Жан Батист Поклен Молиер (Париз, - Париз, ) — француски писател и артист, еден од најголемите комедиографи на светската книжевност. Автор е на 33 театарски дела во кои ги исмејува тогашното општество, расипаноста и лакомоста на аристократијата. Најпознати негови дела се „Тартиф“ (Le Tartuffe), „Дон Жуан“ (Don Juan), „Жорж Данден“ (Georges Dandin), „Скржавец“ (L'Avare) и „Учени жени“ (Les femmes savantes).

Животопис Молиер е роден во Париз, во 1622 година, во семејството на имотниот трговец со тапети Жан Поклен. Крстеното име на Молиер било Жан, исто како татко му, а дури подоцна му го додале името Батист, со цел да се разликува од помладиот брат, кој исто така се викал Жан. Многу подоцна, во 1644 година, Жан Батист Поклен го зел уметничкото име Молиер. На десетгодишна возраст, Молиер останал без мајка му, за која не се знае ништо друго, освен тоа дека и таа потекнувала од богато трговско семејство, дека била писмена и дека во бракот со Жан Поклен родила шест деца. Една година по нејзината смрт, Жан Поклен се оженил за неписмена девојка од трговско семејство. Жан-Батист, како најстаро дете во семејството, учел во познатиот колеџ „Клермон“ во Париз, заедно со децата на благородниците и на богатите луѓе. Таму, Молиер го научил латинскиот јазик, што му овозможило да ги чита во оригинал делата на античките писатели. Притоа, според една легенда, Молиер го препеал делото на Лукрециј, „За природата на нештата“ (De rerum natura). Татко му на Молиер го добил почесното звање „тапетар на кралската куќа“ кое рано му го пренесол на својот најстар син. Подоцна, Молиер дипломирал право на универзитетот во Орлеан, но тој немал никаква наклонетост ниту кон адвокатурата ниту кон трговијата, иако одредено време работел во дуќанот на татко му.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 202-203.Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 109-110.

Љубовта на Молиер кон театарот се родила уште во детството, кога заедно со дедо му ги посетувал театарските претстави низ Париз на кои уличните комичари изведувале лесни фарси. Наспроти очекувањата на татко му, во 1642 година Молиер се поврзал со глумечкото семејство Бежар во кое посебно се истакнувала надарената и убава глумица Мадлена. Со неа, Молиер го основал „Славниот театар“ (Illustre théâtre) којшто започнал да дава претстави во 1643 година, во Руан, а од 1 јануари 1644 година и во Париз. Како директор на театарот, Молиер бил затворен во средината на 1645 година поради долговите направени за наем на салата и за потребите на режијата. Сепак, тој бил пуштен од затворот откако за него била дадена гаранција, по што тој повторно ја собрал растурената театарска група и со неа тргнал на тринаесетгодишна турнеја низ Франција (1645-1658). Денес постојат докази дека неговиот театар гостувал барем во 15 места, при што во некои настапувал повеќепати, а понекогаш ја уживал поддршката на разни благородници.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 203.Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 110.

Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 204. Во 1662 година, на поодмината возраст, Молиер се оженил со младата Арманда Бежар, сестра или ќерка на глумицата Мадлена Бежар, а малку подоцна кралот им бил кум на нивното првородено дете.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 205. Во Париз, тој смело влегол во борба против лицемерното општество, но жена му се покажала како лекомислена кокета. Единствено заштитата од кралот го спасила од прогоните на тогашните аристократи, бидејќи секое негово ново дело предизвикувало протести и клевети. Дворјаните и духовништвото се здружиле против Молиер, уривачот на нормите.

Молиер доживеал напад за време на четвртата претстава на своето последно дело „Вообразениот болен“ (Le malade imaginaire), во кое тој ја играл главната улога, и умрел веднаш штом бил пренесен во неговиот стан, на 17 февруари 1673 година. Притоа, по наредба на парискиот надбискуп, ниеден свештеник не сакал да го погребе Молиер според црковните обреди, така што морал да биде погребан ноќе, надвор од гробиштата Монмартр, таму каде вообичаено се закопувале злосторниците и самоубијците.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 207.Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 112.

Творештво За разлика од Париз, во кој доминирала обновената трагедија (Пјер Корнеј итн.), во провинциските места низ кои настапувал театарот на Молиер била популарна комедијата. Оттука, во овој период, тој ги преправал италијанските комедии и самиот пишуваат мали комични дела, а истовремено ги развил и своите глумечки способности. Во своите први дела Молиер немал друга цел освен да ја насмее публиката, но тие му овозможиле да се стекне со поширока популарност. Кога стекнал доволно самодоверба како глумец и режисер и откако собрал доволно пари, во 1658 година Молиер се вратил во Париз, каде останал до крајот на животот. На 24 октомври 1658 година, Молиер добил дозвола да настапи во кралскиот дворец, пред регентката Ана Австриска и малолетниот крал Луј XIV. Пред париската публика Молиер најпрвин се претставил со трагедијата „Никомед“ на Корнеј и со својата комедија „Вљубениот доктор“. Со нив постигнал одреден успех и истата година ги поставил своите дела „Расеанко“ и „Љубовен инает“. Во 1659 година доживеал огромен успех со делото „Смешните кокети“ (Le précieuses ridicules) во кое играл една од главните улоги. Инаку, веднаш по доаѓањето во Париз, неговиот театар се здобил со покровителството на „Господинот“, т.е. братот на кралот, а по првите успешни претстави имал поддршка и од самиот крал. Од друга страна, Молиер знаел како да му се додвори на кралот и често пишувал дела по порачка на кралскиот двор.Божидар Настев, „Поговор“, во: Молиер, Тартиф. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 111.

