Леонард Норман Коен (англиски: Leonard Norman Cohen; Вестмаунт, Монтреал, Квебек — Лос Анџелес, Калифорнија, ) — канадски кант-автор, поет и романописец. Коен ја објавува својата прва збирка поезија во Монтреал во 1956, а својот прв роман во 1963 година.

Раните песни на Леонард Коен (најголем дел од кои се дел од албумот Songs of Leonard Cohen од 1968) се под влијание на европските фолклорни мелодии и инструментации, и се испеани со специфичен висок баритонски глас. 1970-тите се период во кој неговата музика ќе остави длабок печат врз развитокот на попот, кабаретскиот стил и светската музика, притоа останувајќи исклучително оригинална и некомерцијална. Од 1980-тите до денес, Леонард Коен во интерпретацијата на своите песни користи многу подлабок бас-баритон глас, најчесто придружен од синтисајзер и женски вокален хор.

Неговото творештво најчесто ја истражува религијата, осаменоста, сексуалноста, како и сложените меѓучовечки односи.

Коеновата музика и поезија има влијаено врз многу уметници и повеќе од илјада препеви и преработки на неговото творештво се досега забележани. Член е на Куќата на славните канадски музичари, како и на Куќата на славните канадски текстописци; носител е и на медалот Редот на Канада, највисокото признание што може да го добие еден канаѓанин. На 10 март 2008 година, Леонард Коен беше примен во Куќата на славата на рокенролот поради неговиот статус на "најголем и највлијателен во ешалонот на текстописците." Рокенрол Куќа на Славните, "Рокенрол Куќата на Славните ги објави иницијантите за 2008 година", запис од 13 декември 2007 година.

Во 2023 година, Ролинг Стоун го рангирало на 103-то место на нивниот список од „200 најдобри пејачи на сите времиња“.

Животопис Ран живот Коен се родил во среднокласно еврејски семејство од полско-литванско потекло во 1934 година во Монтреал, Квебек. Расте во Вестмаунт на Островот Монтреал. Неговиот татко, Нејтан Коен, умира кога Коен ќе наполни девет години. Како и многу други Евреи што ги носат презимињата Коен, Кац, Каган, итн., неговото смејство јавно се гордеело со своето коенско потекло: "Имав детство налик на некој месија," Коен ќе рече во 1967 година. "Ми беше кажано дека сум потомок на Аарон, првосвштеникот."Леонард Коен: Романтичарот што собира отпад - П. Вилијамс.Williams, P. (n.d.) Leonard Cohen: The Romantic in a Ragpicker's Trade Како тинејџер научува да свири на гитара, по што формира кантри-фолк група наречена Buckskin Boys. Тестаментот на татко му ќе му овозможи скромна парична заработка, која сепак ќе биде доволна тој да продолжи да ги негува своите литературни амбиции.

Развивање како Поет Во 1951, Коен се запишува на Универзитетот Мекгил, каде бил претседател на Дебатниот Клуб. Неговата прва збирка поезија, Let Us Compare Mythologies (1956) била издадена како прва книга во циклусот поезија на Мекгил, уште додека Коен бил студент.Simmons, Sylvie. I'm Your Man: The Life of Leonard Cohen. NY: HarperCollins, 2012. Неговата втора книга The Spice-Box of Earth (1961) го воспоставува неговиот статус во канадските поетски кругови.

Коен се придржува на многу строга работна етика во неговиот ран период. Пишува поезија и проза во текот на 1960-тите и живее во квазиизолирани предели. По преселувањето на грчкиот остров Хидра, Коен ја објавува својата следна книга поезија - Flowers For Hitler (1964), како и романите The Favourite Game (1963) и Beautiful Losers (1966). The Favourite Game е автобиографски oбразовен роман за еден млад човек кој причината за живеење ја бара во пишувањето.

Одразувајќи ги квебечките корени на Коен, веројатно чудно за некој со еврејско потекло, второстепената фабула на Прекрасните губитници ја раскажува приказната за Катери Текаквита, римокатолички мистик со ирокешко потекло. Прекрасни губитници во мигот на издавањето ги шокирала канадските критичари поради својата експлицитна сексуална содржина.

