ФК Манчестер Јунајтед () — професионален фудбалски клуб од Манчестер, Англија, кој се натпреварува во Премиер лигата, највисокото фудбалско натпреварување во англискиот фудбалски систем. Познат под прекарот "Црвени ѓаволи", клубот бил основан под името Њутн Хит во 1878 година, го променил своето име во Манчестер Јунајтед во 1902 година, и започнал да игра на сегашниот стадион Олд Трафорд во 1910 година.
Манчестер Јунајтед е најуспешен клуб во Англија, со освоени рекордни 20 национални титули, 12 титули во ФА Купот, 5 титули во Лига Купот и рекордна 21 титула во ФА Комјунити шилд. Клубот исто така трипати ја освоил УЕФА Лигата на шампионите, еднаш УЕФА Лигата на Европа, еднаш УЕФА Купот на победниците на куповите, еднаш Суперкупот на УЕФА, еднаш Интерконтинеталниот куп и еднаш Светското клупско првенство. Во сезоната 1998–99, клубот станал прв во историјата на англискиот фудбал кој во една сезона успеал да ги освои титулите во Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите. Во сезоната 2016–17, со освојувањето на Лигата на Европа, Манчестер Јунајтед станал само петти клуб во историјата кој ги освоил сите три клупски натпреварувања на УЕФА.
Во минхенската авионска несреќа во 1958 година загинале осум играчи на клубот. Во 1968 година, под водство на Мет Базби, Манчестер Јунајтед станал првиот англиски клуб кој го освоил Европскиот куп. Алекс Фергусон со клубот освоил 38 титули како тренер, вклучувајќи 13 титули во Премиер лигата, 5 титули во ФА купот и 2 титули во Лигата на шампионите помеѓу 1986 и 2013 година. Моментален тренер на клубот е Оле Гунар Солшер.
Во сезоната 2015–16, Манчестер Јунајтед бил фудбалски клуб со најголема заработка во светот со годишен приход од 689 милиони евра, и највреден фудбалски клуб во светот во 2017 година, проценет на 2.86 милијарди фунти. Од јуни 2015 година, клубот е највреден фудбалски бренд во светот, со проценка дека вреди 1.2 милијарди долари. Откако започнал да циркулира на Лондонската берза во 1991 година, клубот бил купен од Малколм Глејзер во мај 2005 година за речиси 800 милиони фунти, со што клубот бил повлечен од берзата, за во август 2012 година повторно да биде понуден со првична јавна понуда на Њујоршката берза. Манчестер Јунајтед е еден од најпопуларните клубови во светот,Hamil (2008), p. 126. и негови најголеми фудбалски конкуренти се Ливерпул, Манчестер Сити и Лидс Јунајтед.
Историја Почетоците на клубот (1878–1945)
Клубот е основан под името Њутн Хит (англ. Newton Heath L&YR F.C.) во 1878 година, како клуб на работниците од железницата „Ланкашир и Јоркшир“ од Њутн Хит. Во тоа време дресовите биле зелено-златни. Првите 15 години играле на малото игралиште „Норт Роуд“ (англ. North Road), кое се наоѓало во близина на идната железничка станица Манчестер Пикадили (англ. Manchester Piccadilly). Во 1893 година клубот се преселува во блиското гратче Клејтон, на улицата Бенк. Претходната година клубот почнува да се натпреварува во фудбалската лигата, и ги раскинува врските со железницата со што се осамостојува и го менува името во Њутн Хит Наскоро после тоа во 1902 година, клубот е на работ на банкрот, со долгови од 2.500 фунти, при што им е затворен стадионот. thumb|200px|лево|Манчестер Јунајтед 1905-1906 Точно кога требало клубот да биде затворен, претседателот на претпријатието Манчестер Бруерис (англ. breweries=пиварници), господинот Ј. Х. Дејвис, решил да инвестира во клубот, со што го спасил од пропаѓање. Според легендата, Хери Стафорд, капитен на клубот, им го покажувал своето наградувано куче бернардинец на спонзорите на клубот. Тогаш Ј. Х. Дејвис сакал да го купи кучето, но Хери Стафорд тоа го одбил и успеал да го убеди Дејвис да инвестира во клубот и да стане негов претседател. Наскоро е одлучено клубот да го смени името. Имало повеќе предлози меѓу кои Манчестер Централ и Манчестер Селтик, но на крајот, на предлог на италијанскиот имигрант Луис Роче, е одлучено клубот да се преименува во Манчестер Јунајтед. Така, службено Манчестер Јунајтед, почнал да постои од 26 април 1902 година. Исто така претседателот Дејвис одлучил да ги промени клупските бои и ги избрал црвената и белата како бои на Манчестер Јунајтед.
