Реброносци (; од , „чешел“ и φέρω, „носи“) — колено на морски безрбетни животни. Реброносците се најголемите животни кои пливаат со помош на трепки (цилии), кои, кај овие животни, се нарекуваат уште и „чешли“. Во зависност од видот, возрасните реброносци имаат должина од неколку милиметри до 1,5 метри. Досега се потврдени само 100 до 150 видови кои припаѓаат на ова колено, а уште 25 други не се целосно опишани и именувани. Најпознати претставници на ова колено се цидипидите (ред Cydippida), кои имаат јајцевидно тело и еден пар на големи пипала со ресички од мали пипала кои се покриени со колобласти, лепливи клетки кои служат за фаќање на пленот. Нивните тела се изградени од желатинозна маса, која од надворешната страна е покриена со два слоја на клетки, а од внатрешната страна со еден слој на клетки кој ја обложува внатрешната празнина. Припадниците на ова колено имаат разновидни форми на телото, од јајцевидните цидипиди до сплесканите платиктениди и широкоусните бероиди.
Речиси сите реброносци се грабливци, а пленот може да варира од микроскопски ларви и ротифери до возрасни единки на малите видови на ракови; исклучоци се младенчињата на два вида кои живеат како паразити на салпи кои се храна за возрасните единки на нивните видови.
И покрај тоа што имаат меки, желатинозни тела, пронајдени се фосили на реброносците во лагерштет кои датираат од раниот камбриум, пред околу 525 милиони години. Положбата на реброносците во „дрвото на животот“ одамна е тема на дебата на молекуларните филогенетски студии. Според најновите хипотези за еволуцијата на животинските организми, реброносците ја сочинуваат втората најрана животинска група која се појавила веднаш после сунѓерите. Порано се верувало дека реброносците се појавиле пред сунѓерите во еволуцијата, кои самите се појавиле пред раздвојувањето на жаркарите и двостраните животни. Меѓутоа, повторната анализа на податоците покажала дека компјутерските алгоритми кои се користеле во анализата биле наведени кон погрешен резултат поради присуството на специфични гени на реброносците, кои биле значително поразлични од оние на другите испитувани видови. Неодамнешна молекуларно-филогенетска анализа заклучила дека заедничкиот предок на сите современи реброносци бил сличен на денешните цидипиди, и дека сите современи групи на реброносци се појавиле релативно неодамна, веројатно по масовното креда–терцијарно изумирање, пред 66 милиони години. Од 1980-тите години па навака, акумулирани се докази дека цидипидите не се монофилетична група на организми, со други зборови оваа група не ги опфаќа потомците на еден заеднички предок.
Особености Во споредба со другите животински колена, реброносците се посложени од сунѓерите, приближно еднакво сложени со жаркарите, а помалку сложени од двостраните животни (кои ги вклучуваат речиси сите други животни). За разлика од сунѓерите, реброносците и жаркарите имаат: клетки поврзани со меѓуклеточни врски и базални мембрани; мускули; нервен систем; а некои имаат и сетилни органи. Реброносците се разликуваат од сите други животни по тоа што имаат колобласти, лепливи клетки кои служат за фаќање на пленот, иако постојат видови на реброносци кои не поседуваат колобласти.
Слично на сунѓерите и жаркарите, и реброносците поседуваат два главни клеточни слоја меѓу кои се наоѓа среден желатинозен слој кој се нарекува мезоглеја; посложените животни имаат три главни клеточни слоеви, а немаат среден желатинозен слој. Оттука, реброносците и жаркарите, заедно со сунѓерите, традиционално се групирани како двослојни (диплобластни) животни. И реброносците и жаркарите имаат вид на мускул кој, кај повеќе сложени животни, произлегува од средишниот клеточен слој, па затоа некои неодамнешни учебници ги класифицираат реброносците како трослојни (триплобластни) животни, додека други учебници сè уште ги класифицираат како диплобластни животни. Реброносците имаат повеќе од 80 различни типови на клетки, кои ги надминуваат броевите кај други животински групи, како што се плочкестите животни, сунѓерите, жаркарите и некои длабоко разгранувачки двострани животни.
