Елиј Гален или Клавдиј Гален (; септември 129 – /), попознат како Гален од Пергам — познат грчки лекар и филозоф во Римското Царство. Тој бил еден од најпознатите истражувачи на полето на медицината во античкиот период, кој влијаел врз развојот на различни медицински дисциплини и на други научни дисциплини, како на пример: анатомијата, физиологијата, патологијата, фармакологијата, неврологијата, како и на филозофијата и логиката.

Како син на богатиот архитект Елиј Никон, Гален од најраното детство ја имал привилегијата да се здобие со квалитетно образование, што му овозможило понатаму во животот да изгради успешна кариера како познат лекар и филозоф. Роден во Пергам (денешна Бергама, Турција), Гален често патувал во текот на својот живот, поради што бил постојано изложуван на разни медицински теории и откритија. По неговото конечно населување во престолнината Рим, тој работел за истакнати членови на римското општество, дури станал и личен лекар на неколку римски цареви.

Галеновото разбирање за медицината и анатомијата се основало на теоријата на хумор или теоријата за четирите телесни сока (крв, слуз, жолта жолчка и црна жолчка), која теорија потекнува од времето на старогрчкиот лекар Хипократ. Оваа теорија се задржала и имала големо влијание врз западната медицина повеќе од 1300 години. Описот на анатомската градба кај Гален се засновала врз описот на секцирањето на мајмуни (посебно на берберските макаки мајмуни) и свињи, затоа што секцирањето на луѓе во тоа време не било дозволено. Неговите записи од анатомските испитувања биле надминати дури во 1543 година, кога била објавена книгата De humani corporis fabrica од Андреас Везалиус каде биле испечатени описи и илустрации на човековата анатомија, но во која сѐ уште била задржана Галеновата физиолошка теорија. Теоријата на Гален за физиологијата на циркулаторниот систем останала неоспорена до 1242 година, кога Ибн ал-Нафис ја објавил својата медицинска енциклопедија Sharh tashrih al-qanun li’ Ibn Sina (Коментар за анатомијата во канонот на Авицена), во која за првпат била прикажана белодробната циркулација.

Гален себеси се сметал и како лекар и како филозоф, што го напишал во своето дело „Најдобриот доктор е исто така и филозоф“. Тој исто така бил заинтересиран за дебатата помеѓу рационалистичките и емпириските медицински гледишта, а неговата обука на студентите преку непосредно набљудување, секцирање и вивисекција претставувало комбинација на овие две различни медицински гледишта. Поради тоа неговото објаснување на поимот болест се нарекува синтетичка концепција на болестите. Многу од неговите дела се сочувани и/или преведени од оригиналниот грчки јазик, а дел од нив се или уништени или, пак, некои дела, кои му се припишуваат, се лажни. Во 1530-тите години, белгискиот лекар и анатом Андреас Везалиус превел многу од записите на Гален од грчки на латински јазик. Неговото најпознато дело De humani corporis fabrica било напишано под влијание на делата на Гален.

Младост (129 – 161 година) Името на Гален, , Galēnos, е изведено од придавката „“, што значи „смирен“.

