Франсoа Мари Аруе (; 21 ноември 1694 година – 30 мај 1778 година), подобро познат под псевдонимот Волтер () — француски просветителски писател, историчар и филозоф, познат по неговата духовитост и по неговото застапување за граѓанска слобода, вклучувајќи ги и верската слобода и слободната трговија. Волтер е плоден автор, кој создал дела во речиси секоја литературна форма, вклучувајќи драми, поезија, романи, есеи и историски и научни дела. Има напишано повеќе од 20 000 писма и повеќе од 2 000 книги и памфлети. Гласен поддржувач на општествените реформи, и покрај строгите цензорски закони и тешки казни за оние кои ги кршат. Како сатиричен полемичар, тој често ги користи неговите дела за да ја критикува нетолеранцијата, религиската догма и француските институции од негово време.
Волтер е еден од неколкуте просветителски фигури (заедно со Монтескје, Џон Лок, Жан Жак Русо и Емили ди Шателе) чии дела и идеи извршија влијание врз важни мислители од времето на Американската и Француската револуција.
Животопис Детството и младоста Франсоа Мари Аруе е роден во Париз, како најмало од петте деца,Wright, p 505. (од кои само три преживеале) на Франсоа Аруе (1650 година – 1 јануари 1722 година), нотар и ситен државен службеник, и неговата жена Мари Маргерит д‘Омар (1660 година – 13 јули 1701 година), од благородничка фамилија од провинцијата Пуато. Волтер се стекнал со образование во езуитската гимназија Луј ле Гранд (1704-1711), каде што ги изучувал латинскиот и грчкиот јазик. Подоцна, тој зборувал течно и италијански, шпански и англиски.
Во времето кога го напуштил училиштето, Волтер веќе имал одлучено дека сака да биде писател, наспроти желбите на неговиот татко, кој сакал тој да стане нотар. Така Волтер, преправајќи се дека работи во Париз како асистент на некој нотар, поминувал голем дел од времето пишувајќи поезија. Кога дознал, неговиот татко го пратил да студира право, овојпат во Кан (Нормандија). И покрај тоа, Волтер продолжил да пишува, главно есеи и историски студии. Неговата духовитост го направила популарен меѓу некои од аристократските семејства во чии кругови се движел. Неговиот татко тогаш му нашол работа како секретар на францускиот амбасадор во Холандија, каде што Волтер се вљубил во една француска протестантка – бегалка, по име Катрин Олимп Даноје. Нивното скандалозно бегство било спречено од страна на таткото на Волтер и тој бил принуден да се врати во Франција.
Поголемиот дел од младоста Волтер го поминал околу Париз. Уште во младоста имал проблеми со власта, дури и за благи критики кон неа и кон Католичката црква. Овие дејствија резултирале со голем број затворања и протерувања. Кога имал 23 години, еден сатиричен стих во врска со Регантот, за којшто се сметало дека го напишал Волтер довело до негово затворање во Бастилја, во период од единаесет месеци,Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 127.„Волтеровиот Кандид“, во: Волтер, Кандид. Скопје: Феникс (без дата), стр. 123. додека не бил откриен вистинскиот автор. Додека ја отслужувал казната, Волтер ја напишал својата прва драма, „Едип“ чиј успех ја утврдил неговата репутација.
Името Волтер Името Волтер, кое авторот го зел во 1718 година, е анаграм од AROVET LI, латизираниот правопис на неговото име Arouet, и почетните букви на le jeune (помладиот). Името, исто така, ги содржи, во обратен редослед, слоговите од името на еден семеен замок во регионот Пуато: Airvault. Земањето на името „Волтер“, кое следело по неговото затворање во Бастилја, според многумина го одбележува формалното одвојување на Волтер од неговото семејство и неговото минато.
Ричард Холмс го поддржува ова изведување на неговото име, но додава дека писател како Волтер ќе тежнеел исто така тоа да ги пренесе и неговите конотации на брзина и смелост, кои доаѓаат од асоцијации со зборови како „voltage“ (акробации на трапез или на коњ), „volte-face“ (се враќа за да се соочи со непријателот), и „volatile“ (првобитно, секое летечко суштество). „Arouet“ не било благородничко име соодветно за неговата растечка репутација, особено ако се земе предвид дека тоа име е резонанса со à rouer („за вршење (жито)“) и roué (a débauché).