Реброносците се најголемите неколонијални животни кои користат трепки (цилии) за локомоција, а големината им се движи од околу 1 милиметар до 1,5 метри. Повеќето видови на реброносци имаат осум ленти по должината на нивните тела, наречени чешлени редови, кои содржат чешловидни бразди (ктени) каде се сместени трепките. Кога трепките се придвижуваат, оние од секој чешел го допираат чешелот кој се наоѓа подолу. Латинското име на реброносците „ctenophora“ во превод значи „чешлоносци“, од старогрчкиот збор κτείς што значи „чешел“ и наставката -φορος што значи „носи“.
+Споредба со другите поголеми животински групи СунѓериЖаркари РеброносциДвострани животниЖарни клетки Не Да Само кај некои видови (добиени со ингестија на жаркари) НеМикроРНК Да Да Не ДаХокс гени Не Да Не ДаКолобласти Не Да, кај повеќето видови НеДигестивен и циркулаторен систем Не Да Број на главни клеточни слоеви Два, со желатинозен слој помеѓу нив Сѐ уште се дебатира дали два или три Три Поврзување на клетките во рамките на еден слој Не, со исклучок на Homoscleromorpha кои имаат базални мембрани Да: Меѓуклеточни врски; базални мембраниСетилни органи Не Да Број на клетки во средниот желатинозен слој Многу Малку (Не е применливо) Клетки од надворешните слоеви може да мигрираат навнатре и да променат функција Да Не (Не е применливо)Нервен систем Не Да, едноставен ДаМускули Не Да, главно епителномускулни клетки Да, главно миоепителни клетки Да, главно миоцити
Опис мини|235x235пкс|Реброносец, снимка од Шед аквариумот во Чикаго. За колено со релативно малку видови, реброносците имаат доста разновидни телесни форми. Крајбрежните видови треба да бидат доволно цврсти за да ги издржат ударите на брановите, песокот и камењата, додека некои океански видови се толку кревки што е многу тешко да се фатат без некако да бидат повредени или оштетени. Покрај тоа, океанските видови се многу тешки за одржување, па затоа се познати главно од фотографии и од забелешки на набљудувачите. Поради тоа, најголемото внимание до неодамна било сконцентрирано на три крајбрежни родови - Pleurobrachia, Beroe и Mnemiopsis.
Бидејќи телото на многу видови реброносци е речиси радијално симетрично, главната оска е орална до аборална (од устата до спротивниот крај). Сепак, бидејќи само два од каналите во близина на статоцистот завршуваат со анални пори, реброносците немаат огледална симетрија, иако многу од нив имаат вртежна симетрија. Со други зборови, ако животното ротира во полукруг, изгледа исто како кога започнало.
Заеднички одлики Коленото реброносци има широк спектар на телесни форми, вклучувајќи ги сплесканите платиктениди (ред Platyctenida), кај кои на возрасните од повеќето видови им недостасуваат „чешлите“ од трепки, и крајбрежните бероиди (ред Beroida), кои немаат пипала, а се хранат со други реброносци со помош на огромната уста која е опремена со групи од големи, цврсти трепки кои делуваат како заби.
Телесни слоеви
Слично како кај жаркарите, телата на реброносците се состојат од релативно дебел, желатинозен слој наречен мезоглеја, кој се наоѓа во сендвич помеѓу две епителни ткива. Епителните ткива се сочинети од слоеви на клетки поврзани меѓусебе со меѓуклеточни врски и со фиброзна базална мембрана која тие ја лачат. Епителот на реброносците има два слоја на клетки, а не еден, а некои од клетките во горниот слој имаат по неколку трепки на една клетка.
