Антон Павлович Чехов (Таганрог, Русија, 29 јануари (17 јануари по стар календар) 1860 - Баденвајлер, Германија, 15 јули 1904) — руски раскажувач, романописец и драмски писател, припадник на правецот натурализам. Најпознати негови дела се драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вујко Вања“ и „Вишновата градина“, како и збирките раскази „Човекот во футрола“, „Куќа на кат“ и „Селани“. Извршил големо влијание врз развојот на романот и драмската книжевност во светот. Во своите драми, раскази и новели го прикажал руското секојдневие давајќи цела галерија промашени, несреќни и несфатливи луѓе.

Животопис thumb|Семејството Чехови и пријателите, 1890 година. (Горе, прв ред од лево) Иван, Александар, таткото; (втор ред) непознат пријател, Лика Мизинова, Маша, мајката, Серјожа Киселев; (најдолу) Миша, Антон. Антон Павлович Чехов роден е во градот Таганрог на 29 јануари 1860 година, а умрел 15 јули 1904 година, во Баденвејлер (Јужна Германија). Погребан е во Москва. Татко му се викал Павел Егорович Чехов (1825-1898), а мајка му била Евгенија Јаковлевна (родена Морозова) (1835 – 1919). Тој имал неколку браќа и сестри: Александар – писател и јазичар (1855 – 1913), Николај – сликар (1858 – 1889), Михаил – писател и правник (1868 – 1936), Иван – учител (познат московски педагог) (1861 – 1922) и Марија – сликарка (1863 – 1957). Сите деца на Чехови биле исклучително надарени, високообразовани луѓе.

Таткото, Павел Егорович, бил интересна личност. Со трговија се занимавал без особен интерес, а поголем дел од своето внимание го посветувал на црковните служби, пеењето и на општествените работи. Семејството било традиционално – патријархално: децата ги воспитувал во строгост, често применувајќи и телесни казни, безделничењето никому не му било дозволено. Покрај учењето во гимназијата, синовите на Павел Егорович понекогаш му помагале на татка си во работата, а навечер пееле во хорот. Таткото прекрасно свирел на виолина и пеел, Маша го придружувала на фортепијано, а заедно образувале целосна музичка семејна претстава.

Мајката, Евгенија Јаковлевна, била прекрасна домаќинка која целосно го посветила животот на децата и на сопругот. Но, при тоа страсно го сакала театарот. Во раната младост таа го посетувала таганрогскиот приватен пансион на благородни девици, каде што ги изучувала танците и убавите манири. Евгенија Јаковлевна извршила огромно влијание врз формирањето на карактерот на своите деца, воспитувајќи ги на одговорност, почитување, сочувство и милосрдие кон послабите и угнетените, љубов кон природата и светот. Антон Павлович постојано нагласувал: „Талентот го наследивме од татко ми, а душата од мајка ми.“

Во 1876 година, семејството на Чехов се преселило во Москва. Трговијата во Таганрог станала лоша, Павел Егорович пропаднал и бил принуден да бега од кредиторите. Во Москва, семејството Чехов долго, речиси три години, живеело во тешка сиромаштија. Но, и покрај тоа, сите деца го продолжиле образованието, а Антон заработувајќи за живот со репетиторство, останал до завршувањето на гимназијата во Таганрог. Во Москва пристинал дури во 1879 година за да се запише на медицинскиот факултет на Московскиот универзитет, каде што ги слушал предавањата на прочуените професори Н. Склифовски, Г. Захарин и други.www.laguna.rs

Првите дела

Во 1880 година, во број 10 од списанието „Стрекоза“ се појавуваат неговите први печатени текстови. Во тоа време започнува литературната дејност на Антон Павлович Чехов. Тој соработува со списанијата „Гледач“, „Будилник“ и други. Најчесто објавува кратки раскази, хуморески, сценки, потпишувајќи ги со псевдонимот – Антоша Чехонте. Во 1884 година од печат излегува неговата прва збирка раскази, „Сказните на Мелпомена“.

По завршувањето на универзитетот, Чехов започнува да работи како општ лекар во Воскресенска (сега градот Истра), во болницата на познатиот лекар П. А. Архангелск. Се појавуваат расказите „Беглец“ и „Хирургија“. Потоа, тој работи во Звениград, каде се родиле темите за расказите „Мртво тело“ и „Сирена“.

