Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден и надградуван уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското Царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.
Традиционално силниот трговски центар, е познат и како град на конзулите поради тоа што во еден период за време на Отоманското Царство, Битола имала дури дваесет конзулати од разни европски земји. Во истиот период, градот имал многу школи, меѓу другите и воена академија, којашто ја посетувал и славниот турски реформатор Кемал Ататурк. На крајот на XIX век бил толку силен град, што неговото население непрестајно растело и го надминало бројот на населението на Белград. Градот бил преполн со фабрики и фотографски дуќани, а занимливо е и тоа што покрај Сингер, во Битола уште во тоа време постоела фабрика за слатки. Во Битола се снимени првите фотографии и филмови на Балканот, благодарејќи на браќата Манаки. Првата филмска камера Јанаки ја купува од Лондон, производство на компанијата „Charles Urban Trading”, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Така, со таа фамозна „Камера 300" започнала кинематографијата на Балканот. Тоа било златното доба на градот. За жал, за време на Балканските војни, многу битки биле водени во околината на градот и самиот град, па многу материјални докази изгореле или биле потполно уништени. Архитектурата можела да се обнови, посебно последните петнаесетина години, а докази за сѐ што се случувало се и прераскажувањата на старите кои добро се сеќаваат. Меѓутоа, денес останале многу организации и фестивали, коишто по долг период, повторно се одржуваат. Еден од нив се одржува секој година од 29 јули до 2 август во Битола, во знак на спомен на Илинденското востание, под името „Културен фестивал Илинденски денови“.
Праисторија Градот Битола со околината е многу богат со споменици од праисторискиот период. Двата најзначајни се Велушка Тумба и Тумба Бара, коишто се наоѓаат покрај селото Породин. Од бакарното доба, тука се населува Тумба покрај селото Црнобуки, Шуплевац (покрај селото Суводол) и Висок Рид (покрај селото Букри).
Римски период Градот се наоѓа на римскиот пат Вија Егнација (Via Ignatia), каде што е и античкиот град Хераклеја Линкестис. Во периодот на II век п.н.е. кога Македонија станува римска провинција, Хераклеја станува силен економско-политички центар (Septina Aurelia Heraclea) со свој постојан римски намесник и римска војска, што сведочи за Битола како центар на вечна моќ, цивилизација, култура и убавина којашто е тука и денес.
Османлиска власт мини|лево|Српски извештај од 5 август 1908, за новата состојба во Битола по воспоставувањето на младотурскиот режим: благосостојба, ред, мир, славење. мини|десно|Битола во XIX век мини|десно|Прослава во Битола за време на Младотурската револуција во 1908 година, по повод враќањето на Уставот од страна на султанот Абдул Хамид II
Почетокот на турските завојувања на Балканот најавиле и нова ера на живеење. Турските војски во текот на 1382-1383 година по многу тешки и крвави борби и по жестокиот отпор кој го пружило месното население конечно успеале да ја освојат Битола. Според некои легенди многу жесток отпор на турските освојувачи му пружиле и монасите од седумдесетте манастири и цркви кои во тој период постоеле во Битола. Хаџи Евронос беј кој се наоѓал на чело на турската војска револтиран од жестокиот отпор на кој наишол при освојувањето на градот наредил да се урне и битолската тврдина. Ашик-паша Зеде, кој го придружувал Евронос-бег во неговиот поход, во своите извештаи забележал дека турските војски неколкупати ја напаѓале Битола, а калуѓерите, давајќи голем отпор, на крајот на самиот брег на реката Драгор, сите до еден биле масакрирани. Меѓутоа, Турците потполно го зазеле градот дури по смртта на Крали Марко во 1395 година, а при тоа заземање во Битола прв влегов Тимурташ-паша со неговата војска.Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 9
Од овој период всушност започнува и „ориенталното” вообликување на градот што било резултат токму на изградбата на ваквиот тип објекти, но и на ориенталните градителски техники и стилови. Во периодот на XVI - XVII век, период на историски но и културни промени, од страна на турската администрација градот Битола започнува да биде именуван како Манастир или Толи Манастир. Сепак во целиот период на своето постоење името Битола никогаш не било заборавено, туку напротив од страна на христијанското население тоа било во секојдневна употреба.
Во средината на XVII век станал и важен културен центар на европска Турција. Таа е седиште на Битолска нахија во која имало 150 населени места. Градот бил прочуен по неговите многубројни пазари, од кои најмногу бил прочуен пазарот за памук. Познатиот патописец Евлија Челебија, Битола ја посетил во 1662 година и забележал: „градот има околу 3000 мали и големи куќи на приземје и кат, групирани во 21 маало, чаршија со 900 занаетчиски и трговски дуќани, 40 кафе-чајџилници и гостилници, монументален безистен со железни порти и со 86 дуќани. Во градот имало 70 муслимански храмови, девет медреси, неколку христијански цркви и фтуги јавни згради“. Самиот град, гледан од далеку, изгледал како да е потонат во зеленило. Во овој период Битола претставува еден од најважните верско-муслимански центри, си Висока верска правна школа, којашто егзистирала низ целиот XVII век. Во истиот век. градот прераснал во значаен административен, стопански и културен центар. Кога во 1689 година поради колерата, Скопје бил запален, повеќето важни функции од него ги презела Битола. Таа развивала трговија, главно со европските центри, Виена, Париз, Лондон итн.Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 9-10
Најзначаен перидо од историскиот и стопанскиот развој на Битола е XIX век, кога во Битола е преместено седиштето на Румелискиот Вилает, и како таков, е рангиран за прв град во европскиот дел на Турција. Според еден документ од овој период, се кажува дека во Битола имало 1.380 дуќани, од кои најголем број биле занаетчиски.Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр. 10
Во 1805 година во Битола живееле околу 15.000 жители. Од стопанските гранки виден напредок доживеало занаетчиството. Во средината на XIX век бројот на занаетчиските дуќани достигнал над 2.000 со околу 140 видови занаети, организирани во 70 еснафски организации. Виден придонес во развојот на Битола дале и дипломатските претставништва, конзулати на повеќе странски држави. Тоа довело Битола да стане „град на конзули” но и арена на странски пропаганди.Стојмилов, А., (2005), Социоекономска географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје
Почнувајќи од 1843 година Третата (Румелиската) армија скоро половина век ќе има седиште во Битола. Покривала територија од Босна до Грција, од Јадранско Море до Одринскиот Пашалак. Располагала со сите родови војска од тоа време и броела од 15.000 до 20.000 војници, а некогаш и повеќе. За нејзини потреби биле изградени Црвената и Белата касарна, Воената гимназија и болница.
