мини|316x316пкс|Фронтален пресек на човечки мозок. Таламусот е обележан со бројот 2. Таламус или видна грутка (лат. thalamus, од грчки θάλαμος, „комора“) ― главна и најголема сива маса во меѓумозокот (diencephalon) со јајцевидна форма. Таламусот претставува главен релејен центар на мозокот, кој спроведува и интегрира огромен број на моторни и сетилни импулси помеѓу повисоките центри на мозокот и периферијата.
Анатомија Таламусот е составен од две симетрични структури на сива маса, кои го формираат најголемиот дел од меѓумозокот. Тие се издолжени по должина на антеропостериорната оска, што им дава овална форма. Најтесен е на предниот крај, а најширок е на задниот крај. И двата таламуси се изградени од сива маса која е поделена со бела маса во форма на буквата „Y“, позната како внатрешна медуларна ламина (lamina medullaris medialis thalami). Како резултат на локацијата на внатрешната медуларна ламина, секој таламус е поделен на три главни дела: преден, медијален и латерален таламус. Предниот дел лежи помеѓу кратките екстремитети на внатрешната медуларна ламина, додека медијалниот и латералниот дел лежат на соодветната страна на главното стебло на „Y“. Левиот таламус комуницира со десниот таламус преку интерталамичната адхезија (аdhaesio interthalamica).
Површината на таламусот е рамна, освен две испакнатини кои се наоѓаат на постеровентралната површина. Станува збор за медијалното (внатрешно) коленесто тело (corpus geniculatum mediale) и латералното (надворешно) коленесто тело (corpus geniculatum laterale), кои се одговорни за обработка на аудитивните и визуелните сетилни информации, соодветно.
Понатаму, таламусот е опкружен со два слоја на бела маса. Дорзално, тој е покриен со слој познат како stratum zonale; додека латерално, тој е покриен со надворешната медуларна ламина (lamina medullaris lateralis thalami), која го одделува вентралниот и латералниот таламус од субталамусот и таламичното ретикуларно јадро.
Односи со останатите делови од мозокот мини|304x304пкс|Фронтален пресек на латералните мозочни комори и третата мозочна комора.
Преден аспект Предниот пол на таламусот го формира задниот ѕид на интервентрикуларниот отвор на Монро (foramen interventriculare, foramen Monroi) - канал кој ја поврзува латералната мозочна комора (ventriculus lateralis) со третата мозочна комора (ventriculus tertius cerebri). Дополнително, постојат пет вени кои се спојуваат и ја формираат внатрешната мозочна вена (vena interna cerebri) на предниот крај на таламусот.
Медијален аспект Медијалниот ѕид на таламусот го формира страничниот ѕид на третата мозочна комора. мини|319x319пкс|Пресек на човечки мозок, каде е прикажан таламусот и околните мозочни структури.
Дорзален аспект Дорзалната површина на таламусот е во тесна врска со белата гранична пруга (stria terminalis), хороидниот плексус (plexus choroideus) на третата мозочна комора и мозочниот свод (fornix). Внатрешната мозочна вена се протега по дорзомедијалната должина на таламусот, додека горната таламостријатна вена (vena thalamostriata superior) се протега по дорзолатералната површина.
Над stratum zonale на таламусот се наоѓа опашкастото јадро (nucleus caudatus). Главата на опашкастото јадро лежи антеросупериорно во однос на таламусот, а телото му се протега супериорно и латерално во однос на таламусот. Латерално на надворешната медуларна ламина се наоѓа ретикуларното јадро (nucleus reticularis thalami), а потоа задниот крак на внатрешната чаура (capsula interna). Бројни невронски патишта патуваат низ различните краци на внатрешната чаура за да градат синапси во таламусот. Внатрешната чаура исто така го одделува таламусот од лушпестото тело (putamen) и бледото јадро (globus pallidus) (заедно познати како леќесто јадро или nucleus lentiformis).