Пролетта 1885 година, семејството на Чехови пристига на селскиот имот Бабкино, недалеку од Воскресенска (Чеховска Истра), кај своите добри пријатели, и подолго остануваат таму. Тоа на најдобар начин се одразило врз творештвото на Антон Павлович. Прекрасна природа, разговори за музика, уметност, литература, дружење со сликарот Левитан. Чехов многу и плодотворно работи. По враќањето во Москва, во 1886 година, Чехов добива охрабрувачко писмо од писателот Д. В. Григорович, патува во Петербург, за да му изрази почит и признание. Во Петербург, тој неочекувано добива понуда за работа од познатиот издавач А. С. Суворин во весникот „Ново време“. Од тој период потекнуваат збирките „Одбрани раскази“ (1886) и „Невини зборови“ (1887). На почетокот од редовната соработка со весникот, Чехов се откажува од псевдонимот и почнува да се потпишува со полното име и презиме.

Првата пиеса Во 1887 година, на сцена се поставува првата пиеса на Чехов „Иванов“. Најпрво таа била поставена во Москва, во театарот на Корш, многу популарен кај московската публика. Ф. А. Корш – страстен љубител на театарот, автор и преведувач на пиеси, добар претприемач, во 1882 година изградил театар за многу кратко време. За десетгодишната дејност на театарот, во којшто настапувале познатите В.Н. Давидов, Глама – Мештерскаја, Рипчинскаја, Мартинова, Кошева, Красовскаја, спектаклите ги виделе повеќе од 1.500.000 гледачи, а на репертоарот биле поставени повеќе од 500 пиеси. Главната заслуга на Корш се состоела во тоа што тој вовел утрински бесплатни претстави од класичниот репертоар, коишто масовно ги посетувала младината.

Премиерата на „Иванов“ се одржала на 19 ноември, а реакциите на публиката биле различни: некои громогласно аплаудирале, некои свиркале, некои скокале од своите места и тропале со нозете, а на галеријата едноставно започнала тепачка. Но во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Чехов го забележале, драматургијата и идејата на пиесата се покажале како нови и интересни. Започнала официјалната драматуршка дејност на писателот. Но, во Петербург „Иванов“ одел со неколку исправки.

Во 1888 година семејството на Чехови се преселува во Лука, во близина на Сум, Харковска губернија, во вилата на земјопоседниците Линтвареви, за да ја поминат таму пролетта и летото. Чехов имал потреба од нови места и нови сижеа за своите дела, а кашлицата се почесто почнала да го мачи писателот.

Пресвртница

Антон Павлович во вилата ги прима своите другари, писателите: Плешчеев, Баранцевич и книгоиздавачот Суворин. Меѓу Суворин и Чехов ќе започне дружење, кое ќе трае многу години. Чехови во Лука поминуваат уште едно лето, 1889 година, но тоа е помрачено од смртта на братот на писателот – Николај. Тој настан силно ќе го потресе Чехова, па тој наскоро по погребот, ќе отпатува од Лука, почнува да се подготвува за патување во странство, но ќе се задржи во Одеса. Овде Чехов се запознава со младата артистка Панова, заради којашто во наредниот период, веќе во Москва, него безуспешно се обидуваат да го сфатат.

По Одеса, Чехов патува на Јалта, со него завладува депресија. На Јалта започнува пријателството со сестрите Шаврови. Со една од нив, Елена Михајловна, писателка, во наредниот период ќе се допишува, ветувајќи ѝ помош околу издавањето на нејзините дела и давајќи ѝ професионални совети. Враќајќи се во Москва, Чехов активно ќе се зафати со литературна работа. Од перото на Антон Павлович излегуваат „ Досадна приказна“ и пиесата „Леши“ која била лошо изведена, па самиот Чехов ја симнал од репертоарот и по неколку години, откако ја преработил, ѝ дал нов наслов, „Вујко Вања“.

Во домот на Садово – Кудринска се напишани исто така: повеста „Степа“, водвилјите „Мечка“ и „Лебедева песна“, и повеќе од сто раскази. Во домот на Чехови постојано имало гости. Додека на вториот кат вриело од млади, звучело фортепијаното, течеле разговори, за тоа време на првиот кат, Чехов седел покрај масата и пишувал. Во тој дом Чехов се запознал со Л.С. Мизинова, „прекрасната Лика“, како што подоцна ја нарекол. Многу убава, весела, умна, Лика станала миленичка во семејството на Чехови. Во домот на Чехови доаѓале Петар Илич Чајковски, Григорович, познатите во тоа време артисти А.П. Ленски и В.Н. Давидов, издавачот Лејкин, писателот Н.С. Лесков.