Со пуштањето на железничката линија Солун-Битола (1894), Битола го изгубила посебното значење за војската и седиштето на Третата армија било преместено во Солун.
Во Битола во крајот на XIX и почетокот на XX век имало околу 3000 клавири за што градот го викале и „Градот на Клавирите“. Поради некои поранешни сфаќања клавирот симболизирал богатство, класна поделеност и во 50-тите години на XX век со процесот на национализација на многу од семејствата клавирите им биле одземени.https://www.babambitola.mk/%D0%B4%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%B7%D0%BD%D0%B0%D0%B5%D1%82%D0%B5-%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-15/
Во учебната 1899/1900 година во Битолската машка гимназија, како учител се вработил еден од основачите на ВМРО, Даме Груев, кој бил задолжен да изведува настава по предметите географија, аритметика, геометрија и цртање.
мини|десно|Битолскиот Вилает во 1900 година Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Битола живееле 37.000 жители, од кои 10.000 Македонци, 10.500 Турци, 1.500 Албанци муслимани, 2.000 Роми, 7.000 Власи, 5.500 Евреи и околу 500 останати.Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. Софија, 1900.
мини|лево|Панаѓур пред црквата „Св. Недела“ во Битола снимен од браќата Манаки, помеѓу 1905-1912 Христијанските жители на градот биле разделени во повеќе конфесии. Според статистиката на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година христијанското население на Битола се состоело од 15.252 Македонци, од кои 8.844 егзархисти, 6.300 грчки патријаршисти, 72 српски патријаршисти и 36 протестанти, потоа 100 Грци, 7.200 Власи, 120 Албанци и 120 Роми. Во градот имало 10 основни и 3 средни бугарски училишта, 7 основни и 2 средни грчки, 2 основни и 2 средни влашки и 1 основно и 2 средни српски.D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, р.166-167.
Битола поради својата местоположба, на крстопатот помеѓу сите најзначајни патни правци (исток, запад, север и југ), уште од најраниот период на турското завладување го добила заслуженото значење при што станала значаен воено-стратешки центар што било само потврдено во 1830 година кога таа станува и политички центар на Румелискиот Вилает. По распаѓањето на тимаро-спахискиот систем и интензивираните малтретирања од страна на чифликсајбиите дошло и до нови промени во етничката структура на населението во Битола. Во 1864 година бил формиран Битолскиот Вилает со седиште во Битола. На чело на вилаетот стоел валија, со титула паша, кој бил назначуван со султанско ираде. Вилаетот зафаќал територија од околу 32.000 км2, простирајќи се на делови од денешните држави: Македонија, Албанија и Грција.
Балкански војни мини|лево|Генерали на Антантата во посета на Битола, 1916 г. За време на Првата балканска војна во околината на градот се водела Битолската битка во којашто отоманската војска била победена од страна на српските сили. Градот страдал за време на Првата светска војна заради близината на Солунскиот фронт.
Во периодот меѓу двете светски војни, Битола станала пограничен град. Ги изгубила гравитациските подрачја спрема Грција и Албанија. Сепак, во овој период градот за првпат започнал плански да се гради и тоа според урбанистички планови
Прва светска војна Дел од операциите на сојузничките војски од средината на септември до средината на ноември 1916 година против бугарските одбранбени позиции во Македонија е и освојувањето на Битола. Напредокот на сојузниците бил бавен и мачен. Сепак, по освојувањето на Кајмакчалан, Лерин и преминувањето на Црна река, француските и српските единици конечно се приближиле до Битола.
На 18 ноември попладне, во бугарската команда во Битола стигнала веста за падот на нивната позиција на котата 1212, која доминирала со регионот на Суводол. Било јасно дека контролата над Битола нема да може да се задржи, и била дадена наредба за повлекување. Од другата страна, сојузниците на југ почнале да слушаат експлозии од правец на Битола, а забележале и огнови. Заклучувајќи, со право, дека бугарската војска ги уништува складовите и се подготвува за повлекување, сојузничкиот штаб наредил гонење на противникот. Последните бугарски и германски војници го напуштиле градот во текот на ноќта меѓу 18 и 19 ноември. По неколку часа безвластие, следното утро, околу 8 часот, една француска коњаничка единица влегла во Битола. Била срдечно пречекана со аплаузи од една толпа граѓани, кои не биле наклонети кон бугарската управа или пак кои верувале (залудно) дека дошол крајот на нивните страдања. Вусшност, нивната дотогашна изложеност на инфлација, глад, епидемии и бомбардирања продолжила и понатаму.