мини|Податок-изам мини Податокизам — поим кој се користи за да се опише начинот на мислење или филозофијата создадена од значењето на големите податоци. Првпат го употребил Дејвид Брукс во Њујорк тајмс во 2013 година. Во 2017 година, поимот бил проширен да го опише она што општествениот научник Јувал Ноа Харари го нарекува идеологија или дури и нов облик на религија, во која „информацискиот проток“ е „најголемата вредност“.

Историја „Ако би побарале да ја опишам растечката филозофија на современово време, би рекол дека тоа е податок-измот“, напишал Дејвид Брукс во Њујорк тајмс во февруари 2013 година. Брукс тврдел дека во свет на растечка сложеност, потпирањето на податоците може да ги намали когнитивните пристрасности и да „осветли обрасци на однесување што сè уште не сме ги забележале“.

Во 2015 година, книгата „Податок-изам“ се осврнала на тоа како „големите податоци“ го промениле општеството, користејќи го поимот за да се опише револуцијата на големите податоци.

Во неговата книга од 2016 година, Хомо деус: Кратка историја на иднината, Јувал Ноа Харари тврди дека сите конкурентни политички или општествени структури може да се гледаат како системи за обработка на податоци: „Податокизмот изјавува дека универзумот се состои од податочни протоци и вредноста на која било појава или ентитет е определен со неговиот придонес во обработката на податоци“ и „целиот човечки род може да се толкува како единствен систем за обработка на податоци, со човечки единки кои служат како негови чипови“ Според Харари, податокистот треба да сака да го „максимизира податочниот проток со поврзување на повеќе и повеќе медиуми“. Харари предвидува дека логички заклучок од овој процес е дека луѓето на крајот ќе ги овластат алгоритмите да ги донесуваат најважните одлуки во нивните животи, како со кого да се омажат/оженат и која кариера да одберат. Харари тврди дека Арон Шварц би можел да се нарече „прв маченик“ на податокизмот.

Критика Коментирајќи ја Харариевата карактеризација на податокизмот, безбедносниот аналитичар Даниел Мислер верува дека податокизмот не претставува предизвик на идеологијата на либералниот хуманизам како што тврди Харари, бидејќи луѓето истовремено ќе веруваат во нивната сопствена важност и во онаа на податоците.

Самиот Харари покренува одредени критики, како што е проблемот со свеста, што податокизмот нема да го расветли. Луѓето, исто така, може да откријат дека организмите не се алгоритми, сугерира тој. Податокизмот имплицира дека сите податоци се јавни, дури и личните податоци, за да системот работи како целина, што е фактор кој наидува на отпор и денес.

Други аналитичари како Тери Ортлиб разгледувале во која мерка податокизмот му претставува дистописка закана за човештвото.

Скандалот Фејсбук-Кембриџ аналитика покажал како политичките водачи ги манипулирале податоците на корисниците на Фејсбук за да направат специфични психолошки профили кои потоа ја манипулирале мрежата. Тим податочни аналитичари ја репродуцирале технологијата на вештачка интелигенција развиена од Кембриџ аналитика околу Фејсбук податоците и ги дефинирале следните правила: 10 лајка овозможуваат машината да ја познава личноста како колега, 70 лајка како пријател, 150 лајка како родител, 300 лајка како љубовник, а над тоа можно е да се познаваат личностите подобро отколку што тие самите се познаваат.

Поврзано Трансхуманизам

Наводи

Надворешни врски Techopedia definition of Dataism Wired: 'Homo sapiens is an obsolete algorithm': by Yuval Noah Harari Steve Lohr on Data-ism

Категорија:Футурологија Категорија:Филозофија на животот Категорија:Филозофски правци Категорија:Големи податоци Категорија:Податоци Категорија:Информатика Категорија:Филозофија на вештачката интелигенција Категорија:Неологизми Категорија:Зборови што ги нема во ТРМЈ