Постериорен аспект Постериорниот аспект на таламусот е познат како перниче или пулвинар (pulvinar thalami). Секој пулвинар е сместен латерално во однос на епифизата (glandula pinealis), хабенуларната комисура (commissura habenularum) и задната комисура (commissura posterior), постеролатерално во однос на четирикратните тела (corpora quadrigemina), односно горните и долните брекчиња (colliculi), и супериорно во однос на внатрешното и надворешното коленесто тело. Дополнително, задниот таламус е близу до задниот крај на жулестото тело (splenium corporis callosi).
Инфериорен аспект Постојат две главни структури кои се наоѓаат инфериорно во однос на таламусот. Антероинфериорно е сместен хипоталамусот, каудално на хипоталамичниот жлеб (sulcus hypothalamicus). Директно инфериорно на таламусот се мозочните краци (pedunculi cerebri) и аквадуктот на Силвиус (aqueductus mesencephali, aqueductus Sylvii).
Таламични јадра лево|мини|318x318пкс|Таламични јадра Јадрата на таламусот (nuclei thalami) се всушност кластери на густо спакувани клеточни тела на неврони. Секоја страна на таламусот содржи шест групи на јадра:
Предни јадра на таламус Латерални (странични) јадра на таламус Медијални (средишни) јадра на таламус Интраламинарни јадра на таламус Паравентрикуларни јадра на таламус Ретикуларно јадро на таламус.
Јадрата на таламусот ги спроведуваат и модулираат информациите кои патуваат од периферијата до кората на големиот мозок (cortex cerebri). Скоро сите нагорни (асцедентни) нервни патишта прво градат синапси во некое од таламичните јадра, каде што информациите се сортираат, интегрираат и анализираат, пред конечно да бидат испратени до кората на големиот мозок. Од овие причини таламусот може да се разгледува и како вид на „портал“ за кората на големиот мозок. Сите лимбични, моторни и сетилни информации, вклучувајќи ги соматските сензации, видот, слухот и вкусот, освен сетилото за мирис, минуваат низ таламусот на својот пат од периферијата до кората на големиот мозок или обратно.
Таламусот е поделен на три главни дела, од кои секој содржи неколку јадра:
Предниот дел на таламусот ги содржи предните таламични јадра. Латералниот дел на таламусот ги содржи латералните таламични јадра. Медијалниот дел на таламусот ги содржи медијалните таламични јадра.
Овие групи на јадра се одделени меѓусебе со вертикален лист од бела маса во облик на буквата „Y“, наречен внатрешна медуларна ламина (lamina medullaris medialis thalami). Самата внатрешна медуларна ламина содржи група на јадра наречени интраламинарни јадра. Покрај тоа, таламусот содржи област на тенки, паравентрикуларни јадра, расфрлани во перивентрикуларната сива маса која го разделува медијалниот дел на таламусот од епендимата на третата мозочна комора. Исто така, таламусот содржи јадро наречено таламично ретикуларно јадро, кое го обвива латералниот аспект на таламусот.
Покрај гореспоменатата поделба според анатомска локација, таламичните јадра, исто така, можат да се класифицираат според нивната функција на:
Релејни јадра, кои примаат специфични и добро дефинирани информации (на пример, визуелни, акустични, примарни соматосетилни, моторни) и ги проектираат кон специфични, функционално дискретни кортикални области. Овде спаѓаат вентралното антериорно јадро (VA), вентралното латерално јадро (VL), вентралното постериорно јадро (VP), внатрешното коленесто јадро и надворешното коленесто јадро. Асоцијациони јадра, кои повеќето од информациите ги добиваат од самата кора на големиот мозок, а потоа ги враќаат назад во „асоцијационите зони“ на кората, за да ја регулираат интеграцијата и толкувањето на сетилните информации. Во овие јадра спаѓаат предните таламични јадра, пулвинарното јадро и дорзомедијалното јадро. Неспецифични јадра, кои имаат широки и дифузни проекции низ кората, и на тој начин може да бидат вклучени во општи функции како што се свеста и вниманието. Овде спаѓаат ретикуларното јадро, интраламинарни јадра и јадрата на средишната линија.
Предни таламични јадра Предните таламични јадра се збир на невронски клеточни тела во предниот дел на таламусот, сместени помеѓу краците на внатрешната медуларна ламина со форма на буквата „Y“. Предниот дел на таламусот е поделен на три дела: антеровентрални, антеромедијални и антеродорзални јадра.