Во 1662 година, Молиер го постигнал еден од своите најголеми успеси, со комедијата во пет чина „Училиште за жени“ (L'ecole des femmes), по што тој станал првиот глумец кому кралот му доделил постојана парична помош. Меѓутоа, овој успех му донел бројни непријатели на Молиер, и тоа: дел од благородниците, глумците од другите театри, помалку надарените писатели и свештенството, поддржано од кралицата-мајка. Како одговор на овие напади, Молиер ги напишал делата „Критика на Училиштето за жени“ и „Импровизација во Версај“, од кои, првото ѝ го посветил на кралицата-мајка. Подготвувајќи се за големите кралски свечености во мај 1664 година, Молиер набрзина ја напишал галантната комедија со музика и балет „Принцезата од Елида“, а четири дена подоцна, во Версај биле прикажани и трите чина на „Тартиф“. До денес останува отворено прашањето, дали се работи за трите чина на комедијата што Молиер веќе претходно започнал да ја пишува или пак станува збор за целосно нова верзија на ова дело. Во секој случај, кралицата-мајка и благородниците издејствувале забрана на „Тартиф“.

Во 1665 година, Молиер набрзина ја напишал комедијата „Дон Жуан“, која по петнаесет претстави, исто така, била забранета, а повторно била поставена дури по смртта на авторот. Новата верзија на „Тартиф“, овојпат во пет чина, била прикажана во август 1667 година, откако претходно била читана и играна на приватни средби. Искористувајќи го отсуството на кралот, и ова дело било забрането веднаш по првата претстава. Забраната била тргната во февруари 1669 година и само во таа година, „Тартиф“ бил прикажан 45 пати во театарот и петпати приватно.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 206. Во 1672 година, Молиер ја напишал комедијата „Измамите на Скапен“, во духот на народната фарса и италијанската „комедија дел арте“.

Во првиот период од неговото книжевно творештво, Молиер пишувал помалку оригинални дела, фарси и комедии, во кои како да се подготвувал за улогата на општествен сатиричар. Така, комедијата-едночинка „Смешните кокети“ ги исмејува обичаите и светскиот салонски живот, на кој му недостасувала природност, и кој во основа бил лага и лицемерие: две кокетни госпоѓици го одбиваат додворувањето на две момчиња (гроф и маркиз), и се вртат кон други двајца кои се облечени како гроф и маркиз, а кои се всушност преоблечени слуги во таа облека. Ова интересно сиже му пружило можност на Молиер да го прикаже потеклото и психологијата на лицемерството во 17 век.

Комедијата „Смешните кокети“ претставува пресврт во творештвото на Молиер, зашто во оваа едночинка тој првпат започнал да ги исмејува недостатоците на тогашното општество. Оттогаш, тој редовно поставувал претстави со современа тематика, испробувајќи се во сите видови комедии – фарси, ревии, херојски комедии, галантни комедии, комедии со балет и со музика, карактерни комедии, драматични комедии итн. На тој начин произлегле неговите главни дела, како: „Зганарел“, „Училиште за мажи“ (L'ecole des maris), „Училиште за жени“, „Тартиф“, „Дон Жуан“, „Мизантроп“ (Le Misanthrope), „Жорж Данден“, „Скржавец“, Господинот де Пурсоњак“, „Граѓанинот-благородник“ (Le bourgeois gentilhomme), „Учени жени“, „Вообразениот болен“ итн.N. Banašević, „Pogovor“, во: Molijer, Tartif – Don Žuan. Beograd: Rad, 1962, стр. 204-205.

Темите со кои Молиер се занимава во своето прво големо дело се сведуваат на две прашања: брак и воспитување на девојките. По Молиер, во романите на Ричардсон и Русо, во драмите на Дени Дидро, ќе се смета дека од правилното решение на семејните и брачните прашања ќе зависи и правилното решение на социјалната и државната задача. Во две други драми од првиот период на Молиер, „Училиште за мажи“ и „Училиште за жени“, тој се јавува како апостол на слободното и природно чувство и остро ги критикува мажите кои на жената гледаат како на своја сопственост. Молиер е против сите форми на неприродни бракови, сметајќи дека не може да има здраво семејство ако луѓето стапуваат во брак со нееднаква возраст, социјална положба или без љубов.

Во неговите први комедии сè се решава брзо и едноставно. Јунаците се лишени од длабоки чувства и силни страсти, брзо се утешуваат после неуспехот, па и самите се смејат на својот неуспех. Но, после неколкугодишно пишување, веселата насмевка на ликовите од Молиер се заменува сè почесто со тажна и замислена нота. Молиер на почетокот не сакал да им објави војна на групите кои застанале против него. Тој едноставно бил „сликар“ на францускиот живот, и тоа многу успешен, штом луѓето се препознавале во неговите ликови.