Во едно писмо до Жан Батист Русо од март 1719 година, Волтер вели дека ако сака да му прати повратно писмо, да го направи тоа адресирајќи го на господин де Волтер. Во пост скриптум објаснува: „J'ai été si malheureux sous le nom d'Arouet que j'en ai pris un autre surtout pour n'être plus confondu avec le poète Roi“, во превод , „Бев толку несреќен со името д’ Аруе што земав друго, првично за да престанат да ме мешаат со поетот Руа“. Ова најверојатно се однесува на Аден ле Руа (Adenes le Roi), а дифтонгот „oi“ тогаш се изговарал онака како што денес во францускиот се изговара „ai“, па сличноста со Аруе е очигледна, и според тоа, многу е веројатно и ова да било дел од неговото размислување.
Поради строгата цензура што владеела за време на Луј XV, Волтер бил принуден да ги објавува своите дела користејќи лажни имиња: Така, познати се над 200 псевдоними што ги користел тој.Veljko Korać, „Volterov Kandid“, во: Volter, Kandid. Beograd: Rad, 1961, str. 126.
Прогонството во Англија
Способноста за брзи, остроумни, саркастични и духовити критички досетки го направиле Волтер многу непопуларен кај некои од неговите современици, вклучувајќи и одредени членови на француската аристократија. По излегувањето од затворот, Волтер повторно дошол во судир со власта, поради што морал да пребегне во Англија. Имено, откако Волтер остро вратил на навредата упатена кон него од стана на младиот француски благородник Шевалие де Роан (Chevalier de Rohan) кон крајот на 1725 година, аристократкото семејство Роан се здобило со кралско lettre de cachet, неотповиклив и честопати произволен казнен декрет потпишан од францускиот крал Луј XV. Плашејќи се од неодредена казна затвор, Волтер самиот предложил да биде прогонет во Англија како алтернативна казна, идеја која француските власти ја прифатиле. Овој инцидент го одбележал почетокот на обидите на Волтер да го поправи францускиот судски систем.
Прогонството на Волтер во Англија траело речиси три години, и неговите тамошни искуства значително влијаеле врз многу од неговите идеи. Во Лондон се нашол во друштвото со истакнати писатели, филозофи и научници, што го поттикнало сериозно да започне да ги изучува филозофијата и науката. исто така, тој бил заинтригиран од британската уставна монархија, како контраст на француската апсолутистичка монархија, како и од релативната поддршка на слободата на говорот и религиската слобода во земјата. Понатаму, врз него влијаеле и неколку писатели од тоа време, а тој развил и интерес за раната англиска литература, особено за делата на Шекспир, за кој во тоа време, во континентална Европа малку се знаело. И покрај истакнувањето на неговите отстапувања од неокласичните стандарди, Волтер го гледал Шекспир како пример на кој би можеле да се угледаат француските писатели, од причина што на драмата во Франција, и покрај тоа што била попрефинета, ѝ недостасувала акција на сцената. Сепак подоцна, бидејќи влијанието на Шекспир започнало да се чувствува во Франција сè повеќе и повеќе, Волтер се трудел со своите претстави да постави спротивен пример, застанувајќи против она што тој го сметал за „варварства на Шекспир“.
По речиси три години во прогонство, Волтер се вратил во Париз и во 1734 година ги објавил неговите гледишта во врска со британските ставови кон владата, литературата, и религијата во збирка есеи во форма на писма, со наслов Lettres philosophiques sur les Anglais („Филозофски писма за Англичаните“), најпрвин на англиски, а потоа и на француски јазик. Во ова дело, Волтер дал толку остра критика на францускиот феудален, апсолутистички режим, што францускиот издавач веднаш бил затворен во Бастилја, а книгата била јавно запалена пред францускиот парламент, како дело кое „стои во спротивност со религијата, добрите карактери и почитта кон власта“. Волтер го избегнал апсењето така што побегнал од Париз и нашол заштита кај неговата пријателка, мадам ди Шатле, каде што останал цели десет години.„Волтеровиот Кандид“, во: Волтер, Кандид. Скопје: Феникс (без дата), стр. 123-124.