Надворешниот слој на епидермисот (надворешна кожа) се состои од: сетилни клетки; клетки кои лачат слуз кој служи за заштита на телото; и интерстицијални клетки, кои можат да се трансформираат во други типови на клетки. Во специјализирани делови на телото, надворешниот слој исто така содржи колобласти, кои се наоѓаат по површината на пипалата и служат за фаќањето на пленот, или клетки кои имаат повеќе големи трепки и служат за движење. Внатрешниот слој на епидермисот содржи нервна мрежа (дифузен нервен систем) и миоепителни клетки, кои играат улога на мускули.
Внатрешната шуплина се состои од: уста, која се затвора со помош на мускули; фаринкс („голтник“); поширока област во центарот која делува како желудник; и систем на внатрешни канали. Овие се разгрануваат низ мезоглејата до најактивните делови на животното: устата и фаринксот; корените на пипалата (доколку се присутни); по целата должина од внатрешната страна на секој чешлен ред; и четири гранки околу сетилниот комплекс на далечниот крај од устата - две од овие четири гранки завршуваат со анални пори. Внатрешната површина на шуплината е обложена со епител наречен гастродерм. Устата и фаринксот имаат трепки и добро развиени мускули. Во другите делови на каналниот систем, гастродермот е различен на страните кои се најблиску до и најдалеку од органот што го снабдува со хранливи материи. Поблиската страна е составена од високи нутритивни клетки, кои складираат хранливите материи во вакуоли (внатрешни прегради), гоноцити, од кои настануваат јајце-клетките или сперматозоидите, и фотоцити, кои создаваат биолуминисценција. Страната која е најдалеку од органот е покриена со цилијарни клетки, кои ја циркулираат водата низ каналите, а меѓу нив се наоѓаат т.н. цилијарни розети, кои всушност претставуваат пори опкружени со двојни спирали од трепки кои се поврзуваат со мезоглејата.
Исхрана, екскреција и респирација По проголтување на пленот, тој се разградува во голтникот со помош на дигестивни ензими и мускулните контракции на голтникот. Резултантната кашеста маса се транспортира низ системот на канали со помош на трепкањето на цилиите и се дигестира од страна на нутритивните клетки. Цилијарните розети во каналите помагаат во пренесувањето на хранливите материи до мускулите во мезоглејата. Аналните пори ги исфрлаат несварените мали честички, но поголемиот дел од несварената материја се исфрла преку устата.
Малку е познато како реброносците се ослободуваат од отпадните производи на метаболизмот на клетките. Цилијарните розети во гастродермот можеби помагаат во отстранувањето на отпадните материи од мезоглејата, но исто така може да помагаат во прилагодувањето на пловноста на животното, со пумпање на вода во или надвор од мезоглејата.
Локомоција Надворешната површина на животното обично има осум ленти, наречени пливачки плочи, кои се користат за пливање. Лентите се ориентирани да се движат од близината на устата („орален пол“) до спротивниот крај („аборален пол“) и се распоредени речиси рамномерно по телото. По должината на секоја лента се наоѓаат „чешли“ (исто така наречени „ктени“ или „чешлени плочи“), а секој од нив се состои од илјадници невообичаено долги трепки (цилии), кои може да имаат должина до 2 милиметри. За разлика од конвенционалните цилии и камшичиња, кои имаат структура на филаментот 9 + 2, цилиите на реброносците имаат структура на филаментот 9 + 3, каде се верува дека екстра-компактниот филамент има потпорна функција. Трепките нормално се движат на тој начин што погонот има спротивна насока од насоката на навлегување на храна во устата. Оттука, реброносците обично пливаат во насоката во која храната навлегува во устата, за разлика од медузите. Кога се обидува да избега од грабливци, еден вид на реброносец може да забрза до шест пати од неговата нормална брзина, а други видови може да ја сменат насоката на движењето со промена на насоката на трепкањето на цилиите.