David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 89-90. Неговото творештво, животот и општествената активност чинат единствено дело во кое тешко можат да се повлечат границите меѓу овие три елементи. Трансформираните делови од неговиот животопис се прелеваат во книжевните дела, а книжевното дело осветлува одделни периоди од неговиот живот. Особено во подоцнежните години на Дери, тој често го користи својот животопис во книжевни цели. Како последица на тоа, често читателот, наместо за Дериевите книжевни јунаци, мисли на самиот автор.Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 7.