По оставката на Џејмс Вест на 28 септември 1902 година, за спортски директор на клубот е назначен Ернест Мангнал. Тој ја добил довербата и задачата да го внесе клубот во прва лига. За малку ќе му успеело уште во првата сезона кога клубот завршува на 5-та позиција во втората лига. Тогаш, Мангнал, одлучил во клубот да донесе нови играчи, меѓу кои голманот Хери Могер, во одбраната Дик Дакворт и напаѓачот Џон Пикен. Меѓутоа најголем впечаток оставил друг одбранбен играч по име Чарли Робертс, кој во клубот пристигнал од Гримсби Таун за тогаш рекордни 750 фунти, во април 1904 и му помогнал на клубот да стигне до 3-то место во сезоната 1903-1904, со што ги делел само бод од второто место кое водело во повисок ранг.
Наскоро потоа, во сезоната 1905-1906, го освоиле второто место и со тоа добиле прилика за првпат да играат во првата лига под новото име. Својата прва прволигашка сезона клубот ја завршува на 8-мото место. Во 1907 година, градскиот соперник Манчестер Сити е под истрага дека на некои свои играчи давал плата повисока од тогаш дозволената. Фудбалскиот сојуз клубот го казнил со 250 фунти, а на осумнаесет играчи им забраниле доживотно да не играат за Сити. Тоа го искористиле Јунајтед и во клубот пристигнале играчи како Били Мередит (велшкиот волшебник) и Санди Трнбал. Новите играчи имале право да заиграт за клубот дури наредната сезона, па така дале голем придонес за освојувањето на титулата во 1907-1908. Во таа сезона клубот имал 10 последователни победи и завршил со 9 бода предност пред второ пласираната Астон Вила.
Следната сезона освојуваат уште 2 трофеја Черити Шилд и ФА Купот. Најголеми заслуги за освојувањето на трофеите имале Трнбал и Мередит кои одлично ја одиграле целата сезона, а Турнбул го постигнал победничкиот гол во финалето од ФА купот. За следната титула клубот морал да чека 2 години со освојувањето на титулата во сезоната 1910-1911. Во меѓувреме клубот се преселил на нов стадион Олд Трафорд. Првиот натпревар на новиот стадион се одиграл на 19 февруари 1910 година против Ливерпул, доживеале пораз 3-4 и покрај водството од 3-0. Без трофеј останале наредната сезона 1911-1912 која била и последна сезона под раководство на Мангнал, кој после 10 години во Јунајтед преминал во Манчестер Сити. Таа сезона е и првата од наредните 41 кога Јунајтед ќе ја освои титулата повторно.
Наредните 10 години клубот постепено ослабувал, па во 1922 година испаднал во втора лига. Во 1925 година се враќаат во првата лига но веќе 1931 повторно отпаѓаат во втората. За време на Втората светска војна, клубот паѓа на најниската 20 позиција во втора лига, која воедно е и најниска во историјата на клубот. Уште еднаш влегле во првата лига, за веднаш да испаднат и повторно се вратат во прва лига во сезоната 1938-39. Го освоиле 14-то место со што сиобезбедиле понатамошно играње на прволигашки фудбал.
Ерата на Сер Мет Базби (1945–1969)
Во 1945 година за менаџер на клубот е назначен Мет Базби (англ. Matt Busby). При назначувањето тој поставил невообичаени услови за работа во тоа време. Инсистирал сам да ја бира екипата, сам да одлучува кој играчи ќе ги доведе во клубот и сам да ги води тренинзите. Всушност, поради тие услови тој бил избркан од Ливерпул, бидејќи таму сметале дека тоа се работи на управата. Меѓутоа, Јунајтед ги прифатил неговите иновативни идеи. Првото засилување кое го донел Базби не бил играч туку помошник тренер Џими Марфи. Наскоро, невообичаениот пристап кон водењето на клубот почнало да дава резултат. Клубот бил трипати по ред второпласиран во првенството на Англија и тоа во сезоните 1947, 1948 и 1949, а во 1948 го освоиле и ФА Купот. Тие успеси најмногу се постигнати благодарение на 3 играчи радени во Манчестер: Стен Пирсон, Џек Роули и Чарли Митен (стрелци во финалето од ФА Купот) како и Аленби Чилтон.