Музика 1960-ти и 1970-ти Во 1967 година, Коен се сели во САД со цел да развие кариера во музичкиот свет.Warhol, Andy: Popism. Orlando: Harcourt Press, 1980. Неговата песна "Suzanne" станува хит за Џуди Колинс. После настапите на неколку фестивали, тој го привлекува вниманието на продуцентот од Columbia Records Џон Х. Хамонд (кој веќе има потпишано договори со музичари од типот на Боб Дилан, Брус Спрингстин и Били Холидеј).

Звукот на првиот албум на Леонард Коен Songs of Leonard Cohen (1967) бил премногу мрачен за да биде комерцијален успех,"A Fabulous Creation", David Hepworth, Bantam Press (March 21, 2019), но бил многу добро прифатен од страна на фолк-критичарите. Станува култен во Велика Британија, каде повеќе од една година останува на музичките листи. По него следат Songs from a Room (1969) (на кој се наоѓа често преработуваната "Bird on the Wire"), Songs of Love and Hate (1971), Live Songs (1973) и New Skin for the Old Ceremony (1974).

Во 1971, музиката на Коен ќе биде употребена како саундтрак на филмот McCabe & Mrs. Miller на Роберт Алтман. Иако извлечени од веќе постоечкиот Коенов творечки каталог, песните толку длабоко се поврзани со тематиката на филмот што многумина веруваат дека се напишани специјално за него.

Во текот на доцните 1960-ти и раните 1970-ти, Коен има турнеи низ САД, Канада и Европа. Во 1973, Коен има турнеја и во Израел и изведува дел од својот опус во воените бази за време на Јомкипурската војна. Во 1974 година започнува неговата соработка со пијанистот/аранжер Џон Лисој во текот на која концертите на Коен стануваат совршен спој на мелодија и инспирациона изведба, многу добро прифатен од критичарите, но никогаш неснимен на плоча. Во овој период, Коен често бил на турнеја со Џенифер Ворнс како придружен вокал. Ворнс со време станува редовна на концертите на Коен, а во 1987 година и самата ќе издаде албум со преработка на негови песни Famous Blue Raincoat.

Во 1977, Коен го издава Death of a Ladies' Man. Албумот бил во продукција на Фил Спектор, познат по пронаоѓањето на "wall of sound" техниката, во која поп-музиката се напојува со густи слоеви инструментализација, пристап многу различен од минималистичката присутност на мелодии во раната кариера на Коен. Снимањето на албумот било преплавено со проблеми; според гласините, Спектор ја средувал музиката на тајни сесии, а според Коен, во еден момент Спектор му припил пиштол до челото и му рекол Те сакам, Леонард, на што поетот одговорил Се надевам дека е така, Фил. Коен мисли дека конечниот резултат е „гротескнен“,Алилуја: 70 нешта за Леонард Коен на 70 - Т. де Лил. и "половично виртуозен".Прекрасен губитник, прекрасно враќање. - Џ. Фицџералд, The National Post, 24 март 2001.

Во 1979, Коен се враќа со потрадиционалниот Recent Songs. Продуциран од самиот Коен и Хенри Луи (инженерот за звук на Џони Мичел), албумот вклучува изведби на џез-оркестар, со кој Коен бил запознаен преку Мичел, и ориентални инструменти (уд, циганска виолина и мандолина).

1980-ти Во 1984, Коен го издава Various Positions, длабоко спиритуален албум, на кој е сместена многу често преработуваната "Алелуја". Колумбија одбива да го издаде албумот во САД, каде популарноста на Коен му опаѓа во последните години. (Во текот на неговата кариера, Коеновата музика секогаш ќе биде подобро примена во Европа и Канада, отколку во САД; еднаш тој сатирично изјавил дека е импресиониран од скромноста што американската компанија ја покажува при промовирањето на неговите албуми на нејзино тло.)