Самиот Гален своето детство го опишал во делото „За афекциите на умот“. Тој е роден во септември 129 година во Пергам (денешна Бергама, Турција). Неговиот татко, Елиј Никон, бил богат патрициј, архитект и градител, со широки познавања од филозофијата, математиката, логиката, астрономијата, земјоделството и литературата. Гален го опишал својот татко како пријателски настроен, праведен и добродушен човек. Во тоа време Пергам бил важен културен и интелектуален центар, познат по својата библиотека која била втора веднаш по познатата Александриска библиотека. Во Пергам се собирале познати филозофи од стоичката и платонската школа, со кои Гален бил запознаен од својата 14 година. Во неговите студии биле опфатени и принципите на филозофските учења од тоа време, како што се учењата на Аристотел и Епикур. Татко му сакал да продолжи со традиционално школување по филозофија и политика, па затоа го насочувал кон филозофијата и литературата. Но, според кажувањата на самиот Гален, околу 145-тата година, во сон на татко му се јавил богот Асклепиј (богот на медицината) и му наредил на Никон да го прати сина си на студии по медицина. На 16 години Гален почнал да изучува медицина во престижното локално светилиште, или Асклепион, посветено на богот Асклепиј. Во текот на учењето, кое траело 4 години, тој имал познати ментори, лекари од тоа време: Есхарион од Пергам, Стратоникус, Сатирус и други. Светилиштето тогаш функционирало и како бања или санаториум, каде болните барале помош од свештенството. Римјаните често оделе во храмот во Пергам да бараат медицинска помош за нивните заболувања. Храмот бил често посетуван и од видни луѓе како, на пример, познатиот старогрчки оратор Елиј Аристид, софистот Антониј Полемон, конзулот Каспиј Руфин и историчарот Клавдиј Харакс.

Во 148 година, кога Гален имал 19 години, татко му починал, оставајќи му богато наследство. Поучен од Хипократовото учење, тој почнал многу да патува и студирал во тогаш познатите места како, на пример, Смирна, Крит, Коринт, за да конечно дојде и до Александрија, во големото медицинско училиште, каде се практикувале разни медицински учења и пракси. Во 157 година, на своја 28 годишна возраст, Гален се вратил во Пергам, каде работел како лекар на гладијаторите, кај првосвештеникот од Азија, еден од најбогатите и највлијателни луѓе во тоа време. Таму поминал четири години и ја научил важноста на исхраната и вежбањето, хигиенските и превентивните мерки, третманите на фрактури и тешки повреди, заклучувајќи дека раните се „прозорци на телото“. За време на неговата лекарска пракса биле евидентирани само пет смртни случаи на гладијатори, во споредба со 60 смртни случаи во времето на неговиот претходник, што се објаснува со посебното внимание кое тој го посветил на лечењето на повредите и здобиените рани. Заедно со праксата, тој се занимавал и со студии по теоретска медицина и филозофија.

Подоцнежни години (162 – 217 година) мини|Статуа на Гален во неговиот роден град, Пергам. Во 162 година, Гален отишол во Рим, како веќе познат лекар-практичар. Неговите методи во медицината биле противречни на поконзервативната пракса на неговите колеги од Рим, што било причина за конфликт со етаблираниот медицински круг во главниот град на империјата. Кога непријателството помеѓу нив станало сериозно, плашејќи се да не биде протеран или отруен, тој го напуштил Рим.

Во 161 година, Рим влегол во војна, имено императорите Марко Аврелиј и Луциј Вер на северните граници од Римското Царство се бореле против германското племе Маркомани. Во есента 169 година, кога римските војници се враќале во Аквилеја, избувнала чума, поради која римскиот цар побарал од Гален да се врати во Рим. Од него било побарано да ги придружува Марко Аврелиј и Луциј Вер во походот во Германија како дворски лекар. Следната пролет, по барање на храмот Асклепион, кој бил против таквото ангажирање на Гален, Марко Аврелиј бил принуден да го ослободи Гален од таа должност. Тој бил оставен да работи како лекар на престолонаследникот Комод. Во тој период Гален интензивно пишувал од областа на медицината. Иронично, и двајцата императори, прво Луциј Вер во 169 година, а потоа и Марко Аврелиј во 180 година, починале од чумата.

Гален бил личен лекар на царот Комод до крајот на неговиот живот, лечејќи го од обични и чести заболувања. Според историчарот Касиј Дион, околу 189 година, за време на владеењето на Комод, избила епидемија на чума во Рим, со исклучително висок морталитет, кој достигнувал и до 2000 починати во текот на еден ден во Рим, кога епидемијата била на својот врв. Веројатно таа била истата епидемија која се случила за време на владеењето на Марко Аврелиј.

