Злосторство и казна (руски: Преступление и наказание) — роман на рускиот писател Фјодор Достоевски, првобитно објавен во 1866 година. Тој е реалистичен, психолошки роман со елементи на социјален, криминалистички и филозофски роман. Тој е, исто така, полифоничен роман (каде се вклучени општествената и социјалната реалност, но и психичката реалност на поединецот). Темата и идејата на романот се содржани во насловот: темата е злосторството, двојното убиство што го извршува Раскољников и казната што следува (повеќе психичка, отколку физичка). Во психичката казна е содржана и идејата - дека човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што може да го казни општеството. Исто така, дека нема никакво оправдување за извршено убиство, зашто сечиј живот е вреден. Дејството во романот се одвива во текот на девет дена пред и по злосторството, како и една година по него.

Содржина

Прв дел Глава I - II: На почетокот од романот е претставен главниот лик - Родион Романович Раскољников - убав, висок, млад човек, поранешен студент по право, кој пред неколку месеци ги напуштил студиите поради крајната беда во која западнал. Облечен во партали, тој се упатува кај старата лихварка Алјона Ивановна за да го заложи сребрениот часовник кој му е спомен од таткото. Патем, тој се бори со своите чувства, бидејќи неговото одење кај лихварката е испитувачки обид за намерата што се раѓа кај него - да ја убие бабата. Одејќи кон нејзиниот дом, тој ги разгледува своите можности за извршување на убиството. Ја планира патеката по која ќе оди, ја разгледува нејзината соба, загледува каде таа ги става заложените предмети итн. Откако од неа добива една рубља, тој влегува во една неугледна кафеана каде го среќава службеникот Мармеладов. Тој му ја раскажува својата животна приказна: бракот со вдовицата Катерина Ивановна; нејзините три деца од првиот брак; ќерката од првата жена, осумнаесетгодишната Соња која поради сиромаштијата почнува да се проституира; краткотрајната среќа по неговото вработување; пропаста предизвикана од неговиот алкохолизам. Мармеладов го замолува Раскољников да го однесе дома, а таму ја согледува крајната беда во која живее неговото семејство. Потоа, Раскољников тивко и незабележливо се повлекува, а на прозорецот ги остава малкуте пари што му останале.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 7-33. Глава III-V: Кога пристигнува дома, Раскољников добива писмо од мајка му, која му ја опишува целата историја на сестра му Дуња. Таа работела како гувернанта во едно семејство при што сопругот настојувал да ја започне љубовна врска со неа. Таа била обвинета дека го заведува домаќинот така што добила отказ. Сепак, подоцна се открило дека Дуња била невина и таа стекнала добар глас по што добила понуда за брак од Петар Петрович Лужин, обезбеден и надежен човек со свој капитал. На крајот од писмото, мајка му го известува дека таа и Дуња ќе се преселат во Петроград и дека наскоро ќе го посети Лужин. Раскољников, вознемирен од писмото, излегува надвор и бесцелно талка по улиците. Случајно, кога поминува кај Сенскиот пазар наслушнува разговор во кој дознава дека Лизавета Ивановна, сестрата на лихварката, во седум часот ќе биде излезена и тоа му овозможува да го оствари својот план.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 34-72. Глава VI-VII: Одејќи понатаму, на Раскољников му се случува уште една коинциденција: во една кафеана слуша разговор меѓу студент и млад офицер. Студентот раскажува за лошиот карактер на Алјона Ивановна и вели дека некој треба да ја убие заради доброто на другите, а нејзините пари да се искористат за помош на сиромашните. Овие два знака на Раскољников му се чинат како одобрување на неговата намера. Потоа, тој оди во својот стан и заспива. Откако се буди, набрзина го зема предметот за заложување кој го подготвил од порано, зема секира и стигнува до станот на бабата. Раскољников самоуверено влегува во нејзиниот стан и со секирата ја удира по главата. Таа паѓа на подот, а тој уште двапати ја удира по темето, по што ја ограбува старицата, земајќи пари и неколку златни предмети. Наеднаш, во собата ја здогледува сестрата на Алјона, Лизавета, и Раскољников ја убива со секирата, удирајќи ја по нејзината глава. Потоа, тој ги отстранува трагите од крвта и сака да си замине, но некој почнува упорно да тропа на вратата. Потоа пристигнува уште еден човек и тие забележуваат дека вратата е затворена однатре, така што се сомневаат дека нешто се случило. Тие слегуваат по скалите за да го најдат вратарот и тогаш Раскољников ка користи можноста, излегува и се сокрива во еден празен стан во кој работеле мајстори. Кога тројцата мажи се враќаат во станот на Алјона Иванова, Раскољников успева незабележан да ја напушти зградата, ја враќа секирата и легнува во креветот, паѓајќи во бесознание.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 73-99.