Овие јадра примаат информации од лимбичниот систем, поради што имаат функции поврзани со емоционалната состојба, вниманието, будноста и меморијата. Поточно, предните таламични јадра примаат аферентни влакна од мамиларните тела на хипоталамусот (corpora mamillaria) преку мамилоталамичниот пат (fasciculus mammillothalamicus). По добивањето на информација од мамиларните тела на хипоталамусот, предните таламични јадра информацијата ја испраќаат преку еферентни влакна до кората на големиот мозок. Овие патишта се двонасочни, а се проектираат на следните кортикални структури: цингуларната витка (gyrus cinguli), предната лимбична област, парахипокампалната витка (gyrus parahippocampalis), дорзолатерални префронтални и задни области на неокортексот.
Латерални таламични јадра лево|мини|301x301пкс|Латерална група на таламични јадра Латералните таламични јадра се збир на клеточни тела на неврони сместени латерално (странично) во однос на внатрешната медуларна ламина. Станува збор за најголема групација на таламични јадра, која е поделена на вентрален сегмент и дорзален сегмент на јадра.
Јадрата на вентралниот сегмент се: вентралното антериорно јадро (VA), вентралното латерално јадро (VL) и вентралното постериорно јадро (VP). Јадрата на дорзалниот сегмент се: внатрешното коленесто јадро (MGN, од англ. Medial Geniculate Nucleus), надворешното коленесто јадро (LGN, од англ. Lateral Geniculate Nucleus), латералното дорзално јадро (LD), латералното постериорно јадро (LP) и пулвинарот.
Вентрално антериорно јадро (VA) Вентралното антериорно јадро (VA) лежи на предниот пол од вентралниот сегмент на јадра. Антериорно се граничи со ретикуларното јадро, постериорно со вентралното латерално јадро (VL) и билатерално со внатрешната и надворешната медуларна ламина. Се состои од два дела; главен дел и магноцелуларен дел.
Вентралното антериорно јадро се наоѓа на патот помеѓу базалните ганглии (nuclei basales) и моторните области на премоторната кора (cortex praemotorius), пренесувајќи информации од двете области. Поточно, аферентните влакна кои стигнуваат до вентралното антериорно јадро потекнуваат од:
Внатрешниот сегмент на бледото јадро (globus pallidus), со проекција до главниот дел на вентралното антериорно јадро. Црната супстанца (substantia nigra), со проекција до магноцелуларниот дел на вентралното антериорно јадро.
За возврат, вентралното антериорно јадро испраќа еферентни влакна до Бродмановите област 6 и 8 од премоторната кора. Овие влакна се реципрочни. Дополнителни проекции од вентралното антериорно јадро се насочени кон интраламинарните таламични јадра, челниот резен (lobus frontalis) и предната темена (париетална) кора. Преку овие врски, вентралното антериорно јадро ги пренесува и ги модулира сигналите од базалните ганглии до премоторната кора, со што игра улога во планирањето и отпочнувањето на моторната активност.
Вентрално латерално јадро (VL) Вентралното латерално јадро се дели на два главни дела; предно поставен pars oralis, и задно поставен pars caudalis. Аферентните влакна кои стигнуваат до вентралното латерално јадро потекнуваат од:
Ипсилатералното внатрешно бледо јадро, а се проектираат во pars oralis преку fasciculus thalamicus. Контралатерални длабоки церебеларни јадра, а се проектираат во pars caudalis. Дополнителни проекции кон pars oralis и pars caudalis потекнуваат од спиноталамичниот пат (tractus spinothalamicus), вестибуларните јадра (nuclei vestibulares) и прецентралната моторна кора.
Вентралното латерално јадро проектира еферентни влакна во следниве области:
Pars oralis: Дополнителна моторна кора (SMA, од англ. supplementary motor area), латерална премоторна кора. Pars caudalis: Област 4 од примарната моторна кора.
Вентралното латерално јадро е активно за време и на пасивни и на активни движења на контралатералниот дел од телото. Тоа има, исто така, улога во пренесување на повратни моторни информации од малиот мозок до кората на големиот мозок.