Елина Берглунд Шервицл (родена 1984 година) е шведски физичар и претприемач, која заедно со нејзиниот сопруг Раул Шервицл развиле апликација за да ги означат деновите кога жената е најплодна. Може да се користи и за контрацепција и за планирање на семејство. Апликацијата се продава како Нечурал Сајклс (Natural Cycles), што е исто така името на компанијата што ја основала двојката за да ја произведе во 2013 година.

Биографија Родена во 1984 година, Елина Берглунд е израсната во Малме во јужна Шведска. Нејзиниот татко е професор по медицина, но и тој и нејзината мајка се претприемачи, заедно водат неколку компании. Таа почнала да се интересира за физиката на петгодишна возраст кога нејзиниот татко зборувал со неа за универзумот. Студирала инженерска физика на Технолошкиот институт Лунд, добивајќи магистер на науки во 2008 година. Таа потоа поминала три години на Универзитетот во Женева, каде добила со докторат по физика на елементарни честички во 2011 година. Паралелно со студиите, соработувала во проектот АТЛАС во ЦЕРН, работејќи со тим кој ја добил Нобеловата награда за откривање на честичката Хигсов бозон во ЦЕРН.

Еден месец по објавувањето на откритието на Хигсовиот бозон во летото 2012 година, Берглунд го напуштила ЦЕРН бидејќи експерименталниот објект се затвоил за надградба во следните две години. Таа се омажила за нејзиниот колега физичар Раул Шервицл и парот почнал да размислува за создавање семејство. Откако решила да престане да ги користи контрацептивните таблети, почнала да ја анализира температурата на телото за да ги открие деновите кога била најплодна. „Сакав да му дадам одмор на телото од апчињата“, објаснува таа, „но не можев да најдам добри форми на природна контрацепција, па напишав алгоритам за себе“. Со охрабрување на нејзиниот сопруг, ова ја навело да развие апликација за плодност, погодна за употреба од секоја жена.

Двојката се откажала од работата по физика и се преселила во Шведска за да се концентрира на развивање и маркетинг на апликацијата, основајќи ја компанијата Нечурал Сајклс во 2013 година. Тие успешно ја користеле апликацијата за да го испланираат раѓањето на нивната ќерка. Иако почнале да го продаваат производот во 2014 година со одобрение од Шведската агенција за лекови, наишле на проблеми следната година кога агенцијата го укинала одобрението, принудувајќи ги да ја отстранат секоја референца за контрацепција при маркетинг на апликацијата. Дури во февруари 2017 година конечно добиле одобрение од германската организација за инспекција и сертификација, овозможувајќи им да го пласираат производот низ Европа. Тоа бил првпат технички уред од овој тип да биде одобрен за контрацепција каде било во светот.

На прашањето на Мими Рито од Висма дали има намера да го помине животот работејќи на апликацијата, таа одговорила: „Не, но мислам дека секогаш ќе работам со нешто што вклучува податоци, анализирање податоци, извлекување заклучоци, примена на податоци за едно или друго. Не треба да биде физичка, не треба да биде контрацепција, но тоа е заедничкиот именител сега и мислам дека секогаш ќе продолжи да биде.“

Награди Во 2015 година, Берглунд ја добила претприемачката награда на Фондацијата Жени во Технологијата.

Наводи

Категорија:Статии со извори на шведски (sv) Категорија:Луѓе од Малме Категорија:Родени во 1984 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Апсолвенти на Лундскиот универзитет

Категорија:Шведски претприемачи