Втор дел Глава I-V: По извршеното убиство, Раскољников постојано се наоѓа во некоја состојба меѓу сонот и јавето. Кај него доаѓаат слугинката Настасја и вратарот, кои му носат покана да се јави во полициската канцеларија. Кога оди таму, дознава дека бил повикан да потпише изјава дека ќе го плати долгот кон газдарицата на станот во кој престојува. Во канцеларијата, полициските иследници Никодим Фомич и Иљја Петрович разговараат за синоќешното убиство поради што на Раскољников му се слошува и се онесвестува. Кога ќе се освести, Иљја Петрович кратко го испрашува каде бил минатата вечер. Раскољников доаѓа дома и се загрижува дека полицијата ќе ја претресат неговата соба, па затоа ги зема предметите, излегува надвор и ги крие под голем камен во еден напуштен двор. Потоа, тој оди кај пријателот Дмитриј Разумихин, каде се однесува многу неразумно и расеано. Откако заминува од кај него, Раскољников талка по улиците бесцелно, а потоа се прибира и легнува во својот кревет, во бесознание. Разумихин сфаќа дека Раскољников е во лоша состојба и доаѓа кај него со Зосимов, студент по медицина, кој се обидува да го лекува. По три дена, Раскољников се освестува и добива 35 рубљи што ги испратила неговата мајка. Разумихин му купува пристојна облека, а повторно го посетува Зосимов, кој во разговорот со Разумихин дознава дека за убиството на старицата е обвинет еден од мајсторите кои работеле во празниот стан во кој се скрил Раскољников. Утредента, во собата на Раскољников се појавува Петар Петрович Лужин, свршеникот на сестра му. Тој настојува да се претстави во убаво светло пред Разумихин и Зосимов, а Раскољников се однесува непријателски кон него. На крајот, кога Лужин почнува да зборува за мајката, Раскољников се разбеснува и го брка од собата, а откако сите заминуваат, тој излегува надвор, решен да стави крај на сè.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 101-171. Глава VI-VII: Раскољников влегува во една кафеана и го среќава Замјатов, кој работи во полициската канцеларија. Раскољников дрско му кажува дека се интересира за убиството на старицата и му соопштува како би ги скрил украдените предмети, кога тој би бил убиецот (всушност, му ја кажува вистината). Раскољников шета бесцелно по улиците и станува сведок на обидот за самоубиство на една жена која се фрла во каналот. Потоа, тој оди во станот на старицата Алјона Ивановна и дрско ги предизвикува присутните луѓе, барајќи да го одведат во полициската канцеларија. Потоа е сведок на прегазувањето на Мармеладов со кочија. Кога видел кој е прегазен, Раскољников веднаш дотрчува и се обидува да помогне. Го носи дома, повикува доктор и свештеник. Стариот Мармеладов единствено сака да ја види ќерка си Соња, која брзо ја наоѓаат на улица. Кога доаѓа, тој за првпат ја гледа во таква облека и со солзи на очите ја моли да му прости. Тој умира во нејзини раце, а Раскољников своите 20 рубљи ѝ ги дава на Катарина Ивановна. Од кај Мармеладови, тој сепак се упатува кај Разумихин, кој потоа го испраќа дома. Таму го дочекуваат мајка му и сестра му. Кога ги здогледува, изненадениот Раскољников се онесвестува.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 172-214.