Во 1986 се појавува како гостин во епизодата French Twist на телевизиската серија Пороците на Мајами. Следната година, албумот на Џенифер Ворнс Famous Blue Raincoat, издаден во чест на Коен, ќе му ја возобнови популарноста на амариканска почва, а веќе следната година, тој ќе го издаде I'm Your Man, албум кој ќе означи драстична промена во неговиот стил. Синтисајзерот е главен инструмент на овој албум а текстовите на песните се социјално ангажирани и содржат мрачен, црн хумор. Ова е најдобро прифатениот и најпопуларниот меѓу албумите на Коен по Songs of Leonard Cohen, а First We Take Manhattan и насловната нумера ќе станат големи хитови поврзани со неговото име.

1990-ти Употребата на песната "Everybody Knows" (која Коен ја пишува заедно со Шерон Робинсон) во филмот од 1990 година Попушти го гласот ја приближува музиката на Леонард кон младата популација. Две години подоцна, Коен го издава The Future, кој се обидува да го доближи (најчесто во вид на библиски пророштва) кошмарниот апокалиптичен крај за да се претвори во социјална критика на денешните општества. Три песни од албумот - Waiting for the Miracle, The Future и Anthem ќе бидат дел од контроверзниот и насилен филм Natural Born Killers.

Во насловната песна, Коеновите пророштва предвидуваат политички и социјален колапс: "I've seen the future, brother: It is murder." („Ја видов иднината, брате: убиствена е.“) Во Демократија, Коен ја критикува Америка, особено незаинтересираноста на нејзината јавност за светското страдање и зависноста од телевизијата ("I'm neither left or right/ I'm just staying home tonight/ getting lost in that hopeless little screen." - „Не одам ниту лево, ниту десно/ останувам дома вечерва/ за да се изгубам во тој безнадежен малечок екран.“), иако покажува и извесна наклоност кон неа: "I love the country but I can't stand the scene." („Ја сакам земјата, но не можам да го поднесам погледот.“)

Филмот на Нани Морети "Caro Diario" (1993) ја вклучува песната "I'm Your Man", во мигот кога самиот Морети се вози на веспа низ улиците на Рим.

Следната година, по крајот на турнејата за промоција на Иднината, Коен се повлекува во зен центарот Mount Baldy сместен во близина на Лос Анџелес, и го започнува процесот на петгодишна изолираност. По две години, тој го зема своето дарма име Jikhan, што значи тишина. Заминува од Маунт Балди во 1999 година.

2000-ти Во 2001, Коен се враќа во музичкиот свет со албумот Ten New Songs, каде се забележува влијанието на Шерон Робинсон. Со овој албум, Коен го напушта екстровертниот и политички ангажиран стил застапен во The Future (единствената песна на овој албум што има некое социјално значење, “The Land of Plenty,” е претставена во вид на копнежлива и беспомошна молитва) за да ги започни оплакувањето на сите видови на лична загуба и можноста таа да се случи: блискоста на смртта и заминувањето на љубената, немоќното соочување со крајот на романтичната и божествена љубов. Десет нови песни''' содржи кохерентен музички стил (веројатно отсутен од Коеновите албуми од времето на Recent Songs). Иако содржински можеби не е најтажен меѓу неговите албуми, сигурно може да се смета за најмеланхоличен.

Во октомври 2004, Коен го издава Dear Heather, во основа соработка со џез-пејачката (и моментална парнерка на Коен) Анјани Томас и Шерон Робинсон, која пее на три песни (вклучувајќи и еден дует). Светол, можеби исто толку колку што претходниот е мрачен, Dear Heather ја прикажува промената во расположението на Коен - во многу интервјуа, тој има речено дека неговата депресија се има намалено во последниве години, според него, како резултат на невролошкиот процес на стареење. Dear Heather е веројатно неговиот најмалку кохерентен албум, но истовремено и најекспериментален и најразигран, поради што стилот на неколку песни на него (а особено на насловната) ќе биде фрустрирачки за неговите обожаватели. Во интервјуто што го има по примањето во Канадската Куќа на славни музичари Коен ќе рече дека албумот претставува само бележник, своевидна музичка збирка на низа мотиви и теми, чија албумска доработка требало да следи набрзо, но била забавена поради судската парница што тој ја има со својот менаџер.