Инженерски бригади биле партизански единици на НОВ и ПОМ, формирани во текот на месец април 1945 година. Имало четири инженерски бригади.д-р Марјан Димитријевски „Македонската војска 1944-1945“, Скопје, ИНИ, 1999 г., стр. ​165-166

Основање При инженерското одделение на ГШ на НОВ и ПОМ отпрвин постоеле четири баталјони со по три инженерски чети и една бригада. Вкупната бројна состојба на баталјоните изнесувала 459 луѓе. Поради зголемување на обемот на работа на Инженерското одделение, биле оформени пет работнички баталјони составени од Албанци, секој со 500 луѓе, четири баталјони составени од заробени Италијанци и еден баталјон од заробени Германци. Во Скопје бил оформен и еден градежен баталјон за поправка и градба на воените градби.

Со новата реорганизација, од сите овие единици биле оформени четири инженерски бригади, секоја со по еден инженерски и три работнички баталјони, составени од воени заробеници. Дејноста на овие бригади била главно поправка на разурнатите стопански и сообраќајни објекти, како и оспособување на патниот и железничкиот сообраќај во Македонија.

Потоа следувала уште една реорганизација на овие единици во нови три бригади, и тоа Прва, Втора и Трета инженерска бригада и една работничка бригада, составени од еден баталјон Македонци и четири баталјони заробени Италијанци.

Првата инженерска бригада, во чиј состав имало и заробени Германци, имала задача да ја поправи железничката пруга на патниот правец Велес-Демир Капија до крајот на месец мај 1945 година, а во месец јуни патниот правец Скопје-Качаник. Втората инженерска бригада работела на поправка на сообраќајниците на просторот Струмица-Валандово-Гевгелија-Дојран до крајот на мај 1945 година, а потоа на железничката пруга со тесен колосек Катланово-Зелениково. Третата инженерска бригада вршела поправки на сите мостови и патишта на патниот правец Скопје-Куманово-Пчиња, како и на правецот Бујановац-Куманово-Свети Николе и мостовите и патиштата на правецот Куманово-Крива Паланка. Работничката бригада разработувала нова варијанта на Удовската Клисура во должина од 8 километри. На оваа задача работела до октомври 1945 година.

Наводи

Категорија:Бригади на НОВМ