По Комод, Гален бил лекар и на царот Септимиј Север и неговиот син Каракала, кој го наследил на престолот.

Антониниевата чума мини|Група на лекари насликани на една од сликите на Виенскиот диоскорид; Гален е прикажан горе, во средина.|алт= Антониниевата чума е наречена според презимето на царот Марко Аврелиј – Антониниј. Епидемијата се нарекува уште и Галенова чума, затоа што се случила во времето на Гален, а и самиот тој бил повикан да преземе мерки за нејзина санација. Тој имал можност непосредно да се запознае со епидемијата при нејзиното првично ширење во 166 година во Рим, и подоцна меѓу 168-169 година при нејзиното повторно избувнување во редовите на римската војска стационирана во Аквилеја. Тој ги опишал симптомите на болеста и третманот, истакнувајќи го нејзиното долго траење. За жал, неговите наводи за болеста биле кратки и расфрлени, и според нив не може да се заклучи која болест била причина за тешката епидемија. Неговата заинтересираност за епидемијата била главно фокусирана на нејзиниот третман. На пример, во описот на заболен млад човек, во текот на епидемијата, тој се концентрирал на третманот на внатрешните и надворешните улцерации. Епидемијата, која започнала за време на владеењето на Марко Аврелиј, била погубна за Римското Царство. Стапката на морталитет била меѓу 7-10%, а во периодот меѓу 165-168 година, таа била причина за смрт на 3,5 до 5 милиони луѓе. Според германскиот историчар Ото Зеек, околу половина од популацијата на Римското Царство во тој период починала од епидемијата. Американскиот историчар на стариот век, Џ. Ф. Гилијам, верува дека оваа епидемија однела повеќе животи отколку било која друга епидемија во империјата до средината на третиот век. Се смета дека причината за Галеновата епидемија била големата сипаница. Податоците кои ги оставил Гален не се доволни за да се даде точна дијагноза на болеста која ја предизвикала оваа епидемија.

Гален опишал црн егзантем кој го покривал целото тело на болните. Егзантемот на места каде не егзулцерирал станувал груб и крастав. Тој тврдел дека лицата кои имале црн осип обично преживувале и, според Гален, тој станувал црн поради путрификација на заостанатата крв во гнојните меури. Галеновиот опис на осипот многу потсетувал на описот на ист таков кој го дал старогрчкиот историчар Тукидид. Гален дал опис и на промените во дигестивниот систем преку опис на дијарејата и изметот кај пациентите. Изметот бил црн кај пациентите кои умирале, а исходот на болеста зависел многу од тежината на интестиналните лезии. Тој забележал дека во случаите каде изметот не бил црн, избивал црн осип. Гален опишал симптоми на грозница, повраќање, лош здив, кашлица и улцерации на грлото и душникот кај оваа болест.

Еудемус Кога перипатетичниот филозоф Еудемус се разболел од маларија, Гален се чувствувал обврзан да го лечи „бидејќи тој ми беше учител и поради тоа што живеам во негова близина.“ Гален за овој случај напишал: „Се враќам на случајот Еудемус. Тој беше тешко засегнат од трите напади на грозницата и докторите се откажаа од него бидејќи беше средина на зима.“ Дел од римските лекари го критикувале Гален за користење на прогноза во третманот на Еудемус. Галеновата пракса била во конфликт со тогашните стандарди за медицински третман кој се засновал на божественото и мистицизмот, но тој сепак ги бранел своите методи. Историчарот на медицината Луис Гарсија Баљестер ги цитира зборовите на Гален: „За да може да се дијагностицира, прво мора да се опсервира и размисли. Овој негов став би основа за неговата критика кон лекарите кои постапувале алогос и аскептос (неразумно).“ Сепак, Еудемус го предупредил Гален дека конфронтацијата со тие лекари може да доведе до негово убиство.