Четвртата збирка раскази, „Тмурни луѓе“, Чехов му ја посветил на Чајковски. Во 1888 година, со решение на Академијата на науките, писателот добива половина од Пушкиновата награда за својата трета збирка раскази „Во самракот“. Не осврнувајќи се на сѐ поголемата популарност и на огромните литературни успеси, Чехов незадоволен од себе, се стреми не кон слава, туку кон креативност.

Сибир и Сахалин Во 1890 година, Чехов се упатува кон Сибир, за потоа да го посети островот Сахалин – место каде издржувале казна осуденици на тешка робија. Патувањата по сибирските реки и патишта писателот во сета полнота ги опишал во есеите „По Сибир“. Во Сахалин, тој направил попис на населението на островот, собирајќи околу десет илјади статистички податоци за работата, за животот на сахалинските робијаши и месните жители, за затворските началници и за службеничкиот апарат. Чехов го посетил затворот, потполно ја проучил техничката и санитарната состојба, се среќавал и разговарал со многу луѓе. По враќањето од Сахалин, Чехов ги систематизирал своите записи и ја напишал книгата „Островот Сахалин“. Тоа дело предизвикало огромно бранување во Русија. На Сахалин му посветиле внимание официјалните лица. Министерството за правда и Главната затворска управа испратиле на Сахалин свои претставници. Сахалинскиот лекар Н.С. Лобас рекол: „Со лесната рака на Чехов Сахалин почнаа да го посетуваат како руски, така и странски иследници.“

Маршрутата на Сахалинското патешествие била следната: од Јарослављ по Волга до Казањ, потоа по Кама до Перма, оттаму по железничка линија до Тјумен, а потоа низ целиот Сибир на тарантас (вид руска запрежна кола) и по реките. На Сахалин Чехов поминал повеќе од три месеца, а потоа патувал по Индискиот Океан, Суецки Канал, Средоземно и Црно Море. Ги посетил Јапонија, Хонгконг, Сингапур, Цејлон, Цариград, пристигајќи во пристаништето на Одеса, а оттаму со воз се враќа во Москва. По некое време се појавуваат есеистичките записи „Од Сибир“ и „Островот Сахалин“, а исто така и делата „Гусев“, „Во прогонство“, „Расказ за непознатиот човек“ и „Убиство“.

По тоа патување, московскиот живот на Чехов му станува здодевен, па тој се упатува во Петербург за да се сретне со Суворин. Тие решаваат заедно да патуваат во Западна Европа и ги посетуваат Виена, Болоња, Венеција, од којашто Чехов е восхитен, а исто така и од Фиренца, Рим, Неапол, каде што писателот се искачил на Везув. Од Ница, Антон Павлович се упатил кон Монте Карло, каде на рулет губи 900 франци, а потоа заминува во Париз.

По враќањето во татковината, Чехов оди во Алексин, каде што помладиот брат Михаил изнајмил вила на брегот на Ока. Но Чехови наскоро го менуваат местото, пристигајќи на селскиот имот Богимово, кој му припаѓал на локалниот земјопоседник Е.Д. Колосовски. Куќата на селскиот имот била велелепна, со огромни соби, прекрасна градина, со алеја од липи, со вештачки езера и рибници. Писателот бил восхитен. Секое утро тој станувал во четири часот, пиел кафе и седнувал да работи, не покрај маса за пишување, туку на прозорската даска. Тука ја напишал „Двобој“, ги систематизирал сахалинските забелешки. Чехов работел до единаесет часот, потоа одел во шумата по печурки или на риболов. Во еден часот семејството ручало, а во три Чехов повторно се зафаќал со работа до самата вечера. По вечерата често им доаѓал на гости еден од локалните сопственици на вила – зоологот Вагнер, подоцна станал познат професор. Со него започнувале дебата на тема дегенерација, за правото на посилниот итн., впрочем Вагнер се јавува како прототип на фон Корен во „Двобој“.

Мелихово