мини|Најголемиот град во земјата, Њујорк, се смета за главен финансиски центар и метрополитенска економија во светот. Економијата на САД е најголемата економија во светот, мерено според вредноста на БДП.

Надворешна трговија Во 2017 година, најголемо учество во американскиот извоз на стоки имале ЕУ и Канада (по 18%), а потоа следувале: Мексико (16%), Кина (9%) и Јапонија (4%), додека 35% од извозот на САД отпаѓал на другите земји. Од друга страна, најголемо учество во американскиот увоз имале: Кина (22%), ЕУ (18%), Мексико и Канада (по 13%) и Јапонија (6%), додека 28% од американскиот увоз бил по потекло од другите земји. Притоа, САД имале дефицит во трговската размена со секој од нејзините пет најголеми трговски партнери, а дури 45,8% од трговскиот дефицит на САД отпаѓал на Кина.Зоран Јовановски, „Надворешно-трговскиот дефицит на САД“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 10.

Финансиски систем Пазар на капитал Пазар на обврзници Пред 1984 година, САД задржувале данок во висина од 30 % на каматата исплатена на нерезидентите кои поседувале американски корпоративни или државни обврзници. Исто така, и американските претпријатија кои издавале еврообврзници во САД биле подлежни на оваа даночна обврска за каматата што им ја исплаќале на нерезидентите. Меѓутоа, овој данок бил укинат во 1984 година, а потоа американските претпријатија добиле право да им продаваат на странските инвеститори домашни обврзници кои гласат на доносител.Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 173.

Пазар на акции Пазарот на акции во САД е најголем во светот: пазарната капитализација во 2019 година изнесувала 44% од светската капитализација на акционерските друштва, иако американските акционерски друштва учествуваат само со 17% во вкупниот број на акционерски друштва во светот. Сепак, тоа претставува намалување во однос на 2000 година, кога американската пазарна капитализација претставувала половина од светската капитализација. Американскиот пазар на акции е двојно поголем во споредба со сите европски пазари на акции, земени заедно. Американските акции се најскапите акции во светот, мерени според показателот „цена / принос“.www.nasdaq.com (пристапено на 10.1.2019) Во текот на XX век, реалниот принос на акциите во САД изнесувал 4,3% на годишно ниво, во споредба со останатите пазари кои имале принос од 0,8%.Goetzmann, William N., Lingfeng Li, and K. Geert Rouwenhorst (2001), „Long-term global market correlations“. Working Paper w8612, National Bureau of Economic Research.

Најпрестижниот берзански индекс во САД е Дау Џонс (Dow Jones Industrial Average), кој е составен од 30 акционерски друштва со вкупна пазарна капитализација од 7,5 трилиони долари. Во составот на Дау Џонс 30 влегуваат следниве друштва: Microsoft, Apple, JP Morgan Chase & Co., Johnson & Johnson, Walmart, Visa, Procter & Gamble, ExxonMobil, Walt Disney, Home Depot, Verizon, Кока кола, Dow, Chevron, UnitedHealth, Merck & Co., Боинг, Cisco Systems, Интел, Pfizer, McDonald's, IBM, United Technologies, Најк, American Express, 3M, Goldman Sachs, Caterpillar, Walgreens Boots Alliance и Travelers. Индексот се пресметува со методата на ценовно пондерирани просеци, при што акциите со повисоки пондер цени имаат поголемо влијание врз индексот од оние со понизок. Највисок пондер во индексот имаат акциите на „Боинг“, а по неа следуваат акциите на „Јунајтед хелт“.www.cnbc.com (пристапено на 15.1.2020) Исто така, големо значење има берзанскиот индекс Standard & Poor Composite 500 (S & P 500), составен од акциите на 500 претпријатија, а кој се пресметува така што како пондер служи пазарната вредност на акциите. Други познати берзански индекси во САД се: индексите на Њујоршката берза, индексите на НАСДАК, Вилшер 5000 итн.Zvi Bodie, Alex Kane, and Allan J. Marcus, Investments (fifth edition). Boston etc.: McGraw-Hill Irwin, 2002, стр. 51-53.

Во 1987 година се случил голем пад на американскиот пазар на акции. Имено, во текот на три дена, од среда, 14 октомври до петок, 16 октомври, индексот Дау Џонс се намалил за околу 10% при што најголемиот дел од падот се случил во петокот попладне. По викендот, во понеделник, на 19 октомври 1987 година, индексот Дау Џонс се намалил за повеќе од 20%.John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 518.

Инвестициски фондови Инвестициските фондови (Mutual funds) се појавиле во 1940 година и оттогаш забележале огромен растеж. Така, во 1940 година, вкупните средства со кои управувале овие фондови изнесувале 500 милиони долари, во 1960 година тој износ достигнал 17 милијарди, до 1980 година се зголемил на 134,8 милијарди, во 2000 година изнесувал 6 946,6 милијарди, додека во април 2014 година го достигнал нивото од 15 196,2 милијарди долари. Притоа, 46% од американските семејства имаат инвестирано во инвестициски фондови.John C. Hull, Risk Management and Financial Institutions (Fourth Edition). John Wiley and Sons, Hoboken, New Jersey, 2015, стр. 71-72.