Чарли Митен го напушта клубот во 1952 година и заминува во потрага за подобра плата во Колумбија. Истата година клубот конечно ја освојува титулата. Меѓутоа, Базби знаел дека за клубот не се доволни само искусни играчи и почнал да регрутира играчи од младинската школа на клубот. Во почетокот на младите играчи, како Роџер Бирн, Бил Фоулкс, Марк Џонс и Денис Вајлет, им било потребно време да се прилагодат на играта па затоа во сезоната 1953 завршиле на осмото место. Меѓутоа, набргу потоа во сезоната 1956, Јунајтед станува првак, притоа просечната старост на играчите била 22 години, а биле постигнати и 103 гола. Меѓу најперспективните играчи на клубот, кои тогаш имале прекар бебињата на Базби бил Данкан Едвардс. Момчето од Дадли, дебитирало со дресот на Јунајтед во 1953 година со само 16 години. Тие кои го гледале како игра зборувале дека тој може да игра на било која позиција и дека станува збор за најдобар играч што дотогаш се појавил. Во сезоната 1956-57 повторно стануваат прваци и играат во финалето на ФА Купот, каде се поразени од екипата на Астон Вила. Следната сезона Јунајтед станува првиот англиски клуб кој се натпреварувал во Европскиот куп. Стигнале до полуфиналето каде се поразени од екипата на Реал Мадрид. На патот кон полуфиналето ја оствариле и најголемата победа во историјата на клубот (до денес), победувајќи го белгиски Андерлехт со 10-0 на Мејн Роуд.
Голема трагедија го погодува клубот наредната сезона. После натпреварот со Црвена Ѕвезда во Европскиот куп, се урнал авионот при полетувањето од аеродромот во Минхен, каде слетале да наполнат гориво. Така на 6 февруари 1958 година трагично ги губат животите 8 играчи на Јунајтед и тоа: Џеф Бент, Роџер Бирн, Еди Колман, Данкан Едвардс, Марк Џоунс, Дејвид Пег, Томи Тејлор и Лиам „Били“ Уилан. Во трагедијата животот го загубиле уште 15 луѓе меѓу кои и тројца членови на управата Волтер Крикмен, Берт Вејли и Том Кери. Како причина за трагедијата се наведува растопениот снег на крајот на пистата поради кој авионот губел брзина и не можел да полета. После 2 неуспешни обида, авионот конечно полетува но губи контрола и паѓа врз куќи (за среќа ненаселени) кои се наоѓале во близина на аеродромот. И покрај тоа што бил тешко повреден голманот Хери Грег, плашејќи се да не експлодира авионот ги извлекува на сигурно Боби Чарлтон (дебитирал за клубот само 18 месеци порано) и Денис Вајлет. На лице место загинале 7 играчи, а Данкан Едвардс им подлегнал на повредите наредниот ден во болница. Меѓу преживеаните бил и Џони Бери, но поради тешките повреди морал да ја прекине кариерата. Минхенските доктори немале голема надеж за Мат Базби дека ќе преживее, но за среќа тој се опоравил од тешките повреди и бил пуштен од болница после 2 месеци.
Почнале да се шират гласини дека клубот ќе се повлече од сите натпреварувања, но тоа не се случило и клубот продолжил да се натпреварува под раководство на помошник тренерот Џими Марфи. И покрај несреќата, таа сезона играле во финалето на ФА Купот каде биле поразени од Болтон. Наредната сезона УЕФА понудила на Англискиот сојуз во Европскиот куп да се натпреваруваат и шампионот Вулверхемптон и Јунајтед во чест на загинатите, но тоа било одбиено од страна на англичаните. Таа сезона Јунајтед го освојува второто место во домашното првенство што е одличен резултат за екипа која загубила 9 играчи.