Трет дел Глава I - IV: Во разговорот со мајката и сестрата, Раскољников отворено кажува дека не сака сестра му да се омажи за Лужин и ѝ поставува ултиматум: да бира меѓу него и Лужин. Ноќта, Разумихин ги попраќа мајката и сестрата во бедниот стан што им го обезбедил Лужин при што на прв поглед се вљубува во Дуња. Утредента, мајката и ќерката добиваат писмо од Лужин во кое тој бара Раскољников да не присуствува на нивната средба. По ова, придружувани од Разумихин, тие одат кај Раскољников, кој се чувствува многу подобро, т.е. речиси сосема е здрава. Сепак, тој го повторува ултиматумот: или тој - или Лужин. Затоа, Дуња носи одлука, наспроти барањето на Лужин, Раскољников да присуствува на закажаната средба на која го поканува и Разумихин. Тогаш, во собата влегува Соња Мармеладова да се заблагодари за парите при што го кани Раскољников на опелото и на парастосот. Сите заедно излегуваат од станот, а Разумихин и Раскољников одат кај полицискиот иследник Порфириј Петрович, кој одамна изразил желба да го запознае Раскољников. Истовремено, непознат човек ја следи Соња на патот до нејзиниот стан.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 215-270. Глава V - VI: Во станот на Порфириј, Раскољников и Разумихин го среќаваат Замјотов. Порфириј започнува разговор со Раскољников за статијата што ја напишал Раскољников во која тој ја изложил својата теорија за обичните и необичните луѓе при што вторите имаат право да вршат злосторства. Притоа, Порфириј, кој очигледно се сомнева во Раскољников, се обидува да го натера да се разоткрие. Потоа, Раскољников се враќа во својот стан, каде среќава непознат човек кој му кажува дека знае дека тој е убиецот на старицата. Тогаш, Раскољников го зафаќа голема треска и му се јавува привидение во кое ја гледа старицата како му се смее, а истовремено се сеќава дека ја убил и нејзината недолжна сестра. Тогаш, во неговата соба влегува непознат човек - Аркадиј Иванович Свидригајлов.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 271-303.

Четврти дел Глава I-III: Свидригајлов му раскажува на Раскољников дека неговата сопруга, Марфа Петровна, постојано му се привидува и дека се подготвува за подалечно патување. Исто така, тој му ја искажува својата желба повторно да се сретне со сестра му Дуња за да ѝ поклони 10.000 рубљи. Најпосле, тој му соопштува на Раскољников дека покојната Марфа Петровна во својот тестамент ѝ оставила на Дуња 3.000. Вечерта, Раскољников и Разумихин одат на договорената средба со Лужин. Раскољников кажува за парите што ги добила Дуња, која тогаш отворено и храбро му вели на навредениот Лужин да го напушти станот. По заминувањето на Лужин, сите ги зафаќа еуфорично расположение, а особено Разумихин кој неочекувано се ослободува од соперникот. Тој им предлага на присутните да почнат заеднички бизнис - да основаат издавачка куќа. Меѓутоа, Раскољников наеднаш им соопштува на мајка си и на сестра си дека ги напушта и дека долго време нема да се видат, а го моли Разумихин да се грижи за нив.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 305-342. Глава IV-V: Оттаму, Раскољников се упатува кај Соња Мармеладова. Таму, тој се прашува, како таа успева, наспроти нејзиниот грев, да биде толку чиста и со чиста совест. Сфаќа дека тоа го постигнува со вербата во Бога, но тој нема сили да биде како неа. Во разговорот со Соња, Раскољников дознава дека таа се познавала со Лизавета за која вели дека знае кој ја убил и дека утредента ќе ѝ каже на Соња. Целиот разговор го слуша Свидригајлов, кој е скриен во соседната соба.Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 343-360.