Банкарски систем Историски развој на банкарскиот систем во САД По стекнувањето на независноста, САД презеле мерки за намалување на зависноста од странските банки. Притоа, давањето дозвола за основање на банките било надлежност на сојузните држави при што на банките им било дозволено да основаат филијали само во рамките на одделна држава, а тие имале право и да издаваат банкноти. Подоцна, во 1791 година, американскиот конгрес ја основал Првата банка на САД (First Bank of the United States) која добила дозвола за работа со трајност од 20 години. Таа била во сопственост на сојузната влада, можела да отвора филијали во сите сојузни држави, а била основана за да се зголеми довербата во банкнотите. Меѓутоа, кредитната активност на банката била мала, а истовремено, конгресот бил загрижен поради централизацијата на финансиската моќ, па затоа, во 1811 година, кога завршила нејзината дозвола, банката била затворена, а нејзините средства и обврски биле префрлени на банките основани во сојузните држави. Во меѓувреме, банките одобрувале премногу кредити, што довело до првата американска банкарска криза во која пропаднале повеќе банки. Затоа, во 1816 година, конгресот ја основал Втората банка на САД (Second Bank of the United States), повторно со дваесетгодишна дозвола. Сепак, поради стравот од преголема финансиска централизација, во 1836 година таа престанала да постои, т.е. нејзината дозвола не била продолжена. Така, во тој период, банкарскиот систем на САД го сочинувале само приватни банки, основани со дозвола на сојузните држави. Иако кон крајот на 1830-тите пропаднале повеќе банки, сепак во средината на 19 век бројот на банките драстично се зголемил. Во 1864 година бил донесен Националниот банкарски закон (national Banking Act) чија цел била да ги принуди големите банки од северните држави да се префрлат од државна кон сојузна дозвола за работа. Оттука, конгресот им дал посебни даночни олеснувања на националните банки, кои пак морале да купуваат државни обврзници. Така, со тој закон настанало двојното банкарство во САД при што истовремено постојат банки со дозвола од сојузните држави и национални банки, т.е. банки со сојузна дозвола. Периодот од Американската граѓанска војна до почетокот на 20 век е познат како „диво банкарство“ (wildcat banking), зашто постапката за основање и затворање на банките била многу лесна и немало никаква регулација на банките, кои контролирале повеќе од 90 % од финансиското посредување. Во овој период, од средината на 1870-тите до средината на 1890-тите пропаднале околу 20 % од американските банки. Меѓутоа, по големата финансиска паника од 1907 година, довербата на јавноста во банките била нарушена, па во 1913 година, конгресот го донесол Законот за федералните резерви (Federal Reserve Act) со кој бил основан Системот на федералните резерви како централна банка на САД. Со тој закон, сите национални банки имале обврска да членуваат во Системот на федералните резерви, додека членството било доброволно за банките со дозвола од сојузните држави.George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 8-10.

За време на Големата депресија, американскиот банкарски систем доживеал голем потрес: меѓу 1930 и 1933 година пропаднале дури 9 600 банки. Како последица на тоа, веднаш по стапувањето на должноста, американскиот претседател Рузвелт веднаш издејствувал конгресот да го изгласа Законот за банките во вонредни услови (Emergency Banking Act) кој бил донесен на 9 март 1933 година. Врз основа на тој закон, банките биел затворени во период од шест дена, а потоа 12 000 банки биле повторно отворени, 2 000 биле веднаш затворени, а 3 000 започнале да работат подоцна. Во следните две години, администрацијата на Рузвелт донела неколку важни закони во областа на банкарството, како: Федералниот закон за осигурување на депозитите од 1933 и 1934 година со кој била основана Федералната корпорација за осигурување на депозитите (Federal Deposit Insurance Corporation), Глас-Стигаловиот закон од 1933 година со кој се одделиле инвестициското и комерцијалното банкарство и биле воведени ограничувања во однос на исплатата на камата на депозитите, Законот за федералните резерви (Federal Reserve Act)од 1935 година со кој се засилила контролната функција на ФЕД, итн.George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 11-12.

По Втората светска војна, американските банки биле многу регулирани и заштитени од конкуренцијата. Како последица на тоа, во 1960-тите банките располагале со околу 40 % од вкупните средства на финансискиот систем, а потоа започнал периодот на нивната стагнација така што во 1998 година нивното улество се намалило на само 20 % од вкупните средства на финансискиот систем. Истовремено, банките постепено почнале да воведуваат нови иновативни производи со кои настојувале да ја избегнат строгата регулација. Така, во 1962 година, њујоршката банка City National Bank ја вовела преносливата потврда за депозит (Negotiable certificate of deposit). Под притисок на банките, во 1980 година, конгресот го донесол Законот за дерегулација на депозитарните институции и за монетарна контрола (Depository Institutions and Monetary Control Act) со кој било предвидено до 1985 година да се отстранат ограничувањата на каматните стапки на депозитите. Во текот на 1980-тите се случило масовно пропаѓање на штедно-кредитните здруженија (Savings and Loan Associations), а за обесштетување на штедачите биле потрошени меѓу 200 и 300 милијарди долари, Истовремено, и банките се нашле во неповолни услови, што довело до пропаѓање на 1 304 банки меѓу 1985 и 1992 година, вклучувајќи го и фактичкото пропаѓање на десеттата по големина банка, Continental Illinois Bank of Chicago. Во 1990-тите дошло до голема концентрација на американскиот банкарски систем: бројот на малите банки (оние со средства под една милијарда долари) се намалил од 12 500 на 8 661 при што нивното учество во вкупните средства на банкарскиот сектор се намалило од 54 % на 21 %; од друга страна, бројот на големите банки (оние со повеќе средства од 10 милијарди долари) се зголемил од 6 на 65, а нивното учество во вкупните средства на банкарскиот сектор пораснало од 32 % на 60 %.George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 12-22.

+ Број на банки во САД, 1811-1930George H. Hempel and Donald G. Simonson, Bank Management (fifth edition). New York etc. John Wiley and Sons, 1999, стр. 9. Година Број на банки Вкупни средства (во мил. долари) 1811 88 42 1820 307 103 1830 329 110 1866 1 391 1 673 1880 3 355 3 399 1900 13 053 11 388 1920 30 909 53 094 1930 24 273 74 290

Структура на банкарскиот систем