Стар театар „Антон Панов“ — театарска зграда во градот Струмица, прогласена за значајно културно наследство на Македонија.

Историја Градбата е сместена во градскиот центар, на улица „Боро Џони“ бр. 5. Изградена е од есента 1948 до мај 1949 година со доброволен труд на граѓаните. Била изведена масивно, со приземје и кат со влез од север. Во 1969 година е извршена реконструкција, при која внатрешноста е обновена од уметникот Александар Јанкуловски и вајарот Насо Беќаров. Приземјето имало влезно фоаје, билетарница и скалила кон катот. Салата имала 460 седишта и две ложи по страните. Лево и десно од сцената имало работилници, гардероби и други придружни простории. Внатрешноста била богато украсена со мозаици и бакарни апликации.

На почетокот на XXI век била зачувана само предната северна фасада кон улицата „Боро Џони“ и влезната врата, која е впечатливо изработена од дрво со бакарни апликации. Предната фасада е со нагласен централно поставен влез со два пиластра со капители. На приземјето има по еден прозорец лево и десно од влезот, а на катот се распоредени четири симетрични прозорци. Фасадата завршува со профилиран венец и профилиран тимпанон. Вратата била пренесена во Домот на културата.

Градбата била целосно уништена откако настрадала во пожар. Во 2012 година отпочнала нејзината обнова во изворен облик.

Поврзано Културно наследство на Македонија во Општина Струмица

Наводи

Надворешни врски

Антон Панов Категорија:Згради и градби во Струмица Категорија:Култура на Струмица Категорија:Појавено во 1949 година во Македонија