Престојот во замокот де Сиреј Волтеровото следно одредиште бил Замокот де Сиреј (Château de Cirey), сместен на границите на Шампањ и Лорен. Замокот бил реновиран со неговите пари, и тука тој ја започнал врската со маркизата ду Шателе (Marquise du Châtelet), Габриел Емили ле Тонелиер де Бретој (Gabrielle Émilie le Tonnelier de Breteuil) (позната и како Емили ду Шателе). Замокот му припаѓал на сопругот на маркизата, маркизот Флоран Клод ду Шателе (Marquis Florent-Claude du Chatelet), кој понекогаш ги посетувал неговата жена и нејзиниот љубовник во замокот. Врската која траела петнаесет години, имала значаен интелектуален елемент. Волтер и маркизата собрале повеќе од 21.000 книги, што претставувало огромен број за тоа време. Заедно, тие ги проучувале овие книги и изведувале експерименти од полето на „природните науки“ во неговата лабораторија. Експериментите на Волтер вклучувале и обид да се одредат елементите на огнот.
Бидејќи ја научил лекцијата од претходните пречкања со власта, Волтер започнал со она што во иднина му преминло во пракса - да се држи настрана од она што би можело лично да му наштети и да одрекува каква било непријатна одговорност. Тој продолжил да пишува многу драми, како што е „Мероп“ (Mérope или La Mérope française) и ги започнал неговите долгогодишни истражувања во полето на науката и историјата. Повторно, главен извор на инспирација за Волтер биле годините поминати во прогонство во Британија, кога силно му влијаеле делата на Исак Њутн. Волтер силно верувал во теориите на Њутн, особено оние што се однесувале на оптиката (откритието на Њутн дека белата светлина ги содржи сите бои во спектарот, инспирирало многу експерименти во Сиреј), и гравитацијата (Волтер е изворот на познатата приказна за Њутн и јаболкото што паднало од дрвото, која ја имал чуено од внуката на Њутн во Лондон, а првпат е спомната во неговите Essai sur la poésie épique, или „Есеи за епиката“). Иако и Волтер и маркизата биле заинтересирани за филозофијата на Готфрид Лајбниц (Gottfried Leibniz), во основа, тие останале „њутонци“, и покрај тоа што маркизата усвоила одредени аспекти од аргументите на Лајбниц против Њутн. Таа ја превела Њутновата „Принципија“ (Principia) од латински јазик, исправувајќи неколку грешки попат, и нејзиниот превод останал официјален француски превод дури и во XX век. Книгата на Волтер Eléments de la philosophie de Newton („Елементи на филозофијата на Њутн“), која најверојатно била напишана во соработка со маркизата, го направила учењето на Њутн прифатливо за многу поширока јавност.
Волтер и маркизата ја проучувале и историјата, особено оние личности кои придонеле за развој на цивилизацијата. Вториот есеј на Волтер на англиски јазик е Essay upon the Civil Wars in France (Есеј за Граѓанските војни во Франција). По него следат La Henriade (Анријада), епска песна за францускиот крал Анри IV, во која го величи неговиот обид да им стави крај на католичко-протестантските масакри со Едиктот од Нант, и историски роман за шведскиот крал Карл XII (Charles XII of Sweden). Овие дела, заедно со неговите Писма за Англија (Letters on England) го одбележуваат почетокот на Волтеровата отворена критика на нетолерантноста и востановените религии. Волтер и маркизата работат и во областа на филозофијата, особено на метафизиката, филозофска гранка која се занимава со суштествувањето, и со она што е надвор од границите на материјалното, како на пример дали постои Господ, душа, итн. Волтер и маркизата ја анализирале и Библијата, обидувајќи се ја откријат нејзината важност во нивно време. Волтеровите критички погледи на религијата се одразуваат во неговото верување во одвојување на црквата од државата и религиска слобода, идеи кои ги оформува по неговиот престој во Англија.